Државно финансирање за граѓанските организации

Државното финансирање е еден од клучните предуслови за одржливост и ефективно функционирање на граѓанските организации, поради што претставува приоритет на Цивика мобилитас кој се надоврзува на долгогодишните заложби на МЦМС и другите граѓански организации. Иако застапувањето резултираше со добри формулации во стратешките документи за соработка и развој на граѓанското општество, нивното целосно спроведување сè уште изостанува.

За разлика од развиените демократски земји, каде што финансиската поддршка за граѓанските организации доминантно се обезбедува преку државните буџети, во Македонија постои јаз помеѓу декларативната поддршка и реалната политичка волја за воспоставување одржлив и функционален систем на државно финансирање. Развивањето на транспарентен и отчетен модел на јавна поддршка е неопходно за зачувување на релевантноста на граѓанскиот сектор и за поттикнување на неговото активно учество во решавање на важни општествени прашања.

Истовремено, оваа поддршка подразбира и зголемена одговорност од граѓанските организации, преку поголема транспарентност, отчетност, јасна комуникација на резултатите и практикување на внатрешна демократија и принципи на добро владеење, особено имајќи предвид дека анализите укажуваат на недоволна посветеност на овие аспекти и на доминантна отчетност првенствено кон донаторите, а дури потоа кон институциите, јавноста и нивните конституенти.

Овде можете да ги најдете сите продукти, наменети и користени во застапувањето за зголемување на државното финансирање. Нашата цел е тоа да биде засновано на докази кои ќе ја зголемат кредибилноста, убедливоста и влијанието на застапувачките иницијативи, кон носителите на одлуки но и кон самите граѓански организации.

Се надеваме дека овие материјали ќе ве охрабрат и поддржат во заедничките напори за градење поодржлив, транспарентен и влијателен граѓански сектор.

Цивика мобилитас и МЦМС веќе повеќе години го следат државното финансирање на граѓанските организации (ДФГ). Податоците се собираат преку барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до органите на државната управа и до општините. Потоа се споредуваат со вкупните приходи на граѓанските организации според податоците од Централниот регистар. Во приказот не се вклучени средствата за политичките партии, кои се доделуваат преку Министерството за правда, ниту средствата за спортските федерации и спортистите. Политичките партии не се опфатени со Законот за здруженија и фондации, а спортот има посебен режим на финансирање според Законот за спорт, со сопствени критериуми поврзани со спортски успех и натпревари.

Од 2018 до 2023 г. финансирањето од централниот буџет стагнираше и се движеше помеѓу 3,6 и 5,7 милиони евра годишно. Во 2018 г. граѓанските организации добија 313,9 милиони денари, или околу 5,1 милиони евра, што беше 5% од нивните вкупни приходи. Во 2019 и 2020 г. износот беше малку повисок, околу 5,5 до 5,7 милиони евра, со удел од 5,3%. Во 2021 г. следуваше најголемиот пад во целиот период. Износот се намали на 224 милиони денари (3,6 милиони евра), главно поради помалите средства од Министерството за култура и Министерството за труд и социјална политика. Во 2022 и 2023 г. износот постепено се врати на 4,6, односно 5,4 милиони евра. И покрај тоа, уделот остана под 4%, бидејќи вкупните приходи на граѓанските организации растеа побрзо: од 101,8 милиони евра во 2018 г. на 147,6 милиони евра во 2023 г.

Пресврт има во последните две години. Во 2024 г. државното финансирање на централно ниво достигна 613,6 милиони денари (околу 10 милиони евра), односно 6,3% од приходите. Во 2025 г. износот порасна на 732,6 милиони денари (11,9 милиони евра), што е речиси 8% од вкупните приходи од 155,3 милиони евра. Тоа е повеќе од двојно во однос на 2023 г. Сепак, растот не произлегува од системска реформа. Речиси целиот раст доаѓа од една институција, Министерството за социјална политика, демографија и млади (поранешното МТСП). Неговите средства се зголемија од 108 милиони денари во 2023 г. на 499 милиони во 2024 г. и 464 милиони во 2025 г., главно поради финансирањето на социјалните услуги. Во 2025 г. ова министерство доделило 63% од сите средства. Заедно со Министерството за култура и туризам, социјалата и културата опфаќаат 82% од вкупната поддршка на централно ниво.

Концентрацијата на средствата е трајна одлика на системот. Уште во 2018 г. културата и социјалата заедно носеа над 70% од вкупниот износ. Повеќето други институции стагнираа или намалуваа. Министерството за здравство, на пример, доделуваше 44 до 54 милиони денари во 2018 и 2019 г., а само 12,5 милиони денари во 2025 г. Посебно загрижува судбината на програмата на Генералниот секретаријат на Владата, единствената наменета за развој на граѓанското општество во целина. Нејзините средства пораснаа до 31,5 милиони денари во 2020 г., а потоа речиси исчезнаа. Во 2022 г., за прв пат по повеќе од десет години, Генералниот секретаријат не објави јавен повик. Од 2024 г. воопшто нема средства за граѓанските организации од оваа институција. Од друга страна, од 2022 г. се појавија нови даватели како Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и Министерството за локална самоуправа.

Транспарентноста на доделувањето долго време беше слаба точка, бидејќи значаен дел од средствата се доделуваше директно, без јавен повик, најчесто како трансфери до национални сојузи и федерации. Истиот највисок грант од 12,18 милиони денари за Националниот сојуз на слепи се повторуваше во 2020, 2021 и 2022 г. Во 2025 г. има видлив напредок. Од вкупно 732.599.601 денари, 724.206.126 денари се доделени преку јавен повик, а само 8.393.475 денари без јавен повик. Сепак, разликите во големината на грантовите остануваат огромни. Највисокиот грант во 2025 г. изнесувал 34.232.104 денари, а најнискиот само 5.740 денари, и двата доделени од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Проблем е и јазот помеѓу планираното и реализираното. Средствата во буџетската ставка 463 (трансфери до невладини организации) речиси никогаш не се реализирани во целост. Во 2019 г., на пример, од планираните над 8,1 милиони евра реализирани се околу 5,6 милиони евра. Со ребалансот на Буџетот за 2026 г. во оваа ставка се планирани 878,1 милиони денари (14,2 милиони евра). Тоа е најмногу досега, но дури 93% се наменети за Министерството за социјална политика, демографија и млади. Дополнително, Министерството за култура и туризам, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за економија и труд ги планираат средствата за граѓанските организации во други буџетски ставки. Тоа го отежнува следењето и им оневозможува на организациите да ги планираат своите активности.

На локално ниво, во 2025 г. општините доделиле вкупно 113.391.994 денари за граѓанските организации, или околу 1,8 милиони евра. Најмногу средства се доделени во Југозападниот регион (21.287.045 денари) и Југоисточниот регион (20.815.226 денари), а најмалку во Полошкиот (8.606.400 денари) и Североисточниот регион (5.100.630 денари). Меѓу општините предничат Охрид со 14.221.045 денари и Битола со 12.986.800 денари, кои заедно доделиле речиси една четвртина од сите општински средства. Вкупната државна поддршка од централно и локално ниво во 2025 г. изнесува 845.991.595 денари, или околу 13,7 милиони евра, при што општините учествуваат со само 13%. Анализата за 2023 г. покажа дека општинските средства најмногу се насочени кон спортските здруженија.

Бројките остануваат далеку од преземените обврски. Според Акцискиот план на Стратегијата за соработка со и развој на граѓанското општество за периодот 2022 до 2024 г., државното финансирање требаше да учествува со 20% во приходите на организациите во 2022 г., 25% во 2023 г. и 30% во 2024 г. Реалниот удел беше 3,4%, 3,7% и 6,3%. Ни рекордната 2025 г. не достигнува ни третина од крајната цел. И понатаму изостануваат институционалната поддршка и кофинансирањето на проекти што ги финансираат ЕУ и другите донатори. Поради тоа организациите остануваат зависни од странските извори. Реформата на системот годинава беше повторно отворена. Во 2025 г. Министерството за правда го реактивира процесот за измена на Законот за здруженија и фондации. На ЕНЕР беа доставени околу 130 коментари, вклучително и предлог за гарантен фонд. Конечниот текст на законот сè уште не е објавен.

Искуството од изминатите години покажува дека повеќе пари сами по себе не значат подобар систем. Потребен е предвидлив, транспарентен и отчетен модел на државно финансирање. Тој треба да вклучува јасни критериуми, задолжителни јавни повици, институционална поддршка и кофинансирање, како и поправедна распределба на средствата меѓу секторите и регионите. Цивика мобилитас и понатаму ќе го следи државното финансирање и ќе застапува за негова суштинска реформа.

Поврзани вести за ДФГ

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор