6e39a1bf 5b2e 4841 b29f a6b921d95a4b
|

Социјалната правда не се слави, таа се создава!

Денот на социјалната правда не е датум што треба само формално да се одбележи. Тој треба да не потсети дека правдата не е апстрактен поим, туку конкретна реалност што директно влијае врз животот на луѓето: врз нивната плата, сигурност, достоинство и иднина.

За нас од „Гласен текстилец“, социјалната правда не е декларација, туку секојдневна борба. Таа е во телефонските повици од работнички кои останале без работа преку ноќ. Таа е во неисплатените плати за стотици работници кога работодавачот ќе одлучи да ја затвори фирмата и замине од државата. Таа е во договорите на определено време што се продолжуваат со години без сигурност. Таа е во стравот на луѓето да пријават неправда затоа што се плашат дека ќе останат без егзистенција.

Во општество како нашето, каде економската несигурност е висока, а институционалната заштита често бавна и не загарантирана, социјалната правда станува прашање на опстанок. Работничките права не се луксуз. Тие се основа за достоинствен живот.

Во изминатите години, „Гласен текстилец“ работи директно со работници, најчесто жени, кои се соочуваат со несигурни форми на вработување, злоупотреба на договори на определено време, непродолжен договор поради бременост или боледување за болно дете, неисплатени неколку плати или мобинг.

Преку бесплатна правна помош, советување и јавна застапеност, се обидуваме да ја вратиме рамнотежата таму каде што таа е нарушена. Но секој поединечен случај е само симптом на поширок проблем, систем што премногу лесно дозволува ранливите категории да останат без заштита и правда.

Социјалната правда значи систем што функционира. Значи институции што не реагираат само по притисок, туку по закон и совест. Значи политики што ги земаат предвид реалните потреби на граѓаните, а не само статистиката.

Родова димензија на неправдата

Не можеме да зборуваме за социјална правда без да зборуваме за родова еднаквост. Жените во нашата земја почесто се вработени во пониско платени сектори, почесто работат во несигурни услови и почесто го носат товарот на неплатената грижа во домот.

Кога една жена ќе остане без работа, тоа ретко е само индивидуален проблем. Тоа влијае врз цело семејство. Кога договорите се несигурни, кога нема стабилност, кога системот не нуди предвидливост, тоа ја продлабочува економската зависност и нееднаквоста. Затоа и ќе слушаме за насилства во домот бидејќи жените се оние кои немаат избор за да ја напуштат насилната средина. Баш поради економската зависност од мажот.

Зошто родово одговорно буџетирање?

Буџетот не е само табела со бројки. Тој е огледало на приоритетите. Тој покажува што навистина вреднува една локална власт и кого става во центарот на своите политики. Затоа и го спроведуваме проектот „Преку женски активизам и иницијативи до родово-инклузивни и одговорни општини“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Во изминатите две години активно работиме на родово одговорно буџетирање во Источниот регион – во Штип, Виница и Делчево, а како здружение го спроведуваме проектот во Делчево.

Делчево е град кој многумина го нарекуваат „заборавен“. Град во кој, ако разговарате со луѓето, ќе слушнете дека нема доволно работа, дека младите заминуваат, дека цели семејства се иселуваат. Многумина одат на печалба со месеци во Италија и Швајцарија, а оние што остануваат се соочуваат со економска несигурност и чувство на исклученост од носење на одлуки.

Овие две години слушнавме и нешто што не смее да биде реалност во 21 век – дека сè уште има домаќинства без пристап до вода, дека нема соодветен превоз до другите градови и дека основните услуги не се еднакво достапни за сите. Овие прашања не се само инфраструктурни проблеми, туку прашања на достоинство, еднаквост и правичност.

Кога зборуваме за родово одговорно буџетирање, зборуваме за суштински прашања:
Дали локалниот буџет ги препознава специфичните потреби на жените?
Дали постојат програми за економско јакнење на жените?
Дали се инвестира во услуги што ќе ја намалат нееднаквата распределба на грижата?
Дали жените се вклучени и дали нивниот глас се слуша кога се утврдуваат приоритетите?
Дали јавните средства придонесуваат за намалување или за продлабочување на разликите?

Во Делчево работиме на анализа, дијалог и подигање на свеста, и кај институциите и кај граѓаните. Нашата цел не е конфронтација, туку одговорност. Не е критика по секоја цена, туку подобрување на процесите. Да дадеме пример дека жените и од градот и од селата, треба да бидат креатори на промени, активно вклучени во процесите на одлучување, да поставуваат прашања и да бараат отчет.

Со новата локална власт започнавме соработка и беше потпишан Меморандум за соработка, што ни дава надеж дека проблемите кои со години се таложеле, а кои се капитални и суштински за квалитетот на животот, конечно ќе бидат системски разгледани. Овие прашања директно влијаат врз родово одговорното, транспарентно и инклузивно креирање на буџетот.

Веруваме дека преку оваа соработка ќе се создадат услови за вистинска вклученост на граѓаните, особено на жените и ранливите категории, во процесите на носење одлуки, и дека во идниот период овие наталожени проблеми ќе почнат да се решаваат на одговорен и одржлив начин. Затоа што ако буџетот не е праведен, ни политиките не можат да бидат праведни.

Од индивидуална борба до системска промена

Социјалната правда не се постигнува само со еден добиен случај. Таа се гради со промена на правилата. Со транспарентност. Со вклучување на граѓаните во креирањето на политики.

Нашата работа во „Гласен текстилец“ покажува дека луѓето сакаат да веруваат во системот, но тој мора да им даде причина за тоа. Кога институциите постапуваат, довербата расте. Кога молчат, неправдата станува норма.

Денот на социјалната правда треба да биде потсетник дека оваа борба не е завршена. Напротив, таа бара постојана будност, солидарност и храброст.

Социјалната правда не е нешто што ни се дава. Таа се создава, со работа на терен, со поддршка на најранливите, со анализа на јавните политики и со гласно укажување на неправдите.

Затоа што правдата не смее да биде привилегија. Таа мора да биде право, за секој работник, за секоја жена, за секоја заедница.

И додека постојат луѓе што се борат за тоа, постои надеж дека системот може и мора да биде подобар.

Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската Влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.

Продолжи со читање

  • Насилството врз децата не почнува кога ќе стане вест, а превенцијата не треба да започне откако насилството ќе стане вест

    Зад секоја вест за насилство врз дете, стојат дете со нарушено чувство на сигурност, семејство кое живее во страв и неизвесност; и заедница што треба да се запраша дали можела да стори нешто порано. Но, не секое насилство станува вест. Некои деца молчат од страв […]
    The post Насилството врз децата не почнува кога ќе стане вест, а превенцијата не треба да започне откако насилството ќе стане вест appeared first on Myla.

  • Eco Social Voices претставен на YCDF Skopje Local Point: Младите како двигатели на климатските промени

    Климатската акција започнува со младите, нивните идеи и можноста активно да учествуваат во создавањето промени. Во Europe House во Скопје, Еко Логик, во партнерство со Youth Climate Diplomacy Forum (YCDF), го претстави проектот Eco Social Voices на презентацискиот настан посветен на YCDF Skopje Local Point. Настанот беше можност за запознавање со целите, визијата и активностите […]

  • Новинарите ги декодираат институциите на ЕУ, acquis и политиките за проширување

    На 16 и 17 октомври 2026 година, Институтот за европска политика (ЕПИ) го организираше првиот модул за обука во рамките на проектот „Decode the EU – Communicating EU policies together“ во Струмица. Дводневната работилница собра 10 новинари од различни медиуми, со цел да се зајакне аналитичкото известување засновано на докази за процесот на пристапување на […]
    The post Новинарите ги декодираат институциите на ЕУ, acquis и политиките за проширување appeared first on EPI.

  • Извидниците од Велес волонтерски работеа на санирање на конференциската сала во ИЦО – Охрид

    Членовите на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ – Велес, Валентин Јанкуловски, Благој Јорданов и Владимир Ивановски-Вуцо во периодот од 16 до 18 октомври 2026 год. во извидничкиот центар “Охрид“ во Охрид работена на санирање на Конференциската сала на ИЦО – Охрид. Со превземените активности од страна на нашите одредски членови ја…

  • Меморандум за разбирање со Британската бизнис-асоцијација

    Силните економии се градат врз силни партнерства. Finance Think и British Business Association in North Macedonia – Британската бизнис-асоцијација во Северна Македонија вчера потпишаа Меморандум за разбирање, поставувајќи основа за поблиска соработка за прашања важни за бизнис-секторот, носителите на политики и општеството. Партнерството ја поврзува широката деловна мрежа на Британската бизнис-асоцијација со економските истражувања и […]
    The post Меморандум за разбирање со Британската бизнис-асоцијација first appeared on Finance Think.
    The post Меморандум за разбирање со Британската бизнис-асоцијација appeared first on Finance Think.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор