Arberim iseni 1230x767

ПОВЕЌЕ АНАЛФАБЕТИ ОД АПСОЛВЕНТИ: КРИЗАТА НА ДИПЛОМАТА ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ

Пишува: Арберим Исеини

Како и секоја можна дебата, и онаа во врска со предлог-законот за високо образование донесе низа спротивставувања. И како што често бидува, дебатите започнуваат со големи зборови како автономија, квалитет, стандарди, Европа, напредок…, но некако не успеваат доволно да ја допрат суштината.

Овој предлог-закон, изработен од 60 експерти, кои, патем, за јавноста остануваат „духови“, доаѓа во систем кој долго време е „болен“ и веќе метастазира. Проблеми со клиентелизам, сомнителен квалитет, плагијати, прекумерна фрагментација на институциите, формализам и низа други заплети кои го оптоваруваат амбиентот до точка каде што, кога се зборува за реформи, не се буди само надеж, туку и чувство на загрозеност кај веќе етаблираната „елита“.

Оттука се наметнува прашањето: дали овој закон е реформски или само дисциплинирачки?

Првата дилема, секако, е автономијата. Предлог-законот на прв поглед остава впечаток дека го зајакнува концептот на академска слобода, автономијата во управувањето и финансирањето, како и неповредливоста на универзитетскиот простор. Но, кога ќе се погледне составот на одлучувачките тела, тој впечаток значително бледее.

Националниот совет е предвидено да има 15 членови, од кои 6 директно ги именува Владата, а врз уште 2 има значително влијание. Универзитетскиот совет треба да има 11 членови, од кои 4 ги именува Владата на предлог на министерот. Во стабилна, нормална и институционално зрела средина, ова би можело да се толкува како баланс меѓу јавниот надзор и академската автономија. Во нашиот контекст, сосема разбирливо, тоа создава чувство на ризик од политичко влијание.

Сепак, би било премногу лесно да се застане тука и да се каже дека сè е само напад врз универзитетот. Не е така. За да бидеме фер, во овој закон има и елементи што не треба автоматски да се отфрлат. Тука спаѓаат афирмацијата на учеството на студентите, еднаквоста и недискриминацијата, мобилноста, како и обидот за усогласување со европските стандарди за квалитет. Се зајакнуваат и посовремени форми како дуално образование, заеднички и двојни дипломи, микрокреденцијали, како и барањето за поголема институционална транспарентност преку задолжително објавување на статути, акредитации, годишни извештаи, завршни сметки и етички кодекси на официјалните веб-страници на институциите.

Во систем каде што со години многу работи се решавале по ходници, со еден телефонски повик и со „ќе средиме“, ова не е занемарливо. Секое инсистирање на транспарентност и отчетност има тежина. Проблемот не е што законот не ја препознава кризата, туку што се обидува да ја реши повеќе со надзор отколку со развој и повеќе со дисциплинирање отколку со доверба.

Ова нè води до втората дилема, можеби и најжешката. Законот цели да ја врати „тежината“ на академската титула, што само по себе е легитимна и благородна амбиција. Но прашањето повторно не е само што сака да постигне, туку како се обидува да го постигне тоа. Силното потпирање на Web of Science, h-index и други квантитативни индикатори може да звучи како академска сериозност, но во практика ризикува да се претвори во механичко броење, особено во општествените и хуманистичките науки. Ако сите дисциплини се мерат со ист аршин, тогаш не го подигнуваме стандардот, туку ги бришеме разликите меѓу полињата, методологиите и научните пристапи.

Понатаму, од една страна, патот за младите истражувачи станува ригиден и потежок. Од друга страна, законот остава простор за продолжено ангажирање на професорите по пензионирањето, вклучително и на повисоки нивоа на студии. Ова создава впечаток на систем што зборува за иднината, но инстинктивно продолжува да верува на минатото. Во земја што веќе се соочува со одлив на мозоци, ова не е само контрадикција, туку и опасна порака.

Но можеби најголемиот проблем не е ни кој ќе седи во советите, ни колку трудови ќе се бараат. Најсуштинскиот проблем е што во нашето општество одамна е разнишано самото значење на дипломата. Веќе не зборуваме само за квалитетот на високото образование, туку за криза на доверба во тоа што дипломата треба да претставува. Дали е доказ за знаење, карта за влез во партизирани системи или само симболичен украс што дава статус без реална тежина?

Тука се враќаме на острата формулација на насловот: „повеќе аналфабети отколку апсолвенти“. Не затоа што е буквално точна, туку затоа што емотивно, политички и во општествен контекст го допира нервот на проблемот. Не само затоа што дипломираните знаат помалку, туку затоа што системот сè почесто произведува нешто уште поопасно: сè повеќе дипломирани, но сè помалку луѓе што веруваат дека дипломата и знаењето се светлината што ќе ги води напред. Ова веќе не е само прашање на знаење, туку и на доверба. А кога довербата во образованието се разјадува, не згаснува само светлото на универзитетот, туку и самата идеја дека трудот и напорот имаат смисла.

Затоа, можеби е време да се разговара за суштината: што значи знаење, што треба да докажува една диплома и зошто и двете изгубиле толку многу од својата тежина во нашето општество.

Токму поради тоа, дури и еден проблематичен предлог-закон како овој може да биде чекор во вистинска насока, бидејќи нè принудува конечно да ја отвориме одамна одложената дебата за самото значење на реформата. Високото образование не може да се реформира само со пристапи спуштени „одозгора“, со нови органи, формулари и критериуми, туку со реформи што произлегуваат од реалното искуство на студентите, асистентите, професорите и од конкретните потреби на општеството.

Ако сакаме повеќе „апсолвенти“ и помалку „аналфабети“, ќе треба да направиме многу повеќе отколку да поправиме неколку членови во еден закон. Во спротивно, ќе продолжиме да бојадисуваме правни фасади што звучат „европски“, но се применуваат „балкански“.

 

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.  

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Балкански институт за регионална соработка (БИРЦ)

Продолжи со читање

  • Вклучи се во креирањето на буџетските приоритети на Општина Кисела Вода

    Кои се приоритетите за твојата населба? Заедно со Општина Кисела Вода, ги покануваме граѓаните да се вклучат во креирањето на буџетските приоритети за 2027 година. Предложи. Дискутирај. Приоритизирај. Не можеш да присуствуваш? Испрати го својот предлог тука: https://tinyurl.com/PrijaviProblem Твојот глас е важен за буџетот на твојата општина! #CHinMK #CivicaMobilitas Civica Mobilitas Embassy of Switzerland in […]
    The post Вклучи се во креирањето на буџетските приоритети на Општина Кисела Вода first appeared on Finance Think.
    The post Вклучи се во креирањето на буџетските приоритети на Општина Кисела Вода appeared first on Finance Think.

  • 🌍 Finance Think на Euromed Summit 2026 во Лисабон!

    На 27 и 28 октомври, Finance Think учествува на Euromed Summit 2026 во Лисабон, Португалија, претставуван од извршната директорка, Благица Петрески.Во фокусот на дискусиите беа предизвиците на пазарот на труд, несовпаѓањето меѓу вештините и потребите на работодавачите, развојот на човечкиот капитал и економската конкурентност – теми кои се во сржта на истражувачката и аналитичката работа […]
    The post 🌍 Finance Think на Euromed Summit 2026 во Лисабон! first appeared on Finance Think.
    The post 🌍 Finance Think на Euromed Summit 2026 во Лисабон! appeared first on Finance Think.

  • Претставување на Вардарската регата на утринската програма “Здраво Македонијо“ на ТВ Канал 5

    На 29.10.2026 год. (четврток) на покана на редакцијата на националната ТВ Канал 5 во рамките на утринската програма “Здраво Македонијо“ во друштво на Жана Ѓоргиева, Емилија Вучиновска (miss urban viba), естрадниот уметник Дејан Николовски – Чуле учество зема и старешината на извиднички одред “Димитар Влахов“ и координатор на Вардарската регата…

  • Струмица: Женските кружоци бараат поголема поддршка и учество во локалното одлучување

    Струмица, октомври 2026 – Поголема вклученост на жените во месните заедници, обезбедување простор за нивно организирање и подобра институционална поддршка за нивните иницијативи беа дел од главните теми на јавната дебата „Женското лидерство како огледало на заедницата“, одржана на 28 октомври во Струмица. Дебатата ја организираше Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, во соработка со Организацијата […]

  • Прилеп: Жените од локалните заедници со конкретни предлози за поголемо учество во одлучувањето

    Прилеп, октомври 2026 – Во Прилеп се одржа јавната дебата „Женското лидерство како огледало на заедницата“, посветена на можностите и предизвиците за учество на жените, особено од руралните средини, во процесите на локално одлучување. Дебатата ја организираше Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, во соработка со Здружението за рурален развој „ЛАГ Агролидер“, во рамки на проектот […]

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор