Wh day

„7ми април – Светски ден на здравјето: Државата да ги зголеми инвестициите во здравствена превенција и квалитетна здравствена заштита на жените, децата и ранливите групи“

По повод Светскиот ден на здравјето 7 април, годинава под мотото „Здрави почетоци, надежна иднина“, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, заедно со Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, укажуваат на важноста државата да инвестира во здравствена превенција и квалитетна и достапна здравствена заштита како основа за достоинствен живот. Сепак, поради системските недостатоци, голем дел од жените, девојките и ранливите заедници остануваат без навремена и соодветна здравствена заштита.

Нашата земја не смее да дозволи генерации да растат без основна здравствена заштита. Инвестирањето во превенција – во гинеколошки и педијатриски прегледи, превенција и скрининзи, едукација и вакцинација – е најисплатливиот и најчовечкиот чекор што може да го преземе еден здравствен систем. Според Светската здравствена организација, секој долар вложен во превенција штеди до четири долари за лекување.[1] Тоа не само што спасува животи, туку гради поотпорно и поефикасно општество. Македонија мора конечно да ја препознае превенцијата како приоритет, а не како трошок. Светскиот ден на здравјето е потсетник, но акцијата мора да трае цела година – со посветеност, буџет и политичка волја.

Меѓутоа, и покрај намерата за унапредување на здравствените услуги, реалноста покажува сериозни пропусти:

  • Буџетот за ХИВ превенција е намален за околу 70 % од 2021 до 2025 година – од 49 милиони на 12 милиони денари, иако земјата заостанува зад преземените глобални цели за ставање крај на епидемијата на ХИВ до 2030 година;
  • Од 2019 година па наваму, државата издвојува во просек само 10 % од буџетот на Министерството за здравство за превентивни програми;
  • Во 2023 година 13 % од жените на возраст 21–59 години биле опфатени со скрининг за рак на грлото на матката. Иако оваа бројка претставува зголемување во споредба со претходните години сепак е далеку од постигнување на потребниот опфат од 70 % за тригодишен период;
  • Минимални 3,5 % од жените на возраст 40–69 години биле опфатени со скрининг на рак на дојката во 2023 година;
  • Во земјата има само околу 160 матични гинеколози, при тоа во 40 општини нема ниту еден гинеколог, и поради тоа голем број на девојки и жени, особено оние кои живеат во рурални средини намаат пристап до основна гинеколошка заштита;
  • Стапката на тинејџерска бременост во 2023 година изнесува 13.4 на 1000 девојки на возраст од 15-19 години, а нашата земја има една од најниските стапки на употреба на современа контрацепција во Европа, што изнесува само 14 %;
  • Само 110 педијатри работат на примарно ниво, а стапката на вакцинација продолжува да опаѓа. Притоа, опфатот со ХПВ вакцината, која е исклучително важна за здравјето на девојките и жените, изнесува само 56 %;
  • Дури 46 % од бремените жени во рурални средини не направиле преглед во првото тромесечје од бременоста;
  • 53 % од жените Ромки имале помалку од осум прегледи за време на бременоста, иако според националните протоколи секоја жена за време на бременоста треба да има најмалку осум здравствени прегледи;
  • Дополнително, Министерството за здравство ги укина едукативните активности за промоција на вакцинацијата и поддршка на патронажната служба во рамки на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата – чекори што директно го загрозуваат здравјето на мајките и децата.

Затоа, по повод Светскиот ден на здравјето, ХЕРА, ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, ЕСЕ и Иницијативата за правата на жени од Шуто Оризари ги упатуваат своите јасни барања до институциите:

  1. Да обезбедат достапна гинеколошка и педијатриска заштита на целата територија;
  2. Да ја зајакнат патронажната служба и тимовите за предучилишна и училишна здравствена заштита;
  3. Да ги вратат и унапредат здравствената едукација, поддршката за доење и кампањите за вакцинација;
  4. Да го зголемат буџетот за превентивни програми, особено за мајки, деца и скрининг програми за ХИВ превенција и сексуално и репродуктивно здравје;
  5. Да осигураат здравствените политики да се креираат врз основа на медицина базирана на докази и обезбедат широк консултациски процес којшто ќе ги вклучи стручната јавност, граѓанските организации и засегнатите заедници за да се одговори на потребите на граѓаните.

Податоци се добиени од заедничката анализа Унапредување на превентивната здравствена заштита за ранливите групи, која вклучува наоди и препораки од мониторингот на четири здравствено-превентивни програми на Министерство за здравство, изработена од четирите здруженија, во рамки на проектот „Унапредување на здравствените права на жените, девојките и ранливите групи“ кој е финансиски поддржан од Швајцарската влада, преку програмата ЦИВИКА Мобилитас.

[1]WHO (2021). “Saving lives, spending less: the case for investing in noncommunicable diseases.”
Достапно на: https://www.who.int/news/item/13-12-2021-investing-1-dollar-per-person-per-year-could-save-7-million-lives-in-low-and-lower-middle-income-countries

This post was originally published on this site

Продолжи со читање

  • Елаборат за четириесетите – XL Средби на извидници Велес 2026

    Почитувани извидници, извидничкиот одред “Димитар Влахов” од Велес одбележувајќи ја седмата деценија на постоење на извидништвото во Велес и Денот на Државноста на Македонија, Ве поканува на традиционалните XL Средби на извидници 2026. Во периодот од 1975 до 2026 година, успевaме да организираме четириесет Средби на извидници од кои последните…

  • Ново регионално партнерство: Здружението започнува проект поддржан од Western Balkans Fund и Европската Унија

     Со голема чест и задоволство споделуваме дека Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености е добитник на грант од Фондот за Западен Балкан (Western Balkans Fund), кофинансиран од Европската Унија! На 24 и 25 јуни 2026 година во Тирана, Албанија, присуствувавме на дводневната партнерска работилница и свечената церемонија…

  • Успешно реализирана XXVI Вардарска регата “Гемиџии 2026“

    Иако регатата се одвива по 26-ти пат, ова е трета година во која пловидбата заврши во Солун, идентично како онаа на велешките трговци во минатото. Чамците растоварени, пловењето успешно завршено, се сумираат впечатоците од Вардарска регата „Гемиџии“ која по 26-ти пат ја оживеа традицијата и патшествието на велешките трговци во…

  • Од отпад до производ: Како био-отпадот станува дел од нашето секојдневие

    Био-отпадот претставува органски отпад кој потекнува од домаќинствата, пазарите, градините и прехранбената индустрија. Во оваа категорија спаѓаат остатоци од овошје и зеленчук, талог од кафе, лушпи од јајца, лисја и трева.
    Иако најчесто се третира како отпад, био-отпадот претставува вреден ресурс. Во контекст на циркуларната економија, тој се користи како суровина за создавање нови материјали, енергија и производи што повторно се враќаат во економскиот циклус.

    https://unsplash.com/photos/person-holding-eco-not-ego-signage-_kB9NKpErH4
    Во традиционалниот модел, био-отпадот најчесто завршува на депонии, каде што при разградување без кислород се создава метан – силен стакленички гас кој придонесува за климатските промени. Во циркуларниот пристап, истиот отпад се третира како ресурс и се трансформира во компост, биоматеријали, природни ѓубрива и иновативни производи. На овој начин се намалува количината на отпад, се намалуваат емисиите и се поттикнува развој на зелени технологии и локални бизниси.
    Овој пристап е тесно поврзан со пораката „Eco, not ego“, која потсетува дека одржливите избори ја ставаат еколошката одговорност пред краткорочната индивидуална удобност. Со тоа, био-отпадот се гледа не како проблем, туку како почеток на нов циклус на вредност, обновување и одржлив развој.

    Примери на продукти изработени од био-отпад

    Биопластика и дизајн-предмети од талог од кафе – Coffeefrom (Италија): Италијанскиот стартап Coffeefrom го претвора искористениот талог од кафе во биопластика и композитни материјали кои се користат за дизајнерски производи, пакување и индустриска примена, покажувајќи дека дури и секојдневниот отпад може да добие нова вредност.

    (Извор: EU-Startups, август 2025 – eu-startups.com | Renewable Matter – renewablematter.eu)

    Биоразградливо пакување од мицелиум и земјоделски отпад – Grown.bio (Холандија): Компанијата Grown.bio користи мицелиум и земјоделски отпад за производство на целосно биоразградливи пакувања и изолациски материјали кои нудат одржлива алтернатива на пластиката и стиропорот.

    (Извор: European Circular Economy Stakeholder Platform – circulareconomy.europa.eu | Saladplate, октомври 2025 – saladplate.com)

    Еко-кожа од манго отпад – Fruitleather Rotterdam (Холандија): Fruitleather Rotterdam го рециклира отпадот од манго што не ги исполнува пазарните стандарди и го претвора во издржлив вегански материјал кој се користи за изработка на чанти, паричници и други модни производи.

    (Извор: Plant Based News, мај 2025 – plantbasednews.org | Nature Biotechnology, 2025 – nature.com)

    Фото:https://unsplash.com/photos/a-pile-of-garbage-sitting-on-top-of-a-grass-covered-field-pprCuLQopHw
    Овие примери покажуваат дека отпадот не мора да биде проблем кој треба да се отстрани. Со соодветна креативност, технологија и визија, тој може да стане вреден ресурс кој создава нови производи, нови работни места и помало влијание врз природата.
    Циркуларната економија нè учи дека секој материјал има потенцијал за нов живот. Наместо да гледаме на био-отпадот како нешто без вредност, можеме да го препознаеме како можност за иновации и одржлив развој. Токму во оваа промена на перспективата лежи клучот кон поодржлива иднина.
     
    Оваа статија е подготвена во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
    Содржината на оваа статија е единствена одговорност на Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.
    Автори: Јасмина Петровска, Еко Логик и Ана Серафимова, Еко Логик

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор