[Aggregator] Downloaded image for imported item #46754

Наслов: малите „ноктиња“ на македонското новинарство

„Не нè биѓава. Како новинарска фела.“

Намерно ќе го оставам ова „биѓава“ нелекторирано, бидејќи сакам да остане како потсетник дека веќе не сум сигурен дека состојбата во новинарството може лесно да се поправи.

Зошто по 31 година професионална кариера ваква малодушност?

Главниот мотив не е расправијата меѓу новинари и исфрлањето, односно забраната за емитување еден документарен филм на Јутјуб поради нерегулирани авторски права. Ниту, пак, е односот на наш колега кон министерката за образование.

Ниту затворањето на Радио Слободна Европа на македонски јазик, и изумирањето секоја година на локални медиуми што го покажуваат извештаите на ААВМУ, ниту плата под просечната на новинарите.

Овие случаи само ја надополнуваат сликата.

Главниот проблем што го детектирав во изминатиот период е дека новинарството сè повеќе се сведува на гребење по површината на темите, без доволно упорност да се дојде до суштината.

Не на она гребење што прво ви паѓа на ум – за пари, за ситни услуги или за некоја привилегија што би нè издвоила од „плебсот“. Ние сме дел од народот и треба да ги штитиме нивните граѓански права и јавниот интерес.

Гребењето за кое зборувам е гребење како мало маче – со мали или никакви ноктиња, кои не можат да предизвикаат никаква реакција. Не како гребењето на Тоби – мачката во мојата куќа, девет килограми тежок мачор, кој со своите канџи стигна до основата на двоседот и тој веќе плаче за нов.

Ние како новинари не гребеме доволно длабоко во темите. Сè почесто новинарството се сведува на „чудо од три дена“, на сензација и на обид да се побудат ниски страсти кај публиката.

Да се потсетиме како известувавме со почетокот на нападот на САД и на Израел врз Иран. Црни сценарија, најави за нов ценовен шок, паника за цената на нафтата што ќе предизвика нов бран на инфлација.

Доволно беше да се отвори агрегатор на вести за да се видат наслови од типот:

„Следува ли нов ценовен шок?“

„Цената на дизелот расте – што нè чека?“

„Нов удар врз џебот на граѓаните“

„Енергентите повторно ја туркаат инфлацијата нагоре“

„Ценовно цунами – дизелот скокна за 36 %“

Внимавајте, ова беше на самиот почеток на кризата. Во момент кога сè уште немаше јасни сигнали како конфликтот ќе се одрази врз глобалните пазари, ние веќе креиравме атмосфера на неизбежен, голем, разорувачки ценовен шок.

time 1

Добар дел од онлајн медиумите придонесуваат за ширење паника, но проблемот не е само во сензационализмот. Проблемот е што и мејнстрим медиумите не ги обработуваат темите доволно длабински и континуирано.

Парцијално ќе се сретнат анализи, но континуирано, секојдневно следење на кризата со домашни економски аналитичари и објаснување на процесите, ретко можеше да се види.

Дел од еминентните економисти многу издржано ги објаснуваа фазите на кризата, во кој стадиум сме и кога која мерка треба да се активира. Но, вакви анализи, на дневна основа, континуирано, недостасуваат во услови кога се создава паника поради кризата. А добар дел на економските движења се засноваат на очекувањата, така што паниката е керозин за дополнително влошување на ситуацијата.   

Затоа, како што се развиваше темата, на површина излезе токму тоа „гребење“ – површно следење на настаните без доволно објаснување на причините.

Во голем дел од прилозите за поскапувањата се потпираме на анкети (vox populi) или на политички реакции од власта и од опозицијата, но многу ретко се проверуваат самите податоци.

Никој не ги побара поединечните цени на храната што Сојузот на синдикатите на Македонија ги користи за пресметка на синдикалната кошница за да се направи споредба меѓу март и февруари.

Податоците покажаа дека во првите недели од март немаше драматични поместувања кај дел од основните производи, но наративот за нов ценовен бран веќе беше поставен.

Кризата сè уште не беше стигната до маркетите, но паниката веќе беше стигната до јавноста.

time 2
time 3

Очекувањата за раст на цените често самите по себе влијаат врз однесувањето на потрошувачите и на компаниите. Во такви услови, улогата на новинарството не е да ја засили паниката, туку да помогне јавноста да разбере што навистина се случува.

Токму затоа ги нагласувам вестите како формат. Вестите не се само форма, туку дневен филтер преку кој граѓаните ја разбираат економската и политичката реалност.

Во комуниколошките теории оваа улога на новинарите се нарекува „чувари на портата“, или чувар куче (watchdog) и тоа повеќе од 80 години. Но, најновото толкување е дека медиумите ја губат улогата на филтри и стануваат неми набљудувачи што следат туѓи агенди и интереси (gatewatchers).

Според истражувањата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, телевизијата е тесно зад социјалните мрежи како извор на информации за граѓаните.

scrsh 1

Но, довербата што ја имаат граѓаните во телевизиите е далеку пред содржините пласирани во дигиталниот свет. Тоа значи дека одговорноста на информативните редакции е поголема од кога било.

scrsh 2

Пред сè бидејќи во дигиталната ера новинарството се соочува со сериозни предизвици. Социјалните мрежи, платформите и дигиталната инфраструктура ја презедоа технолошките гиганти, инфлуенсерите, граѓаните и политичките елити што ги усовршија комуникациските практики оставајќи ги медиумите со споредната улога.

А, вестите сè почесто се сведуваат на пренесување изјави, наместо на објаснување на процесите.

Да не биде дека само ги критикувам другите медиуми – и самиот се фатив во таканареченото мрзливо новинарство.

Во изминативе недели клучна тема беше растот на цената на нафтените деривати. Имаше значителен раст на дизелот, по што следуваше и пораст на бензинот. Речиси сите медиуми, вклучително и јас, објаснувавме дека тоа се должи на растот на цената на суровата нафта на светските берзи.

Тоа беше наједноставното објаснување.

Но, не даваше одговор на клучното прашање – зошто дизелот расте со различна динамика од бензинот и кои фактори од методологијата влијаат врз конечната цена.

Ги пренесувавме соопштенијата на Регулаторната комисија за енергетика, зборувавме за случувањата на светските пазари и за конфликтот на Блискиот Исток, но ретко кој навлезе во самата методологија за пресметка на цените на дериватите.

Ретко кој објасни како референтните цени на европските берзи, курсните разлики, транспортните трошоци и даночната структура влијаат врз разликите меѓу бензинот и дизелот.*

Токму тука најдобро се гледа колку често новинарството останува на површината.

Не станува збор за тоа дека нема знаење или капацитет, туку дека ретко се вложува дополнителен напор за да се разработи темата во серија, континуирано, сè додека јавноста не ја разбере целосно.

Прашањето е како повторно да се наострат „канџите“ на редакциското новинарство.

Решението не е едноставно, особено во услови на намалени редакции, недостиг на новинари и постојан притисок за брзина.

Една од можностите е професионалните новинарски организации да воспостават награда што ќе го вреднува придонесот на новинарските теми токму во информативните содржини – во вестите.

Со јасно дефинирани критериуми – континуитет, серијалност, квалитет на обработка, влијание врз јавните политики – ваква награда би можела постепено да стане престижна и мотивирачка.

Покрај постојните награди за истражувачко новинарство и за животно дело, ваквото признание би го вреднувало токму она новинарство што секојдневно стигнува до најголем број граѓани.

Бидејќи, без континуирано и упорно „гребење“ на темите, новинарството ризикува да се претвори во пренесување туѓи ставови, наместо во објаснување на реалноста.

А без тоа, јавниот интерес останува незаштитен.

*ПОУКА ЗА ПОМЛАДИТЕ НОВИНАРИ!

Иако веќе сум полни 31 година новинар, никогаш немојте да бидете апсолутно сигурни во бројките и во тоа што го пишувате без темелно да го проверите. Во прилогот со методологијата на утврдување на цените на нафтените деривати, ненамерно сум пресметал погрешен неделен просек на дериватите. Прилогот методолошки беше точен, но крајниот резултат поради неточните податоци беше погрешен, со што и изведениот заклучок. Затоа, никогаш ништо не работете набрзина и без подлабока проверка. Можеби немаме секогаш време, но подобро точно и малку подоцна, отколку според временскиот распоред, ама погрешно. 

