[Aggregator] Downloaded image for imported item #46135

Легалната миграција и правата на странците во фокус на втората тематска дискусија

На 10 март 2026 година, во хотел Холидеј Ин во Скопје, се одржа настанот „Легална миграција и правата на странците: состојби и предизвици“, како продолжение на дискусијата одржана на 16 декември 2025 година. Настанот беше организиран од Македонското здружение на млади правници (МЗМП), во рамките на проектот „Инклузија на странците во Западен Балкан – пристап до социјални и економски права (ФОСТЕР)“, со цел продлабочување на дијалогот меѓу институциите, академската заедница, синдикатите, приватниот сектор и граѓанските организации за предизвиците поврзани со легалната миграција и заштитата на правата на странските државјани во Република Северна Македонија.

Во рамките на настанот беше презентиран извештајот подготвен во рамките на проектот „Пристап до права за странски државјани во Република Северна Македонија“, по што следуваше дискусија организирана во два панели, посветени на трудовата миграција и на механизмите за надзор и заштита на правата на странските работници.

На настанот учествуваа претставници на релевантни институции, вклучително Министерството за внатрешни работи (Единица за странци и реадмисија), Националната единица за борба против трговија со луѓе и илегална миграција (Task Force), Државниот инспекторат за труд, Синдикатот СУТКОЗ, Комисијата за заштита од дискриминација, Управниот суд, Центарот за социјална работа Скопје и Народниот правобранител, како и претставници на академската заедница, компании и граѓански организации.

Во рамките на првиот панел, посветен на трудовата миграција, беа презентирани податоци кои укажуваат на значителен раст на бројот на странски работници во последните години. Од 65 евидентирани странски работници во 2020 година, бројот се зголемил на 136 во 2021 година, 215 во 2022 година и 823 во 2023 година, достигнувајќи 2397 во 2024 година и 3320 во 2025 година. Овој тренд укажува на зголемена потреба од странска работна сила, како резултат на недостигот на домашни работници во одредени сектори.

Во однос на структурата на трудовата миграција, беше посочено дека, покрај работниците од Турција, во последните години се бележи зголемено присуство на работници од Непал, Индија и Бангладеш, што укажува на проширување на изворните земји на миграција и позиционирање на Северна Македонија како дестинација за работници од поширокиот азиски регион. Притоа, доминира привремената трудова миграција, најчесто без придружба на членови на семејството.

Дополнително, беше истакнато дека во 2025 година се евидентирани 166 странски државјани кои ја напуштиле државата или не се достапни на пријавената адреса на престој. Најголемиот дел од овие лица се државјани на Непал (123 лица), по што следуваат државјани на Индија (30 лица) и Бангладеш (13 лица). Овие податоци укажуваат на можни секундарни миграциски движења и потреба од зајакнување на механизмите за мониторинг и институционална координација.

Во однос на законската рамка, беа разгледани постојните и планираните измени на Законот за странци, насочени кон поедноставување на процедурите за престој и работа. Веќе е во сила одредбата со која се воведува обврска правното лице да даде гаранција дека ќе ги покрие трошоците за враќање на странскиот работник во случај на престанок на престојот. Дополнително, со новите измени се планира скратување на рокот за пријавување на работниот однос од 90 на 30 дена, при што рокот започнува да тече од моментот на издавање на дозволата за престој.

Вториот панел беше фокусиран на механизмите за надзор и заштита на правата на странските работници. Во дискусијата беше посочено дека, и покрај зголемениот број на странски работници и студенти, бројот на поднесени поплаки останува релативно низок, што може да укажува на недоволна информираност за правата или ограничен пристап до механизмите за заштита. Посебно внимание беше посветено на условите за работа, особено во градежниот сектор, каде што се бележи зголемен број на фатални повреди на работно место, како и на ограничениот пристап на инспекциските служби до одредени градилишта и ниските казни за утврдени неправилности.

Дискусијата резултираше со повеќе заклучоци и препораки. Беше нагласено дека растот на економската имиграција е директно поврзан со недостигот на работна сила на домашниот пазар на труд, при што доминира привремената трудова миграција без придружба на членови на семејството.

И покрај одредени законски олеснувања, беше истакнато дека пристапот до работа за странските државјани и понатаму е отежнат поради сложени административни процедури, недоволна дигитализација и институционални доцнења. Недостигот од интегриран систем за миграциски податоци и недоволната дезагрегација на податоците дополнително го ограничуваат следењето на миграциските трендови и креирањето политики засновани на докази.

Дополнителни предизвици се идентификувани во процесите на интеграција, вклучително долгите процедури за нострификација на образовни документи, високите трошоци за превод и заверка, јазичните бариери, како и административните доцнења при издавање студентски визи и дозволи за престој. Исто така, беше посочен недостигот од централизирани податоци за странски ученици и студенти.

Во однос на заштитата на правата, беше констатирано дека механизмите не се доволно развиени, со отсуство на специјализирани институционални единици, ограничена меѓуинституционална координација и недостиг на дезагрегирани податоци за пријавени случаи според државјанство.

Во таа насока, беше нагласена потребата од зајакнување на инспекцискиот надзор, особено во секторите со поголем број странски работници, како и од подобрување на информирањето на странските работници за нивните права преку повеќејазични информативни материјали, соработка со синдикатите и граѓанските организации и унапредување на пристапот до механизмите за поднесување претставки.

Како клучен приоритет беше истакнато и подобрувањето на институционалната координација и размената на податоци меѓу релевантните институции, како и поактивно вклучување на институции како Агенцијата за вработување и Министерството за економија и труд во креирањето и спроведувањето на политики во оваа област.

The post Легалната миграција и правата на странците во фокус на втората тематска дискусија appeared first on Myla.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонско здружение на млади правници

Продолжи со читање

  • Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество на средба со организациите во Куманово

    На 1 октомври 2026 година претставници на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество се сретнаа со граѓанските организации и активистите од Североисточниот регион. Средбата беше посветена на улогата, работата и соработката со Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како значаен механизам за унапредување на дијалогот меѓу институциите и граѓанските организации.

  • OТВОРЕНО ПИСМО | Дали претседателката Сиљановска-Давкова легитимира организации поврзани со движења против правото на абортус?

    Мрежа за заштита од дискриминација испраќа отворено писмо до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод нејзината неодамнешна средба со претставнички на здружението „Јас сум жена“. Со […]

  • Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина

    Од 5 до 7 октомври, во Приштина се одржа Civil Society & Think Tank Forum 2026, официјалната платформа на граѓанското општество во рамки на Берлинскиот процес, на кој учествуваше и Finance Think. Во текот на трите дена, низ повеќе тематски дискусии, претставниците на граѓанските организации и тинк-тенковите од Западен Балкан имаа можност да дадат свои […]
    The post Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина first appeared on Finance Think.
    The post Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина appeared first on Finance Think.

  • Граѓанското општество од Западен Балкан го даде својот придонес во пресрет на Самитот на Берлинскиот процес

    Овогодишниот Форум на граѓанското општество и тинк-тенк организации (CSF 2026) се одржа во Приштина од 5 до 7 октомври. Форумот, како официјална платформа на граѓанскиот сектор во рамките на Берлинскиот процес, уште еднаш ја потврди незаменливата улога на граѓанскиот сектор како мост меѓу граѓаните, експертската заедница и донесувачите на одлуки.

  • Одржана базична обука за прва помош во Свети Николе

    Одржана базична обука за прва помош во Свети Николе На 4 и 5 октомври 2026 година, во просториите на ООУ „Гоце Делчев“ во Свети Николе, се одржа базична обука за прва помош, организирана со поддршка на Operation Florian од Велика Британија. На обуката учество земаа членови од три доброволни противпожарни друштва: ДПД Свети Николе, ДПД…

  • ЗАКОНИТЕ МОРА ДА ГИ РЕШАВААТ ПРОБЛЕМИТЕ ЗА ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, А НЕ ДА ГИ КРЕИРААТ

    Вчера (7.10.2026 година) на Пленарна седница на Собранието на Република Северна Македонија, на прво читање беа разгледани предлог измени и дополнувања на Законот за животната средина. Веќе за 13.10.2026 година е закажана седница на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на […]
    The post ЗАКОНИТЕ МОРА ДА ГИ РЕШАВААТ ПРОБЛЕМИТЕ ЗА ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, А НЕ ДА ГИ КРЕИРААТ appeared first on Myla.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор