Прирачник за полесно остварување на правата на граѓаните пред државните институции
Во концептот на едно современо демократско општество, правото на доброто владеење и управување претставува основно човеково право. Последните дваесет години во Република Македонија се сметаат за период на државотворност (state building), посветени главно на донесување разни закони, како и реформирање и креирање на државни демократски институции. Јасно е дека во оваа фаза Република Македонија усвоила многу добри закони и демократски стандарди кои, доколку доследно би се спроведувале, несомнено би гарантирале поквалитетен живот на граѓаните и повисок степен на транспарентност на јавната администрација кон нив. Меѓутоа, лесно може да се констатира дека спроведувањето на овие добри закони стагнира во практиката.