Fk cover

Лажните вести ги експлоатираат нашите стравови, љубопитност, време

Она што поразува е фактот што 21 век е време на брзина и брза информираност. Па, така, некогаш и не дочитуваме докрај, а камоли да правиме проверка на содржината во написите и во вестите – вели Пецова-Илиеска, претседателка на ИМПЕТУС

Здравиот разум ни вели дека веруваме во нешто затоа што сметаме дека е вистина. Но, психолошките истражувања покажуваат дека верувањата имаат и одредена психолошка функција. На пример, луѓето делумно веруваат во натприродни ентитети за да се справат полесно со идејата дека еден ден ќе престанат да постојат или, пак, веруваат дека жртвата заслужила што си добила за да го одржат светогледот дека светот е фер. Слично и верувањата во лажни вести имаат одредена функција, односно задоволуваат одредени мотиви – вели Ана Стојанов, доктор на психолошки науки на Универзитетот „Отаго“ во Нов Зеланд.

Таа објаснува неколку мотиви според кои се однесуваме како публика во интернет-просторот. Еден тип мотиви се епистемиолошките, односно тоа е потребата да го разбереме светот.

ana stojanov– Луѓето што имаат особено изразена потреба за одговор, каков било одговор, па макар и неверојатен, полесно веруваат на лажни вести. На пример, сè уште немаме дефинитивно сознание за потеклото на новиот коронавирус, но лажните вести ни ги нудат тие одговори. Според социјалните мотиви може да веруваме на лажни вести затоа што прават да се чувствуваме добро, дека имаме специјално знаеше, што мнозинството го нема. Или, пак, егзистенцијални мотиви. Чест мотив во лажните вести е тоа дека настаните се под нечија контрола, наспрема случајни. Идентификување на „виновниците“ ни дава чувство на контрола и сигурност – објаснува Стојанов.

Лажните вести може емоционално да ја наелектризираат публиката

Лажните вести имаа цел емоционално да ја „наелектризираат“ публиката, да го доведат организмот до состојба на возбуденост.
– Умно би било кога би го имале тоа на ум и не би дозволиле да реагираме како компјутерска програма, секогаш кога ќе има влез на лажна вест, да има излез – емоционална реакција. Втора умна работа што би требало да ја направиме е да побараме информации што не одат во прилог на тоа што го читаме. На пример, неколку пријатели на Фејсбук имаа споделено фотографија од внатрешноста на авион, во која се гледаат контејнери што наводно содржат отровни хемикалии со кои населението се „запрашува”, познато и како кемтреилс. Нормално, никој не сака да биде „запрашуван“ со отрови и таа информација емоционално ме наелектризира, ме разлути и ме разбесни. Со сопствени очи ги гледам бурињата, поврзани со разни црева, за што друго би можело да се користат освен за да запрашуваат и да нѐ трујат со отрови? Во овој момент имаме две опции. Да продолжиме да паѓаме во спиралата на лажни вести и да побараме информации што ќе ни го потврдат она што го гледаме (уште лажни вести) или да побараме информации што не одат во прилог на она што го гледаме и да излеземе од спиралата на лажни вести. Во конкретниот случај јас го направив второто и многу лесно дојдов до информација дека сликите ја претставуваат внатрешноста на тест-авиони, а содржината на бурињата е вода што се пумпа и испумпува за да се симулира како се менува центарот на гравитација со движење на патниците – споделува пример д-р Стојанов.

Лажните вести ги експлоатираат нашите емоции. Прво, ја експлоатираат нашата љубопитност со примамливи наслови што бараат да кликнеме. Потоа ги експлоатираат нашите стравови со „бомбастични“ содржини. Најпосле, го експлоатираат нашето време така што нè вовлекуваат во спирала што води до бездна од која тешко се излегува, завршува таа.

Треба да се чита со четири очи

Според Лилјана Пецова-Илиеска, претседателка на здружението „ИМПЕТУС – Центар за интернет, развој и добро управување“, постојат различни типови лажни вести, со помалку или повеќе лага во нив.
liljana pecova ilieska 1– Она што е тешко е да се препознае што е факт, а што е извртена или спинувана информација, која исто така може да биде третирана како лажна вест. Понекогаш веста содржи неколку делови што се вистинити и проверливи информации, добиени изјави од релевантни институции, но понатаму во текстот веќе се користат лажни статистики во корист на одредена пропагандна цел. Потребно е навистина да се чита со четири очи и мислам дека веќе не е доволно само да се врши проверка на основните чекори: дали има автор на текстот, релевантни извори итн. Сум среќавала написи што се релевантни и не содржат никаква лага во самиот текст, но затоа, пак, фотографијата во текстот била лажна и несоодветна на локацијата, ниту на годината. За наша среќа, постојат дигитални алатки и извори што може да се користат за проверка и верификација за да не паднеме во замката. Секој може да биде прелажан и да кликне на напис што се чини дека е точен. Она што поразува е фактот што 21 век е време на брзина и брза информираност. Па, така, некогаш и не дочитуваме докрај, а камоли да правиме проверка на содржината во написите и во вестите – вели Пецова-Илиеска.

Лажните вести не се ништо ново, туку интернетот им овозможи средина побрзо да се шират и да владеат со општата јавност на побрз начин. Новите политики на Фејсбук околу нив само покажуваат колку социјалните медиуми се длабоко инволвирани во овозможувањето тие да се шират, објаснува таа.
– Се плашам дека нема да донесат ништо ново, нити подобро во смисла на отстранување на лажните вести од социјалните медиуми, туку напротив, ќе развијат алатки како да ја модерираат нивната појава во одредени предизборни периоди во различни делови од светот. Или барем, во најмала рака, онаму каде што има интернет и пристап до одредени апликации. Големите технолошки гиганти секогаш ќе ја имаат предноста пред публиката воопшто да може да ја контролира појавата на лажните вести – вели Пецова-Илиеска.

Во природните науки јавноста може многу лесно да се доведе до заблуда

Потребна е континуирана едукација за да се постигне ефектот на млади луѓе што критички размислуваат. Образовните програми нудат теми/модули за вклучување на медиумската писменост во повеќе наврати. Во секоја наука или во секој предмет на изучување може да се појави манипулација на факти, кои може да се злоупотребат и да се искористат во правење лажни вести.

– Пандемијата со коронавирусот ни покажа дека токму во природните науки, каде што сме послаби со знаење и информации, општата јавност многу лесно може да се доведе до заблуда и да им верува на секакви лажни вести. Се сеќавате на првичните реакции за лекување со народни лекови и со алкохол. Во таа насока, лажните вести се’ повеќе ќе ги наоѓаме во вестите од рубрика Технологија, Медицина, Здравје, итн. бидејќи многу потешко е да се проверуваат такви извори заради самата содржина и сајтови и имиња кои не ни се познати од научната фела. И не се само лажните вести, ами поголемо прашање на векот е технологијата која се користи за deep fake, која е се’ понапредна. 

Дејан Георгиевски, претседател на Центарот за развој на медиумите, потсетува на искуството од пред 15-ина години, кога, како што вели тој, „се знаеше некаков ред“.

– Непишаниот и во таа смисла неформален купопродажен договор кога купувавме печатени весници, вклучуваше и разбирање дека, да, јас ви давам пет, 10, 15, 30 или колку и да е денари за весникот (во радиодифузијата дававме премолчена согласност со изборот на ТВ-каналот нашето внимание да биде „продавано“ на огласувачите) и во замена за тоа очекувам дека вие сте ги провериле сите факти, сите бројки и информации и јас тоа не треба да го правам. Денес ситуацијата е драстично нова. Наспроти напорите на вообичаено големите глобални медиуми – Њујорк тајмс, Гардијан, Фајненшел тајмс и сл. – за воспоставување претплатнички односи, сите користиме огромен број бесплатни извори на информации и вести. Истовремено, не сме ја загубиле навиката дека тој што ги објавува содржините треба да гарантира за нивната точност и веродостојност, без оглед на тоа што не плаќаме за нив – вели Георгиевски.
Кризата на финансирање на новинарството, пак, прави медиумите сè поретко да можат да си дозволат соодветни одделенија за проверка на фактите (fact-checking). Практиката на пост фестум проверка на фактите (разоткривање), главно од независни надворешни организации, не ни врши некоја особена работа, освен упатството дека некои извори објавиле неточни информации или дезинформации, па би можеле тоа да го повторат и во иднина. Проверката на фактите, за да биде ефективна, треба да се спроведе пред објавувањето, смета Георгиевски.

Проверката на фактите е едно работно место

Тој посочува дека во време на огромен број нови извори на информации, се наметнува трендот граѓаните да ја имаат „обврската“ да ги проверуваат фактите.
dejang– Тоа е сосема нова ситуација, не сум многу сигурен дека е фер тоа да го бараме од публиката, ама така е. Малкумина имаат време да ги проверуваат сите факти што ќе ги прочитаат или слушнат на интернет, во печатен весник или магазин, на радио или на телевизија – да се потсетиме, проверката на факти е цело работно место (или повеќе работни места) во традиционалните медиуми. Таа задача доаѓа во судир со она што е природно однесување за луѓето – преферирање информации што ги потврдуваат нашите ставови и мислења, преферирање информации од извори што го делат нашиот светоглед, тенденцијата да се дружиме и да им веруваме на нам сличните итн. Впрочем, целото прашање на „лажни вести“ и „дезинформации“ има многу јака идеолошка и политичка компонента, при што тоа што го кажува или мисли другата страна по автоматизам се отфрла како лага или пропаганда. Притоа, советите да се користат повеќе извори на информации за информирање можат да имаат само половичен успех, затоа што веројатноста е голема граѓаните и во тој случај да користат повеќе слични и сродни извори, во таа идеолошка или светогледна смисла – вели Георгиевски.

Тој истакнува дека клучен проблем со кој се соочуваме е што станува збор за прашања од областа на слободата на изразување и информирање, гарантирани и регулирани со меѓународни конвенции, при што ограничувањата мора да одговорат на серија строги критериуми – да се регулирани со закон, да се пропорционални на идентификуваната потреба и да се нужни во демократското општество, со дополнителниот критериум да бидат минимални за да се спречи нивна злоупотреба. Без менување на член 10 од ЕКЧП и член 19 од МПГПП, просто мораме да се потпреме на добрите намери на луѓето – и како креатори и како консументи на вести и информации, категоречн е Георгиевски.

– Претпоставката е дека „сè што ќе објават тие и тие е лага и пропаганда“, дека мора да се водат од принципот на веројатноста, односно колку е веројатно нешто да се случи. Од друга страна, ја имате старата максима дека „не е вест дека песот каснал човек, туку дека човекот каснал пес“, па вие видете. Ако ја исклучиме можноста за некаква регулаторна обврска издавачот да ги означува лажните вести и дезинформации, тоа нужно мора да го оставиме на процената на секој поединечен граѓанин – вели Георгиевски.

Изберете медиум кому ќе му верувате

Тој советува дека треба да избереме медиум кому ќе му веруваме. Според него, најдобро би било ако тоа е медиум што ги следи традиционалните обичаи и стандарди на новинарската професија.
– Медиумската писменост првенствено е прашање на образовните политики, почнувајќи од уроци за научната метода, до специјализирани теми какви што се пропаганда, односи со јавност итн. Постои одреден простор и за неформално образование и граѓанскиот сектор тука спроведува одредени активности. Притоа, мора да бидеме свесни дека најголемиот дел од граѓанскиот сектор, исто така, настапува од прилично тесно дефинирана идеолошка и политичка позиција (што не го осудувам, напротив!). Втор проблем е што се покажува дека луѓето што имаат оформени навики и ставови, многу тешко ги менуваат. Што се однесува до медиумите, барем оние што функционираат по стандардите на традиционалните информативни медиуми, тие својата работа ќе ја завршат ако нивните редакции строго ги почитуваат професионалните стандарди на новинарската професија. Тој процес, се разбира, ќе трае и не ми изгледа дека кога било во иднина ќе може некој да каже, „супер, од овој момент сите се медиумски писмени…“. Медиумскиот сектор и индустријата на информирање минуваат низ брзи и драматични промени и од денешна перспектива тешко е да се каже дали ситуацијата ќе се стабилизира и кога. Сите идни проблеми и предизвици ќе бараат соодветен одговор од различни чинители – државите, граѓаните, медиумите, новинарите и целата индустрија на информирање и медиумската индустрија – завршува Георгиевски.

Автор: Сребра Ѓорѓијевска

————————————————————————————————————————————————————————————————————-

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).

Продолжи со читање

  • Учество на осмата меѓународна регата Сава Наутик во Брчко – БиХ

    Претставникот на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес, Владимир Ивановски Вуцо и од Вардарска регата “Гемиџии“ Владимир Стојанов и Томе Шескокалов во периодот од 28-30.8.2026 год. на покана на здружението ИКС центар (X centar) од Брчко Дистрихт – БиХ земаа учество на осмата меѓународна туристичка рега “Сава наутик“. На оваа…

  • Погледнете го нашето ново промотивно видео и откријте како органскиот отпад може да стане вредна суровина!

    Преку силен фокус на циркуларната економија и еколошката едукација, сакаме да ги поттикнеме граѓаните на итна акција за правилно сортирање на отпадот — клуч чекор кон здрава животна средина и ублажување на климатските промени. Главни ѕвезди во видеото се наставниците и учениците од основните училишта каде што ги одржавме нашите едукативни работилници. Тие јасно порачуваат: со менување на секојдневните навики и активен граѓански ангажман, секој од нас има моќ да донесе позитивни промени во општеството!
    Ова видео е дел од промотивнтаа дигитална кампања со едукативно-информативни содржини за придобивките и начините за искористувањето на потенцијалот на органскиот отпад.
    Оваа видео е подготвено во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Resource Environmental Center – REC North Macedonia Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Eco – Logic и Center for Environmental Democracy – Florozon Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија и Embassy of Switzerland in North Macedonia преку програмата Цивика мобилитас #CivicaMobilitas.
     
    Содржината на оваа видео е единствена одговорност на партнерите во проектот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија #CHinMK, Цивика мобилитас #CivicaMobilitas, или организациите што ја спроведуваат.

  • Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери

    Програми Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери Кампот Михелштат во Германија беше домаќин на Европскиот младински камп, кој собра 135 учесници од 15 земји. По долго патување, а за некои и пристигнување во Михелштат низ серија на предизвикувачки услови, младите и нивните лидери се обединија околу заедничката тема: “Growing together – rooted in values – rising as leaders“, односно „Растеме заедно – вкоренети во вредностите – се издигнуваме како лидери“. Кампот понуди динамична програма исполнета со различни курсеви, интерактивни работилници и можности за размена на знаења и искуства. Курсевите беа задолжителниот дел и опфаќаа повеќе теми поврзани со менталното здравје, лидерството, активности на отворено поврзани со изградба на куќарки на дрва, обработка на темата “Do no harm” како методологија против било каков вид на насилство, односи со јавност, техники за раскажување приказни, театарски пристап во работата со млади и дигитално образование. Младите учесници и младинските работници активно придонесуваа со сопствените идеи, практики и перспективи, создавајќи простор во кој сите можеа да учат едни од други. Во фокусот беше заедничкото учење за иднината на младинската работа, како и развивањето лидерски способности засновани на вредности, соработка и меѓународно разбирање. Покрај едукативниот дел, програмата беше збогатена со многу креативни и забавни активности. Учесниците имаа можност да бидат дел од интернационален музички бенд, да создаваат уметност низ различни работилници за рачни изработки, цртање и сликање, работилници за дизајнирање восочни свеќи како и склопување и дизајнирање на куќарки за мали птици, да учествуваат во работилници за пеење (ten sing), да посетуваат сесии за релаксација и да учествуваат во спортски активности на терените на кампот во Михелштат. Дури и високите температури не ги спречија учесниците да учествуваат на сите овие настани, но и да уживаат во посетата на локалниот базен. За учесниците, покрај овие обврски, вклучена беше и прошетка до адреналински парк и возење на мал, планински ролеркостер, како и патување со брод по реката Мајна до блискиот град Милтенберг. Од Македонија имаше вкупно 7 претставници. Во изминатите четири години, овој камп прерасна во важно место за средба на европското ИМКА движење. Тој не претставува само меѓународен собир, туку простор каде што младите градат пријателства, споделуваат искуства и се инспирираат стекнатото знаење да го пренесат во своите земји и локални организации. Овој камп служи за сплотување на младинските работници низ камповите во Европа и е особено значаен за нашата земја од аспект на тоа што нуди споделување на искуства поврзани со камп културата која што ИМКА во Битола и во Македонија неуморно се труди да ја издигне на едно повисоко и препознатливо ниво за сите наши локални учесници, волонтери и поширока публика. * Пред да дојдам на кампот во Михелштат немав некои преголеми очекувања. Се надевав дека ќе запознаам нови луѓе, ќе стекнам пријатели и ќе разменам мислења со млади од различни земји. На крајот, сето тоа се исполни, па дури и ги надмина моите очекувања. Најинтересен и највпечатлив дел за мене беше курсот за лидерски вештини. Таму научив многу корисни работи за комуникацијата, тимската работа и начинот на кој еден лидер може позитивно да влијае на другите. Сигурно ќе ги применам овие знаења и во мојата заедница. За време на кампот стекнав поголема самодоверба во споделувањето на моите мислења и научив како подобро да ги разбирам и почитувам луѓето околу мене. Ова искуство ми помогна да пораснам како личност и да станам поотворен кон нови идеи и перспективи. Дефинитивно би го препорачал Михелштат кампот на секој млад човек кој сака да стекне нови искуства, да создаде меѓународни пријателства и да научи нешто корисно и вредно за својата иднина. Никола Гелов Кога првпат слушнав за кампот во Михелштат, сè ми дојде многу неочекувано. Бев пресреќна кога дознав дека и моите другарки добија можност да учествуваат, бидејќи знаев дека заедно ќе доживееме едно незаборавно искуство. Секој ден на кампот ми беше интересен на свој начин. Имав можност да научам многу нови работи и да запознаам луѓе од различни средини. Особено ми се допадна курсот по пеење. Таму научив дека не треба да се плашиме да пробаме нешто ново. Ако никогаш не се обидеме, нема да знаеме што можеме да постигнеме. Секој човек има свој талент и свој начин на изразување, а токму тоа нè прави посебни. Едно од највозбудливите искуства за мене беше активноста во Tree House. Искрено, пред да дојдам на кампот мислев дека тоа не е нешто што би го направила во мојот град. Но, овде решив да излезам од мојата зона на удобност и да пробам нешто ново. На крајот, многу се забавував и бев горда на себе што се осмелив да учествувам. Од курсот по пеење научив и една важна животна лекција: дека не треба да ги осудуваме другите. Секој може да направи нешто на свој начин и тоа не го прави помалку вреден. Наместо да критикуваме, треба да ги прифатиме и почитуваме разликите меѓу луѓето. Кампот ме научи да се дружам со сите, да бидам поотворена и да не донесувам брзи заклучоци за другите. Сфатив дека секој човек има своја приказна и дека сите заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Најважната порака што ќе ја понесам со себе е дека треба да бидеме храбри и да не се плашиме од нови предизвици. Нема глупави прашања и нема неуспеси кога учиме нешто ново. Секое искуство е можност да пораснеме и да станеме подобра верзија од себе. Дефинитивно би им го препорачала Михелштат кампот на сите млади кои имаат можност да учествуваат. Пријателствата, чувството дека сте дел од едно големо семејство, новите искуства и сè што се учи таму се нешта што тешко можат да се доживеат на друго место. Тоа е искуство кое засекогаш останува во сеќавање. Јована Кирјаковска   Бидејќи и претходно имав учествувано на два меѓународни кампа надвор од Македонија, дојдов во Михелштат со високи очекувања и чувство на возбуда. Од моите претходни искуства знаев дека ме очекува нешто посебно, а кампот ги надмина сите мои очекувања. Она што најмногу ми се допадна беше разновидноста на курсевите и работилниците. Тие создадоа можност сите учесници да се запознаат подобро, да се дружат и да учат едни од други.

  • ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби

    ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби На 27 јуни 2026 година, Кирил Михајлов, командир на Доброволното противпожарно друштво Свети Николе, учествуваше на панел-дискусија во Скопје посветена на противпожарната заштита и подготвеноста за вонредни состојби. Во рамки на дискусијата беа разгледани дел од клучните предизвици со кои се соочуваат противпожарните…

  • Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE

    Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE Доброволното противпожарно друштво Свети Николе продолжува да придонесува кон целите на проектот ENSURE преку своето директно учество во сложени интервенции на шумски пожари во Северна Македонија. За време на големиот пожар во Општина Македонски Брод, тимот на ДПД Свети Николе беше ангажиран како…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор