Viber image 2026 04 08 14 51 46

Меѓународниот ден на Ромите низ призмата на граѓанското општество

Меѓународниот ден на Ромите е уште една можност за проверка на напредокот на општеството за предизвиците со кои се соочуваат нашите сограѓани, но исто така и е и можност да го препознаеме придонесот на сите оние што секојдневно работат на нивно надминување.

Во тој процес, граѓанските организации имаат клучна улога. Тие се мост помеѓу заедницата и институциите, обезбедувајќи информации, поддршка, застапување и конкретни услуги таму каде што системот често е недоволно достапен. Преку теренска работа, едукација, психосоцијална и правна поддршка, придружба до институции, економско зајакнување, застапување, истражувања и јавни кампањи, тие придонесуваат за подобрување на пристапот до права и услуги, за намалување на дискриминацијата и за поголема вклученост на Ромите во општествениот живот. Или како што вели Самет Скендери од организацијата ИнСок „граѓанските организации секогаш ја носат тежината на секојдневните предизвици на ромската заедница, но истовремено ја носат и светлината на надежта“.

Изминатите години покажаа дека поддршката на ромските граѓански организации носи конкретни резултати.

„Ромските граѓански организации, вклучително и нашето здружение, имаат постигнато значајни резултати на терен, меѓу кои се зголемена информираност кај повеќе од 1200 Ромки за сексуално и репродуктивно здравје, поддршка во стотици случаи за остварување на социјални и семејни права, работа на случаи на дискриминација со обезбедена придружба до институции, како и поддршка при пристап до здравствени услуги и реагирање на неправилности, вклучително и незаконска наплата“, истакнуваат соработниците од Здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари.

Според нив, значајни се и иницијативите за психосоцијална поддршка, како и напорите за создавање безбедни простори за жртвите на родово базирано и семејно насилство. Таков е примерот со отворањето и работата на центарот „ИСИ АРКА“ во Шуто Оризари, кој обезбедува психо-социјална поддршка за жртви на родово базирано и семејно насилство, а преку јавни кампањи и акции се подигнува свеста за еднаков пристап до здравствена заштита и се поттикнуваат институционални промени.

Но зад овие постигнувања не стојат само бројки. Стојат човечки приказни – за жени кои добиле поддршка да ги остварат своите права, за семејства кои полесно се снаоѓаат низ институционалниот систем, за млади кои добиле поголема шанса за образование, за граѓани кои почувствувале дека не се сами во борбата за достоинствен живот. Токму затоа граѓанските организации не се само спроведувачи на активности, туку и носители на надеж, доверба и промена.

„Во дадениот општествен процес, особено значајна е континуираната поддршка од програмата Цивика мобилитас, која низ годините обезбедува финансиска и институционална поддршка за ромските граѓански организации од различни региони во земјата. Преку грантови, обуки и менторска поддршка, Цивика мобилитас овозможува овие организации да ги зајакнат своите капацитети, да развиваат одржливи иницијативи и да станат влијателни актери во креирањето јавни политики“, вели Скендери од ИнСок. Тој додаде дека „благодарение на оваа поддршка, многу ромски организации успеаја да реализираат проекти во областа на образованието, домувањето, здравството и борбата против дискриминацијата, со што се постигнуваат трајни резултати за заедницата“.

Бројките го потврдуваат тоа. Преку Цивика мобилитас досега се поддржани вкупно 21 проект директно поврзан со ромските заедници и ромските граѓански организации, со вкупен буџет од речиси 19 милиони денари односно околу 309.000 евра.

Но оваа посветеност не започнува со Цивика мобилитас. Уште од самите почетоци на основањето Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС, или уште од 1995 година, се реализирала првата програма насоченa кон поддршка на Ромите – „Јакнење на Ромите“. Три децении подоцна, тој ангажман прерасна во долга институционална поврзаност. Така до денес, МЦМС поддржал вкупно 119 проекти насочени кон подобрување и поддршка на животот на Ромите во Македонија.

Сепак, предизвиците остануваат сериозни. Ромската заедница и понатаму се соочува со сиромаштија, невработеност, дискриминација, ограничен пристап до квалитетно здравство, образование и социјална заштита. Потребно е понатамошно системско унапредување на положбата на Ромите, зајакнување на механизмите за заштита од дискриминација и насилство, поголема институционална одговорност и поголема достапност на услугите.

Затоа, на 8 Април, покрај признанието за ромската заедница, треба да се оддаде признание и на граѓанските организации кои секојдневно, посветено и упорно работат за поеднакво и поправедно општество. Нивната работа покажува дека промената е можна кога има солидарност, истрајност и вистинска грижа за човековото достоинство.

Продолжи со читање

  • Практична поддршка за полесно финансиско известување

    На 30 април 2026 година, во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) во Скопје, тимот на Цивика мобилитас одржа работилница за финансиско известување. Работилницата беше наменета за добитниците на партнерските грантови од повикот ЦМ-ПГ-2. Вкупно 19 учесници од сите 11 грантисти, вклучително координатори на проекти и лица задолжени за финансии,…

  • Придонесот на граѓанските организации во медиумската слобода

    „Обликување иднина во мир“ е глобалната порака под која оваа година се одбележува 3 Мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, посветен на улогата на новинарството во заштитата на човековите права, демократските процеси и јавниот интерес. Денот се одбележува од 1993 година, по одлука на Обединетите нации и препорака…

  • Седма едукативна работилница во Куманово за унапредување на здравјето на мајките и децата со фокус на мајчиното ментално здравје

    На 23.04.2026 година во Куманово се одржа седмата по ред едукативна работилница посветена на здравјето на мајките и децата, со посебен фокус на мајчиното ментално здравје. На работилницата учествуваа 18 жени, бремени или во период до 12 месеци по породувањето. Работилницата им овозможи на учесничките да добијат важни информации за…

  • Наша моќ, наша планета: Граѓанскиот сектор предводник на промените

    Секоја година, 22 април нè потсетува дека планетата не се заштитува само со големи ветувања, туку со секојдневни работа, одлуки, практични решенија и заедници кои знаат дека имаат моќ да направат промена. Овогодинешното мото на Денот на планетата Земја, „Нашата моќ, нашата планета“, особено силно се поврзува со работата на…

  • Средба со раководителката на секторот за Источна Европа на СДЦ

    Тимот на Цивика мобилитас на 5 март се сретна со Северин Доне-Декарт (Séverine Donnet-Descartes), раководителката на секторот за Источна Европа во Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Таа се интересираше за предизвиците во граѓанското општество, како и за можностите што програмата ги нуди за граѓанските организации во земјата. Александар…

  • Швајцарскиот амбасадор Зомер во посета на семејствата од Кочани и граѓанските иницијативи

    Повеќе од десет родители и членови на семејствата погодени од трагедијата во дискотеката во Кочани се сретнаа со швајцарскиот амбасадор во земјава, Н.Е. Кристоф Зомер. На средбата со нивното здружение – Здружение на граѓани „16-ти Март 2025“ учествуваа ипретставници од Амбасадата на Швајцарија и тимот на Цивика мобилитас. Истиот ден,…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор