„Убавка Јаневска и Весна Коловска се добитнички на наградата „Илија Жупаноски“ од Метаморфозис“ – Мета.мк
Сторијата со наслов „Конти со кинески врски под британски превез ги однесе заштедите на македонските граѓани“ на Убавка Јаневска и Весна Ковска ја освои првата награда, додека втората награда им беше доделена на Игор Стојанов и Тони Михаилов за проектот „Украден идентитет: Како со вештачка интелигенција се злoупотреби името на доктор Никола Пановски?“
Убавка Јаневска и Весна Коловска се добитнички на наградата „Илија Жупаноски“ за Најдобар новинарски труд, односно стручен труд подготвен од граѓански организации и поединци, што Фондацијата Метаморфозис по втор пат ја додели на конференцијата е-Општество.мк. Нивниот труд „Конти со кинески врски под британски превез ги однесе заштедите на македонските граѓани“ ја освои наградата во вредност од 2.000 евра во денарска противвредност.
Наградата за едукативна мултимедијална содржина подготвена за млади од 18 до 28 години, во вредност од 1.000 евра во денарска противвредност, им беше доделена на Игор Стојанов и Тони Михаилов за проектот „Украден идентитет: Како со вештачка интелигенција се злупотреби името на доктор Никола Пановски?“.
Убавка Јаневска, која инаку доаѓа од Велес, им се заблагодари на членовите на Комисијата и на Фондацијата Метаморфозис која е една од ретките организации која ја препознава работата на новинарите од внатрешноста од државата.
„Темата на наградената истражувачка сторија е всушност приказна градена токму на разобличување на дезинформации поврзани со пирамидата Конти и влегувањето на илјадници граѓани не само од Велес, туку и од Неготино, Штип, Радовиш и Скопје кои што ги откривме во повеќе Телеграм групи, од кои една само имаше повеќе од 14.200 членови“, рече Јаневска.
Како што додаде таа, всушност станувало збор за игра и поголемиот дел од граѓаните биле во заблуда дека учествуваат во билдање на рејтинг на холивудска филмска продукција, а биле дел од пирамида во која само првите стануваат добитници а останатите ги губат своите пари.
„Истражувањето не однесе преку Словенија во Велика Британија каде Конти имаше објавено дека е нивното седиште, па и до луѓето во Кина, Обединетите Арапски Емирати и Камбоџа кои стоеа зад компанијата“, рече Јаневска.
Таа потоа зборуваше за самиот Илија Жупаноски, за кого рече дека го запознала како успешен младински активист на Младинскиот образовен форум (МОФ) кој беспрекорно добро ја извршуваше функцијата директор на МОФ.
„Се сеќавам на сите средби што ги имавме, но сакам да кажам дека ми претставува особена чест што еве сум една од добитничките на оваа награда и посакувам таа да продолжи да се доделува и името на Илија Жупаноски да влезе во многу домови на новинари во нашата држава“, рече Јаневска.

Игор Стојанов од Гоце.мк исто така изрази благодарност до Метаморфозис, додавајќи оти му е чест што ја добива оваа награда.
„Со оглед на тоа дека Гоце.мк е портал за млади, ова е една сторија од која произлегоа 25 продукти, кратки видеа, карусели, инфографици, па и водич за безбедноста на интернет. Ние двајца сами не можеме толку да направиме, тоа е дело на целиот тим на Гоце.мк, благодарност до сите“, рече Стојанов. Тој додаде дека сторијата за Д-р. Пановски е исклучително значајна затоа што станува збор за човековото здравје и ваквите манипулации можат драстично да влијаат на животот на граѓаните.
Елида Зилбеари, проектен менаџер во Фондацијата Метаморфозис, истакна дека наградите се посветени на оние кои секојдневно работат на разобличување на манипулациите и ширење точни информации.
„Ова се луѓето кои остануваат верни на вистината кога општествените принципи се доведуваат во прашање од различни актери кои не и мислат добро на нашата земја. Во име на Комисијата, составена од еминентни професионалци од медиумската и јавната сфера: Катерина Блажевска, Дејан Донев, Арта Тахири, Билјана Георгиевска и Петрит Сарачини, како и во име на Фондацијата Метаморфозис, сакам да им се заблагодарам на сите кои аплицираа на конкурсот. Нивната работа им го дава на граѓаните неотуѓивото право да бидат информирани правилно, јасно и точно, неопходна потреба во време кога информациската несигурност цели да го замени разумот“, изјави Зилбеари.

Наградата се доделува на новинари, граѓански организации и поединци кои придонесуваат во справувањето со дезинформациите во земјата, односно се посветени на оваа исклучително важна мисија. За доделување на наградите одлучуваше независна омисијата, составена од еминетни лица од медиумската и јавната сфера.
На второрангираните кандидати во двете категории, Боби Бадаревски и Мартина Лозаноска Најдовска, како и Здружение за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска Скопје им беа доделени признанија за посебен придонес. Тие се однесуваа на креираните чет-ботови и прирачник од кои младите добиваат директна, брза и интерактивна поддршка за препознавање и спротивставување на дезинформации, што ја јакне нивната дигитална писменост, критичко размислување и способност да бидат отпорни на манипулации.
„Во услови кога во земјата сериозно недостасува широка национална сратегија за јакнење на отпорноста на целото општство од манипулативни злонамерни содржини што се шират со голема брзина и се впиваат како сунѓер, останува да се поддржуваме и да се помагаме ние во граѓанскиот сектор и да се држиме како чадор се додека изградиме покрив кој ќе не заштитува од дезинформациите“, рече членката на комисијата, Билјана Ѓорѓиевска, извршна директорка на Советот за етика во медиумите.
Наградата го носи името на Илија Жупаноски, активист од граѓанскиот сектор кој значаен дел од својот живот го посвети на борбата против дезинформациите и хибридните закани врз демократијата.
Жупаноски посвети значаен дел од својот живот во согледување на ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија. Тој беше општествен активист за демократија и владин советник за дигитални комуникации и борец против хибридните и сајбер напади врз демократиите на национално и меѓународно ниво. Иако, за жал, нè напушти прерано, неговата неуморна работа остави неизбришлив белег во општеството, a неговите заложби ќе живеат преку сите нас, кои продолжуваме да се бориме против дезинформациите во одбрана на вистината, односно да градиме општество во кое слободата на говорот е неприкосновена.
Линк до оргиналниот текст: Убавка Јаневска и Весна Коловска се добитнички на наградата „Илија Жупаноски“ од Метаморфозис – Meta.mk
The post „Убавка Јаневска и Весна Коловска се добитнички на наградата „Илија Жупаноски“ од Метаморфозис“ – Мета.мк first appeared on Metamorphosis.
Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Фондација Метаморфозис







![[Aggregator] Downloaded image for imported item #42643](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2025/12/chovekovite-prava-se-nasha-sekojdnevna-neophodnost-640-x-418-px.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #42640](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2025/12/magazin-768x555.png)