Цивика мобилитас и ПРАГГ разменија искуства и знаење од спроведувањето на програмите за поддршка на граѓанското општество
Тимот на Цивика мобилитас се сретна со колегите од швајцарската програма „Проактивни граѓани и граѓанки“ (ПРАГГ) во Босна и Херцеговина од 15 д 19 јуни 2026 година во Сараево. Размената на искуства во поддршката на граѓанското општество во двете земји беше во фокусот на дискусиите. Посетата беше одлична можност да се споделат клучните резултати, предизвиците и научените лекции од работењето.
Александар Кржаловски, лидерот на тимот на Цивика мобилитас, се осврна на резултатите од програмата во периодот 2008-2026. Како доминантно грантовска програма, тој истакна дека се доделени и спроведени 492 гранта за 395 организации на граѓанското општество. Осврнувајќи се на периодот во кој МЦМС ја спроведува програмата, тој истакна дека првата фаза (2014-2018) била повеќе фокусирана на зајакнување на капацитетите на ГО, втората фаза ((2019-2022) била насочена кон подобрување на околината за граѓанското општество, а актуелнава (2023-2026) на зголемување на граѓанскиот ангажман и јавната доверба во ГО.
Чила Шчалберт (Csilla Schalbert), меѓународната лидерка на тимот потоа ја претстави програмата ПРАГГ, која е активна од 2021 до 2027 година. Фокусот е на граѓаните особено социјално исклучените групи за кои се очекува да учествуваат поактивно во јавните работи, во влијанието врз креирањето политики и придонесот кон демократските реформи и општествените промени во Босна и Херцеговина преку нивниот ангажман во ГО.

Во дискусиите што се отворија по воведните презентации, Ања Дидовиќ од КУЛТ зборуваше за паралелниот процес на градење организациски капацитети кај грантистите додека тие ги спроведуваат своите проекти, со цел организациите да останат одржливи и по завршувањето на поддршката. Една од темите се однесуваше соработката со медиумите. Николина Вилов Махмутовиќ од ПРАГГ истакна дека темите со кои работат граѓанските организации не секогаш се атрактивни за медиумите. Гонце Јаковлеска го сподели искуството на Цивика мобилитас која ги користи сопствените и комуникациските канали и ресурси на МЦМС за да им помогне на грантистите со нивната видливост, додека дел од нив веќе самостојно градат одржлива соработка со медиумите.
Двата тима ги презентираа резултатите од анализата ПЕПА (Political Economy and Policy Analysis). Петруш Тоинес, меѓународен експерт на Цивика мобилитас, нагласи дека PEPA не треба да се гледа како еднократен извештај туку како процес и начин на размислување, кој опфаќа повеќефазна анализа на ризици, чинители и контекст. Иновативниот елемент на анализата на Цивика мобилитас, користењето на дигитални и ВИ алатки ги презентираше Борис Ристовски. Љупка Симоноска Шулц зборуваше за примената на ПЕПА во ПРАГГ, вклучувајќи ја употребата на методологијата power grid за мапирање на чинителите, алатка чии корени потекнуваат од Хелветас (Helvetas), а која им овозможува подетална слика од класичниот четири-квадрантен модел.
За овозможувачката средина и државно финансирање на граѓанските организации во Македонија зборуваше Александра Савевска. Таа се осврна на одредбата во Стратегијата за соработка со граѓанското општество (2025-2028) според која државното финансирање треба да достигне 30 милиони евра до 2028 година. Презентирајќи ги флуктуациите во државното финансира за ГО таа истакна дека е доста нестабилно. Дискусијата ги опфати и слабостите на моделот, нејасната класификација преку која се следи финансирањето, недоволните износи во однос на потребите на секторот и отсуството на повеќегодишна институционална поддршка.
Дарко Димов Од Цивика мобилитас и Дарио Јовановиќ од ЦЦИ ги презентираа компонентите за грантови, започнувајќи од објавата на повиците и нивното популаризирање па се до известувањето, следењето на финансиите, резултатите итн.

Тимот на Цивика мобилитас имаше можност да посети неколку организации и партнери на ПРАГГ низ Босна и Херцеговина, меѓу кои Здружението на родители на деца со развојни пречки „Буди ми пријатељ” во Јабланица, сараевските организации „Стоп мобинг”, Институтот за развој на младите КУЛТ, партнерска организација на ПРАГГ, Бејби степс (Baby Steps), која се занимава со застапување, лобирање и обликување јавни политики, како и Коалицијата за слободни и фер избори „Под лупа” и Центрите за граѓански иницијативи (CCI), исто така партнерска организација на ПРАГГ.
На сесијата за видливост и комуникација, Николина Вилов Махмутовиќ ги сподели искуствата на ПРАГГ во градењето доверба кај граѓаните преку раскажување приказни наместо класична проектна комуникација. Од друга страна, Борис Ристовски од Цивика мобилитас ги претстави сите можности и опции кои ги нуди е-платформата со цел подобра и поквалитетна комуникација, видливост и взаемни придобивки за граѓанските организации во земјата.
Сесијата за капитализација ја заокружи сликата за целата програма Цивика мобилитас. На капитализацијата се гледа како начин да се претвори собраното искуство низ годините во трајно стратешко знаење и наследство што ќе остане по завршувањето на програмата.
И за крај, последниот дел од средбата беше резервиран за дискусија за иднината на граѓанското општество на Балканот и можностите за понатамошна регионална соработка меѓу двете програми.
Двете програми на Швајцарската влада, и покрај спецификите на земјите во ки се спроведуваат и должината на интервенциите, покажаа дека предизвиците на граѓанското општество во регионот остануваат слични, а решенијата, вредни за споделување.
Посетата беше дел од активностите на Цивика мобилитас, спроведувана од МЦМС во партнерство со НИРАС од Данска и ФЦГ од Шведска, во соработка со ПРАГГ.








