[Aggregator] Downloaded image for imported item #45055

Светски ден на граѓанските организации: каква е состојбата во Македонија?

Денес, 27 февруари, го одбележуваме Светскиот ден на граѓанските организации, официјално промовиран во 2014 година во Хелсинки, Финска со поддршка на Организацијата на обединетите нации и Европската Унија.

Ова е еден од начините да оддадеме признание на оние кои ги води јавниот интерес, заедничкото добро, кои ги носат општествените промени и кои застапуваат за правата на граѓаните.

Во македонското општество тоа го прават 7.258 активни граѓански организации. Бројката секогаш е придружена со дилема, дали се многу или малку? Но, додека постои потреба граѓаните да се здружат за да ги бранат своите права и интереси и да придонесуваат за добробитта на делови или на целото општество, дилемата не е суштинска.

Со оваа статија, посветена на Светскиот ден на ГО, правиме кратка анализа на граѓанските организации, за да разбереме подобро каква е динамиката во тој дел од граѓанското општество на Македонија и информирано да дискутираме и носиме одлуки за неговиот развој, улога, потребите и сл.

За погоре спомнатата бројка од 7.258 активни граѓански организации треба да се знае дека не ги вклучува спортските здруженија кои ги има 2.230 активни. Инаку, вкупниот број регистрирани ГО е 16.634, а од нив 57% се активни. Стапката на активност е речиси идентична и кај спортските (57,9%) и кај другите ГО (56,8%), односно, типот на организацијата не влијае значајно на „преживувањето“ на организациите.

Колегите од граѓанскиот сектор се свесни за регионалната застапеност, или распространетост на ГО. Најголем број од нив се регистрирани во Скопскиот плански регион, а најмалку во Североисточниот.

РегионБрој на активни ГО%На 10.000 жители
Скопски3.16843,6%52,2
Пелагониски85811,8%40,8
Југозападен7039,7%39,6
Полошки6559,0%26,0
Југоисточен5347,4%36,0
Вардарски4926,8%35,5
Источен4416,1%29,4
Североисточен4075,6%26,6

На национално ниво, Македонија има 39,5 активни граѓански организации на 10.000 жители (без вклучени спортски организации) но, разликите по региони се драматични па така, Скопскиот има двојно повеќе организации на 10.000 жители од Полошкиот. А Полошкиот регион, со 13,7% од населението, учествува само со 9% во вкупниот број активни организации. Ова може да се смета за голем „дефицит” на граѓанското општество во густо населен регион.

Гледано по општини, првите пет места, според бројот на активни ГО се за: Центар (1.070), Карпош (583), Битола (461), Аеродром (431) и Тетово (315). На другиот крај на оската, или петте општини со најмалку активни организации се: Зелениково (2), Центар Жупа (3), Пласница (4), Чешиново-Облешево (4), Росоман (5). Сите 80 општини имаат барем по една активна организација.

Најголем раст на ГО во последните пет години (2020 – 2025) наспроти периодот 2015-2019 бележат Југоисточен (+179%), Североисточен (+124%) и Вардарски (+122%), додека Скопскиот регион расте „најбавно” (+55%) – што може да биде позитивен знак на децентрализација на граѓанскиот активизам.

Најбрзорастечки категории, во периодите спомнати погоре укажуваат на јасна промена кон теми поврзани со дигитална трансформација, ментално здравје и младинско учество. Растот кај младинските организации е најголем (+200%), потоа следуваат ИТ/дигитално/иновации (+123%), социјална заштита (+116%) и здравство/ментално здравје (+108%). Инаку, во последните 10 години се основани 1.475 нови организации (без спортски здруженија). Бројките растат: од 65 годишно во 2015 до приближно 180 во 2024-2025.

Кратка анализа која е базирана на имињата на организациите покажува дека во последните 10 години (2015-2025), во Скопскиот регион доминирале темите: демократија/граѓанско општество, бизнис, култура. Во Пелагонискиот и Југозападниот регион преовладувале култура/уметност, бизнис, а во Југоисточниот, Вардарскиот и Источен доминирала темата посветена на демократијата и правата. Во Полошкиот регион се балансирани темите култура, демократија и бизнис.

Споредбата на 955 активни организации основани од 2020 наваму (споредено со 520 од 2015–2019) покажува неколку јасни поместувања. Растечки теми гледаме кај младинските организации и тоа најсилен раст, од 4,0% на 6,3%. Особено видливо од 2022 наваму, со имиња кои зборуваат за активизам, интеграција, младинско учество. Тоа може да кореспондира со зголемените ЕУ фондови за младински иницијативи. Овој тренд го следат и организациите за социјална заштита / хуманитарни – од 9,6% на 11,3%. Посебно растат организации насочени кон лица со попреченост, инклузија, и деца со посебни потреби. Потоа следуваат организациите кои работат со деца / детски права, од 1,3% на 2,4%, со забрзување во 2025 (5%). Доминираат организации за рана интервенција, логопедија, развој, и поддршка на деца без родители. Противпожарните доброволни друштва практично не постоеле пред 2019, а сега се регистрираат по 1-2 годишно низ цела земја (Битола, Охрид, Кавадарци, Виница, Радовиш). Ова е директна последица на серијата катастрофални шумски пожари. ИТ / дигитално / иновации имаат умерен раст (од 2,7% на 3,2%), но со нагло забрзување во 2024-2025 (5-6%). Имињата рефлектираат дигитална трансформација, иновациски хабови, платформи. Организациите кои работат на едукација имаат стабилно висок раст што ја прави најконзистентната „нова” тема.

Од друга страна, опаѓачките теми се гледаат во екологијата / одржливоста каде падот е најголем, од 9,4% на 5,8%. Иако апсолутниот број расте (49→55), растот не го следи вкупното темпо на основање. Еколошкиот „бум” од 2015–2019 се стабилизирал.

Темите поврзани со демократија / права / транспарентност исто така опаѓаат од 5,6% на 3,0%. Организациите за демократски процеси, антикорупција и граѓански слободи имаат помал удел меѓу новооснованите. Ова не значи дека темата е помалку важна бидејќи постоечките организации се веќе етаблирани. Темите насочени кон наука / истражување паднале од 4,6% на 3,0% како и оние насочени кон бизнис / претприемништво (од 3,1% на 2,4%). За овој тип организации има веројатност дека се преселуваат кон приватниот сектор

(за да бидат споредливи, бројките се нормализирани на 100 организации).

Големина и „возраст“ на активните организации

Гледано од перспектива на број на вработени, граѓанските организации се најчесто микро или мали. Односно, 72,8% се микро, 27,2% мали, и само 4 организации се средни. Ниту една не е категоризирана како голема.

Со оглед дека датумот на основање е достапен за 37,7% од организациите, односно за вкупно 2.736 активни ГО без спортските организации, просечната возраст е 11,9 години, а медијаната е 9 години. Најстарата активна организација е основата во 1944 година. По возрасни групи: најголем дел (19%) се организации од 6 до 10 години, а речиси рамномерно се распределени во останатите категории. Само 4,5% имаат повеќе од 30 години, односно,  „ветераните” се ретки.

Стапката на активност варира значително по дејност. Организациите кои работат на тема образование имаат најголема стапка на преживување (80,9%), а по нив следуваат оние поврзани со медиуми/издаваштво (84%) и стручните услуги (75,4%). На другата страна, социјалната заштита има најниска стапка, 40,6% од организациите во оваа дејност се сè уште активни. Генеричните здруженија (дејности на организации врз база на зачленување) се на 55,9%, што е под просекот, веројатно затоа што лесно се основаат, но тешко се одржуваат.

Возрасниот профил открива интересни разлики. Секторот социјална заштита е сектор на подолготрајни организации, 79% од активните организации имаат повеќе од 20 години, а само 12% се основани во последните 5 години. Слично е и со уметноста (46% се 20+ години). Ова е добро во однос на стабилноста на организациите, но неосновањето нови организации во оваа област може да биде проблем кога станува збор за надоместувањето на оние што стануваат неактивни. Од другата страна, кај спортско-рекреативните организации, 60% се помлади од 10 години.

Во поглед на стапката на неактивност по региони, разликите се умерени, но постојат: Источниот регион има највисока стапка на неактивност (48,7%), а Полошкиот најниска (40,2%). Разликата од приближно 8 процентни поени сугерира дека организациите во источниот дел на земјата имаат потешкотии со одржливоста.

Кога станува збор за неактивните организации (5.523 без спортските организации) најмногу „загуби” има меѓу оние основани во периодот 2006–2014, со пик во 2012 (129 неактивни). Ова укажува на висока стапка на згаснување кај организации стари помеѓу 10 и 15 година од основањето. Неактивните организации во социјалната заштита и уметноста имаат просечна возраст од 22-23 години што значи дека згаснуваат по подолго време. Спортско-рекреативните стануваат неактивни многу побрзо, просечно по само 10 години. Генеричните здруженија се на средина (приближно 14 години).

Податоците покажуваат дека граѓанското општество во Македонија не е статичен систем, туку жив организам кој реагира на општествените предизвици – од младинско учество и ментално здравје, до дигитална трансформација и доброволни иницијативи.

Нивниот број, распределба и тематска ориентација ни кажуваат не само каде сме, туку и каде се движи општеството. За да останат двигател на позитивни промени, потребна е системска поддршка, стабилност и рамномерни можности за развој низ сите региони.

gragjanskite organizacii vo makedonija sostojba

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонски центар за меѓународна соработка

Продолжи со читање

  • Вклучи се во креирањето на буџетските приоритети на Општина Кисела Вода

    Кои се приоритетите за твојата населба? Заедно со Општина Кисела Вода, ги покануваме граѓаните да се вклучат во креирањето на буџетските приоритети за 2027 година. Предложи. Дискутирај. Приоритизирај. Не можеш да присуствуваш? Испрати го својот предлог тука: https://tinyurl.com/PrijaviProblem Твојот глас е важен за буџетот на твојата општина! #CHinMK #CivicaMobilitas Civica Mobilitas Embassy of Switzerland in […]
    The post Вклучи се во креирањето на буџетските приоритети на Општина Кисела Вода first appeared on Finance Think.
    The post Вклучи се во креирањето на буџетските приоритети на Општина Кисела Вода appeared first on Finance Think.

  • 🌍 Finance Think на Euromed Summit 2026 во Лисабон!

    На 27 и 28 октомври, Finance Think учествува на Euromed Summit 2026 во Лисабон, Португалија, претставуван од извршната директорка, Благица Петрески.Во фокусот на дискусиите беа предизвиците на пазарот на труд, несовпаѓањето меѓу вештините и потребите на работодавачите, развојот на човечкиот капитал и економската конкурентност – теми кои се во сржта на истражувачката и аналитичката работа […]
    The post 🌍 Finance Think на Euromed Summit 2026 во Лисабон! first appeared on Finance Think.
    The post 🌍 Finance Think на Euromed Summit 2026 во Лисабон! appeared first on Finance Think.

  • Претставување на Вардарската регата на утринската програма “Здраво Македонијо“ на ТВ Канал 5

    На 29.10.2026 год. (четврток) на покана на редакцијата на националната ТВ Канал 5 во рамките на утринската програма “Здраво Македонијо“ во друштво на Жана Ѓоргиева, Емилија Вучиновска (miss urban viba), естрадниот уметник Дејан Николовски – Чуле учество зема и старешината на извиднички одред “Димитар Влахов“ и координатор на Вардарската регата…

  • Струмица: Женските кружоци бараат поголема поддршка и учество во локалното одлучување

    Струмица, октомври 2026 – Поголема вклученост на жените во месните заедници, обезбедување простор за нивно организирање и подобра институционална поддршка за нивните иницијативи беа дел од главните теми на јавната дебата „Женското лидерство како огледало на заедницата“, одржана на 28 октомври во Струмица. Дебатата ја организираше Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, во соработка со Организацијата […]

  • Прилеп: Жените од локалните заедници со конкретни предлози за поголемо учество во одлучувањето

    Прилеп, октомври 2026 – Во Прилеп се одржа јавната дебата „Женското лидерство како огледало на заедницата“, посветена на можностите и предизвиците за учество на жените, особено од руралните средини, во процесите на локално одлучување. Дебатата ја организираше Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, во соработка со Здружението за рурален развој „ЛАГ Агролидер“, во рамки на проектот […]

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор