Цивика мобилитас го објави осмиот број од списанието „Граѓаните за промена“ кој во фокусот ја има овозможувачката околина и важните промени кои му се случуваат на граѓанскто опшество на ова поле во нашата земја.

Овој број на магазинот носи интересни содржини инспирирани од работата на 28 граѓански организации. Опфативме широк спектар на теми и активности кои се спроведувале во сите краеви на државата во првиот квартал од годината.

Пишуваме за Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор осврнувајќи се на неговата работа и потребата од поголема проактивност од сите организации. Од здружението Конект ги пренесуваме информациите за значењето на регулативата за спречување финансирање тероризам и перење пари, а може да прочитате и за тоа како течеа консултациите за новите насоки на ЕУ за граѓанско општество во рамки на проектот ТАКСО 3.

Го следиме граѓанскиот ангажман и рушиме предрасуди за лицата со попреченост преку кампањата на „Македонскиот институт за медиуми“. Со еколошкото друштво „Здравец 2002“ се бориме против еко катастрофата на Каменичка Река споделувајќи ги последните анализи за нивото на загаденост. „Маршот за женски права“ пак ни овозможи уникатно искуство, да зборуваме со средношколките Анастасија и Леа волонтерки на „Хера“ кои храбро, за прв пат во животот беа дел од оваа иницијатива.  

На темата граѓанско учество, го презентираме успехот на кампањата„Разбистри се!“ кога со притисокот од граѓанските организациибеа повлечени измените на Законот за минерални суровини. Дигитализацијата на институциите и дигиталната писменост во нашата земја и регионот се разговараше на настанот на Фондацијата Метаморфозис, а пренесуваме интересни заклучоци и од трибината на здружението Нов контакт посветена на управување со информации во реално време. Рурална Коалиција го отвори локалниот центар за поддршка на е-владеење и стана трета организација во државава и една од 15-те во регионот кој ќе раководи ваков центар. Се осврнуваме и на новиот состав на Интер-партиската парламентарна група (ИППЛГ) за правата на лицата со хендикеп чиј секретаријат е Полио плус-движење против хендикеп, а ги пренесуваме и двете анализи на Институтот за демократија „Социетас Цивилис” – Скопје (ИДСЦС) за евроскептицизмот на младите.

Од соработката на Центарот за граѓански комуникации, „Конект“ и Здружението на даночни советници произлезе конференцијата „Бизнис без корупција“ со порака институциите да покажат дисциплина, a граѓаните да знаат како им се трошат парите. Ги презентираме и резултатите од родовата анализа на лидерските позиции направена во 17 општини во РС Македонија од која произлегува заклучокот деке локалните избори се можност за поголема родова еднаквост на лидерските позиции. Анализата е резултат на соработката помеѓу Центарот за истражување и креирање политики, РАЖМ „Лулуди“, Новинари за човекови права, Руралната Коалиција и Ехо.

„Зелената агенда за Западен Балкан како поттик за заштита на водите во Северна Македонија“ и вмрежувањето на граѓанското општество во Западен Балкан и Турција се дел од настаните презентирани во магазинот.

„Граѓаните за промена“ прославува два јубилеи, десет години успешна приказна за Институтот за европска политика и Банка за храна Македонија.

Најновиот број на магазинот можете да го прочитате на македонски, албански и англиски јазик.

„Граѓаните за промена“ е списание за граѓанското општество и на граѓанското општество. Бидете дел од него, испратете ни информации за Вашите активности и резултати.

Пишувајте, читајте и споделувајте за посилен граѓански сектор.

194925453_3530981747127622_5521820530832569454_n