граѓански импулс (2)

Граѓански импулс #19 – месечен осврт на активностите на грантистите

јули 2026

Граѓанскиот активизам во јули покажа дека промената се гради и низ малите, секојдневни чекори. Медиумите на заедницата продолжија да добиваат нов простор низ регионите, додека новинарската професија доби нов етички компас. Животната средина остана во фокус на голем дел од грантистите, кои од караванот низ градовите до компостирањето во градинките ја покажаа циркуларната економија во пракса. Младите во Крушево експериментираа со вештачка интелигенција за да ги решаваат проблемите на своите заедници, а анализите за високото образование и родовата еднаквост укажаа на предизвиците што сè уште чекаат да се надминат. Во овој број на Граѓански импулс ги пренесуваме најзначајните активности на грантистите на Цивика мобилитас низ месецот.

Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС и Советот за етика во медиумите на Македонија организираа работилница во Куманово за петнаесетина млади, активисти и новинари од Североисточниот регион. Настанот е дел од проектот „Медиуми на заедницата за посилно граѓанско општество“, чија цел е иницијативата „Локал Актив“, да се прошири и во нови региони. Учесниците разговараа за професионалните и етичките стандарди во известувањето, а на крајот заедно разработуваа идеи од кои наскоро ќе произлезат нови стории на платформите на „Локал Актив“.

Од друга страна, а сепак во новинарскиот свет, Здружението на новинарите на Македонија, Македонскиот институт за медиуми и Советот за етика во медиумите на Македонија го промовираа новиот Кодекс на новинарите на Македонија, резултат на инклузивен, повеќефазен процес во рамки на проектот „Јакнење на етичките стандарди за поголема доверба во медиумите“. Кодексот ги допрецизира стандардите во повеќе области, меѓу кои употребата на вештачка интелигенција, проверката на информации, заштитата на ранливите категории и известувањето за самоубиства. Кодексот е достапен на веб-страниците на ЗНМ и МИМ во осум јазични верзии.

За животната средина овој јули се зборуваше на отворено, а Зелениот караван 2026 продолжи низ градовите со музика, смеа и едукативни содржини за граѓаните. Караванот застана во Неготино, каде вечерта помина во едукативни активности и разговори за одржливите навики, со модераторка Ана Зафирова, стенд-ап настап на Надица Петрова и музика од PEPPERMINT. Истиот формат го понесе и до Штип, каде на сцена излегоа и децата од ЈУДГ „Вера Циривири – Трена“ со еко-рецитал, како и учениците од СОУ „Димитар Мирасчиев“ со еко-модна презентација. Последна станица за јули беше Струмица, реализирана во соработка со Центарот за истражување и анализи НОВУС. Караванот е дел од проектот „ЗЗЗ – Заеднички за зелено застапување за заштита на животната средина“, што Центарот за младински активизам КРИК го спроведува заедно со Центарот за социјални иницијативи „Надеж“ и Здружението на социјални работници на Македонија.

И дали општокорисната работа за деца може да стане алатка за зелени промени? Тоа е прашањето од кое тргнува новата иницијатива на ЦМА КРИК, дел од истиот проект. Иако мерката е законски предвидена, таа сè уште ретко се применува во пракса. Затоа, организациите предлагаат таа да се пилотира како форма на зелена социјална работа, во општините Неготино, Демир Капија, Росоман и Кавадарци, каде наместо да се сведе на исполнување законска обврска, станува можност децата да се вклучат во уредување и одржување зелени површини, пошумување и еколошки акции.

Грижата за зелени навики кај најмладите продолжи и во градинките на Скопје. Со донаторска поддршка, преку проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведен од Центарот за ресурси во животната средина (РЕЦ), „Еко логик” и „Флорозон”, во јули беше донирана компостара во градинката „Орце Николов“ во општина Карпош. На настанот присуствуваше и градоначалникот на општината, кој изрази задоволство од иницијативата и ги посети дечињата во градинката. Компостерот ќе овозможи органскиот отпад во градинката соодветно да се селектира и компостира, а во процесот активно ќе бидат вклучени и децата, кои преку практични активности ќе учат како тој се претвора во природно ѓубриво. Организациите подготвија и ново промотивно видео кое ја истакнува важноста на селекцијата на органскиот отпад, во чија продукција учествуваа експерти, наставници и ученици од основните училишта.

Циркуларната економија се најде во фокусот и на регионално ниво. Зелен институт, во партнерство со Националното здружение на сопственици на приватни шуми, во јули одржа два регионални форуми во рамки на проектот „Нула биоотпад: системски промени во партнерство со граѓаните“. На форумот во Куманово на 2 јули беа презентирани резултати според кои Североисточниот регион годишно создава над 40.000 тони биоотпад, а четири дена подоцна, на форумот во Берово, беше претставено истражување за Источниот плански регион, каде количината на биоотпад надминува 86.000 тони годишно. Учесниците на двата форуми се согласија дека потребна е посилна институционална поддршка и заедничка акција за воспоставување одржлив систем за управување со биоотпадот.

Пошироката слика за зелената транзиција ја обликуваше и Центарот за климатски промени, кој се фокусираше на темите за состојбата во земјава, од нееднаквата подготвеност на општините за справување со климатските промени, преку институционалните и системските пречки во спроведувањето на политиките, до фактот дека декарбонизацијата всушност почнува од секојдневните локални одлуки. Заедничката порака е дека вистинската зелена транзиција бара стабилни институции, координација и вклученост на сите чинители. Активностите се дел од проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда на локално ниво“, што Центарот за климатски промени го спроведува заедно со уште седум партнери.

Додека возрасните трагаа по системски решенија за животната средина, младите во Крушево ги бараа сопствените решенија со помош на технологијата. Од 6 до 8 јули, 45 млади од Крушево, Куманово и Тетово учествуваа на AI Идеатонот „Мојот глас во мојот град“, каде препознаваа предизвици со кои се соочуваат младите во нивните локални заедници и развиваа креативни решенија со поддршка на вештачка интелигенција. Резултат од идеатонот се локални младински мапи со потреби, приоритети и предлози за секоја општина, кои учесниците ги претставија преку кратки презентации на нивните идеи. Проектот го спроведуваат Младински Сојуз Крушево, ИРЗ Македонија и Центарот за интеркултурен дијалог.

Прашањето каде треба да води образованието на младите остана отворено и на аналитичко ниво. Прилагодувањето на универзитетските програми кон потребите на пазарот на трудот останува еден од главните предизвици на високото образование, покажува новата анализа на БИРС, Форумот за разумни политики и ИОХНС. Според деканката на Факултетот за бизнис и економија при УЈИЕ, Блерта Абази, проблемот е структурен, бидејќи универзитетите се менуваат со години, додека пазарот на трудот бара нови вештини за неколку месеци. Според последните податоци, над 8.000 лица со високо образование во земјава бараат работа, додека работодавачите пријавуваат недостиг од практични и технички вештини. Истата тема ја продлабочува и документарниот филм „Универзитет без граници или без иднина? Реформите што доцнат“, во кој поранешни министри, ректори и експерти истражуваат зошто клучните реформи од Болоњскиот процес сè уште се недовршени. И анализата и документарецот се изработени во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“.

Формалното постоење на права и институции сè уште не значи и ефективна заштита, покажува новиот документ за јавни политики на Хелсиншкиот комитет за човекови права. И покрај релативно развиената законска рамка, жените од маргинализираните заедници, меѓу кои жени од рурални средини, припаднички на ЛГБТИ заедницата, жени кои употребуваат дроги, сексуални работнички, осуденички и бездомнички, и понатаму се соочуваат со повеќекратна и интерсекциска дискриминација, економска зависност и недоверба во институциите. Документот е изработен во рамки на проектот „Еднаквост сега – Зајакнување на маргинализираните заедници за социјална инклузија и недискриминација“, кој ХКЧП го спроведува заедно со ХОПС – Опции за здрав живот и Коалиција Маргини.

Бројките ја потврдуваат истата слика. Според најновиот инфографик, за периодот од 1 април до 31 мај 2026 година, пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се поднесени 61 претставка за дискриминација, од кои 22 се поднесени од жени. Воедно, ХКЧП ја објави и анализата за спроведувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација во периодот 2023-2026, која покажува дека нема позитивни измени во законската рамка. Напротив, измените на Законот за основно образование ги уназадија одредбите за заштита од дискриминација. Анализата посебно се осврнува на изборот на членовите на Комисијата, процес за кој граѓанските организации континуирано укажуваат дека резултира со кандидати избрани по партиски клуч, наместо според законските критериуми.

Одговорноста на институциите кон граѓаните ја мереше и „Фајнанс тинк“ (Finance Think). Најновиот Бриф за политики бр. 80 покажува мешана слика. Клучните макроекономски показатели се движат во релативно поволна насока, но има потфрлања кај ветувањата кои директно влијаат врз животниот стандард на граѓаните. На половина од мандатот, само 11% од ветувањата се целосно исполнети, а анализата покажува дека Владата постигнува поголем напредок кај макроекономската стабилност, отколку кај ветувањата што бараат подлабоки структурни реформи. Брифот е изработен во рамки на проектот „Премостување на јазот помеѓу политичките ветувања и остварувања во четири развојни области“.

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје информираше за напредокот на проектот „Локалните инспектори под лупа: Унапредување на законитоста и одговорноста на локалната инспекција“, кој заедно со Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при УКИМ го спроведуваат од почетокот на годината. Досега се прибрани над 1.500 податоци од 95% од општините во земјава и се анализирани над 50 правни акти. Во наредниот период следуваат четири аналитички документи, јавен настан на кој ќе бидат претставени клучните наоди и препораки, како и обука за новинари за користење на податоците за истражувачко новинарство.

Од медиумите на заедницата до компостарите во градинките, од идеите на младите до анализите за образованието и правдата, јулските активности на грантистите на Цивика мобилитас потврдуваат дека граѓанскиот сектор останува жив и активен и во летните месеци, секогаш на страната на граѓаните и нивните секојдневни потреби.

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор