Fact checking day 2026 768x768

Ден на проверката на факти 2026: Војните и геополитичката нестабилност – предизвик за проверувачите на факти ширум светот

Проверувачите на факти и сите оние кои се залагаат за зачувување на интегритетот на информациите на јавната сцена, денеска го одбележуваат 2 Април – Меѓународниот ден на проверката на факти (#FactCheckingDay), кој годинава поминува во сенка на војните, кои, како што е познато, не се наклонети кон фактите и вистината

Денеска е 2 Април – ден на проверката на факти (#FactCheckingDay) кога факт-чекерите (проверувачите на факти), кои секојдневно работат јавната дебата да се темели врз факти, а не врз измислици, прославуваат уште една напорна година во која доминираа глобални геополитички настани, како на пример војните во чија суштина не е придржувањето кон фактите и вистината.

Првиот Меѓународен ден на проверката на факти беше лансиран од Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN) во 2016 година со цел да се прослави и истакне работата на проверувачите на факти ширум светот и оттогаш се одбележува секоја година. IFCN започна со само десетина членки за денес во неа да членуваат над 180 организации ширум светот.

Во С. Македонија, полноправна и сертифицирана членка на оваа мрежа од 2019 година е Фондацијата Метаморфозис (metamorphosis.org.mk) и порталот за проверка на факти Вистиномер (vistinomer.mk). Од 2023 година Метаморфозис и Вистиномер се сертифицирани членки и на Европската мрежа за стандарди при проверката на факти (EFCSN) со седиште во Брисел, Белгија, а во проверката на факти активно се вклучени и другите изданија на Метаморфозис – новинската агенција Мета (meta.mk) и информативниот портал на албански јазик, Порталб (portalb.mk).

Во изминатата година изданијата на Метаморфозис изработија речиси 1.000 проверки на факти и разоткривања на спинови (манипулации) искажани од учесници во креирањето на јавните политики, како и проверки на исполнетоста на предизборните ветувања на политичките партии.

Војните, кои по својата природа ја замаглуваат, прикриваат и извитоперуваат вистината и фактите, и во изминатиов период, како и во актуелниов момент се една од главните глобални медиумски теми. Војната во Украина по агресијата на Русија врз својот мирољубив сосед трае веќе над 4 години без надеж за примирје. По минатогодишниот воздушен напад врз Иран, кога лани летото беа бомбардирани нукеларните постројки и истражувачки центри на оваа држава од Израел и САД, во моментов гледаме проширена реприза, која има сериозни шанси да се претвори во инвазија и која веќе се шири врз целиот регион. Брзината на ескалацијата на овој конфликт е соодветна на брзината на ширењето на дезинформациите кои произлегуваат од него. Едноставно, што повеќе држави и луѓе се директно или индиректно засегнати од воениот судир, толку повеќе дезинформации, манипулации и полувистини почнуваат да циркулираат во јавноста.

За разлика од самиот почеток на конфликтот, кога можеше да се забележи злоупотреба на визуелни елементи (фотографии, видео инстерти, итн.) од претходни конфликти, а на кои им се припишуваше лажна актуелност со цел другата страна да се прикаже како злосторничка, сега веќе сме сведоци дезинформациски наративи да се туркаат преку постојани и репетитивни невистини,

а се со цел неповолните вести и информации во медиумите да се врамат поинаку и настаните да се прикажат во светло поволно за оној кој го турка таквиот дезинформациски наратив во јавноста. Неретко ова се прави од највисоко позиционирани државнички личности или кругови, кои се постојано цитирани од светските медиуми и чии дезинформациски акробации многу полесно стигнуваат до широката јавност за разлика од проверките на факти.

Кога станува збор, пак, за дезинформациите и странското мешање и манипулација со информации (FIMI – Foreign Information Manipulation and Interference) кои потекнуваат од Кремљ и кои во изминатите години претставуваа главен предизвик за проверувачите на факти, во последно време се забележува спласнување на интензитетот, но сѐ уште се одржуваат во живот постоечките дезинформациски наративи против Украина, против Западот и неговите институции како ЕУ и НАТО, а продолжи величењето на Русија и Путин. Но, она што треба да се има предвид е дека и покрај спласнатиот интензитет заради долгорочното празнење на државните куфери на Русија поради неопходното пумпање на воените буџети, Кремљ не престанува да делува опортунистички и ја користи секоја шанса која ќе му се пружи да им нанесе штета на земјите членки на НАТО и ЕУ, вклучително и во областа на дезинформациите.

Покрај војните, она што, исто така, претставува сериозен предизвик за проверувачите на факти е зголемената употреба на вештачката интелигенција за ширење дезинформации. За разлика од изминатите 2-3 години, кога дезинформациите произведени со вештачка интелигенција главно беа преземани од странство, а со тоа и беа полесни за разоткривање, сега веќе, како што и предвидовме, употребата на вештачката интелигенција во продукцијата на дезинформации станува сѐ повеќе домашна, односно локална, при што експлозија на ваквите локализирани дезинформации, произведени со помош на вештачка интелигенција, се очекува во 2027-28 година. Во секој случај, сѐ повеќе фотографии, кои се користат, пред сѐ, за бркање кликови или продажба на лекови, на пример, се од домашни корисници и ваквиот тренд бездруго ќе продолжи.

Он-лајн измамите, и тоа особено оние кои се шират преку социјалните мрежи, во изминатиот период доживуваат своевидна „мини-ренесанса“, при што се зголемува бројот на видовите на измами со кои се сретнуваме. Најголем дел се познати и веќе видени, но она што се зголемува е нивниот интензитет и број. Сега веќе е тешко да бидете поштедени од измамнички содржини ако се вклучите на социјалните мрежи. Дури и основните кликбејт измами, чија цел е единствено да го натераат корисникот да кликне на соодветен линк од кој добиваат пари, доживуваат камбек, иако до пред година-две им го отстапија просторот на крипто-измамите, продажбата на лажни лекови, при што овие „продавачи“ беа меѓу првите во користењето на вештачката интелигенција и меѓународните измами кои раководат со глобалните измамнички „фабрики“ од Далечниот Исток.

Политичките дезинформации, пак, кои беа првична цел на Вистиномер и другите изданија на Фондацијата Метаморфозис уште од 2011 година, и понатаму се актуелни. Иако состојбата е подобра споредено со политичката криза од минатата деценија (2011-17 год.), сепак, редица проблеми поврзани со дезинформациите кај политичките актери и понатмау опстојуваат. Кај предизборните ветувања на политичките партии редовно недостастигаат рокови за исполнување и голем број на неисполнети предизборни ветувања само се пренесуваат во новите програми како што ќе дојде новиот изборен циклус. Кога станува збор, пак, за партиските сооопштенија, воопшто не е невообичаено во нив да се сретнат дезинформации, додека кај изјавите на политичарите она

што најмногу се сретнува тоа се манипулациите каде што вистината се растегнува, прескокнува, прикрива, замаглува, злоупотребува и слично.

Меѓународниот ден на проверката на факти годинава се одбележува преку слоганот „Ние стоиме зад фактите!“ „We Stand for Facts!“, а Меѓународната мрежа за проверка на факти ќе го претстави најновиот годишен извештај за состојбата со проверката на фактите (State of the Fact-Checkers Report.“

#FactsMatter #FactCheckingDay

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Метаморфозис

Продолжи со читање

  • Учество на осмата меѓународна регата Сава Наутик во Брчко – БиХ

    Претставникот на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес, Владимир Ивановски Вуцо и од Вардарска регата “Гемиџии“ Владимир Стојанов и Томе Шескокалов во периодот од 28-30.8.2026 год. на покана на здружението ИКС центар (X centar) од Брчко Дистрихт – БиХ земаа учество на осмата меѓународна туристичка рега “Сава наутик“. На оваа…

  • Погледнете го нашето ново промотивно видео и откријте како органскиот отпад може да стане вредна суровина!

    Преку силен фокус на циркуларната економија и еколошката едукација, сакаме да ги поттикнеме граѓаните на итна акција за правилно сортирање на отпадот — клуч чекор кон здрава животна средина и ублажување на климатските промени. Главни ѕвезди во видеото се наставниците и учениците од основните училишта каде што ги одржавме нашите едукативни работилници. Тие јасно порачуваат: со менување на секојдневните навики и активен граѓански ангажман, секој од нас има моќ да донесе позитивни промени во општеството!
    Ова видео е дел од промотивнтаа дигитална кампања со едукативно-информативни содржини за придобивките и начините за искористувањето на потенцијалот на органскиот отпад.
    Оваа видео е подготвено во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Resource Environmental Center – REC North Macedonia Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Eco – Logic и Center for Environmental Democracy – Florozon Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија и Embassy of Switzerland in North Macedonia преку програмата Цивика мобилитас #CivicaMobilitas.
     
    Содржината на оваа видео е единствена одговорност на партнерите во проектот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија #CHinMK, Цивика мобилитас #CivicaMobilitas, или организациите што ја спроведуваат.

  • Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери

    Програми Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери Кампот Михелштат во Германија беше домаќин на Европскиот младински камп, кој собра 135 учесници од 15 земји. По долго патување, а за некои и пристигнување во Михелштат низ серија на предизвикувачки услови, младите и нивните лидери се обединија околу заедничката тема: “Growing together – rooted in values – rising as leaders“, односно „Растеме заедно – вкоренети во вредностите – се издигнуваме како лидери“. Кампот понуди динамична програма исполнета со различни курсеви, интерактивни работилници и можности за размена на знаења и искуства. Курсевите беа задолжителниот дел и опфаќаа повеќе теми поврзани со менталното здравје, лидерството, активности на отворено поврзани со изградба на куќарки на дрва, обработка на темата “Do no harm” како методологија против било каков вид на насилство, односи со јавност, техники за раскажување приказни, театарски пристап во работата со млади и дигитално образование. Младите учесници и младинските работници активно придонесуваа со сопствените идеи, практики и перспективи, создавајќи простор во кој сите можеа да учат едни од други. Во фокусот беше заедничкото учење за иднината на младинската работа, како и развивањето лидерски способности засновани на вредности, соработка и меѓународно разбирање. Покрај едукативниот дел, програмата беше збогатена со многу креативни и забавни активности. Учесниците имаа можност да бидат дел од интернационален музички бенд, да создаваат уметност низ различни работилници за рачни изработки, цртање и сликање, работилници за дизајнирање восочни свеќи како и склопување и дизајнирање на куќарки за мали птици, да учествуваат во работилници за пеење (ten sing), да посетуваат сесии за релаксација и да учествуваат во спортски активности на терените на кампот во Михелштат. Дури и високите температури не ги спречија учесниците да учествуваат на сите овие настани, но и да уживаат во посетата на локалниот базен. За учесниците, покрај овие обврски, вклучена беше и прошетка до адреналински парк и возење на мал, планински ролеркостер, како и патување со брод по реката Мајна до блискиот град Милтенберг. Од Македонија имаше вкупно 7 претставници. Во изминатите четири години, овој камп прерасна во важно место за средба на европското ИМКА движење. Тој не претставува само меѓународен собир, туку простор каде што младите градат пријателства, споделуваат искуства и се инспирираат стекнатото знаење да го пренесат во своите земји и локални организации. Овој камп служи за сплотување на младинските работници низ камповите во Европа и е особено значаен за нашата земја од аспект на тоа што нуди споделување на искуства поврзани со камп културата која што ИМКА во Битола и во Македонија неуморно се труди да ја издигне на едно повисоко и препознатливо ниво за сите наши локални учесници, волонтери и поширока публика. * Пред да дојдам на кампот во Михелштат немав некои преголеми очекувања. Се надевав дека ќе запознаам нови луѓе, ќе стекнам пријатели и ќе разменам мислења со млади од различни земји. На крајот, сето тоа се исполни, па дури и ги надмина моите очекувања. Најинтересен и највпечатлив дел за мене беше курсот за лидерски вештини. Таму научив многу корисни работи за комуникацијата, тимската работа и начинот на кој еден лидер може позитивно да влијае на другите. Сигурно ќе ги применам овие знаења и во мојата заедница. За време на кампот стекнав поголема самодоверба во споделувањето на моите мислења и научив како подобро да ги разбирам и почитувам луѓето околу мене. Ова искуство ми помогна да пораснам како личност и да станам поотворен кон нови идеи и перспективи. Дефинитивно би го препорачал Михелштат кампот на секој млад човек кој сака да стекне нови искуства, да создаде меѓународни пријателства и да научи нешто корисно и вредно за својата иднина. Никола Гелов Кога првпат слушнав за кампот во Михелштат, сè ми дојде многу неочекувано. Бев пресреќна кога дознав дека и моите другарки добија можност да учествуваат, бидејќи знаев дека заедно ќе доживееме едно незаборавно искуство. Секој ден на кампот ми беше интересен на свој начин. Имав можност да научам многу нови работи и да запознаам луѓе од различни средини. Особено ми се допадна курсот по пеење. Таму научив дека не треба да се плашиме да пробаме нешто ново. Ако никогаш не се обидеме, нема да знаеме што можеме да постигнеме. Секој човек има свој талент и свој начин на изразување, а токму тоа нè прави посебни. Едно од највозбудливите искуства за мене беше активноста во Tree House. Искрено, пред да дојдам на кампот мислев дека тоа не е нешто што би го направила во мојот град. Но, овде решив да излезам од мојата зона на удобност и да пробам нешто ново. На крајот, многу се забавував и бев горда на себе што се осмелив да учествувам. Од курсот по пеење научив и една важна животна лекција: дека не треба да ги осудуваме другите. Секој може да направи нешто на свој начин и тоа не го прави помалку вреден. Наместо да критикуваме, треба да ги прифатиме и почитуваме разликите меѓу луѓето. Кампот ме научи да се дружам со сите, да бидам поотворена и да не донесувам брзи заклучоци за другите. Сфатив дека секој човек има своја приказна и дека сите заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Најважната порака што ќе ја понесам со себе е дека треба да бидеме храбри и да не се плашиме од нови предизвици. Нема глупави прашања и нема неуспеси кога учиме нешто ново. Секое искуство е можност да пораснеме и да станеме подобра верзија од себе. Дефинитивно би им го препорачала Михелштат кампот на сите млади кои имаат можност да учествуваат. Пријателствата, чувството дека сте дел од едно големо семејство, новите искуства и сè што се учи таму се нешта што тешко можат да се доживеат на друго место. Тоа е искуство кое засекогаш останува во сеќавање. Јована Кирјаковска   Бидејќи и претходно имав учествувано на два меѓународни кампа надвор од Македонија, дојдов во Михелштат со високи очекувања и чувство на возбуда. Од моите претходни искуства знаев дека ме очекува нешто посебно, а кампот ги надмина сите мои очекувања. Она што најмногу ми се допадна беше разновидноста на курсевите и работилниците. Тие создадоа можност сите учесници да се запознаат подобро, да се дружат и да учат едни од други.

  • ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби

    ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби На 27 јуни 2026 година, Кирил Михајлов, командир на Доброволното противпожарно друштво Свети Николе, учествуваше на панел-дискусија во Скопје посветена на противпожарната заштита и подготвеноста за вонредни состојби. Во рамки на дискусијата беа разгледани дел од клучните предизвици со кои се соочуваат противпожарните…

  • Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE

    Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE Доброволното противпожарно друштво Свети Николе продолжува да придонесува кон целите на проектот ENSURE преку своето директно учество во сложени интервенции на шумски пожари во Северна Македонија. За време на големиот пожар во Општина Македонски Брод, тимот на ДПД Свети Николе беше ангажиран како…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор