Anriskriminacija.jpg

Собранието ја урива суштината на КСЗД преку именување членови под партиски клуч кои не ги исполнуваат законските услови

На 02.04.2025 година во Собранието на Република Северна Македонија се одржа 24та седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на која утврди Предлог – одлука за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во неполни 24 часа откако се одржа седницата за јавна расправа. Комисијата за прашања на изборите и именувањата до пратениците на Собранието го предложува Вецко Здравески за иден комесар со мандат од пет години, кандидат кој е партиски кадар и не ги исполнува критериумите за избор. Мрежата за заштита од дискриминација бара Собранието на Република Северна Македонија да не го прифати овој предлог и да не го изгласа овој кандидат како иден член на КСЗД.

Мрежата за заштита од дискриминација потенцира дека избирањето на овој кандидат за член на КСЗД не само што не e во служба на заштитата на човековите права, туку и би било погубно за човековите права, еднаквоста и недискриминацијата во нашата држава. Спроведеното интервју со кандидатот, неговото претставување, а особено одговорите на прашањата од публиката беа на незадоволително ниво по сите стандарди за избор на член на телото за еднаквост. Неговото интервју јасно покажува дека кандидатот не се чувствува сигурно при изговарање на  некои од основите за дискриминација, како, на пример, зборовите „сексуална ориентација“ и „транс жена“. Ваквиот однос ни укажува на целосно непочитување кон маргинализираните заедници, кои истовремено се едни од најчесто дискриминираните лица, и создава реално сомнение дека кандидатот кога би бил член на КСЗД би постапувал непристрасно и професионално кон сите граѓани. Од друга страна, сосема е нејасно како Комисијата утврдила дека кандидатот ги исполнува законските критериуми и е експерт за заштита од и спречување на дискриминација, кога на седницата немаше повеќе од 10% вкупниот број членови на Собранието, а од неговата биографија воопшто не произлегува ваква експертиза, па дури ни интерес.

Дополнително, кандидатот Вецко Здравески претходно бил член на Комисијата за верификација на факти, согласно Законот за лустрација, процес кој предизвика јавна загриженост и беше предмет на критика од страна на Европската Унија, во однос на можни неправилности и повреди на човековите права. За дел од работата во оваа Лустрациска комисија, кандидатот Вецко Здравески бил обвинет заедно со Антонијо Милошоски во случајот „Моќник“. Случајот беше затворен поради застареност на кривичните дела, а како директна последица на измените на Кривичниот законик.

Мрежата за заштита од дискриминација потенцира дека изборот на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација повторно се прави по партиски клуч и со партиски кадри. Имено, кандидатот Вецко Здравески е несомнено симпатизер од владеачката ВМРО–ДПМНЕ и неговата наклонетост кон оваа партија тој јавно ја изразувал во неколку наврати, дури и директно со зборовите: „ВМРО е судбина и иднина за Татковината“. Ваквиот избор на партиски кадри без искуство и знаење од областа значи ризикување на досега постигнатите резултати од областа на антидискриминација, клучна и за процесот на интеграција во ЕУ. Изборот на кандидати коишто не ги исполнуваат законските услови и кај кои има сомнежи за нивната независност или непристрасност не може да резултира со мислења коишто ќе ги заштитат жртвите на дискриминација.

КСЗД е независно тело за еднаквост чија ефикасност, непристрасност и исполнување на надлежностите е директно зависно од знаењата, екпертизата и интегритетот на комесарите/ките. Кандидати кои немаат знаења и се избрани по партиски клуч не можат да штитат и да превенираат од дискриминација, особено имајќи предвид дека тие мандатот го должат на партиите, а не на сопственото знаења и искуство. Оттука, наместо еднаквоста на граѓаните, овие кандидати ќе ги штитат партиските и личните интереси од позиција на членови на КСЗД.

Помеѓу кандидатите имаше и независни експерти, со долгогодишно докажано искуство во областа на антидискриминацијата и човековите права, кои при самото претставување укажаа на важноста на избор на независен кандидат. Оттука, сметаме дека Собранието можеше да направи избор на квалитетни кандидати кои уште повеќе ќе ја унапредат работата на КСЗД. Законските критериуми за избор на членови на КСЗД се: седум години работно искуство од областа на човековите права од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација; 240 ЕКТС кредити; да е државјанин/ка на РСМ; во моментот на изборот со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна затвор од над шест месеци или забрана за вршење на професија, дејност или должност и да не е носител на функција во политичка партија.

Од друга страна, загрижува праксата на закажување седници на нетранспарентен и неинклузивен начин мораме да потенцираме и дека седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата беше организирана на нетранспарентен начин, со тоа што поканата за учество на расправата беше пратена во последниот работен ден пред одржување на расправата.

Оттука, Мрежата за заштита од дискриминација бара Собранието да не го именува кандидатот предложен од Комисијата за прашања на изборите и именувањата и да избере независни кандидати/ки по заслуга, кои ги исполнуваат законските критериуми.

This post was originally published on this site

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор