граѓански импулс (7)

Граѓански импулс #17 – месечен осврт на активностите на грантистите

мај 2026

Во ова издание на Граѓански импулс го споделуваме прегледот на најважните активности на грантистите од мај 2026 година, со фокус на иницијативи кои придонесуваат за подобрување на медиумските стандарди, родовата еднаквост, младинските политики и заштитата на животната средина во заедницата.

Новиот нацрт-кодекс на новинарите на Македонија беше отворен за јавни коментари до 18 мај, процесирајќи ги измените што заеднички ги подготвија Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ). Новиот текст, составен од 18 членови, вклучува ревизија на постојните одредби и три сосем нови членови кои го регулираат користењето на вештачка интелигенција, тајното прибирање податоци и известувањето за самоубиства. Процесот на консултации вклучуваше и јавен настан одржан на 11 мај во „Europe House“ во Скопје, за финализирање на текстот.

Повеќе разбирање и поддршка за жените носи серијата обуки за матични лекари и гинеколози за перименопауза, што ја започна Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА во соработка со Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари МАГО. Преку првата серија обуки веќе се едуцирани повеќе од 40 здравствени работници за подобра грижа и навремено препознавање на симптомите. Паралелно со здравствените теми, на правен план беше извојувана значајна победа за жените земјоделки. Основниот граѓански суд донесе пресуда со која утврди дискриминација врз индивидуалните земјоделки во пристапот до права од здравствено осигурување, по постапката што ја покренаа Хелсиншкиот комитет за човекови права и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, со што се задолжуваат Владата и Министерството за здравство да иницираат законски измени.

Во Куманово, жените кои учествуваа на курсот за маникир и педикир добија сертификати за стекнатите практични вештини. Курсот беше реализиран од здружението „Секогаш Соживот“ во партнерство со „ЖГИ Антико“ и „ЗОК Адрион“. Исто така, во Источниот регион беа поднесени девет иницијативи до општините Делчево, Штип и Виница, кои опфаќаат подобрување на пешачката инфраструктура, социјални услуги за стари лица, пристапност за лица со попреченост и подигнување на јавната свест за родово базирано насилство. Активности на терен имаше и  хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово, кое одржа работни средби со локални активистки во населбите Иго Трчковиќ и Карпош, подготвувајќи конкретни барања до општината и јавните претпријатија.

Универзитетската реформа остана во фокусот на јавноста, откако текстот на новиот Предлог-закон за високо образование влезе во владина процедура и предизвика поларизирани ставови, што е детално објаснето во анализата каде универзитетската реформа е во фокус. Додека Министерството за образование и наука тврди дека реформите ќе го унапредат квалитетот, критичарите предупредуваат дека новиот закон се наоѓа меѓу ветувањата и стравот од контрола. Дополнително, беа упатени сериозни прашања за тоа дали се загрозуваат приватните научни институти поради недостижните критериуми во новиот предлог-закон за научно-истражувачка дејност, додека во исто време универзитетите бараат корекции. Во својот аналитички осврт, професорот Али Пајазити се осврна на длабоката криза на култот на „општеството на знаењето“, укажувајќи на деградацијата на образованието, појавата на т.н. „картели за цитирање“ и опасностите од претворање на универзитетите во корпорации.

Младите и нивните вештини беа во центарот на голем број активности во текот на мај. Во просториите на „Up Hub“ Струмица се одржа четиридневна обука каде млади учеа како да управуваат со личните финансии во организација на „Промо Идеа“, „Новус“ и „Круна Плус“. Во исто време, во Битола, организацијата „Про Локал“ ја одржа петтата седница за Регионалната платформа за млади – Пелагонија со градоначалници од регионот, каде се разгледуваше воведувањето на посебна буџетска ставка „МЛАДИ“ во општинските буџети. Прославата на денот на занаетчиството беше организирана во Гостивар, од страна на  АДИ Гостивар и партнерите, а Институтот за лидерство и јавна политика спроведе и обука за менталното здравје за младите. Детската амбасада Меѓаши сподели загрижувачки податоци за младите во годишниот извештај на СОС линијата.  Истовремено, како одговор на потребата за поголемо младинско влијание, млади од Крушево, Тетово и Куманово се вклучија во работилници за развивање паметен систем базиран на вештачка интелигенција. Работилниците беа овозможени од  Младински Сојуз Крушево и партнерите.

Еколошкиот активизам и циркуларната економија го заокружија месецот со  управувањето со органски отпад во организација на РЕЦ, „Еко Логик“ и „Флорозон“ во Градскиот парк во Скопје, каде беа доделени награди за најуспешните ученички бизнис идеи за училишни компостери. Слична младинска зелена енергија видовме и во Валандово, каде учениците преку иницијативата „Младите како двигатели на позитивни промени во Валандово“ги обновија и уредија местата за одмор во центарот на градот. Активностите завршуваат во Струга, каде здружението на еколози „Натура“  успешно ја одржа првата обука за чист воздух, каде пред присутните ученици беше промовиран нов едукативен прирачник за чист воздух.

Овие активности, поддржани од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, продолжуваат да ја потврдуваат континуираната посветеност на граѓанските организации за создавање подобри и поквалитетни услови за живот на граѓаните во земјата.

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор