Image00005

На граѓанскиот и бизнис секторот им се потребни партнерства за одржлива соработка

„Од краткорочни донации кон долгорочни партнерства“! Ова беше главната порака на работилницата „Зајакнување на соработката помеѓу приватниот сектор и граѓанското општество“, што се одржа на 10 јуни во Скопје. Повеќе од 20 претставници на граѓански организации разговараа за тоа како соработката со компаниите може да се развие во одржлив модел што создава пошироко општествено влијание, наместо да остане на ниво на ад хок поддршка на настани и активности.

Учесниците работеа и дискутираа со Сајмон Форестер, меѓународен експерт на Цивика мобилитас кој сподели европски практики за структурирана и долгорочна соработка меѓу граѓанскиот сектор, бизнисот и институциите.

Форестер посочи дека во повеќе европски земји соработката не се сведува на донации, туку на воспоставени партнерства со јасни правила и заеднички цели. Како пример ја наведе Данска, каде постои „Компакт“ – документ кој поставува заеднички принципи за соработка. „Тоа е корисно бидејќи организациите можат да се повикаат на него кога сакаат да соработуваат со компании“, истакна тој.

Тој додаде дека корпоративната општествена одговорност сè повеќе станува рамка за заедничко делување, при што во земји како Данска, Ирска и Италија се развиваат партнерства во областите поврзани се вработување, образование, социјална инклузија и локален развој.

Посебно внимание предизвика дискусијата за состојбите во Северна Македонија. Учесниците споделија искуства кои покажуваат дека компаниите најчесто поддржуваат конкретни настани и активности, додека многу поретко се вклучуваат во подолгорочни партнерства што придонесуваат за развојот и одржливоста на самите организации.

Претставници на повеќе организации посочија дека соработката со локалните бизниси често се гради постепено, преку лични контакти, доверба и континуирана комуникација. Беа споделени примери на компании кои обезбедуваат финансиска поддршка, опрема, производи или услуги за реализација на активности од јавен интерес, но и искуства кои покажуваат колку е тешко организациите да го објаснат и претстават своето влијание пред потенцијалните поддржувачи.

„Тешко е да ги убедите луѓето за нешто што за нив е апстрактно да ви дадат средства. За тоа треба многу работа, а ние како организации немаме тимови кои работат само на филантропија“, рече Маргарита Гулевска од „Отворете ги прозорците“.

Во дискусијата посебно внимание беше посветено на довербата како предуслов за успешна соработка. Ирина Хаџи-Митова од Конект зборуваше за искуствата во поврзувањето на компаниите и граѓанските организации, нагласувајќи дека многу организации сè уште недоволно ги користат можностите што ги нуди локалната бизнис заедница.

„Не треба да ги гледаме компаниите како голема вреќа со пари. Комуникацијата, релацијата и довербата се клучни“, порача Хаџи-Митова.

Таа посочи дека само мал дел од компаниите во земјата соработуваат со граѓански организации и дека постои значителен неискористен потенцијал за развој на партнерства кои ќе придонесат за решавање на локални проблеми и подобрување на квалитетот на живот во заедниците.

Елена Петрушевска од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ зборуваше како претставник од бизнис секторот. Таа посочи дека компаниите секојдневно добиваат голем број барања за поддршка и затоа е особено важно организациите да настапуваат со јасно дефинирани цели, конкретни предлози и реални очекувања.

„Потребно е повеќе да се зборува за успешните приказни и јавноста да може да ги види придобивките и од едната и од другата страна. Потребен е отворен разговор и јасно дефинирани цели“, истакна Петрушевска.

Во дискусијата се вклучи и Снежана Камиловска од МЦМС, која посочи дека граѓанските организации и бизнис секторот треба да бараат заеднички интереси и да развиваат партнерства и во областа на застапувањето и креирањето јавни политики. Според неа пристапот до коморите треба да биде приматот, и како што истакна „тие треба да бидат вклучени во се што правиме“.

Учесниците се согласија дека за поуспешна соработка е потребно подобро меѓусебно разбирање, почеста комуникација и градење долгорочни односи засновани на доверба и заеднички вредности. Како особено важна беше посочена потребата граѓанските организации да го прикажуваат своето влијание на поразбирлив и подостапен начин, а компаниите да ги препознаат како партнери во решавањето на општествените предизвици.

Работилницата заврши со вмрежување на учесниците и разговор за можностите за нови партнерства, заеднички иницијативи и пристап до домашни и европски извори на поддршка.

„Навистина уживав во работилницата и можам да кажам дека сите три сесии беа исклучително квалитетни и инспиративни. Особено ми се допадна што беа споделени не само позитивни и веќе докажани практики, туку и предизвици и искуства кои не секогаш дале посакувани резултати. Ваквата искреност и размена на различни перспективи ја прави дискусијата побогата и покорисна за сите учесници“, изјави Сара Николовска од „Младите можат“.

Продолжи со читање

  • Кодексот за граѓански организации како алатка за критика и пофалба од сопствената фела

    На 2 јуни 2026 година, во просториите на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), тимот на Цивика мобилитас јa организираше првата работилница посветена на унапредување на спроведувањето на Кодексот за граѓански организации. Работилницата ги собра грантистите на Цивика мобилитас од Скопје, Куманово, Тетово и Гостивар, кои дискутираа за можностите за…

  • Мониторинг посетите ја потврдија одржливоста на партнерствата и резултатите од грантовите

    Во периодот од 8 до 21 мај, тимот на Цивика мобилитас реализираше посети за мониторинг на организациите корисници на  грантови. Посетите се одвиваа во просториите на организациите носители на проектите, а на средбите најчесто присуствуваа и претставници на партнерските организации. Со оглед дека најголем дел од проектите влегуваат во завршна…

  • Старо-новите предизвици на граѓанскиот сектор

    Предлог – Законот за здруженија и фондации, односно коментарите и предлозите поврзани со него предизвикаа повеќе дебати во граѓанскиот сектор во  почетокот на годината. Ова беше и разбирливо ако се има предвид дека станува збор за основниот закон според кој функционираат граѓанските организации. Поднесените околу 130 коментари многу јасно го…

  • Практична поддршка за полесно финансиско известување

    На 30 април 2026 година, во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) во Скопје, тимот на Цивика мобилитас одржа работилница за финансиско известување. Работилницата беше наменета за добитниците на партнерските грантови од повикот ЦМ-ПГ-2. Вкупно 19 учесници од сите 11 грантисти, вклучително координатори на проекти и лица задолжени за финансии,…

  • Придонесот на граѓанските организации во медиумската слобода

    „Обликување иднина во мир“ е глобалната порака под која оваа година се одбележува 3 Мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, посветен на улогата на новинарството во заштитата на човековите права, демократските процеси и јавниот интерес. Денот се одбележува од 1993 година, по одлука на Обединетите нации и препорака…

  • Седма едукативна работилница во Куманово за унапредување на здравјето на мајките и децата со фокус на мајчиното ментално здравје

    На 23.04.2026 година во Куманово се одржа седмата по ред едукативна работилница посветена на здравјето на мајките и децата, со посебен фокус на мајчиното ментално здравје. На работилницата учествуваа 18 жени, бремени или во период до 12 месеци по породувањето. Работилницата им овозможи на учесничките да добијат важни информации за…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор