ЕПИ

Спречување на злоупотребата на човековите права како државна обврска

Авторка: Билјана Котевска

Последниве неколку години темелите на човековите права се разнишани под ударите на деструктивни сили од многу страни, вклучително и новите “херои/јки” кои никнуваат како печурки од потентноста на засекогаш моќното прикажување на одењето назад како успех и прогрес. Шутот кој го оставаат позади себе го правдаат како практикување на нивните сопствени човекови права. Но, шутот не може да настане во ситуација на судир на човекови права ниту на потреба од балансирање меѓу две или повеќе права, туку само и само на злоупотреба на човековите права.

Злоупотребата на човековите права значи дека човековите права се користат за да се оправдаат активности насочени кон противправно спречување, загрозување или ограничување на самите човекови права. Како изгледа забраната на оваа злоупотреба во практиката? Неколку примери. Не дозволува ширење и пропагирање на тоталитарни и недемократски идеи кои се некомпатибилни со демократски систем, на пример негирањето на постоењето на една етничка група во историски и општествен контекст како, на пример, македонскиот, да се брани под плаштот на слобода на мисла или на здружување. Не дозволува поединци и организации да шират омраза или да повикуваат на насилство, на пример врз транс лица, а притоа да се повикуваат на слобода на говор или на здружување како оправдување за истото. Не дозволува поединци и организации, ниту пак држави, да негираат или да бараат менување или бришење на јасно воспоставени историски факти, на пример врзани за Втората светска војна.

Одредби против злоупотреба на човековите права има во многу меѓународни договори за човековите права. На пример, член 30 од Универзалната декларација за човекови права (УДЧП) гласи „Ниeднa oдрeдбa oд oвaa Дeклaрaциja нe мoжe дa сe тoлкувa, кaкo дa и дaвa кaквo и дa e прaвo нa нeкoja држaвa, групaциja или пoeдинeц дa дejствувaaт или дa стoрaт нeкoj aкт сo цeл зa рушeњe нa прaвaтa или слoбoдитe прeдвидeни сo oвaa Дeклaрaциja.“ Член 29 од УДЧП како граѓанска должност го вклучува и следното: „Oвиe прaвa и слoбoди вo ниту eдeн случaj нe мoжaт дa бидaт кoристeни нa нaчин штo e спрoтивeн нa цeлитe и принципитe нa Oбeдинeтитe нaции.“ Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права содржат идентичен текст во членовите 5 ( пара.1) кои и во двата пакта гласат „Ниедна одредба на овој Пакт не може да биде толкувана како на некоја држава, група или поединец да им дава какво било право да се впуштат во каква и да е дејност или да вршат каков било чин со цел за нарушување на правата или слободите признати во овој Пакт, или за ограничувања од поширок обем од оние што се предвидени со овој Пакт.“

Сепак, најголема и најразвиена практика во врска со спречувањето на злоупотребата на човековите права има во врска со член 17 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП). Овој член гласи:

Ниту една одредба од Конвенцијата не може да се толкува на начин според кој, на некоја држава, група или поединец им е дадено право да преземаат активности или постапки со кои се загрозува некое право или слобода што се признати со оваа Конвенција, или да ги ограничуваат овие права и слободи во мерка поголема од онаа предвидена со Конвенцијата.“ (член 17, ЕКЧП)

Според досегашната практика на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), член 17 е тука да спречи повикување на ЕКЧП со цел искористување на правата заштитени со истата во име на „оправдување, промоција или спроведување на активности кои се спротивни на текстот и духот на Конвенцијата, се некомпатибилни со демократските и другите основни вредности на конвенцијата, или целат кон прекршување на правата и слободите од Конвенцијата.“ (Водич за член 17 – Забрана на злоупотреба на права, стр.9). Член 17 не е алатка за самоволие на државата, туку алатка со која државата може да нè заштити од од разводнувањето, изобличувањето и изигрувањето на човековите права кое лажно парадира како борба за човекови права. Со член 17 забрането е повикување на правата од конвенцијата со цел сторување, промовирање или оправдување на делување кое се карактеризира со:

  • омраза (на пример во Perinçek v. Switzerland, пара.115 и 230; Belkacem v. Belgium (одлука); Lilliendahl v. Iceland, пара.39);
  • ксенофобија и расна дискриминација (на пример во Ayoub and Others v. France, пара.134);
  • негирање и ревизија на јасно востановени историски факти, како на пример холокаустот (на пример во Garaudy v. France);
  • анти-семитизам (на пример во Pavel Ivanov v. Russia, P. and Others v. Poland);
  • тероризам и воени злосторства (Orban and Others v. France, пара.35);
  • насилство (на пример во Hizb ut-Tahrir and Others v. Germany, пара.73);
  • омраза кон жртвите на холокаустот, жртви на војна или на тоталитарен режим (на пример во Fáber v. Hungary, пара.58); и
  • тоталитарна идеологија и политички идеи кои се некомпатибилни со демократија (на пример во Vona v. Hungary, пара.36).

Член 17 е алатот кој ни е повеќе од потребен за да се одбраниме ваквите активности, но исто така е и алатот кој ние во Македонија уште не сме го извадиле од кутијата. Ваквата пасивност во врска со злоупотребата на човековите права веќе не доведе до апсурдни ситуации, како на пример државата да застане позади позициите на анти-родовито движење наспроти една од најмаргинализираните групи кај нас – транс лицата (извор 1, извор 2, извор 3, извор 4, извор 5, извор 6).

Ако не делува против ваквите злоупотреби, нашата земја не ја исполнува целта за која се формирала, а која според Преамбулата на нашиот Устав е и „да се гарантираат човековите права, граѓанските слободи и националната рамноправност“ (Преамбула). Пасивноста во реалност значи делување спротивно од темелната вредност од член 8 (1-1) дефинирана како „основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот“. Уставот предвидува и дека „[м]еѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон“ (член 118), што ја прави ЕКЧП дел од внатрешниот правен поредок, односно инсистирањето на ЕКЧП и на член 17 станува инсистирање на почитување на нашиот сопствен Устав. Тоа е и поддршка за примена на стандардите на ЕСЧП кој е исклучително важен механизам за граѓанките и граѓаните на Македонија. Низ годините, во домашните услови на загрозена независност на судството и одложена (а со тоа и непостоечка) правда, овој суд, „судот во Стразбур“, за нив неретко беше единствена надеж за правда.

Ако се земе предвид дека Европска унија често во недостиг на свои стандарди бара од земјите кандидатки исполнување на стандардите утврдени од СнЕ, јасно е дека кога би си ги исполниле обврските кои веќе ги имаме преземено спрема СнЕ би имале многу поголем степен на напредок за членство во ЕУ, особено во областите кои постојано се враќаат на домашната агенда, како, на пример, слобода на медиуми. Дополнително, Членот 54 од Повелбата за темелните права на Европската унија (ЕУ Повелбата), кој е воведен како еквивалент на членот 17 од ЕКЧП, гласи „[н]ишто во оваа Повелба нема да се толкува на начин кој би подразбирал било какво право на ангажирање во активност или извршување на дело кое има за цел уништување на било кое од правата и слободите признати со оваа Повелба или нивно ограничување до повисок степен од тој пропишан во овој документ.“ Овој член цели „да спречи активности кои, под плаштот на правата признаени во Повелбата, всушност се насочени против темелните права и целат истите да ги уништат“ (Вудс во Пирс и други, 2021). Работејќи кон имплементација на стандардите од член 17 од ЕКЧП ние би работеле и кон спроведување на стандардите од ЕУ Повелбата, а инсистирањето на овие стандарди да го користиме како штит од барања кои или се во спротивност со европското право за човекови права или претставуваат злоупотреба на човековите права.

Оваа активност е организирана во рамки на проектот „Унапредување на темелните права во пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ“, финансиран од Civil Rights Defenders.

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор