ЕПИ

Кои се новините: Стапува на сила Протокол 15 кон Европската конвенција за човекови права

Авторка: Билјана Котевска

Со ратификувањето од Италија на 21 април 2021 година, Протоколот 15 за изменување на Конвенцијата за заштита на Човековите права и основните слободи (Протокол 15, П15) е и официјално ратификуван од сите високи договорни страни на Конвенцијата за заштита на Човековите права и основните слободи (ЕКЧП). Со ова, исполнет е условот за стапување на сила (член 6, П15) и овој протокол ќе стапи на сила на 01 август 2021 година. Кои се новините кои ги носи Протокол 15 и што тој значи за ЕУ интеграциските процеси?

Спринт по одлуката на домашен суд: рокот за жалба се скратува на четири месеци

Досега, апликант(к)ите можеа да ја поднесат својата жалба до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во рок од шест месеци по финалната одлука на највисокиот домашен суд (член 35(1), ЕКЧП). Со Протокол 15 овој рок се скратува за два месеци (член 4, П15). Ова е можеби и една од најкритикуваните одредби од протоколот поради нејзиното очекувано негативно влијание за (потенцијалните) апликант(к)и но и за нивните застапници/чки. Иако промовирана како одредба насочена кон поголема ефикасност на ЕКЧП системот, оваа одредба беше доста критикувана. Некои од критиките се дека не ја зема предвид реалната ситуација при домашното одлучување во која известувањата за исходот од домашните судски процеси не секогаш се навремени, но и им го скратува времето на апликант(к)ите за добра подготовка за претставување на нивниот предмет пред судот во Стразбур за една третина од досегашното време. Од 1 февруари 2022 година (член 8(3), П15), рокот за жалби ќе биде четири месеци. Оваа одредба не е ретроактивна.

Разбирањето на „значителна штета“ се менува веднаш и за сите

Според член 35 од ЕКЧП каков што гласи во моментов, „Судот нема да прифати никаква индивидуална жалба доставена врз основа на членот 34, ако оцени дека … подносителот не претрпел значителна штета, освен доколку почитувањето на човековите права како што се дефинирани во Конвенцијата или нејзините протоколи бара разгледување на жалбата според заснованоста и под услов да не може да се одбие случај врз основа на тоа што не бил соодветно разгледан од страна на домашен суд.“ Со Протокол 15, се брише делот „и под услов да не може да се одбие случај врз основа на тоа што не бил соодветно разгледан од страна на домашен суд“ (член 5, П15). И оваа измена цели кон поголема ефикасност на ЕКЧП системот, преку овозможувањето на судот да се растерети од тривијални прашања и подобро да ги користи бенефитите од начелото de minimis non curat praetor. Оваа измена стапува веднаш на сила, на 01 август 2021 година и ќе се применува при одлучувањето за допуштеност за сите предмети по овој датум.

Нема веќе можност за приговор на пренесувањето надлежност на Големиот судски совет

Протокол 15 ја укинува можноста на страните во спорот да приговараат на пренесувањето на надлежност од Судскиот совет на Големиот судски совет (член 3, П15). Вакво пренесување беше можно „доколку случајот што е на разгледување пред определен Судски совет предизвикува сериозни прашања во врска со интерпретацијата на Конвенцијата или нејзините протоколи или доколку решението на некое прашање може да води до контрадикција со одлука што Судот претходно ја донел“ (член 30, ЕКЧП). Очекувањето е дека судските совети и понатаму ќе ги консултираат страните во врска со своите намери и дека ќе дадат појасни назнаки во врска со допуштеноста на предметите што, во големата слика, би ги забрзало процесите и зголемило конзистентноста на судската практика.

Се спушта старосната граница за избор на судии/јки

Според Протокол 15, кандидат(к)ите за судии/јки ќе мора да имаат помалку од 65 години на денот на кој Парламентарното собрание ја побарал листата од три кандидати за судии (член 2(1), П15) и нема да мора да се пензионираат на 70 години (член 2(3), П15). Ова е генерално позитивна измена бидејќи оневозможува избраните кандидат(к)и да бидат дисквалификувани поради надминување на возраста за пензионирање или да мораат да го прекинат својот мандат прерано поради пензионирање.

Зацементирање на субсидијарноста и маргината на допуштеност

Досегашните принцип на „субсидијарност“ и доктрина на „маргина на допуштиност“ влегоа во преамбулата на ЕКЧП. За некои, ова е зацементирање на позицијата на два концепти со кои судот редовно се користеше низ годините. Но, за други, селективното додавање само на овие два е јасен сигнал дека станува збор за измена поради потреба да се уверат високите договорни страни дека ЕСЧП ќе ја задржи својата позиција во процесите на реформа на системот на ЕКЧП.

Што значи ова за ЕУ интеграциските процеси?

Сè уште ништо. По ладниот туш од декември 2014 година од Европскиот суд на правдата, со кој оваа нависока судска инстанца во Европската унија практично се изјасни негативно во врска со пристапувањето на ЕУ кон ЕКЧП, преговорите формално продолжија дури во септември 2020 година, а состаноци се одржаа и во февруари и март 2021 година. Европскиот суд на правдата цитираше проблеми во врска со надлежностите и местото и автономијата на ЕУ правото наспроти ЕКЧП и дополнителни проблеми во врска со некои од новите протоколи, како на пример Протокол 16. Очекувањето е дека овие, како и други спорни точки, би биле предмет на нов нацрт договор за пристапување на Европската унија кон ЕКЧП. Но, и откако истиот би се договорил, ќе остане долгиот процес на ратификување на пристапувањето на ЕУ кон ЕКЧП од страна на сите земји-членки на ЕУ но и на сите високи страни договорнички на ЕКЧП. Дотогаш, корисна референца и мост помеѓу ЕКЧП системот и ЕУ интеграцијата останува Повелбата за темелните права на Европската унија, која впрочем почива на стандардите и текстот на ЕКЧП, и работата на Агенцијата за темелни права на Европската унија.

The post Стапува на сила Протокол 15 кон Европската конвенција за човекови права. Кои се новините? appeared first on EPI.

Продолжи со читање

  • Елаборат за четириесетите – XL Средби на извидници Велес 2026

    Почитувани извидници, извидничкиот одред “Димитар Влахов” од Велес одбележувајќи ја седмата деценија на постоење на извидништвото во Велес и Денот на Државноста на Македонија, Ве поканува на традиционалните XL Средби на извидници 2026. Во периодот од 1975 до 2026 година, успевaме да организираме четириесет Средби на извидници од кои последните…

  • Ново регионално партнерство: Здружението започнува проект поддржан од Western Balkans Fund и Европската Унија

     Со голема чест и задоволство споделуваме дека Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености е добитник на грант од Фондот за Западен Балкан (Western Balkans Fund), кофинансиран од Европската Унија! На 24 и 25 јуни 2026 година во Тирана, Албанија, присуствувавме на дводневната партнерска работилница и свечената церемонија…

  • Успешно реализирана XXVI Вардарска регата “Гемиџии 2026“

    Иако регатата се одвива по 26-ти пат, ова е трета година во која пловидбата заврши во Солун, идентично како онаа на велешките трговци во минатото. Чамците растоварени, пловењето успешно завршено, се сумираат впечатоците од Вардарска регата „Гемиџии“ која по 26-ти пат ја оживеа традицијата и патшествието на велешките трговци во…

  • Од отпад до производ: Како био-отпадот станува дел од нашето секојдневие

    Био-отпадот претставува органски отпад кој потекнува од домаќинствата, пазарите, градините и прехранбената индустрија. Во оваа категорија спаѓаат остатоци од овошје и зеленчук, талог од кафе, лушпи од јајца, лисја и трева.
    Иако најчесто се третира како отпад, био-отпадот претставува вреден ресурс. Во контекст на циркуларната економија, тој се користи како суровина за создавање нови материјали, енергија и производи што повторно се враќаат во економскиот циклус.

    https://unsplash.com/photos/person-holding-eco-not-ego-signage-_kB9NKpErH4
    Во традиционалниот модел, био-отпадот најчесто завршува на депонии, каде што при разградување без кислород се создава метан – силен стакленички гас кој придонесува за климатските промени. Во циркуларниот пристап, истиот отпад се третира како ресурс и се трансформира во компост, биоматеријали, природни ѓубрива и иновативни производи. На овој начин се намалува количината на отпад, се намалуваат емисиите и се поттикнува развој на зелени технологии и локални бизниси.
    Овој пристап е тесно поврзан со пораката „Eco, not ego“, која потсетува дека одржливите избори ја ставаат еколошката одговорност пред краткорочната индивидуална удобност. Со тоа, био-отпадот се гледа не како проблем, туку како почеток на нов циклус на вредност, обновување и одржлив развој.

    Примери на продукти изработени од био-отпад

    Биопластика и дизајн-предмети од талог од кафе – Coffeefrom (Италија): Италијанскиот стартап Coffeefrom го претвора искористениот талог од кафе во биопластика и композитни материјали кои се користат за дизајнерски производи, пакување и индустриска примена, покажувајќи дека дури и секојдневниот отпад може да добие нова вредност.

    (Извор: EU-Startups, август 2025 – eu-startups.com | Renewable Matter – renewablematter.eu)

    Биоразградливо пакување од мицелиум и земјоделски отпад – Grown.bio (Холандија): Компанијата Grown.bio користи мицелиум и земјоделски отпад за производство на целосно биоразградливи пакувања и изолациски материјали кои нудат одржлива алтернатива на пластиката и стиропорот.

    (Извор: European Circular Economy Stakeholder Platform – circulareconomy.europa.eu | Saladplate, октомври 2025 – saladplate.com)

    Еко-кожа од манго отпад – Fruitleather Rotterdam (Холандија): Fruitleather Rotterdam го рециклира отпадот од манго што не ги исполнува пазарните стандарди и го претвора во издржлив вегански материјал кој се користи за изработка на чанти, паричници и други модни производи.

    (Извор: Plant Based News, мај 2025 – plantbasednews.org | Nature Biotechnology, 2025 – nature.com)

    Фото:https://unsplash.com/photos/a-pile-of-garbage-sitting-on-top-of-a-grass-covered-field-pprCuLQopHw
    Овие примери покажуваат дека отпадот не мора да биде проблем кој треба да се отстрани. Со соодветна креативност, технологија и визија, тој може да стане вреден ресурс кој создава нови производи, нови работни места и помало влијание врз природата.
    Циркуларната економија нè учи дека секој материјал има потенцијал за нов живот. Наместо да гледаме на био-отпадот како нешто без вредност, можеме да го препознаеме како можност за иновации и одржлив развој. Токму во оваа промена на перспективата лежи клучот кон поодржлива иднина.
     
    Оваа статија е подготвена во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
    Содржината на оваа статија е единствена одговорност на Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.
    Автори: Јасмина Петровска, Еко Логик и Ана Серафимова, Еко Логик

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор