граѓански импулс (5)
|

Граѓански импулс #13 – месечен осврт на активностите на грантистите

јануари 2026

Првиот месец од 2026 година за граѓанските организации, актуелни грантисти на Цивика мобилитас, беше период исполнет со активности низ различни области – од зајакнување на институционалната соработка за заштита на животната средина, преку транспарентност и борба против корупцијата, до поддршка на жените и младите во нивниот личен и професионален развој.

Јануари започна со важни чекори кон подобрување на квалитетот на воздухот во Југозападниот регион. Здружението на еколози „Натура” од Струга потпиша меморандуми за соработка со општините Дебар и Струга, отворајќи простор за структурирана соработка помеѓу граѓанскиот сектор и локалните институции. Преку регионалниот проект „Граѓанска мрежа за чист воздух во Југозападниот регион”, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, ќе биде воспоставен Регионален граѓански совет за воздух како платформа за редовен дијалог помеѓу општините, граѓаните и организациите на граѓанското општество, а планирано е и инсталирање на 30 инструменти за мерење на квалитетот на воздухот во пет општини од регионот.

Паралелно, грижата за животната средина продолжи и преку едукацијата за правилно постапување со органскиот отпад. Центар за ресурси во животната средина (РЕЦ) продолжи со кампањата за подигање на јавната свест за придобивките од искористувањето на потенцијалот на био отпадот, нудејќи практични совети за граѓаните како секојдневно да придонесат кон поздрава животна средина.

На сличен начин, и социјалната инклузија се поврза со еколошката свест преку проектот „ЗЗЗ – Заеднички за зелено застапување за заштита на животната средина”. Здружението на социјални работници на Македонија – ЗСРМ и Центарот за социјални иницијативи остварија средба со градоначалничката на општина Неготино, Марија Нацева. Средбата резултираше со потпишување меморандум за соработка и отворање можности за заеднички зелени иницијативи што ќе придонесат кон поздрава животна средина и поодржлив локален развој.

Додека еколошките иницијативи го обликуваа почетокот на годината, младите исто така беа активни учесници во процесите на учење и развој. Од 16 до 18 јануари преку проектот „Учиме за климатските промени”, Извидничкиот одред „Крсте Јон Струга“ и партнерските организации организираа зимување во село Вишни во Струга. Извидниците полагаа завет, се запознаа со Морзеовата азбука, основите на прва помош и палење оган, учествувајќи во бројни игри и активности што ги развиваа вештините за тимска работа и одговорност.

Младинското учество доби конкретен простор и во Прилеп, каде што беше отворена Музичката соба за млади таленти, иницијатива произлезена од проектот „Младински политики по мерка на младите”. Овој простор, создаден како резултат на активна вклученост на младите, ќе им биде на располагање на младите музичари за вежбање, креативно изразување и развој на талентот. Отворањето беше обележано со настапи на млади музички бендови, симболично означувајќи почеток на новата приказна за младинската музичка сцена во Прилеп.

Додека младите креираа своја иднина преку музика и акција, на национално ниво се отворија важни прашања за транспарентноста и борбата против корупцијата. На тематскиот форум за користење на податоците за вистинските сопственици, организиран од Центарот за граѓански комуникации, беше презентиран импресивен податок – Регистарот функционира веќе пет години, а досега повеќе од 3.000 фирми што добиле тендери ги обелодениле своите вистински сопственици на Електронскиот систем за јавни набавки (според последните податоци од Државниот завод за статистика, во 2023 години активни биле повеќе од 72. 000 претпријатија). Швајцарскиот амбасадор Кристоф Сомер ја истакна улогата на граѓанските организации и истражувачките новинари во откривањето на корупцијата, нагласувајќи дека пристапот до навремени и целосни податоци за вистинските сопственици е клучен за успешна борба против корупцијата.

Паралелно, дигитализацијата се покажа како моќна алатка за зајакнување на граѓанското учество и транспарентноста. Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис” во партнерство со Рурална коалиција и Центар за социјални иновации Блинк 42-2 продолжи со менторска поддршка на 10 различни општини од сите осум плански региони. Преку проектот „Дигитална трансформација на локално ниво – Вклучена заедница за отпорност на корупција”, општините добија поддршка за спроведување на мЗаедница, платформа која овозможува онлајн вклучување на граѓаните во сите консултативни процеси.

Јануари беше месец на конкретни постигнувања и за жените кои преку различни проекти ги зајакнуваа своите вештини и можности за економска самостојност. На крајот од месецот, Антико и партнерските организации „Секогаш соживот” и „Адрион” свечено доделија сертификати на учесничките кои успешно го завршија курсот за шминкање. Курсот, реализиран преку проектот „Гласот и учеството на жените и младите во: Креирање јавни политики и овозможувачка средина за граѓанско учество”, придонесе кон јакнење на вештините и можностите за личен и професионален развој на жените, како и поттик за нивно активно вклучување на пазарот на трудот.

Додека конкретните вештини ги оспособуваа жените за економска самостојност, на поширок план се водеше и битка против предрасудите и дискриминацијата. ХОПС – Опции за здрав живот, во партнерство со Коалиција Маргини и Хелсиншкиот комитет за човекови права, ја реализираше кампањата „Еднаквост сега – зајакнување на маргинализираните заедници за социјална инклузија и недискриминација”. Кампањата ја носи пораката дека сите вредиме исто и дека идентитетот на еднаквоста е ист за секоја жена. Преку директна работа на терен, информирање, едукација и јавно застапување, кампањата ги охрабрува жените да ги препознаат своите права и да побараат заштита, потенцирајќи дека еднаквоста не смее да биде привилегија за некои, таа мора да биде реалност за сите.

Овие активности се само дел од мозаикот на граѓанскиот активизам кој секојдневно ја обликува нашата заедница.

Продолжи со читање

  • Средба со раководителката на секторот за Источна Европа на СДЦ

    Тимот на Цивика мобилитас на 5 март се сретна со Северин Доне-Декарт (Séverine Donnet-Descartes), раководителката на секторот за Источна Европа во Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Таа се интересираше за предизвиците во граѓанското општество, како и за можностите што програмата ги нуди за граѓанските организации во земјата. Александар…

  • Швајцарскиот амбасадор Зомер во посета на семејствата од Кочани и граѓанските иницијативи

    Повеќе од десет родители и членови на семејствата погодени од трагедијата во дискотеката во Кочани се сретнаа со швајцарскиот амбасадор во земјава, Н.Е. Кристоф Зомер. На средбата со нивното здружение – Здружение на граѓани „16-ти Март 2025“ учествуваа ипретставници од Амбасадата на Швајцарија и тимот на Цивика мобилитас. Истиот ден,…

  • Социјалната правда не се слави, таа се создава!

    Денот на социјалната правда не е датум што треба само формално да се одбележи. Тој треба да не потсети дека правдата не е апстрактен поим, туку конкретна реалност што директно влијае врз животот на луѓето: врз нивната плата, сигурност, достоинство и иднина. За нас од „Гласен текстилец“, социјалната правда не…

  • Јавниот интерес пред скриената сопственост

    Во светот долго време се знаеше за постоењето на т.н. „шел“ или празни компании кои без познат сопственик и без вработени си префрлаа меѓу себе огромни суми пари за фиктивни услуги, за да се затскрие трагата на овие пари кои најчесто потекнуваа од црни и неоданочени бизниси. Но по откритијата…

  • Граѓанските организации дискутираа за како подобро да ги промовираат своите постигнувања

    Комуникациите и видливоста на Цивика мобилитас и на граѓанските организации беа тема на работилницата што се одржа на 11 февруари 2026 година во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар. Вкупно 21 претставник од 20 граѓански организации, актуелни добитници на партнерски грантови (ЦМ-ПГ-2), дискутираа за комуникациските предизвици и како полесно да ги…

  • Граѓанското учество е право и одговорност на сите

    Во фокусот на овој број на Граѓаните за промена е граѓанското учество. Тема која граѓанските организации и во овој квартал не само што ја дискутираа туку и ја практикуваа. Колегите од ПроЛокал, од Битола, тоа го правеа на регионално и на локално ниво, во цела Пелагонија. Заедно со партнерите од…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор