Koga mashinata pishuva koj odluchuva

Кога машината пишува, кој одлучува?

Пред неколку дена, на средба со млади луѓе, разговорот стигна до вештачката интелигенција (ВИ). Се отворија познатите стравови за лажните видеа, манипулацијата, губењето работни места и можноста машините постепено да преземат дел од она што досега го сметавме за човечка работа. Од целиот разговор, сепак, ми остана една поинаква реченица: „Не треба да се плашиме од вештачката интелигенција. Треба да научиме правилно да ја користиме. Таа може да ни помогне, но не може да го замени човекот“.  

Тоа беше трезвен став. Младите не расправаа дали технологијата е спас или закана. Зборуваа за нејзината разумна употреба и за границата по која човекот не смее да се откаже од сопственото расудување. 

Во новинарството, токму таа граница станува суштинска.  

ВИ може да транскрибира долг разговор, да пребара стотици страници документи, да спореди табели, да помогне со превод или да открие повторувачки обрасци во голем збир податоци. Во редакција во која еден новинар во ист ден истражува, пишува, снима, монтира и објавува на повеќе платформи, тоа е реална помош.  

Но, има нешта што не се учат од податоци. Довербата се гради долго време, низ присуство и одговорност. Тишината што настапува по тешко прашање понекогаш кажува повеќе од самиот одговор. А проценката дали нечија болка треба да стане јавна приказна не е техничка одлука. Таа бара човечка мерка и подготвеност да се одговара за последиците. 

Затоа, вистинското прашање не е дали човекот или машината ќе „победат“. Поважно е дали технологијата ќе се користи за подобро новинарство или само за побрзо и поевтино производство на содржини што личат на новинарство.

Новинарството веќе се менува однатре  

Додека јавната дебата сè уште се врти околу прашањето дали ВИ еден ден ќе ги замени новинарите, во редакциите таа веќе работи, најчесто тивко, во заднина. 

Истражување на Институтот Ројтерс, засновано врз широко репрезентативен примерок од 1.004 новинари во Обединетото Кралство, покажува дека 56 проценти користат некаква форма на ВИ во својата работа најмалку еднаш неделно. Истражувањето ја разбира ВИ пошироко од генеративните алатки и опфаќа и други форми на автоматизација. Најчесто се користи за транскрипција, титлување, превод и јазично уредување, задачи што се повторуваат и одземаат многу време. 

Но границата веќе се поместува. Дваесет и два проценти од испитаниците ја користат ВИ најмалку еднаш месечно при истражување приказни, 16 проценти за развивање идеи, исто толку за создавање делови од текстот, а 12 проценти при проверка на факти, извори или информации. 

Тука повеќе не станува збор само за побрзо претворање на аудиоснимката во текст. Кога алатката предлага соговорник, агол или објаснување, таа може да влијае и врз насоката во која новинарот ќе ја бара приказната. Во истата задача лесно се појавуваат помошта што подразбира заштеда на време и ризикот да се прифати однапред понудена рамка. 

Во анализата Вештачката интелигенција во медиумите на Северна Македонија се појавува препознатлива слика. И во домашниот аудиовизуелен сектор ВИ најчесто се користи како помош при технички и оперативни задачи, за транскрипции, резимеа, обработка на материјали, табели, графички елементи или предлози за наслови. 

Разликата е во начинот на кој редакциите ја организираат употребата. Во британското истражување, 60 проценти од новинарите навеле дека нивниот главен медиум има барем некаков протокол или правило за ВИ, а 32 проценти дека редакцијата обезбедува обука. Според нашата анализа, употребата сè уште најчесто е индивидуална и фрагментирана, со малку формализирани политики и организирани обуки. 

Иако методолошки не се директно споредливи, двете истражувања упатуваат на ист проблем, а тоа е дека ВИ може да влезе во редакцијата многу побрзо отколку што таа ќе успее да воспостави правила за нејзината употреба. 

Интересно е што ставовите се разликуваат и според зачестеноста на употребата. Во британскиот примерок, 62 проценти ја гледале ВИ како голема закана, а 15 проценти како голема можност. Кај оние што ја користеле секојдневно, проценките биле речиси изедначени: 48 проценти гледале закана, а 45 проценти можност. 

Ова не докажува дека самата употреба ги намалува стравовите. Покажува дека новинарите што секојдневно работат со ВИ почесто ги препознаваат и нејзините можности и нејзините ограничувања. 

Главното прашање, затоа, повеќе не е дали ВИ ќе се користи, туку како. Разликата ќе ја направат редакциите што ќе обезбедат јасни правила, обука и одговорност, наместо секој новинар сам да ги одредува границите. 

koga mashinata pishuva koj odluchuva featured

ВИ му „враќа“ време на новинарството  

Најдобрата примена на ВИ во редакцијата е онаа што му ослободува време на новинарот за работа што бара проценка, контекст и одговорност. 

Во пилот-проект на BBC, тимот на BBC R&D, во соработка со BBC Sport и BBC Local Radio, развил алатка што ги поврзувала аудиокоментарите во живо со систем за транскрипција. Потоа, со помош на GPT-4, од транскриптот се подготвувале резимеа на клучните моменти и се издвојувале дословни цитати. Материјалот не се објавувал автоматски. Заедно со целосниот транскрипт, прво стигнувал до тимовите задолжени за страниците со известување во живо, кои го проверувале и го уредувале пред објавувањето. Публиката била информирана дека BBC ја тестира технологијата. 

Четирите пилот-страници оствариле повеќе од 900.000 прегледи и овозможиле во ваков формат да бидат опфатени и натпревари за кои BBC инаку не би понудил известување во живо. Системот сепак правел грешки, особено кај имињата на фудбалерите, што јасно покажува зошто човечката проверка не смее да биде само формалност. Технологијата ја забрзала обработката на материјалот и го проширила обемот на известувањето, додека изборот, проверката и конечната одлука останале кај уредниците. 

Таквата примена може да биде особено значајна за помалите редакции и за медиумите што работат на повеќе јазици. Транскрипцијата, преводот, титлувањето и претворањето текст во аудиосодржина можат да помогнат информацијата да стигне до повеќе луѓе. 

Но вистинскиот напредок не се мери според бројот на дополнително произведени содржини. Поважно е дали информацијата станала подостапна, поразбирлива и покорисна и дали заштеденото време било вложено во проверка, разговор со извори и работа на терен. 

Уверливиот одговор сè уште не е доказ 

Најопасната грешка не е секогаш онаа што звучи нелогично. Понекогаш доаѓа во јасна, течна и самоуверена реченица, без ништо во нејзиниот тон да нè предупреди дека изворот е погрешен или дека недостига важен контекст. 

Во истражувањето на Европската радиодифузна унија и Би-би-си, новинари од 22 јавни медиумски сервиси во 18 земји оцениле повеќе од 3.000 одговори на четири ВИ-асистенти, на 14 јазици. Во 45 проценти од одговорите бил утврден барем еден значителен проблем, 31 процент имале сериозни проблеми со изворите, а 20 проценти големи проблеми со точноста. Овие наоди се однесуваат на конкретните тестирани системи и период, но јасно покажуваат дека убедливиот тон не е гаранција за веродостојност. 

Слично предупредување доаѓа од студија претставена на CHI 2025, една од водечките меѓународни научни конференции посветени на односот меѓу луѓето и компјутерските технологии. Во истражувањето, 319 професионалци опишале 936 конкретни случаи во кои користеле генеративна ВИ на работа. Поголемата доверба дека алатката успешно ќе ја изврши задачата била поврзана со помало самопријавено критичко ангажирање, додека довербата во сопственото знаење била поврзана со повеќе проверка и преиспитување.  Студијата не докажува дека ВИ го намалува критичкото размислување. Таа покажува дека, кога премногу ѝ веруваме на алатката, можеме да вложиме помалку напор во проверката на нејзиниот одговор. 

За новинарството, пораката е јасна. Човечкиот надзор не значи само некој да го прочита текстот пред објавување. За да се забележи убедливо составена грешка, потребни се познавање на темата, пристап до примарните извори и време за проверка. 

Токму затоа една од најважните задачи на новинарството е да ја зачува паузата меѓу убедливиот одговор и верувањето во него и повторно да праша: од каде доаѓа информацијата, што недостига и што сè уште не може да се тврди со сигурност. 

Одговорноста мора да има адреса 

Новиот Кодекс на новинарите на Македонија, промовиран во јули 2026 година, првпат експлицитно ја внесува ВИ во етичката рамка на професијата. Членот 16 бара создавањето новинарска содржина со ВИ да биде јасно означено, а новинарот останува целосно одговорен за точноста на информациите и за интегритетот на медиумскиот производ. Неприфатливо е ВИ да се користи за создавање или ширење лажни, манипулативни или суштински изменети содржини што можат да ја доведат јавноста во заблуда, а новинарскиот производ не смее да биде целосно генериран од ВИ. 

Тоа е важен почеток, а не конечен прирачник за секоја алатка и секоја ситуација. Како што редакциите ќе стекнуваат повеќе искуство, ќе треба попрецизно да одговорат на практичните прашања околу тоа кога и како се означува употребата на ВИ, кои податоци не смеат да се внесуваат во системите, како се проверува машински создадениот материјал и кој постапува кога ќе се појави грешка. 

Сличен пристап се предлага и со Насоките на Советот на Европа за генеративната ВИ и слободата на изразување. Документот ги признава можностите на технологијата за создавање содржини и полесен пристап до информации, но предупредува и на ризиците за разновидниот и плуралистички информациски простор. Затоа предлага постојано следење на влијанието, процена на ризиците и зајакнување на корисниците и општеството. 

Алатките ќе се менуваат, а со нив постепено ќе се развиваат и редакциските правила. Едно, сепак, мора да остане јасно. Кога системот ќе згреши, јавноста не може да побара објаснување од моделот. Потребни се автор, редакција, постапка за исправка и некој што ќе одговори за донесената одлука. 

ВИ може да учествува во новинарскиот процес. Одговорноста, сепак, мора да остане на човечка адреса.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонски институт за медиуми

Продолжи со читање

  • YMLP 2026 – лидерство, самодоверба и незаборавни искуства

    Последни новости YMLP 2026 – лидерство, самодоверба и незаборавни искуства Од 8 до 11 јули 2026 година, група средношколци од различни градови низ Македонија се собраа во Битола на кампот YMLP 2026 (Young Men’s Leadership Project) – лидерско и авантуристичко искуство организирано од ИМКА Македонија во партнерство со волонтерите на Мировниот корпус, алумни и локални волонтери. Иако со помал број учесници, YMLP Кампот овозможи секој млад човек да добие индивидуално внимание, да изгради искрени пријателства и да се предизвика себеси преку активности насочени кон развој на лидерски способности, самодоверба и личен раст. Во текот на четирите дена, учесниците работеа на теми поврзани со столбовите на ИМКА – личен развој, лидерство, заштита на животната средина, граѓанска одговорност и кариерен развој. Преку интерактивни работилници, тимски предизвици и практично учење, тие ги препознаваа своите силни страни, ги развиваа комуникациските вештини, учеа да решаваат проблеми во тим и размислуваа како можат позитивно да придонесат во своите училишта и локални заедници. Едукативниот дел беше надополнет со бројни рекреативни и активности на отворено. Учесниците уживаа во куглање, флег-фудбал, олимписки игри, водени предизвици и креативни активности кои поттикнуваа тимска работа и здрав натпреварувачки дух. Еден од најнезаборавните моменти беше кампувањето во Националниот парк Пелистер. Момчињата ноќеваа во шатори, се дружеа околу логорски оган со традиционалните s’mores, го поминаа адреналинскиот парк, пешачеа низ шумските патеки и заеднички решаваа симулација на авионска несреќа, активност која ги стави на тест нивните комуникациски вештини, лидерски способности и носење одлуки под притисок. За самите учесници, најголемата вредност на кампот беа пријателствата и чувството на заедништво. Еден учесник сподели: Спортските активности, огромната количина смеа меѓу нас и запознавањето нови луѓе. Друг учесник го сумираше своето искуство: Активностите беа одлични, луѓето, персоналот – сè беше одлично. Други како највпечатлив дел го издвоија престојот во природа: Кампувањето во шатори, s’mores и стекнувањето нови пријателства. Кампот на Пелистер. Влијанието на YMLP кампот продолжи и по враќањето дома, а родителите забележаа значајни позитивни промени кај своите синови. Еден родител сподели особено емотивно искуство: Мојот син не сака многу да зборува. Најчесто одговара само со ‘да’ или ‘не’ и ретко раскажува што му се случувало во текот на денот. Откако се врати од кампот, стана многу поотворен. Почна да зборува за своите планови, да бара совет и помош, а покажа и поголем интерес за локални прашања како загадувањето, отпадот, планинарските и велосипедските патеки. Почна да ми раскажува како му поминал денот и што правел со пријателите. За мене како родител, тоа е огромна позитивна промена. И други родители забележаа охрабрувачки промени: Подобрени комуникациски вештини. Порасположен, посамоуверен и полн со позитивни впечатоци. YMLP кампот е многу повеќе од четиридневно летно искуство – тој претставува почеток на подолг лидерски пат. Следната година, учесниците ќе имаат можност да аплицираат за програмата Counselors-in-Training (CiT). Оваа програма е дел од целогодишната Leaders-in-Training (LIT) програма на ИМКА Македонија, преку која младите стекнуваат лидерски, менторски, комуникациски и волонтерски вештини, подготвувајќи се да станат идни советници на камповите и лидери во своите заедници. Преку кампот YMLP, ИМКА Македонија продолжува да инвестира во младите, помагајќи им да изградат самодоверба, цврст карактер и практични лидерски вештини што ќе им овозможат позитивно да придонесуваат во своите семејства, училишта и локални заедници.

  • Соларен саем во Кичево: Сончевата енергија поблиску до граѓаните

    На 8ми август на Градскиот плоштад во Кичево се одржа Соларен саем посветен на сончевата енергија, обновливите извори и можностите што им стојат на располагање на граѓаните за поактивно учество во енергетската транзиција. Саемот беше можност посетителите на едно место да добијат практични и разбирливи информации за користењето на сончевата

  • Велешките гемиџии и извидници учесници на рафтинг манифестација “Неретва и пријателите 2026 – Битката на Неретва“

    Во периодот од 14 до 16 август 2026 год. дванаесет извидници и гемиџии на покана на рафтинг клубот “Тузлак“ од Тузла, Босна и Херцеговина земаа учество на рафтинг манифестацијата Тузла и пријателите – Неретва 2026 или Битката на Неретва. Рафтинг спустот се организираше на реката Неретва, а ние и повеќе…

  • GLOW 2026 охрабри речиси 40 млади девојки преку лидерство, авантура и пријателство

    Последни новости GLOW 2026 охрабри речиси 40 млади девојки преку лидерство, авантура и пријателство Од 1 до 4 јули 2026 година, речиси 40 средношколки од околу 15 градови низ Македонија се собраа во Битола на кампот GLOW 2026 (Girls Leading Our World) – уникатно лидерско искуство организирано од ИМКА во партнерство со волонтерите на Мировниот корпус, алумни и локални волонтери. Направен со цел да ја инспирира следната генерација млади лидерки, кампот GLOW ги обедини практичното учење, авантурата во природа и креативноста во средина каде што секоја учесничка беше охрабрена да ги открие своите силни страни, да ги поддржува другите и да ја изгради својата самодоверба. Во текот на четиридневната програма, учесничките следеа интерактивни работилници засновани на столбовите на ИМКА – личен развој, лидерство, заштита на животната средина, граѓанска одговорност и кариерен развој. Преку практични активности, тие развиваа критичко размислување, способност за тимска работа и лидерски вештини кои ќе можат да ги применуваат во своите училишта и локални заедници. Покрај едукативниот дел, програмата понуди богата палета рекреативни активности, меѓу кои креативни работилници, куглање, олимписки игри и забавни водени предизвици кои поттикнуваа тимски дух и здрава конкуренција. Еден од највпечатливите моменти беше престојот во Националниот парк Пелистер, каде што девојките кампуваа во шатори, го совладаа адреналинскиот парк, и уживаа во пешачење и истражување на шумата преку интерактивна потрага по природни богатства. Влијанието на кампот најдобро го опишаа самите учеснички: Неверојатната енергија на сите! Секоја активност беше одлично организирана, сите беа гостопримливи и пријателски настроени, а заедно доживеавме толку многу нови искуства. Најмногу ми се допадна што конечно направив работи за кои отсекогаш сум сонувала, и тоа опкружена со прекрасни девојки на моја возраст! Посебно ми значеше чувството на топлина и сигурност што го создаде просторот исполнет со жени кои се поддржуваат меѓусебно. Друга учесничка го истакна богатството на програмата: Секој ден беше исполнет со различни и уникатни активности, така што ниту еден ден не беше ист како претходниот. Советничките беа прекрасни, секогаш позитивни и полни со охрабрување. За многу девојки, токму пријателствата создадени за време на кампот останаа највредниот дел од целото искуство: Најмногу ми се допадна заедништвото што го создадовме во кампот – атмосфера исполнета со поддршка и пријателски дух. Имав чувство дека сме во еден посебен свет исполнет со љубов и добрина, далеку од суровоста што понекогаш ја носи секојдневието. А и храната беше одлична! Влијанието на кампот продолжи и по неговото завршување, а родителите забележаа позитивни промени кај своите ќерки. Еден родител сподели „Забележав дека стана поотворена и ме изненади колку многу енергична беше кога се врати дома. Ми се чини дека стекна и многу поголема храброст отколку порано. Беше пресреќна и веднаш ми кажа дека следната година повторно сака да учествува.“ Други родители истакнаа промени како: Подобри комуникациски вештини. Поголема самодоверба. Порасположена е, посигурна во себе и полна со прекрасни впечатоци. Следното лето дел од овогодишните учеснички ќе имаат можност да го продолжат своето лидерско патување преку пријавување во програмата Counselors-in-Training (CiT). Оваа програма е дел од целогодишната Leaders-in-Training (LIT) програма на ИМКА, преку која младите развиваат лидерски, комуникациски, менторски и волонтерски вештини во текот на учебната година, подготвувајќи се да станат идни советници на камповите. Преку оваа лидерска патека, ИМКА инвестира во младите не само како учесници на камповите, туку и како идни ментори и лидери кои ќе ја инспирираат следната генерација.

  • Одржана обука за академско пишување за авторите на седмото издание на „Правен фокус“

    Како дел од подготовките за седмото издание на списанието „Правен фокус“, од 14 до 16 август во Охрид се одржа обука посветена на стандардите за академско пишување. Обуката беше наменета за избраните автори кои ќе подготват стручни статии за новото издание, посветено на темата „Помеѓу […]
    The post Одржана обука за академско пишување за авторите на седмото издание на „Правен фокус“ appeared first on Myla.

  • Дневниот камп SPARK 2026 ја инспирираше новата генерација млади лидери

    Последни новости Дневниот камп SPARK 2026 ја инспирираше новата генерација млади лидери Од 23 до 25 јуни 2026 година, ИМКА Македонија го организираше дневниот камп SPARK во Битола – три незаборавни дена исполнети со авантура во природа, развој на лидерски вештини и учење преку практично искуство. Кампот беше реализиран во партнерство со Мировниот корпус, Педагошкиот факултет, Технолошко-техничкиот факултет и алумни на камповите на ИМКА. Активностите се одржуваа во шумскиот простор во близина на Педагошкиот факултет, кој овозможи безбедна и инспиративна средина за учење, дружење и стекнување нови пријателства. Во текот на трите дена, учесниците беа дел од разновидни активности инспирирани од лидерските столбови на ИМКА – личен развој, лидерство, граѓанска одговорност и заштита на животната средина. Преку искуствено учење на отворено, тимски предизвици, олимписки игри и забавни водени активности, децата ги развиваа својата самодоверба, соработката и тимскиот дух. Еден од највозбудливите моменти беше еднодневната посета на Националниот парк Пелистер. Таму учесниците ги тестираа своите способности во адреналинскиот парк, а потоа учествуваа во организирана прошетка низ шумските патеки. Овие активности ги поттикнаа да излезат од својата комфорна зона, да се охрабруваат меѓусебно, да градат отпорност и истовремено да ја запознаваат и ценат природата на Македонија. SPARK претставува прв чекор во лидерската патека на ИМКА. Како дневен камп наменет за ученици од основно образование, тој ги подготвува младите за следната фаза – лидерските кампови за средношколци Girls Leading Our World (GLOW) и Young Men’s Leadership Project (YMLP). На тој начин, учесниците добиваат можност континуирано да ги развиваат своите лидерски способности, чувството за заедница и личната одговорност. Влијанието на кампот SPARK продолжи и по неговото завршување. Во анкетите по кампот, родителите дадоа исклучително високи оценки за целокупното искуство, истакнувајќи дека кај нивните деца забележале поголема самодоверба, независност, нови пријателства и уште поголем ентузијазам за учење преку активности во природа. Нивните позитивни впечатоци се уште една потврда за заложбата на ИМКА да создава безбедни, квалитетни и трансформативни програми за млади. ИМКА упатува искрена благодарност до координаторите, советниците, персоналот и сите поддржувачи кои придонесоа за успешната реализација на SPARK 2026. Благодарение на нивната посветеност, младите добија можност да ги откријат своите потенцијали, да создадат спомени за цел живот и да ги направат првите чекори на своето лидерско патување.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор