8 mart slika naslovna.png

Марш и бојкот за 8 Март: Ако немаат леб, нека јадат ружи!

Овој 8 Март не сакаме ружи. Што ќе ни се ружи кога немаме за леб?

Не е време за симболични гестови и излитени фрази. Живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира улиците, домовите, болниците, училиштата, институциите, јавните простори и социјалните медиуми и ни ги ограничува одлуките и можностите, сегашноста и иднината.

Општеството се милитаризира, националистичкиот и фашистички говор се засилува, сведочиме војни, геноцид и еколошки катастрофи и од свој џеб плаќаме за невиденото лакомење на малкумина кои лажно ги креваат цените на основните продукти и кириите. Во кризи, товарот несразмерно ја погодува жената. Токму затоа, велиме, не сакаме ружи, туку повикуваме на феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија.

Ако, сепак, ја земеме ружата како симбол на женската самоодбрана, активност и влијание, тогаш не можеме да останеме глуви и неми на угнетената позиција во која се наоѓаме. Овој систем на нееднаквост и надмоќ се храни од женската слобода и труд.

Затоа жената нема време, можност и привилегија да здивне: нема повеќе од 20 минути пауза во фабрика, ниту смее да земе слободен ден од работа во маркет; како земјоделка, нема право на породилно отсуство, а ниедна мајка сè уште не може да го сподели родителското отсуство со таткото. Мајката не може да најде ниту градинка што е доволно блиску, а пак на бремената жена ѝ се заканува отказ и/или кариерно уназадување. Жената што работи хонорарно нема здравствено, социјално, ниту пензиско осигурување.

Нашата работа е често невидлива, омаловажувана, помалку платена и присвојувана. Во Македонија жените заработуваат помалку од мажите за истата работа, а на секои 10 вработени мажи, има само 7 вработени жени. Вработените жени редовно се соочуваат со сексуално вознемирување, мобинг, вулгарни коментари за својот изглед, сексистички хумор, омаловажување и потсмев на своите работни места.

Жената не може ниту слободно да се движи низ својот град – улиците немаат доволно осветлување, а јавниот превоз, кој таа почесто го користи, е крајно нефункционален или, како што е случајот во руралните места, непостоечки. Жената не е безбедна ниту во јавните, ниту во приватните простори – таа е брутално напаѓана од своите роднини и интимни партнери, од пријатели и непознати, кои ја демнат, уценуваат, тргуваат, тепаат, силуваат, убиваат…

И покрај сето ова, ние жените и понатаму на грб ги носиме семејствата и заедниците. Без нашиот труд, светот би застанал. Ние сме клучни за неговото функционирање – тој не би издржал без нас ниту еден ден.

Затоа овој 8 Март, со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, но свесни за секојдневните системски недостатоци кои го загрозуваат нашето постоење, ве повикуваме на женски марш и на солидарен женски бојкот кој ќе ја покаже тежината што со себе ја носи женската родова улога.

Како ќе го правиме ова?

  • На 8 март (сабота) колективно ќе ги бојкотираме големите маркети, ланци и трговски центри кои преку вештачки наметната инфлација нѐ доведуваат до раб на егзистенција! Тој ден купуваме локално, а идеално би било еден ден да се воздржиме од било какво купување.
  • За да ја истакнеме вредноста на сè што секојдневно правиме во домот, овој 8 Март ќе ги бојкотираме домашните обврски. Обврските нека ги преземат мажите во домовите, наместо да ни подаруваат ружи.
  • За да ја почувствуваме моќта на солидарноста, на 8 Март сите заедно ќе маршираме со почеток во 13 часот пред Универзална сала, каде што ќе одадеме почит на жртвите на овој систем и по нашето обраќање ќе продолжиме по предвидената рута. Маршот традиционално ќе го завршиме во паркот Жена борец, со обраќање до јавноста и институциите.

Овој 8 Март жените ќе одморат – од пазарење, готвење, чистење, чување деца и од општата и севкупна организација на животот. Еден ден, кога жените ќе здивнат од домашните обврски и ќе стивнат економските активности.

Овој 8 Март мажите ќе ја поддржат борбата за родова еднаквост со тоа што ќе му се приклучат на женскиот бојкот на маркети и трговски центри, ќе ги преземат домашните обврски и ќе маршираат заедно со нас.

Овој 8 Март сите заедно ќе му се спротивставиме на силеџиството на овој систем и ќе ги сопреме неговите запчаници барем на еден ден.

Овој 8 Март прогласуваме ЖЕНСКИ БОЈКОТ и повикуваме на ЖЕНСКИ МАРШ – за слобода и автономија од силеџискиот систем!

Колективно авторство

Извори:

Реактор – Истражување во акција. (2024). Достапност на градинки и родова еднаквост на пазарот на труд – Анализа на поврзаноста по општини.

Државен завод за статистика. (2023). Анкета за работна сила 2023.

Реактор – Истражување во акција. (2022). Родово-базирана дискриминација и работнички права во Северна Македонија.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Хелсиншки комитет за човекови права

Продолжи со читање

  • Јавен надзор над јавните набавки: неправилности и отстапувања во три големи јавни набавки

    СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ Денес, 19 март 2026 година, Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето Јавен надзор над јавните набавки: Студии на случај (издание бр.1). Издвојуваме дел од клучните наоди: 1. Тендер за корисниците на народни кујни во Скопје: За 1,5 милиони евра, храната се дели на улица и не секогаш според договореното Договорот за јавна набавка на готови оброци за корисниците на народни кујни во вредност од 1,5 милион евра не се спроведува во…

  • Превенција што дава резултати: објавени националните стандарди за превенција од употреба на дроги

    ХОПС – Опции за здрав живот Скопје го објави документот „Национални стандарди за превенција од употреба на дроги“, развиен во рамките на проектот за воспоставување национален систем за превенција во средните училишта, со поддршка од Европската Унија. Овие стандарди претставуваат сеопфатна рамка за планирање, спроведување, следење и проценка на превентивните активности на национално и локално […]
    The post Превенција што дава резултати: објавени националните стандарди за превенција од употреба на дроги appeared first on ХОПС.

  • Легалната миграција и правата на странците во фокус на втората тематска дискусија

    На 10 март 2026 година, во хотел Холидеј Ин во Скопје, се одржа настанот „Легална миграција и правата на странците: состојби и предизвици“, како продолжение на дискусијата одржана на 16 декември 2025 година. Настанот беше организиран од Македонското здружение на млади правници (МЗМП), во рамките […]
    The post Легалната миграција и правата на странците во фокус на втората тематска дискусија appeared first on Myla.

  • Благодарница за организација и постигнати резултати во крводарителството и покажана хуманост и солидарност

    На 17.3.2026 год. (вторник), по повод 17 март – Ден на крводарителството во конференциската сала во хотел Интернационал во организација на Црвениот крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Велес се организираше Свечен настан за доделување на јубилејни признанија за крводарителството. Во рамките на овој настан беше доделена Благодарница…

  • Метаморфозис објави истражување за ефектите од дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси

    Фондацијата „Метаморфозис“ го објави истражувањето „Ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија во 2025 година“, кое анализира како дезинформациите и пропагандните наративи влијаат врз јавната дебата, довербата во институциите и учеството на граѓаните во демократските процеси. Истражувањето комбинира анализа на дезинформациски наративи и анкета на репрезентативен национален примерок, со што […]

  • Како да се сопре падот на критичкото размислување?

    Критичкото размислување е основа на демократските општества, но и на научното истражување и на интелектуалната слобода и независност. Во рамките на една функционална демократија критичкото размислување им помага на граѓаните да ги оневозможуваат злоупотребите на власта и да им се спротивстават на манипулациите. Тоа е и вештина што филозофите, од Сократ до Џон Стјуарт Мил, […]

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор