граѓански импулс (12)

Граѓански импулс #22 – месечен осврт на активностите на грантистите

октомври 2026

Граѓанското учество почнува со информираност, продолжува со дијалог и добива смисла кога граѓаните ги препознаваат проблемите, предлагаат решенија и бараат одговорност од институциите. Во октомври, граѓанските организации го поттикнуваа ваквото учество преку средби со локалните власти, едукативни активности, јавни форуми, креативни иницијативи и застапување за подобри политики.

На фестивалот „Ден на граѓанските организации“, Промо Идеа и Новус ја претставија мрежата за финансиска писменост на младите. Мрежата, која започна да се развива во Југоисточниот регион, има цел да се прошири и на национално ниво. Членството е бесплатно и доброволно, а на младите им овозможува пристап до информации за настани, обуки и едукативни материјали.

Со креативна иницијатива, Македонското здружение на млади правници ги поттикна посетителите да размислат за секојдневните проблеми во Скопје. Преку изложба на пет разгледници беа претставени податоци за безбедноста на жените, јавниот превоз во Шуто Оризари, родовата застапеност во јавниот простор, рециклирањето отпад и пристапноста на избирачките места за лицата со попреченост. Посетителите имаа можност да напишат пораки до надлежните институции, кои организаторите ќе им ги достават. Активноста е дел од проектот „Менторство во правосудството и младински ангажман за родова еднаквост“.

Македонското здружение на млади правници започна со менторирање на идни ментори во Академијата за судии и јавни обвинители. Програмата треба да придонесе за воспоставување родово сензитивен менторски пристап во правосудството, преку тематски сесии, анализа на реални и симулирани случаи и размена на искуства. Воедно, по повод 35-годишнината од Уставот, здружението организираше серија разговори по повод „Деновите на Уставот“. Младите правници разговараа со претседателката на РСМ, проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, која во 1991 година била надворешен член на Уставната комисија, и со професорот Љубомир Фрчкоски, еден од авторите на Уставот. Во фокусот беа уставните гаранции, еднаквоста, човековите права во дигиталното време и уставното образование.

На фестивалот учествуваше и здружението „Секогаш Соживот“, чиишто учеснички од обуката за шминкање ги претставија стекнатите практични вештини. Тие организираа и средби со жени и локални чинители во Ресен и Кривогаштани, на кои се разговараше за поголемо економско и општествено учество на жените. На средбата во Кривогаштани, одржана на 29 октомври, со градоначалникот Игор Каравиловски, општински претставници и жените од општината беа отворени прашања поврзани со вработувањето и самовработувањето, финансиската поддршка, грантовите, ИПАРД-програмата и предизвиците со кои се соочуваат жените во руралните средини. Активностите се спроведуваат како дел проектот „Гласот и учеството на жените и младите во: Креирање јавни политики и овозможувачка средина за граѓанско учество“, кој го спроведуваат Женската граѓанска иницијатива Антико, „Секогаш Соживот“ и ЗОК Адрион.

За правата и безбедноста на децата се разговараше и во основното училиште „Димитар Македонски“ во Аеродром. На 27 октомври, Првата детска амбасада во светот Меѓаши, во партнерство со Импетус – Центар за интернет, развој и добро владеење, одржа две работилници со ученици од осмо одделение. Преку разговор и практични примери, учениците учеа за своите права на интернет, заштитата на личните податоци и приватноста, како и за препознавањето ризиците и начините за барање помош. Активностите се дел од проектот „Безбеден интернет простор за деца и млади“.

Граѓаните добија можност и непосредно да пријавуваат проблеми од својата околина. Центарот за младински активизам КРИК ги претстави резултатите од анализата на алатката „Пријави проблем“, преку која граѓаните можат да укажат на локални проблеми. Анализата опфаќа 87 пријави и 53 одговори на анкета. Од пријавите, 31 се однесуваат на отпад во Скопскиот регион, а само петмина од анкетираните потврдиле дека проблемот што го пријавиле бил решен. Ниту еден од нив не бил директно контактиран од општината. Алатката беше претставена и на фестивалот „Ден на граѓанските организации“, каде што посетителите имаа можност да пријават проблеми. Активностите се дел од проектот „Заеднички за зелено застапување – ЗЗЗ“.

Преку проектот „Граѓанска мрежа за чист воздух во Југозападен регион“, на 15 октомври во Струга, претставниците на здружението „Натура“ – Струга го одржаа првиот јавен форум за квалитетот на воздухот. На форумот беа претставени податоци од сензорите на платформата Klimerko.org, поставени во Струга, Охрид, Вевчани, Дебар и Кичево. Во разговорот учествуваа претставници на општината, граѓани, наставници, ученици, активисти и граѓански организации. Проектот се спроведува во партнерство со Извидничкиот одред „Мирко Милески“ – Кичево.

Потребата од посилно локално спроведување на Зелената агенда беше во фокусот на регионалниот форум „Зелена агенда: од национални политики до локални економски можности“, одржан на 30 октомври во Скопје. На настанот, организиран од Центарот за климатски промени, претставници на институции, општини, плански региони и граѓански организации разговараа за поддршката, капацитетите, финансирањето и следењето на зелените политики, како и за можностите за зелени инвестиции и локални партнерства. Форумот беше завршен настан на тригодишниот проект „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда на локално ниво“, кој Центарот за климатски промени го спроведува со уште седум партнерски организации.

Како отпадот може да стане ресурс покажаа Центарот за ресурси во животната средина (РЕЦ), Еко Логик и Флорозон. На фестивалот тие изложија производи изработени од отпад и одржаа работилница за преработка и повторна употреба на биоотпад, со практични експерименти за добивање пектин и биодизел. На 27 октомври, во ООУ „Димо Хаџи Димов“, ученици и наставници демонстрираа како органскиот отпад од домаќинствата може да се искористи за потребите на училишниот двор. Активностите се дел од проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“.

Медиумската писменост и улогата на локалните медиуми беа теми на работилницата за средношколци и студенти од Гостивар и Полошкиот Регион што ја организираа Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Институтот РЕСИС. Младите разговараа за проверката на информациите, довербата во локалните медиуми и инфлуенсерите, лажните и штетни содржини и новинарските стандарди. Предложија и теми за кои сакаат да слушаат повеќе, меѓу кои проблемот со бездомните кучиња, сајбер-насилството и влијанието на социјалните мрежи. Работилницата е дел од проектот „Медиуми на заедницата за посилно граѓанско општество“.

Промени во законската рамка што ќе го олеснат донирањето и спонзорирањето во јавните дејности застапува Конект. По повеќе од 15 години работа на ова поле, во соработка со Министерството за правда, институциите, бизнис-секторот и граѓанските организации, организацијата предлага измени на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности. Предлозите се насочени кон поедноставување на постапките, намалување на административниот товар, поголема транспарентност и правна сигурност, како и дигитализација на процесите.

Колку од ветените владини мерки навистина се спроведуваат анализираа Фајнанс Тинк и партнерите, преку два нови документи (брифови) за јавни политики објавени како дел од проектот „Премостување на јазот помеѓу политичките ветувања и остварувања во четири развојни области“. Во документот за образованието се следат 38 мерки, од кои 12 се целосно исполнети, 22 се во тек, три не се исполнети, а за една нема доволно податоци. Анализата укажува дека реформите во високото образование, науката и предучилишното образование се забавени, меѓу другото и поради неприфатени законски решенија. Според, документот за младинските политики, 23 мерки, по две години се исполнети само четири, додека за седум нема доволно јавно достапни податоци. Особено заостануваат мерките за вработување на младите, дигиталниот пристап, практичната работа и локалната младинска инфраструктура.

Од локалните иницијативи и едукативните активности до анализите и предлозите за подобри политики, октомвриските активности покажуваат дека граѓанското учество има различни форми, но заедничка цел: проблемите да станат видливи, гласот на граѓаните да се слушне, а институциите да преземат одговорност.

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор