1 Baner scaled

Наоди од студија: Не сите деца имаат пристап до услуги од витално значење поради пандемијата

Скопје , 1-ти јуни 2021: Додека владините социо-економски мерки против Ковид-19 го ублажија влијанието врз екстремната детска сиромаштија, повеќе деца живеат под просекот на животниот стандард. Исто така, нарушувањата во услугите за социјалната заштита и образование, и намалената побарувачка за здравствени услуги ги ставија децата во понатамошен ризик со продолжувањето на пандемијата – според ажурираната студија на социјалните и економските ефекти врз децата, објавена денес од УНИЦЕФ, а спроведена од Finance Think и поддржана од УСАИД.

„Децата не се лицето на оваа пандемија, но тие се меѓу нејзините најголеми жртви. Со повеќе од една година затварања, празни училници, нарушени услуги, загуби во семејната егзистенција, животот на децата се смени на длабински начин. Погодени се сите деца, од сите возрасти, но за најранливите пандемијата и нејзините социо-економски последици ги влошија претходно постоечките слабости и неповолности. Без дополнителни инвестиции во мерки за враќање на пристапот до виталните услуги во заштитата, образованието и здравството, пандемијата може да има доживотно влијание врз децата“, рече Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ.

Ажурираната студија на социјалните и економските ефекти од Ковид-19 врз децата е надоврзување на анализата спроведена во 2020 година. Новото истражување нагласува е дека:

  • Олабавувањето на критериумите за квалификуваност за гарантирана минимална помош и двете еднократни плаќања за финансиска поддршка придонесоа за намалување на екстремната сиромаштија (т.е. домаќинства што живеат со помалку од 1,9 долари на ден) за една третина. Сепак, загрижувачки е што повеќе од една четвртина [27%] од семејствата кои станале подобни за гарантирана минимална помош во текот на пандемијата, не ја искористиле. Проекциите покажуваат дека процентот на деца кои живеат во домаќинства чиј животен стандард е значително под националниот просек (релативна сиромаштија) се зголеми од 27,8 проценти пред пандемијата на 32,4 отсто. Ова става дополнителни 19.000 деца во Северна Македонија под релативната линија на сиромаштија – што е повисоко во споредба со проценката од јули 2020 година од 16.000 деца.
  • Бројот на пријавени случаи на насилство врз деца се зголеми веднаш по избувнувањето на пандемијата, за 14,7 проценти во вториот квартал од 2020 година. Во текот на третиот и четвртиот квартал од 2020 година, бројот на пријавени случаи во центрите за социјална работа во споредба со пријавените во полиција значително се намали. Студијата нагласува дека иако ова намалување може да биде поврзано со намалените ограничувања на движењето, веројатно е дека тоа е резултат и на нарушеното обезбедување услуги за превенција од страна на социјалните работници за време на пандемијата.
  • Анкета спроведена со педијатрите покажа намалување на обемот на работа за време на Ковид-19, претежно заради стравот на родителите и децата да не се заразат со Ковид-19 при посета на здравствените ординации. Ова доведе до значително намалување на испораката на здравствени услуги за децата во областите на дијагностика, третман на хронични болести, примарна здравствена заштита и ментално здравје.
  • Ограничувањето на движењето, карантините, промената кон учење на далечина и намалената социјализација имаа негативно влијание врз менталната детска благосостојба. Наставниците – 25 проценти во средните училишта и 18 проценти во основните училишта – забележаа зголемена вознемиреност и стрес кај учениците со преминот кон учење на далечина.
  • Националната платформа за учење на далечина придонесе за систематизација и унификација на образовниот процес за учениците кои посетуваат настава онлајн. Сепак, проблемот со пристапот до образование опстојува, особено за ранливите групи, како што се децата во ризик од сиромаштија, ромските деца и децата со попреченост.
  • Отворањето на предучилишните установи им овозможи на многу родители и деца да добијат организирана поддршка за рано учење. Сепак, многу деца сè уште остануваат дома и родителската поддршка треба да биде континуирана за да се осигури квалитет во раното учење.
  • Додека владиното трошење за деца се зголеми за време на пандемијата, тоа се зголеми со стапка пониска од зголемувањето на вкупните државни трошоци.

„Иако Владата дизајнираше шест пакети мерки за справување со социјалните и економските последици од пандемијата, тие ретко беа насочени кон децата. Ова се рефлектираше во буџетското планирање во 2021 година. Иако децата добија дополнителна заштита преку поддршката овозможена за зачувување на работните места и приходите на родителите, искуството со Ковид -19 ни покажува дека треба да размислиме за прилагодување на системот за да може да ги заштити најранливите деца при идни шокови,“ рече Благица Петрески од Finance Think, една на авторите.

Наодите во новото истражување повикуваат за пренасочување на напорите на политиките кон повторно овозможување пристап до услуги за да се намали ризикот децата да се меѓу најголемите жртви на пандемијата:

Прво, повторното отворање на училиштата мора да биде приоритет. Училиштата не само што обезбедуваат простор за учење, тие даваат и платформа за суштинска заштита и услуги за ментално здравје. Паралелно со достапноста на вакцините против Ковид-19, потребни се дополнителни напори за да се осигури дека наставниците и училишниот персонал ќе ја примат вакцината, така што тие ќе бидат заштитени од вирусот и ќе можат да одржуваат часови во физичка училница. Ситуацијата повикува и за зголемување на инвестициите во изградба на училишните капацитети, за тие да се отпорни на идни нарушувања, со дополнително зајакнување на системите за обезбедување учење на далечина и намалување на дигиталниот јаз, особено за најранливите, вклучително и за децата со попреченост.

Второ, ситуацијата повикува и за вложување напори за целосно нормализирање на социјалната заштита, вклучувајќи ги и услугите за превензија од насилство. Осигурувањето дека социјалните работници примиле вакцина против Ковид-19 ќе им овозможат да ја воспостават потребната комуникација со заедницата и да го вратат целосниот пристап до услугите за превенција.

Трето, за да се надминат ризиците поврзани со одложување на неопходните здравствени прегледи на децата, потребно е да се воведат дополнителни мерки за зголемување на довербата на јавноста и побарувачката за услуги, вклучувајќи поддршка за ментално здравје; како и да се инвестира во градењето на капацитетите за теле-здравствените услуги, да се воведе ефикасност и да се обезбеди дека здравствениот систем е отпорен на идни нарушувања.

Четврто, за да се одговори на потискористеноста на паричните надоместоци, потребни се дополнителни напори за да се подигне информираноста, како и поддршка при процесот на аплицирање, со цел сите подобни семејства да ја искористат оваа помош.

Петто, психосоцијалната поддршка мора да остане расположлива, достапнa и пристапна. Ова вклучува градење на капацитетите на стручниот персонал за поддршка во училиштата и нивно фокусирање врз обезбедување насоки и советувања на ученици и родители кои искусуваат потешкотии во емоционалното и менталното здравје.

The post Наоди од студија: Не сите деца имаат пристап до услуги од витално значење поради пандемијата appeared first on Finance Think.

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор