Screenshot

Сеопфатно сексуално образование и дезинформации: Табуа наспроти придобивки

„Да е искрен, паметен, доверлив, да има разбирање. Да е интелигентен, учтив, трпелив, да е грижлив“. Ова се дел од заклучоците од вежба на час на околу 15 ученици од деветто одделение во скопското основно училиште „Јан Амос Коменски“. Тие го слушаат изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование. Училиштето е едно од неколкуте во земјава каде што во септември почна да се спроведува пилот-програмата по предметот што сè уште предизвикува низа реакции во јавноста. Секакви. Каква врска имаат овие разумни, промислени ставови на 14-годишни деца, девојки и момчиња, водени низ материјалот од нивните наставници, со сите оние вулгарни содржини промовирани на социјалните медиуми во врска со воведувањето на ССО во образовниот процес?

Во земја во која голем процент од возрасните објаснуваат дека штркот ги носи бебињата, а грмотевиците ги толкуваат со „Дедо Боже се лути“, за случајно да не ги уплашат децата со зборовите „размножување, природна појава/електрично празнење“, веќе подолго тапкаме во место со еден предмет, кој во суштина треба да ја издвои оваа тема од предметот Биологија и на тој начин да ѝ се посвети посеопфатно внимание – не само биолошко туку и социолошко.

Но, во земја во која владеат табуата, во која секој ден црните хроники објавуваат по некој случај за полов напад врз дете, гневот се насочува во погрешен правец, во образовниот систем каде што детето во некоја форма би било дури и едуцирано да препознае и да избегне ваква ситуација.

Посебен случај за анализа се социјалните медиуми и групите што со дезинформации се обидуваат да го спречат воведувањето на предметот во редовното образование. Додека се вадат од контекст поединечни елементи: ученици во прво одделение ќе учат како се ставаат кондоми, се поттикнува абортусот, и мажите ќе може да раѓаат деца, болни реформи… обрнете само внимание на речникот во коментарите. Вулгарни, прости, фрустрирачки, навредливи, омаловажувачки, аргумент дека токму тие требало да посетуваат настава по Сеопфатно сексуално образование додека биле ученици.

По дефиниција табу е социолошки или религиозен обичај за забрана или спречување одредена практика. Ако зборот „секс“ сè уште е табу во нашето општество во првата и основна социолошка клетка – семејството, логично е прашањето постои ли семејство изолирано од секојдневни пцости со зборови што повеќе од сликовито имплицираат на табуизираниот збор? Но, ние сме докажани по двојните аршини во сè – одиме во црква, а на враќање дома вршиме прељуба, го сакаме ближниот свој, додека му забиваме нож в грб, ги штитиме децата од ССО, па ги лекуваме од сексуално преносливи болести. И додека дома е табу да се разговара со децата за основите на човековата природа, за репродуктивните органи, за заштита од сексуално преносливи болести и несакана бременост, се забавува и процесот на воведување на овие содржини во образовниот систем.

Од многубројните коментари очигледно е дека најпроблематични се оние, социолошките теми, кои отворено укажуваат на различностите. Во актуелниот образовен систем репродуктивните органи кај човекот се застапени во теми од предметот Природни науки за шесто одделение: семеници (тестиси), мочен меур (уретра), пенис, семеводи, јајчници (овариуми), јајцеводи, матка (утерус), вагина, а шестоодделенци се деца на 11-12 години. Каде се иницијативите #СтопзаПрироднинаукизаШестоодделение на социјалните медиуми?!

Од друга страна, колку од сите поддржувачи на дезинформации имаат увид и контрола што гледаат нивните деца на дигиталните уреди, каде се информираат, како ги дознаваат темите за кои дома едноставно не се зборува? Колку време имате да им посветите на своите деца, да чуете што ги мачи, да ги прашате што прават на голем одмор, дали се жртви на врсничко насилство, како се справуваат со своето секојдневие? Што значи за нив една погрешна фотографија споделена на мрежата? Што размислуваат тие за предметот Сеопфатно сексуално образование?

За среќа, деветтоодделенците со своите наставници разговараат за етиката во една врска, за почит, за грижа, отворена комуникација и искреност, наспроти љубомора, изневера, нечесност, непочитување, уцена. Отворено зборуваат за вредности, за различности. Ако дома сте си ја завршиле работата како родители, сте им објасните на децата дека секој е различен на свој начин и дека тоа треба да се почитува, ССО нема да влијае врз родовата определба на вашето дете. Исто како што во шесто одделение се учи и предмет Етика/Историја на религиите, па не видовме некое дете да се преобрати од христијанство во ислам и обратно.

Автор: Весна Ивановска-Илиевска

Насловна фотографија: freepik.com

Продолжи со читање

  • Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество на средба со организациите во Куманово

    На 1 октомври 2026 година претставници на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество се сретнаа со граѓанските организации и активистите од Североисточниот регион. Средбата беше посветена на улогата, работата и соработката со Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како значаен механизам за унапредување на дијалогот меѓу институциите и граѓанските организации.

  • OТВОРЕНО ПИСМО | Дали претседателката Сиљановска-Давкова легитимира организации поврзани со движења против правото на абортус?

    Мрежа за заштита од дискриминација испраќа отворено писмо до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод нејзината неодамнешна средба со претставнички на здружението „Јас сум жена“. Со […]

  • Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина

    Од 5 до 7 октомври, во Приштина се одржа Civil Society & Think Tank Forum 2026, официјалната платформа на граѓанското општество во рамки на Берлинскиот процес, на кој учествуваше и Finance Think. Во текот на трите дена, низ повеќе тематски дискусии, претставниците на граѓанските организации и тинк-тенковите од Западен Балкан имаа можност да дадат свои […]
    The post Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина first appeared on Finance Think.
    The post Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина appeared first on Finance Think.

  • Граѓанското општество од Западен Балкан го даде својот придонес во пресрет на Самитот на Берлинскиот процес

    Овогодишниот Форум на граѓанското општество и тинк-тенк организации (CSF 2026) се одржа во Приштина од 5 до 7 октомври. Форумот, како официјална платформа на граѓанскиот сектор во рамките на Берлинскиот процес, уште еднаш ја потврди незаменливата улога на граѓанскиот сектор како мост меѓу граѓаните, експертската заедница и донесувачите на одлуки.

  • Одржана базична обука за прва помош во Свети Николе

    Одржана базична обука за прва помош во Свети Николе На 4 и 5 октомври 2026 година, во просториите на ООУ „Гоце Делчев“ во Свети Николе, се одржа базична обука за прва помош, организирана со поддршка на Operation Florian од Велика Британија. На обуката учество земаа членови од три доброволни противпожарни друштва: ДПД Свети Николе, ДПД…

  • ЗАКОНИТЕ МОРА ДА ГИ РЕШАВААТ ПРОБЛЕМИТЕ ЗА ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, А НЕ ДА ГИ КРЕИРААТ

    Вчера (7.10.2026 година) на Пленарна седница на Собранието на Република Северна Македонија, на прво читање беа разгледани предлог измени и дополнувања на Законот за животната средина. Веќе за 13.10.2026 година е закажана седница на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на […]
    The post ЗАКОНИТЕ МОРА ДА ГИ РЕШАВААТ ПРОБЛЕМИТЕ ЗА ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, А НЕ ДА ГИ КРЕИРААТ appeared first on Myla.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор