Nastan fimi 19 05 2026 1024x683

Изборите се ранлив момент кога граѓаните се изложени на манипулации и надворешни влијанија

На 19 мај, во Скопје, Фондацијата Метаморфозис во соработка со International IDEA го организираше настанот „Зајакнување на отпорноста кон изборни манипулации со информации“, посветен на справувањето со странското мешање и манипулациите со информации (ФИМИ), дезинформациите и заканите по изборниот интегритет. Настанот се реализираше во рамки на проектот „Справување со изборно поврзани манипулации со информации и странско влијание“, поддржан од Global Affairs Canada.

Настанот обедини претставници на институции, регулатори, меѓународни организации, медиуми, граѓански организации и експерти од земјата и регионот, со цел да се отвори стратешки дијалог за зајакнување на отпорноста на демократските процеси и изборите кон дезинформации и координирани информациски влијанија.

На свеченото отворање се обратија Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис, Кушбу Агравал од International IDEA, Микаел Атерог од Амбасадата на Шведска, Вилма Дамбраускиене, амбасадорка на Литванија, како и Марија Митева, портпаролка на Владата. Онлајн обраќање имаше и Мари Софи Пејр од Директоратот за проширување на Европската комисија.

Во своето обраќање, Јашари истакна дека изборите се особено ранлив момент кога граѓаните се изложени на манипулации и надворешни влијанија, а дезинформациите имаат за цел да ја ослабнат довербата во институциите, медиумите и демократските процеси. Тој нагласи дека спротивставувањето на ФИМИ не претставува ограничување на слободата на говор, туку заштита на отворената и информирана демократска дебата.

Според податоците од истражување на Метаморфозис, 65 проценти од граѓаните ја препознаваат сериозноста на проблемот со дезинформациите, додека 74 проценти очекуваат институциите да одговорат со конкретни мерки, функционални системи и навремена комуникација.

Марија Митева, портпаролка на Владата, посочи дека странското мешање и манипулациите со информации претставуваат сериозен демократски и безбедносен предизвик и нагласи дека Владата работи на координиран институционален пристап, вклучително и преку новата сајбер стратегија и формирањето меѓуинституционална работна група за справување со дезинформациски кампањи.

Микаел Атерог од Амбасадата на Шведска посочи дека и неговата земја не е имуна заканите со дезинформации, а општествена отпорност особено се тестира за време на изборите. Тој посочи дека земјата од 2021 година има постојана изборна мрежа составена од разни институции кои учествуваат и споделуваат знаења за правилно спроведување на изборите. Посочи дека не само институциите, туку и секој граѓанин може да даде свој придонес во процесот, заради што се работи и на јакнење на јавната свест за ширењето на дезинформациите.

Во рамки на дискусиите беше нагласено и дека земјите кандидатки за членство во Европската Унија, меѓу кои и Северна Македонија, треба поактивно да бидат вклучени во Европскиот демократски штит, со цел заеднички да придонесуваат кон зајакнување на демократската отпорност во Европа.

На панелите учествуваа претставници на Државната изборна комисија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Министерството за одбрана, како и експерти и претставници на меѓународни организации, меѓу кои European Trust Alliance и European Fact-Checking Standards Network.

Бојан Маричиќ, претседател на Државната изборна комисија, посочи дека во дигиталната ера изборниот интегритет не зависи само од физичката безбедност на изборниот процес, туку и од способноста институциите брзо да реагираат на координирани дезинформациски кампањи. Според него, недоволната регулација на онлајн просторот и слабата институционална координација претставуваат сериозни слабости кои ги користат хибридните закани.

Горан Ризаов од Метаморфозис нагласи дека странското штетно влијание најчесто ги користи постојните слабости во системот – ниската доверба во институциите, политичката поларизација, слабата медиумска писменост и нерегулираните социјални платформи – што создава погодна средина за ширење на дезинформации.

Во вториот дел од настанот, меѓународни експерти дискутираа за европските искуства и механизми за справување со дезинформации и хибридни закани. Роб ван Бик од European Trust Alliance зборуваше за улогата на вештачката интелигенција и важноста од поврзување на земјите од Западен Балкан со европските иницијативи за медиумска писменост и демократска отпорност. Миндаугас Лашас од Министерството за надворешни работи на Литванија ги сподели искуствата на Литванија во справувањето со „невоени закани“, како дезинформации и сајбер напади, додека Клеманс Лонгли од Европската мрежа за стандарди во проверка на факти зборуваше за потребата од механизми за брза реакција и поддршка на факт-чекерите во кризни ситуации.

Настанот заврши со практична работилница и симулација на информациски напад за време на избори – прва ваква симулација организирана во земјава – на која претставници на граѓанскиот сектор работеа на сценарија за брза проценка на штета, комуникација со јавноста и координација со институциите во услови на дезинформациска криза.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Метаморфозис

Продолжи со читање

  • Граѓанска платформа за заштита на младите жени од сајбер (онлајн) насилство

    Сајбер насилството не исчезнува кога ќе го исклучиш компјутерот – стравот оди со тебе дома. Ќе бидеш дел од толпата или дел од заштитата? Прекини го синџирот! Не кликај шер. Не испраќај на „само уште еден“. Не ја прави туѓата болка забава. Наместо да осудуваш, направи го вистинскиот чекор и прашај: „Дали си добро?“. Една […]

  • Документ за јавни политики: Анализа на националното законодавство во однос на европските стандарди за заштита од дигитално родово-базирано насилство

    Дигиталното родово-базирано насилство претставува сè поизразена манифестација на насилството врз жените и девојчињата, која се врши или засилува преку употреба на информатичко-комуникациски технологии. Иако не станува збор за нов вид на насилство, дигиталната средина овозможува поинаква динамика, поголема изложеност на жртвите и подолготрајни последици, што наметнува потреба од прилагоден правен…

  • Документ за јавни политики: Анализа на постапувањето на институциите, со фокус на центрите за социјална заштита во случаи на дигитално родово-базирано насилство

    Дигиталното родово-базирано насилство бара брз, стручен и сензитивен одговор од страна на институциите. Како тие постапуваат во пракса и кои се клучните предизвици со кои се соочуваат? Во рамки на проектот „Младите жени против онлајн насилство“, имплементиран од Иницијатива за европска перспектива и Заеднички вредности, го објавуваме вториот „Документ за…

  • ПРИРАЧНИК ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ДИГИТАЛНО РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

    Зад секој екран, во секоја приватна порака или групен чет, може да се крие тишина исполнета со страв, срам и болка. Дигиталното родово базирано насилство не е само „онлајн проблем“ – тоа е реалност што ја погодува секоја четврта млада жена во Македонија, а само 5% од нив имаат храброст…

  • КАКО КУЈНСКИОТ ОТПАД СТАНУВА ПРИРОДЕН РЕСУРС: РЕЦ, ЕКО ЛОГИК И ФЛОРОЗОН НА ФЕСТИВАЛОТ НА ЦИВИКА МОБИЛИТАС 2026

    Изминатава сабота, на 3-ти октомври 2026 година, градскиот парк пулсираше во знакот на граѓанскиот активизам. Како дел од овогодинешниот Фестивал на Цивика мобилитас, познат како „Ден на граѓанските организации“, граѓаните имаа единствена можност одблизу да се запознаат со луѓето кои се двигатели на позитивни промени во нашето општество.
    Меѓу бројните штандови, посебен интерес предизвика заедничкиот простор на Центарот за ресурси во животна средина РЕЦ, Еко Логик и Флорозон каде што беа изложени производите од учениците кои ги добија од отпад во натпреварот за зелени бизнис идеи. Овие три организации се здружија со јасна мисија – да покажат дека еколошката иднина зависи од секој од нас.
    Интерактивна работилница: Од кујнски отпад до вреден ресурс 
    Главната атракција на нивниот штанд беше интерактивната работилница за преработка и реупотреба на био-отпад. Наместо само да зборуваат за теории, експертите ги вклучија посетителите во реални експерименти за добивање на пектин и био дизел.
    „Дали знаевте дека она што секојдневно го фрламе во кујната може да стане вреден ресурс за природата?“ – беше главното прашање кое ги поттикна присутните на размислување.
    Преку практични примери, граѓаните од сите генерации научија едноставни, но ефикасни начини како драстично да го намалат отпадот во сопствените домови и како органските остатоци да ги претворат во нешто корисно за почвата и растенијата.
     
    Граѓански активизам за циркуларна економија
    Оваа успешна едукативна активност е дел од пошироката рамка на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“. Главната цел на проектот е менување на навиките и воведување на одржливи еколошки практики во секојдневието.
    Оваа важна иницијатива е финансиски поддржана од Владата на Швајцарија преку програмата на Цивика мобилитас.
    Фестивалот уште еднаш докажа дека кога граѓанскиот сектор и граѓаните ќе се сретнат на едно место, се раѓаат најдобрите идеи за зелено и одржливо утре.
     
    #CivicaMobilitass, #CHinMK, Цивика мобилитас (civicamobilitas.mk)

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор