[Aggregator] Downloaded image for imported item #46507

СУДИР НА ОБРАЗОВНИ КУЛТУРИ: УНИВЕРЗИТЕТОТ МЕЃУ НАВИКИТЕ И ТРАНСФОРМАЦИЈАТА

„Gaudeamus Igitur“  химната која се пее при влегување во академската заедница не е само традиција, туку силна порака: учи, радувај се, но биди свесен дека времето е ограничено и дека знаењето што го стекнуваш е дел од една поголема, вечна приказна.

Пишува: Кирил Барбареев

Образованието е најсложениот и најемотивниот столб на општеството и тоа не може да се разбере или развива изолирано, туку зависи од целиот општествен систем: институциите, законите, граѓанската структура и власта. Сите тие, како што истакнува Фихте (Fichte), имаат своја првобитна точка, некаква почетна состојба од која тргнуваат. Но, суштинската разлика е што луѓето не започнуваат од истото место – секој човек и секоја генерација тргнуваат од ставовите, вредностите и ограничувањата што ги наследиле од својата епоха. Токму затоа образованието не е само прашање на систем, туку и на култура, време, контекст и свест во која се создава и се развива.

Историски гледано највлијателниот модел на универзитетско образование во Европа е хумболтовиот концепт чија основа се германските универзитети, кои во текот на изминатите две столетија ја претставуваат филозофијата на образование на континентална Европа. Основачот на Берлинскиот универзитет, Хумболт (Wilhelm von Humboldt), го истакнува концептот на „образование и воспитување преку наука“ (Bildung durch Wissenschaft),  и се темели на концептот на „духот“ – особено на националниот и културниот дух. Според него, само со активно учество во процесот на истражувањето се стекнува вистинското академско знаење и се создава вистината.

Науката и наставата претставуваат две суштински обележја на универзитетот уште од неговите почетоци, при што не е случаен нивниот редослед: најнапред е науката како создавање и разбирање на знаењето, а потоа наставата како негово пренесување и споделување. Токму затоа универзитетот го носи називот universitas litterarum – заедница и целокупност на знаења. Само оној што ги совладал artes liberales – слободните вештини – и филозофијата, се сметал за подготвен да стане doctus (учен), односно „повеќе од учен“: личност која не само што поседува знаење, туку го разбира, го преиспитува и е способна да го споделува со другите. „Професорите не се тука за студентите, ниту студентите за професорите, тие заедно се тука поради науката“ (Хумболт).

Современиот свет е свет на предизвици и суперкомплексност. Карактеристиките на денешното живеење наоѓаат свој одраз и во универзитетот. Со оглед на тоа што современоста бара личности кои се иницијативни, енергични, самоуверени, способни и подготвени да се справуваат со предизвиците и да генерираат нови промени, денес универзитетот има тројна мисија: да овозможи разбирање на светот, како услов за соочување со него и адаптирање на него; да обезбеди активно дејствување во светот и да оствари градење на сопствениот идентитет во тој свет, што подразбира да се осознае вредноста на личниот придонес, одговорност и место во него.

Исто така, денешниот универзитет е под силен притисок на економијата и државата, која го условува универзитетот, особено во своите додипломски студии, сè повеќе да се ориентира кон „употребното“ професионално образование, кое промовира знаења чијшто основен критериум не е толку нивната вистинитост колку нивната корисност.

Како ние се снаоѓаме со предизвиците? – најпрвин треба да сфатиме дека високото образование во Македонија денес се наоѓа помеѓу две силни спротивставени традиции: наследениот модел од поранешна Југославија и современите реформи инспирирани од англо-американскиот образовен систем. Разбирањето на овие две традиции е клучно за да се објасни зошто дел од реформите остануваат формални, без суштинска промена во квалитетот на наставата, науката и општествената улога.

Наместо јасна трансформација, универзитетот веќе предолго останува заглавен на таа раскрсница – помеѓу социјалистичкото наследство и глобалните образовни трендови, без целосно да го разбереме ниту едното, ниту другото. Токму во таа недефинираност лежи суштината на проблемот. Без јасно разбирање на овие две традиции, реформите често остануваат формални и декларативни.

На таа раскрсница образованието почнува да се соочува со сопствена криза на идентитетот – не знае што е, каде оди и врз кои вредности треба да се гради. Оттука произлегува и подлабокиот проблем: чувство на образовна и научна неизграденост, недоволна самосвест и постојано барање потврда надвор од сопствениот систем, наместо градење на автентична  филозофија на образование која ќе создаде одржлив македонски  образовен систем.

Во пракса, наместо целосна трансформација, се случи паралелно постоење на две различни образовни култури. Во хумболтовата идеја за универзитетот, постои идеал на единство на истражување и настава. Но во многу постсоцијалистички контексти каде што припаѓавме и ние, овој идеал се трансформира во формален авторитет на професорот, без вистинска истражувачка интеракција. Знаењето најчесто се разбира како нешто што се пренесува од професорот кон студентот, во пракса често се сведува на репродуктивно учење, со силен акцент на теоретско знаење и авторитет. Студентите често дипломираат со знаење, но без доволна подготвеност за комплексни ситуации, донесување одлуки и професионална адаптација. Наспрема тоа, традицијата на англиското и северноамериканско образование повеќе е свртено кон практичните потреби на животот и вештините.

Таму каде што е создадена традиција на некои факултети од професори каде имале можност на меѓународна соработка, мобилност и вклучувањето во глобалната научна и наставна заедница, се забележува поврзаноста на наставата и истражувањето. Таквите  создадени научни јадра и вклученоста на младиот кадар создадоа значајни истражувачки групи кои покажуваат дека, кога постои отвореност и поврзаност, универзитетот може да ја живее својата вистинска наставна и научна мисија.

Но, македонското високо образование не е неуспешно поради својата традиција, туку поради недоволната трансформација на таа традиција во современ контекст. Ние не успеваме да создадеме нова филозофска парадигма заради причини кои не се само институционални, туку и културни. Наследството од поранешна Југославија обезбедува стабилна основа, традиција која дава чувство на стабилност – но и отпор кон преиспитување, отпор кон промени и ограничен простор за критичко размислување и дискусија.

Судирот помеѓу традиционалниот и современиот образовен модел не е само прашање на методи, туку прашање на смисла. Тоа е судир што  открива една подлабока слабост: отсуството на автентична филозофија на образование која треба да одговори искрено на нашиот контекст: Каков човек сакаме да развиеме? Во какво општество живееме? Кои вредности се навистина важни?

Тоа значи да се создаде синтеза,  од традицијата да ја допреме длабочината и систематичноста, од современото да се фокусираме на критичко мислење, наука и  практичност. „Образованието не е подготовка за животот, образованието е самиот живот.“ Оваа мисла укажува за смислата на образованието. Вистинската реформа мора да почне од три нешта: од квалитетот на наставата, од развојот на научната култура и од врската меѓу универзитетот и општеството. Вредноста на универзитетот не се мери само по тоа колку трудови се објавени, туку по тоа каде се студентите по дипломирањето, какви академски граѓани создава, колку млади истражувачи се развиле и колку знаењето што се создава има реална вредност за заедницата. На Македонија ѝ треба реформа што ќе го врати достоинството на наставата, ќе го зајакне истражувањето како процес (а не како бројка) и ќе ја врати довербата во универзитетот како место каде се создава иднината, а не само како академска статистика.

Универзитетот е огледало на современото општество – во него се рефлектираат неговите вредности, тенденции и духот на времето, па затоа често се нарекува и негов барометар. Но, кога тој „покажува погрешно време“, тоа не значи дека треба да се игнорира или скрши, туку внимателно да се анализира и да се дејствува. Историјата го потврдува овој став: како што истакнува Пирогов (Nikolay Pirogov), кога политичкиот живот се одвива стабилно и без деструктивни влијанија врз општеството, универзитетот се враќа на својата суштинска мисија – научната дејност и создавањето знаење.

„Gaudeamus Igitur“  химната која се пее при влегување во академската заедница не е само традиција, туку силна порака: учи, радувај се, но биди свесен дека времето е ограничено и дека знаењето што го стекнуваш е дел од една поголема, вечна приказна.

(Авторот е Професор на Факултет за образовни науки, УГД-Штип)

 

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас. 

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Балкански институт за регионална соработка (БИРЦ)

Продолжи со читање

  • Вклучи се во креирањето на буџетските приоритети на Општина Кисела Вода

    Кои се приоритетите за твојата населба? Заедно со Општина Кисела Вода, ги покануваме граѓаните да се вклучат во креирањето на буџетските приоритети за 2027 година. Предложи. Дискутирај. Приоритизирај. Не можеш да присуствуваш? Испрати го својот предлог тука: https://tinyurl.com/PrijaviProblem Твојот глас е важен за буџетот на твојата општина! #CHinMK #CivicaMobilitas Civica Mobilitas Embassy of Switzerland in […]
    The post Вклучи се во креирањето на буџетските приоритети на Општина Кисела Вода first appeared on Finance Think.
    The post Вклучи се во креирањето на буџетските приоритети на Општина Кисела Вода appeared first on Finance Think.

  • 🌍 Finance Think на Euromed Summit 2026 во Лисабон!

    На 27 и 28 октомври, Finance Think учествува на Euromed Summit 2026 во Лисабон, Португалија, претставуван од извршната директорка, Благица Петрески.Во фокусот на дискусиите беа предизвиците на пазарот на труд, несовпаѓањето меѓу вештините и потребите на работодавачите, развојот на човечкиот капитал и економската конкурентност – теми кои се во сржта на истражувачката и аналитичката работа […]
    The post 🌍 Finance Think на Euromed Summit 2026 во Лисабон! first appeared on Finance Think.
    The post 🌍 Finance Think на Euromed Summit 2026 во Лисабон! appeared first on Finance Think.

  • Претставување на Вардарската регата на утринската програма “Здраво Македонијо“ на ТВ Канал 5

    На 29.10.2026 год. (четврток) на покана на редакцијата на националната ТВ Канал 5 во рамките на утринската програма “Здраво Македонијо“ во друштво на Жана Ѓоргиева, Емилија Вучиновска (miss urban viba), естрадниот уметник Дејан Николовски – Чуле учество зема и старешината на извиднички одред “Димитар Влахов“ и координатор на Вардарската регата…

  • Струмица: Женските кружоци бараат поголема поддршка и учество во локалното одлучување

    Струмица, октомври 2026 – Поголема вклученост на жените во месните заедници, обезбедување простор за нивно организирање и подобра институционална поддршка за нивните иницијативи беа дел од главните теми на јавната дебата „Женското лидерство како огледало на заедницата“, одржана на 28 октомври во Струмица. Дебатата ја организираше Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, во соработка со Организацијата […]

  • Прилеп: Жените од локалните заедници со конкретни предлози за поголемо учество во одлучувањето

    Прилеп, октомври 2026 – Во Прилеп се одржа јавната дебата „Женското лидерство како огледало на заедницата“, посветена на можностите и предизвиците за учество на жените, особено од руралните средини, во процесите на локално одлучување. Дебатата ја организираше Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, во соработка со Здружението за рурален развој „ЛАГ Агролидер“, во рамки на проектот […]

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор