Katerina Topalova

МЕНУВАМЕ ЗАКОН ИЛИ ЈА МЕНУВАМЕ ИДНИНАТА?

Пишува: Катерина Топалова

Нема многу работи во една држава што можат да ја променат иднината без речиси никој да забележи.

Нема сирени, нема вонредни прес-конференции, нема политички спектакл. Само текст од десетици страници, работни групи, јавни расправи и термини што најчесто звучат премногу технички за да предизвикаат поширок интерес.

А потоа, неколку години подоцна, последиците стануваат многу лични.

Ги гледаме во ординациите, во училиштата, во судниците, во редакциите, во институциите. Ги гледаме во луѓето што системот ги создава.

Затоа промените во високото образование ретко се само образовна тема. Тие се приказна за тоа каква држава сакаме да бидеме.

Новиот закон за високо образование, кој треба да се донесе, веќе отвори дебата што одамна постои под површината. Не само меѓу професорите и студентите, туку и околу едно пошироко прашање: дали е можно да се модернизира систем што со години се критикува, а притоа да не се изгуби неговата суштина?

Предложените решенија носат амбициозна рамка – нов начин на финансирање, механизми за мерење на квалитет, рангирање, дополнителни критериуми и нови модели на организација.

И повторно, на хартија речиси сè изгледа логично, затоа што ретко кој ќе каже дека не сака поквалитетни факултети.

Ретко кој ќе каже дека не сака подобра наука и уште поретко некој ќе каже дека е задоволен од состојбите какви што се денес.

Со години слушаме исти критики дека универзитетите произведуваат кадар кој тешко се поврзува со потребите на пазарот на труд, дека младите заминуваат, дека научната продукција е ограничена, дека постои јаз меѓу дипломата и практичните знаења.

Но можеби токму тука е местото каде дебатата станува многу покомплицирана, затоа што образованието е еден од ретките системи каде сите лесно се согласуваат дека има проблем, но многу потешко се согласуваат што е решението.

На пример, ако проблемот е квалитетот – како точно се мери квалитет? Со број на научни трудови? Со цитираност? Со меѓународни рангирања? Со процент на вработени дипломирани студенти? Со задоволство на студентите? Со критичко размислување? Со иновации?

Одговорот не е едноставен, затоа што универзитетот не е фабрика.

Во фабрика можете релативно лесно да ја измерите продуктивноста.

Во образованието резултатите често се гледаат години подоцна, некогаш дури и децении.

Еден добар професор не може секогаш да се измери со бројка, една добра генерација не може секогаш да се прикаже во табела, еден научен придонес не секогаш може веднаш да се претвори во статистика.

Токму затоа во јавната дебата се отворија прашања околу критериумите за академскиот кадар и мерењето на научниот придонес.

Едни сметаат дека без повисоки стандарди и јасни критериуми тешко може да се очекуваат подобри резултати.

Други предупредуваат дека претворањето на образованието во систем на административни мерки може да создаде сосема нов проблем – трка по бројки наместо суштина.

И можеби токму тука не се судираат две политички позиции,две различни филозофии.

Едната верува дека системите се менуваат преку отчетност, стандарди и мерливи резултати.

Другата предупредува дека образованието не смее целосно да се претвори во формула.

Двете имаат аргументи. И двете имаат логика.

Но можеби најинтересно е што во целата оваа дебата понекогаш се губи човекот.

Студентот! Младиот истражувач! Асистентот! Професорот!

Затоа што ниеден закон не почнува да живее во министерство.

Почнува да живее во амфитеатар, во лабораторија, во библиотека, во разговор помеѓу студент и професор, во прашањето дали некој млад човек гледа перспектива тука или веќе го отвора сајтот на некој универзитет во странство.

Можеби токму тоа е најтешкиот дел од целата приказна.

Ниту една образовна реформа не почнува од нула. Секоја доаѓа во систем што веќе има свои навики, отпори, слабости и очекувања.

Историјата на образованието памети многу стратегии и реформи. Многу нови почетоци.

И речиси секоја почнувала со надеж дека токму ова ќе биде пресвртот.

Можеби овојпат навистина ќе биде така. Можеби новиот закон ќе биде потребниот чекор кон поквалитетно високо образование.

А можеби вистинското прашање не е дали законот е добар или лош, туку дали сме подготвени да направиме нешто многу потешко од носење закон.

Да изградиме доверба во системот.

Бидејќи најголемиот проблем на образованието понекогаш не е само квалитетот, туку верувањето дека знаењето навистина вреди. А тоа не се менува со членови и ставови, туку се гради многу побавно. И токму затоа образованието има едно незгодно правило. Кога ќе дознаеме дали сме донеле добра одлука – веќе ќе помине една генерација.

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас. 

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Балкански институт за регионална соработка (БИРЦ)

Продолжи со читање

  • Регионален форум: Зелената агенда како можност за локален економски развој

    Како националните зелени политики да се преточат во конкретни локални мерки, инвестиции и подобри услуги за граѓаните? Ова прашање ќе биде во фокусот на Регионалниот форум „Зелена агенда: од национални политики до локални економски можности“, што Центарот за климатски промени го организира на 30 октомври 2026 година, во хотелот „Холидеј

  • Регионален извештај 2026: застој на реформите и намалени средства за граѓанските организации

    Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) успешно ја одржа онлајн промоцијата на Регионалниот извештај за 2026 година за овозможувачка околина за развој на граѓанското општество во Западниот Балкан и Турција. Настанот обедини истражувачи, експерти за политики, претставници на граѓанскиот сектор и партнери од Европската Унија.

  • Од градење патишта до дигитална безбедност: Поврзаноста со ЕУ како градење имунитет против геополитичките потреси

    Како една мала држава да остане стабилна во свет полн со војни, хибридни закани и нестабилни синџири на снабдување? Одговорот што се наметна на панел-дискусијата „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и Северна Македонија во новата геополитичка реалност“ е поврзаноста со Европската Унија. Тоа не значи само патишта и пруги, туку и енергија, дигитална безбедност, силни […]
    The post Од градење патишта до дигитална безбедност: Поврзаноста со ЕУ како градење имунитет против геополитичките потреси appeared first on IDSCS.

  • „Превенцијата почнува со разговор“: училиштата и ЛСП во Арачиново заеднички против насилството

    Директорите и стручните работници од трите основни училишта во Арачиново, заедно со членовите на Локалниот совет за превенција (ЛСП), разговараа за можностите за поефикасна соработка во спречувањето на насилството меѓу учениците на работилница одржана на 22 октомври 2026 година. Работилницата ја организираа Општина Арачиново и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), а на неа учествуваа 22 лица. Покрај директорите, стручните работници од основните училишта, членовите на ЛСП, учествуваше и градоначалникот, претставници на администрацијата и на Советот на општината.

  • Веќе ништо не е така како што изгледа: Средношколци учеа за вештачката интелигенција и медиумската писменост

    Средношколци од Куманово и Скопје денеска учествуваа на интерактивна работилница на тема „Во ерата на ВИ: Веќе ништо не е така како што изгледа“, каде преку вежби, квизови и дискусија разговараа за влијанието на вештачката интелигенција врз образованието, медиумите и секојдневниот живот. Работилницата им овозможи на младите подобро да ги разберат можностите што ги нуди […]

  • Зголемувањето на влијанието и одржливоста на организациите во фокусот на вториот модул на Академијата за ГО

    Застапувањето, градењето партнерства, комуникациите и долгорочната одржливост беa главните теми на вториот модул на Академијата за граѓански организации, кој се спроведе на 15-16 октомври 2026 година, во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје. Вториот модул е дел од Академијата која претставува тримесечна програма за јакнење на капацитетите на граѓанските организации, а…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор