Screenshot

Медиумско врамување на ЛГБТИ-заедницата како закана за општествените норми или за колективните интереси

Теорискиот концепт на современите медиумски студии ги дефинира медиумските дискурси не како огледало на реалноста туку како активни конструирачи на нашата „реалност“. Оттука, активистите за човекови права, феминистките и актерите во социјалните борби за еднаквост често се заинтересирани за начините на кои медиумите ги репрезентираат малцинските или ранливите групи. Имајќи предвид дека медиумските дискурси се конструкти, односно се произведени, нашиот интерес е насочен не само кон репертоарот од зборови и слики што се вклучени во овој процес на производство, туку и кон идеолошките нивоа зафатени од него. ЛГБТИ-заедницата е една од ранливите заедници, која во последниве години станува сè поголем предмет на интерес за медиумите во Северна Македонија. Овој интерес секогаш има две страни. Еден дел од медиумите, ЛГБТИ-заедницата ја третираат како заедница што има своја легитимна борба за човекови права и недискриминација, но за еден друг дел од медиумите ЛГБТИ-заедницата претставува закана за општествените норми или за колективните интереси. Овој втор дел од медиумите наоѓа своја плодна почва во традиционално конзервативното македонско општество.

Истражувањето на мислењето на јавноста во Република Северна Македонија, спроведено од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во 2017 година, покажа дека на 70 отсто од испитаниците им пречат сцени во кои двајца мажи се држат за рака, додека само на 7 отсто им пречат сцени во кои маж и жена се држат за рака. Статистиката на говорот на омраза во Република Северна Македонија од 2013 до 2021 покажа дека говорот на омраза заснован врз сексуална ориентација и родов идентитет е втора по ред застапена форма на овој говор, веднаш по говорот на омраза заснован врз етничка припадност, со кој тесно се поврзани и основите религија, раса, потекло и јазик. Во ваков контекст, портретирањето на ЛГБТИ-заедницата и нејзината политичка борба за еднаквост како закана претставува јасна стратегија за креирање морална паника.

Според социологот Стенли Коен, моралната паника претставува процес во кој одредена „состојба, епизода, личност или група луѓе“ добиваат статус на предизвикувачи на закани за општествените вредности и интереси. Преку медиумската симболичка реторика тие се дефинираат како непријатели или „народни бабароги“, поради што кај јавноста се создава чувство на страв и социјална анксиозност. Јавноста тогаш повикува на акција, за на крај моралната паника да резултира со општествена промена, стигматизација и насилство врз лицата што се гледаат како нејзини предизвикувачи . Заканата секогаш предизвикува силни чувства, бидејќи се пренесува како напад врз надразливите пунктови за мнозинството луѓе: децата, родителите и семејството, националниот идентитет и државата, културата, историјата, религијата и традиционалните вредности.

irena cВо периодот од јануари до јули 2021 година, во домашните медиуми, статус на новосоздадени непријатели во рамките на моралната паника добија ЛГБТИ-луѓето, а во помала мера дел од граѓанското општество и министерката за образование и наука Мила Царовска. Пресудни за ваквото етикетирање беа неколку настани: 1) објавувањето на нацрт-верзијата на новата Концепција за основно образование од страна на Министерството за образование и наука во 2020 година и  вклучувањето на изборниот предмет „сеопфатно сексуално образование“, 2) предлагањето нов закон за матична евиденција, со што ќе се уреди постапката и условите за правно признавање на родот за трансродовите лица и 3) одржувањето на Парада на гордоста во Скопје.

Врамувањето на ЛГБТИ како закана беше делумно присутна во медиумите во периодот на првата половина на 2021 година. Сепак, оваа рамка се јавува во исклучително силна форма и претставува еден од клучните механизми за создавање морална паника. Една од најзастапените варијанти во кои се појавува рамката е повик на акција за „спас на децата“ што се под закана од ЛГБТИ. Стравот е базична сила на сите наративи на антиродовите иницијативи, но аргументите засновани врз страв употребени „во одбрана“ на децата, кои се врамени како ранлива, кревка и „најслаба алка на секое општество“, се особено загрижувачки. Основниот аргумент во креирање и одржување на паниката е дека „родот“, а со тоа и сите иницијативи што не го негираат, како сеопфатното сексуално образование, се инхерентно штетни за благосостојбата на децата. Тој се потпира на два столба: 1) идејата дека децата се „празни табли“ или „празни садови“ кои се крајно ранливи и лесни за „обликување“ и 2) премисата дека организираната борба за родова еднаквост е дел од ЛГБТИК+ заговор. Конечно, родот и феминизмот, а со тоа и ЛГБТИ-политиките, би воделе до крајот на нашата цивилизација. Овој аргумент во корпусот медиумски текстови што се вклучени во оваа рамка има за цел да го претстави сеопфатното сексуално образование како заговор на ЛГБТИ-заедницата, а децата како негови невини жртви.

„Државата НЕ СМЕЕ да промовира и да рекламира сексуални опции на деца. Тоа се нарекува сексуална индоктринација. Асексуално суштество (какво што е детето во поголемиот дел од периодот што го викаме малолетност) не смее да биде ставено пред сексуални избори и опции пред да може да осознае самото што тие значат и претставуваат… Да седнеш 6-годишно дете во клупа и да му кажуваш дека постои секс меѓу двајца од ист пол е непотребно и безобразно, имајќи предвид дека децата немаат концепт за тоа што е секс. Децата се раѓаат асексуални и без предрасуди, предрасудите ги учат од нас, а за сексуалноста се грижи природата. Подложување деца на хомосексуална, хетеросексуална, транссексуална и каква било сексуална пропаганда е злосторство кон човештвото, а велиме децата се иднината. Школото е место за наука – пропагандата од секој тип НАДВОР ОД УЧИЛИШТАТА, вели тој.“ (Панговски: Ако хомосексуалноста не може да се „научи“, чуму часови по неа?, „Република“, 25.6.2021)

„Треба да разбереме дека кога се зборува за родова рамноправност или родова еднаквост, не се мисли на род по пол, односно ако кажете дека жена по пол е жена, не значи дека и по род е жена, а со тоа децата ќе бидат стимулирани да можат да изберат што се, момчиња или девојчиња. Ние тоа не сакаме да дозволиме да се случи, вели Гоџо.“ (ВИДЕО: „Од нас за нас“ организира предавање за наставници и родители против сексуално образование, „Слободен печат“, 23 јуни 2021)

Слично на оваа варијанта, во медиумските содржини се појавува уште една варијанта, чиј фокус не е толку „заштитата на децата“ туку „заштитата на родителите“. Кај овие медиумски содржини фокусот е ставен на наводното родителско право да одлучува што ќе учат и какви информации ќе добиваат нивните деца во училиште. На тој начин, покрај „одземената чистота на децата“ се појавува и „одземено право на родителите“, што претставува уште една точка на политичка мобилизација против родово сензитивното и сексуалното образование преку јасна анти-ЛГБТИ реторика. Мора да се спомене дека дел од корпусот содржини во оваа рамка претставуваат дезинформации и лажни вести, како онаа дека се исфрла од употреба „мајка“ и „татко“ на сметка на „родител 1“ и „родител 2“, дека сеопфатното образование ќе биде задолжително и дека ќе се изучува од второ одделение.

„Јас сум татко, горд сум што сум татко на едно дете и сакам така да ме нарекуваат институциите. Немам никаков проблем доколку некој себеси сака да се самоопредели само како ‘родител’ или како ‘родител х’, но не ми го одземајте правото да бидам татко. Лудиот, пак, аргумент дека зборовите ‘татко’ и ‘мајка’ некого навредуваат, па мора да ги бришеме од употреба, се вон секој здрав разум и немам ни намера да влегувам со разноразни будалетинки во расправии на таа тема.“ (Ивица Боцевски: Сакам да сум татко, а не „родител x“, „Фактор“ 11 мај 2021)

Дел од корпусот на содржини што ја сочинуваат оваа рамка содржат негативни ставови кон здруженијата на граѓани што работат на полето на родова еднаквост и образование. Вмешувањето на невладини организации го прави „заговорот“ уште пореален, особено ако се има предвид фактот дека граѓанското општество повеќе од една декада во претходниот хибриден режим беше доминантно портретирано како „агентура на Западот“ и „пералница на пари“. Поларизацијата меѓу „ние“, „обичниот народ“, „нашите деца“ и „тие“, „Западот“, „елитата“, „ЛГБТИ“ во оваа рамка најјасно го добива своето последно ниво – ниво што ангажира емоции на лутина и омраза и повикува на акција. За да може да се стигне до ова ниво, потребно е непријателот јасно да биде именуван. Во нашиот случај тоа се ЛГБТИ-заедницата и дел од граѓанското општество.

„Вие од ЛГБТ ‘невладините’, да си кажете кој тоа ви дава од 300 до 500 илјади евра ГОДИШНО за вашите акции за разбивање на јавниот морал и заедницата. (…) Да чуеме каде, во кои политички кругови лобирате и со колку пари? (…) Колку новинари имате поткупено да ги туркаат вашите планови и да ви прават позитивни промоции по медиумите? (…) Колку од вас се инфилтрирани во власта?“ (Сашо Тасевски: Има ли новинари што ќе имаат храброст да го истражат ова и јавно да го објават, „Булевар“, 10 јуни 2021)

Во првата половина на 2021 година наидовме и на содржини што ја поддржуваат идејата за сеопфатно сексуално образование, родово сензитивно образование, но и ги демаскираат манипулативните стратегии, лажните вести и дезинформации поврзани со некои од содржините од оваа рамка.

„Со сеопфатното сексуално образование ќе се дополни едукацијата од областа на репродуктивното здравје, граѓанските права, насилството како и заемната почит на партнерите. Свесни сме дека на младите им треба поголема едукација кога станува збор за нивниот сексуален живот. Не секогаш учениците би се обратиле кон родителите/наставникот за одговор; попрво би му се обратиле на интернетот. Веруваме дека сеопфатното сексуално образование ќе им даде одговор на многу прашања, без притоа да оставиме сексуалното и репродуктивното здравје и права да бидат табу-теми“, објаснува Милошовски… „Преку програмата младите ќе го научат начинот на пренесување сексуални преносливи инфекции, ќе дојдат до концизни информации и факти за точната превенција од СПИ, па сè до каде и кога да се обратат во случај да се најдат во оваа ситуација. Но, најбитно, ќе се заштитат од злоупотреба и манипулација, како и видови насилство – особена проблематика која е карактеристична кај ранливите категории, какви што се млади лица со попреченост, Роми и ЛГБТ-лицата“, вели Александра Петкова од „Крик“. (Б. М., Сексуалното образование влегува во училишните клупи: Што ќе се изучува и како ќе се одвиваат часовите?, „Локално“, 24 февруари 2021)

„Во постот што го објави на Фејсбук, таа ја критикува Парадата на гордоста и ЛГБТ-движењето што предизвика чудење кај многумина членови што таа група ја следат заради реформи во образованието и учебниците. Меѓу другото, Спасевска вели: ‘Ако ова денес е свеченост, тогаш денес облечете црно и помолете му се на Бога. Облечете црно и помолете се за нашите деца, за нашата иднина, за нас да останеме разумни и присебни, та да можеме децата правилно да ги воспитаме за еден ден да не го играат тангото со ѓаволот’. Ваквата реторика уште еднаш го отвори прашањето која е вистинската агенда на Велковска?“ (По „Учебници и настава мора да има“, ЛГБТ не смее да има!?, „Локално“, 27 јуни 2021)

Најголем дел од текстовите што ја сочинуваат оваа рамка сугерираат негативен однос на новинарот кон ЛГБТИ-заедницата, а помал дел позитивен или неутрален. Кусиот преглед на оваа рамка ни овозможи увид во стратегиите за создавање морална паника преку медиумите. Медиумските содржини од овој корпус често се поттикнувачи на паниката или анксиозноста. Моралната паника имплицира две групи, една која дефинира и една која е дефинирана. Анализата покажа дека во најголем дел од случаите групата која е дефинирана е токму ЛГБТИ-заедницата, која иако е тема на интерес, нејзиниот глас е комплетно исклучен од овие дебати.

(Овој текст е дел од Анализата на медиумското покривање на темите поврзани со ЛГБТИ заедницата и родово заснованото насилство, изготвена од Коалиција Маргини.)

Автор: Ирена Цветковиќ

Насловна фотографија: pixabay.com

———————————————————————————————————————————————————————-

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).

Продолжи со читање

  • Мајчиното ментално здравје не смее да остане табу тема

    На 1 јуни 2026 година, во Скопје, се одржа конференцијата „Мајчиното ментално здравје како приоритет: од препознавање кон достапна поддршка за секоја мајка“, организирана од Здружение ЕСЕ и Реактор – Истражување во акција, со поддршка од Амбасадата на Франција во Северна Македонија. Конференцијата отвори важна јавна и институционална дискусија за…

  • Преработка на органскиот отпад од домаќинствата со помош на дождовните црви – природно решение со еколошки и економски придобивки

    Во време кога сѐ повеќе се зборува за одржливо управување со отпадот, едно од наједноставните и најефикасни решенија доаѓа токму од природата. Станува збор за преработка на органскиот отпад од домаќинствата со помош на дождовни црви, постапка позната како верми-компостирање. Овој природен процес овозможува кујнскиот и друг биоразградлив отпад да не заврши на депонија, туку да се претвори во висококвалитетно органско ѓубриво.

    Органскиот отпад од домаќинствата, како што се лушпи од овошје и зеленчук, талог од кафе, чај, лушпи од јајца, хартиени салфетки и помали количества растителни остатоци, најчесто се меша со останатиот комунален отпад и завршува на депонии. Таму, наместо контролирано да се разгради, тој создава непријатни миризби, привлекува штетници и, што е уште поважно, придонесува кон емисија на метан – еден од најопасните стакленички гасови. Верми-компостирањето нуди практична алтернатива, односно природен, тивок и релативно едноставен систем преку кој органскиот отпад се претвора во корисен производ.
    Методата се базира на користење на специјални видови црви, најчесто таканаречени компостни или калифорниски црви, кои се хранат со органски отпад и го преработуваат во стабилен, темен и хранлив материјал – верми-компост. Овој материјал е богат со корисни микроорганизми и хранливи материи и може да се користи за подобрување на квалитетот на почвата во градини, дворови, урбани зелени површини, училишни дворови, жардиниери и земјоделски површини.

    Оваа метода е особено применлива таму каде што има континуирано создавање органски отпад и има можност за негово одделно собирање. Најчесто, верми-компостирањето се применува во индивидуални домаќинства со двор, но исто така може успешно да се користи и во училишта, градинки, урбани заедници, еко-пазари, ресторани, мали хотели, па дури и во колективни станбени комплекси доколку постои организиран систем и соодветен простор. Во урбани услови, оваа метода е особено корисна затоа што не бара големи површини – доволен е соодветен сад, контролирана влажност и редовно додавање селектиран органски материјал.
    Еколошките придобивки од оваа метода се повеќекратни. Прво, се намалува количината отпад што завршува на депонии. Второ, се намалуваат емисиите на стакленички гасови. Трето, се создава природен производ кој ја подобрува почвата, ја зголемува нејзината плодност и ја намалува потребата од употреба на хемиски ѓубрива. Дополнително, верми-компостирањето претставува и образовна алатка, особено кога се користи во училишта и заедници, затоа што на практичен начин ја доближува циркуларната економија до граѓаните и учениците.
    Економските придобивки исто така не се занемарливи. Со селекција и локална преработка на органскиот отпад се намалуваат трошоците за негово собирање, транспорт и депонирање. Во исто време, се добива производ што може да се користи или дистрибуира во локалната заедница. Во услови на зголемени цени на ѓубрива и нагласен интерес за органско производство, верми-компостот претставува корисна и економски оправдана алтернатива. Во таа смисла, за микро и мали локални иницијативи и социјални претпријатија, ова може да биде и основа за развој на нови зелени услуги и производи.

    За подобро да се согледа потенцијалот, може да се направи едноставен пресметковен модел. Да претпоставиме дека едно домаќинство создава околу 3 килограми погоден органски отпад неделно. Тоа значи приближно 12 килограми месечно. Ако 100 домаќинства во една населба одвојуваат ваков отпад, тогаш на месечно ниво се собираат околу 1.200 килограми органски материјал. Ако се земе предвид дека по процесот на разградување и губење на влагата, од овој материјал може да се добијат приближно 35 до 45 проценти стабилизиран компост, тогаш тие 100 домаќинства би можеле да произведат меѓу 420 и 540 килограми верми-компост месечно. На годишно ниво тоа е помеѓу 5 и 6,5 тони корисен производ, добиен од отпад кој инаку би завршил на депонија.
    Секако, за системот да функционира правилно, важно е да се знае што смее, а што не смее да се додава во компостерот. Најпогодни се растителни остатоци, лушпи од овојше и зеленчук, сецкана зелена отпадна маса, талог од кафе, чај, ситно исечкан картон и сличен биоразградлив материјал. Не се препорачува додавање месо, млечни производи, поголеми количества зготвена храна, масла или агресивни органски материи, затоа што тие можат да предизвикаат миризби и да го нарушат балансот на системот.
    Во крајна линија, преработката на органскиот отпад со помош на дождовни црви не е само техничка метода. Таа претставува модел на размислување во кој отпадот се гледа како ресурс, а природата како партнер во решавањето на локалните еколошки проблеми. Ова е едно од оние решенија што се истовремено едноставни, практични и применливи, а притоа носат јасни придобивки за домаќинствата, општините и животната средина.
     
    Оваа статија  е подготвена во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
    Содржината на оваа статија е единствена одговорност на Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија  и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

  • Метаморфозис учествуваше на Генералното собрание на ЕДРи во Варшава

    Данче Даниловска-Бајдевска, програмска директорка во Фондација Метаморфозис, учествуваше на годишното Генерално собрание на Европската мрежа за дигитални права (ЕДРи), кое се одржа во Варшава, Полска, од 29 до 31 мај 2026 година. Собранието ги обедини организациите за дигитални права од цела Европа со цел да разговараат за актуелните предизвици што ја обликуваат иднината на дигиталните […]

  • Без отстапувања: Што му е потребно на граѓанското општество за да остане отпорно во услови на демократско уназадување

    Низ Источна Европа и Централна Азија, граѓанските организации работат во сè потешки услови. Сè потесниот граѓански простор, финансиската нестабилност, дезинформациите, ризиците по дигиталната безбедност и брзо променливиот технолошки пејзаж вршат притисок врз организациите, активистите и неформалните иницијативи. Краткиот извештај од мапирањето и анализата на потребите, Без отстапувања: Што му е потребно на граѓанското општество за […]

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор