[Aggregator] Downloaded image for imported item #48179

Преработка на органскиот отпад од домаќинствата со помош на дождовните црви – природно решение со еколошки и економски придобивки

Во време кога сѐ повеќе се зборува за одржливо управување со отпадот, едно од наједноставните и најефикасни решенија доаѓа токму од природата. Станува збор за преработка на органскиот отпад од домаќинствата со помош на дождовни црви, постапка позната како верми-компостирање. Овој природен процес овозможува кујнскиот и друг биоразградлив отпад да не заврши на депонија, туку да се претвори во висококвалитетно органско ѓубриво.

Органскиот отпад од домаќинствата, како што се лушпи од овошје и зеленчук, талог од кафе, чај, лушпи од јајца, хартиени салфетки и помали количества растителни остатоци, најчесто се меша со останатиот комунален отпад и завршува на депонии. Таму, наместо контролирано да се разгради, тој создава непријатни миризби, привлекува штетници и, што е уште поважно, придонесува кон емисија на метан – еден од најопасните стакленички гасови. Верми-компостирањето нуди практична алтернатива, односно природен, тивок и релативно едноставен систем преку кој органскиот отпад се претвора во корисен производ.
Методата се базира на користење на специјални видови црви, најчесто таканаречени компостни или калифорниски црви, кои се хранат со органски отпад и го преработуваат во стабилен, темен и хранлив материјал – верми-компост. Овој материјал е богат со корисни микроорганизми и хранливи материи и може да се користи за подобрување на квалитетот на почвата во градини, дворови, урбани зелени површини, училишни дворови, жардиниери и земјоделски површини.

Оваа метода е особено применлива таму каде што има континуирано создавање органски отпад и има можност за негово одделно собирање. Најчесто, верми-компостирањето се применува во индивидуални домаќинства со двор, но исто така може успешно да се користи и во училишта, градинки, урбани заедници, еко-пазари, ресторани, мали хотели, па дури и во колективни станбени комплекси доколку постои организиран систем и соодветен простор. Во урбани услови, оваа метода е особено корисна затоа што не бара големи површини – доволен е соодветен сад, контролирана влажност и редовно додавање селектиран органски материјал.
Еколошките придобивки од оваа метода се повеќекратни. Прво, се намалува количината отпад што завршува на депонии. Второ, се намалуваат емисиите на стакленички гасови. Трето, се создава природен производ кој ја подобрува почвата, ја зголемува нејзината плодност и ја намалува потребата од употреба на хемиски ѓубрива. Дополнително, верми-компостирањето претставува и образовна алатка, особено кога се користи во училишта и заедници, затоа што на практичен начин ја доближува циркуларната економија до граѓаните и учениците.

Економските придобивки исто така не се занемарливи. Со селекција и локална преработка на органскиот отпад се намалуваат трошоците за негово собирање, транспорт и депонирање. Во исто време, се добива производ што може да се користи или дистрибуира во локалната заедница. Во услови на зголемени цени на ѓубрива и нагласен интерес за органско производство, верми-компостот претставува корисна и економски оправдана алтернатива. Во таа смисла, за микро и мали локални иницијативи и социјални претпријатија, ова може да биде и основа за развој на нови зелени услуги и производи.

За подобро да се согледа потенцијалот, може да се направи едноставен пресметковен модел. Да претпоставиме дека едно домаќинство создава околу 3 килограми погоден органски отпад неделно. Тоа значи приближно 12 килограми месечно. Ако 100 домаќинства во една населба одвојуваат ваков отпад, тогаш на месечно ниво се собираат околу 1.200 килограми органски материјал. Ако се земе предвид дека по процесот на разградување и губење на влагата, од овој материјал може да се добијат приближно 35 до 45 проценти стабилизиран компост, тогаш тие 100 домаќинства би можеле да произведат меѓу 420 и 540 килограми верми-компост месечно. На годишно ниво тоа е помеѓу 5 и 6,5 тони корисен производ, добиен од отпад кој инаку би завршил на депонија.

Секако, за системот да функционира правилно, важно е да се знае што смее, а што не смее да се додава во компостерот. Најпогодни се растителни остатоци, лушпи од овојше и зеленчук, сецкана зелена отпадна маса, талог од кафе, чај, ситно исечкан картон и сличен биоразградлив материјал. Не се препорачува додавање месо, млечни производи, поголеми количества зготвена храна, масла или агресивни органски материи, затоа што тие можат да предизвикаат миризби и да го нарушат балансот на системот.

Во крајна линија, преработката на органскиот отпад со помош на дождовни црви не е само техничка метода. Таа претставува модел на размислување во кој отпадот се гледа како ресурс, а природата како партнер во решавањето на локалните еколошки проблеми. Ова е едно од оние решенија што се истовремено едноставни, практични и применливи, а притоа носат јасни придобивки за домаќинствата, општините и животната средина.

Оваа статија  е подготвена во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Содржината на оваа статија е единствена одговорност на Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија  и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Здружение Центар за ресурси во животната средина (РЕЦ)

Продолжи со читање

  • Погледнете го нашето ново промотивно видео и откријте како органскиот отпад може да стане вредна суровина!

    Преку силен фокус на циркуларната економија и еколошката едукација, сакаме да ги поттикнеме граѓаните на итна акција за правилно сортирање на отпадот — клуч чекор кон здрава животна средина и ублажување на климатските промени. Главни ѕвезди во видеото се наставниците и учениците од основните училишта каде што ги одржавме нашите едукативни работилници. Тие јасно порачуваат: со менување на секојдневните навики и активен граѓански ангажман, секој од нас има моќ да донесе позитивни промени во општеството!
    Ова видео е дел од промотивнтаа дигитална кампања со едукативно-информативни содржини за придобивките и начините за искористувањето на потенцијалот на органскиот отпад.
    Оваа видео е подготвено во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Resource Environmental Center – REC North Macedonia Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Eco – Logic и Center for Environmental Democracy – Florozon Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија и Embassy of Switzerland in North Macedonia преку програмата Цивика мобилитас #CivicaMobilitas.
     
    Содржината на оваа видео е единствена одговорност на партнерите во проектот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија #CHinMK, Цивика мобилитас #CivicaMobilitas, или организациите што ја спроведуваат.

  • Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери

    Програми Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери Кампот Михелштат во Германија беше домаќин на Европскиот младински камп, кој собра 135 учесници од 15 земји. По долго патување, а за некои и пристигнување во Михелштат низ серија на предизвикувачки услови, младите и нивните лидери се обединија околу заедничката тема: “Growing together – rooted in values – rising as leaders“, односно „Растеме заедно – вкоренети во вредностите – се издигнуваме како лидери“. Кампот понуди динамична програма исполнета со различни курсеви, интерактивни работилници и можности за размена на знаења и искуства. Курсевите беа задолжителниот дел и опфаќаа повеќе теми поврзани со менталното здравје, лидерството, активности на отворено поврзани со изградба на куќарки на дрва, обработка на темата “Do no harm” како методологија против било каков вид на насилство, односи со јавност, техники за раскажување приказни, театарски пристап во работата со млади и дигитално образование. Младите учесници и младинските работници активно придонесуваа со сопствените идеи, практики и перспективи, создавајќи простор во кој сите можеа да учат едни од други. Во фокусот беше заедничкото учење за иднината на младинската работа, како и развивањето лидерски способности засновани на вредности, соработка и меѓународно разбирање. Покрај едукативниот дел, програмата беше збогатена со многу креативни и забавни активности. Учесниците имаа можност да бидат дел од интернационален музички бенд, да создаваат уметност низ различни работилници за рачни изработки, цртање и сликање, работилници за дизајнирање восочни свеќи како и склопување и дизајнирање на куќарки за мали птици, да учествуваат во работилници за пеење (ten sing), да посетуваат сесии за релаксација и да учествуваат во спортски активности на терените на кампот во Михелштат. Дури и високите температури не ги спречија учесниците да учествуваат на сите овие настани, но и да уживаат во посетата на локалниот базен. За учесниците, покрај овие обврски, вклучена беше и прошетка до адреналински парк и возење на мал, планински ролеркостер, како и патување со брод по реката Мајна до блискиот град Милтенберг. Од Македонија имаше вкупно 7 претставници. Во изминатите четири години, овој камп прерасна во важно место за средба на европското ИМКА движење. Тој не претставува само меѓународен собир, туку простор каде што младите градат пријателства, споделуваат искуства и се инспирираат стекнатото знаење да го пренесат во своите земји и локални организации. Овој камп служи за сплотување на младинските работници низ камповите во Европа и е особено значаен за нашата земја од аспект на тоа што нуди споделување на искуства поврзани со камп културата која што ИМКА во Битола и во Македонија неуморно се труди да ја издигне на едно повисоко и препознатливо ниво за сите наши локални учесници, волонтери и поширока публика. * Пред да дојдам на кампот во Михелштат немав некои преголеми очекувања. Се надевав дека ќе запознаам нови луѓе, ќе стекнам пријатели и ќе разменам мислења со млади од различни земји. На крајот, сето тоа се исполни, па дури и ги надмина моите очекувања. Најинтересен и највпечатлив дел за мене беше курсот за лидерски вештини. Таму научив многу корисни работи за комуникацијата, тимската работа и начинот на кој еден лидер може позитивно да влијае на другите. Сигурно ќе ги применам овие знаења и во мојата заедница. За време на кампот стекнав поголема самодоверба во споделувањето на моите мислења и научив како подобро да ги разбирам и почитувам луѓето околу мене. Ова искуство ми помогна да пораснам како личност и да станам поотворен кон нови идеи и перспективи. Дефинитивно би го препорачал Михелштат кампот на секој млад човек кој сака да стекне нови искуства, да создаде меѓународни пријателства и да научи нешто корисно и вредно за својата иднина. Никола Гелов Кога првпат слушнав за кампот во Михелштат, сè ми дојде многу неочекувано. Бев пресреќна кога дознав дека и моите другарки добија можност да учествуваат, бидејќи знаев дека заедно ќе доживееме едно незаборавно искуство. Секој ден на кампот ми беше интересен на свој начин. Имав можност да научам многу нови работи и да запознаам луѓе од различни средини. Особено ми се допадна курсот по пеење. Таму научив дека не треба да се плашиме да пробаме нешто ново. Ако никогаш не се обидеме, нема да знаеме што можеме да постигнеме. Секој човек има свој талент и свој начин на изразување, а токму тоа нè прави посебни. Едно од највозбудливите искуства за мене беше активноста во Tree House. Искрено, пред да дојдам на кампот мислев дека тоа не е нешто што би го направила во мојот град. Но, овде решив да излезам од мојата зона на удобност и да пробам нешто ново. На крајот, многу се забавував и бев горда на себе што се осмелив да учествувам. Од курсот по пеење научив и една важна животна лекција: дека не треба да ги осудуваме другите. Секој може да направи нешто на свој начин и тоа не го прави помалку вреден. Наместо да критикуваме, треба да ги прифатиме и почитуваме разликите меѓу луѓето. Кампот ме научи да се дружам со сите, да бидам поотворена и да не донесувам брзи заклучоци за другите. Сфатив дека секој човек има своја приказна и дека сите заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Најважната порака што ќе ја понесам со себе е дека треба да бидеме храбри и да не се плашиме од нови предизвици. Нема глупави прашања и нема неуспеси кога учиме нешто ново. Секое искуство е можност да пораснеме и да станеме подобра верзија од себе. Дефинитивно би им го препорачала Михелштат кампот на сите млади кои имаат можност да учествуваат. Пријателствата, чувството дека сте дел од едно големо семејство, новите искуства и сè што се учи таму се нешта што тешко можат да се доживеат на друго место. Тоа е искуство кое засекогаш останува во сеќавање. Јована Кирјаковска   Бидејќи и претходно имав учествувано на два меѓународни кампа надвор од Македонија, дојдов во Михелштат со високи очекувања и чувство на возбуда. Од моите претходни искуства знаев дека ме очекува нешто посебно, а кампот ги надмина сите мои очекувања. Она што најмногу ми се допадна беше разновидноста на курсевите и работилниците. Тие создадоа можност сите учесници да се запознаат подобро, да се дружат и да учат едни од други.

  • ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби

    ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби На 27 јуни 2026 година, Кирил Михајлов, командир на Доброволното противпожарно друштво Свети Николе, учествуваше на панел-дискусија во Скопје посветена на противпожарната заштита и подготвеноста за вонредни состојби. Во рамки на дискусијата беа разгледани дел од клучните предизвици со кои се соочуваат противпожарните…

  • Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE

    Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE Доброволното противпожарно друштво Свети Николе продолжува да придонесува кон целите на проектот ENSURE преку своето директно учество во сложени интервенции на шумски пожари во Северна Македонија. За време на големиот пожар во Општина Македонски Брод, тимот на ДПД Свети Николе беше ангажиран како…

  • Заедно учиме англиски – нова активност во нашата организација

    Започнуваме со изучување на англискиот јазик! Првиот час помина во пријатна атмосфера, со учење на нови зборови и изрази, разговор и многу позитивна енергија. Преку овие часови создаваме можности за учење, стекнување нови знаења и развивање нови вештини. The post Заедно учиме англиски – нова активност во нашата организација appeared…

  • Школа за водачи Голозинци 2026 во организација на СИМ

    Во периодот од 13.08 до 19.08.2026 година, во Извидничкиот центар “Голозинци“, се одржа првиот дел од Школата за Водачи ’26. На школата учествуваа членови од повеќе извиднички одреди: ИПО “Јадран’’ , ИПО “Крсте Јон’’ , Прв Скопски Извиднички Одред, ИО ,“Гоце Делчев“ , ИО “Методиј Митевски-Брицо“ ИО “Мирко Милевски“ ,…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор