За 10 години енормно се зголемила потрошувачката на дизел за неверојатни 60% кај автобусите на Јавното Сообраќајно претпријатие Скопје-Скопје, открива новиот документарец на СКУП Македонија за загадувањето. Според информациите кои ги добивме по Законот за слободен пристап, од 2017 година ниту еден автобус на ЈСП не вози на гас. Само за споредба во 2007 година ЈСП имал 375 автобуси кои како погонско гориво користат дизел, додека 30 автобуси користат природен гас. Во 2017 година бројот на дизел автобуси се зголемил на 428 автобуси, а сите автобуси на метан се ставени надвор од употреба. Според СКУП, во 2007 година ЈСП потрошило 5,6 милиони литри дизел и околу 200.000 метри кубни гас. Додека, во 2017 година ЈСП потрошил околу 8 милиони литри дизел и 0 метри кубни природен гас.

За загадувањето придонесуваат и возилата. СКУП открива дека само три возила лани се исклучени од сообраќај поради загадување. Според официјалните податоци до кои дојдовме, полицијата во Скопје во 2017 година исклучила само три возила од сообраќај поради поголеми количини на издувни гасови додека во 2016 и 2015 година ниту едно возило не е исклучено од сообраќај поради недозволено количество на издувни гасови во атмосфератa.

Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија е корисник на институционален грант од Цивика мобилитас.