Автор: Горан Теменугов


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонски институт за медиуми

Продолжи со читање

  • Нова публикација: „Граѓанскиот сектор во бројки 2025“

    МЦМС ја објави публикацијата „Граѓанскиот сектор во бројки 2025“, финансиска, економска и општествена анализа на топ 100 граѓански организации според приходи во 2025 година. Анализата ги вкрстува завршните сметки за 2023, 2024 и 2025 година со податоците од регистарот на активни граѓански организации, и на едно место дава слика за големината, географијата, растот и ранливостите на организираното граѓанско општество во земјата.

  • Реализирани 40 (XL) Средби на извидници – Велес 2026

    По повод 8ми Септември Денот на државноста на Република Македонија, а остварувајќи ја својата програма за работа извидничкиот одред “Димитар Влахов“ – Велес, ги организираше 40 (XL) Средби на извидници – Велес 2026  кој се одржаа во периодот од 4 до 6.9.2026 год. во извидничкиот центар Голозинци во истоименото село….

  • 74 години – Извиднички одред “Димитар Влахов“

    Во далечната 1948 година со Законот за предвојничка обука во рамките на Гимназијата “Кочо Рацин” во Велес започнуваат да се формираат првите одделенија кои што работат активности слични на нашите, извидничките. Тие одделенија се до 1952 година работат како неформални групи за да на денешен ден 8 септември во учебната…

  • Покана – Јавна расправа за Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, хотел Холидеј Ин, Скопје 21.09.2026 г.

    Почитувани, Секоја година, речиси половина од граѓаните и компаниите придонесуваат преку донации, а за голем дел од бизнис секторот даночните поттикнувања претставуваат важен мотив за вложување во заедницата.  За овој голем потенцијал целосно да се

  • Дигиталното насилство не чека, а сега имате алатка да реагирате

    Зад секој екран, во секоја приватна порака или групен чет, може да се крие тишина исполнета со страв, срам и болка. Дигиталното родово базирано насилство не е само „онлајн проблем“ – тоа е реалност што ја погодува секоја четврта млада жена во Македонија, а само 5% од нив имаат храброст да пријават. Останатите молчат, најчесто […]

  • ИМКА Македонија ја најавува програмата Leaders-in-Training – LiT 2026–2027

    Вклучи се ИМКА Македонија ја најавува програмата Leaders-in-Training – LiT 2026–2027 ИМКА Македонија ја најавува новата програма Leaders-in-Training – LiT, која им овозможува на младите на возраст од 15 до 18 години да се развиваат како самоуверени, одговорни и активни лидери. Програмата се реализира во текот на учебната година и комбинира месечни работилници за лидерство со тимска работа, активности во заедницата, авантури на отворено, менторство и рефлексија. Leaders-in-Training – LiT е наменета за поранешни учесници на летните кампови на ИМКА, нивни пријатели, како и за сите други млади кои се заинтересирани да го развиваат својот лидерски потенцијал. Оваа година едната група ќе се реализира во Битола, а другата на релација Куманово–Штип. Учиме преку искуство Од септември до мај, учесниците ќе се среќаваат една сабота во месецот. Секоја средба комбинира практична лекција за лидерство, активности за градење тим и забавен предизвик, при што ќе се обработуваат теми како развој на позитивен начин на размислување, комуникација, емоционална интелигенција, поставување цели и развивање лидерски вештини за работа во камп. Средбите ќе се одржуваат на македонски и англиски јазик. Освен што ќе учат за лидерството, учесниците ќе имаат можност да ги применат стекнатите знаења и вештини преку практични активности во текот на есента и пролетта. Волонтерски активности: Учесниците ќе работат заедно за да придонесат позитивно во својата локална заедница, истовремено откривајќи како лидерството и волонтерството одат рака под рака. Авантуристички активности: Учесниците ќе се вклучат во активности на отворено кои ќе ги поттикнат да соработуваат, да решаваат проблеми, да развиваат истрајност и да размислуваат за својот лидерски развој. Програмски активности Септември 2026 — Позитивен начин на размислување и моќта на „Сè уште“ Октомври 2026 — Волонтерски активности Ноември 2026 — Авантуристички викенд Декември 2026 — Комуникација и средбана алумни и учесници на LiT во Скопје Јануари 2027 — Емоционална интелигенција Февруари 2027 — Како да станете камперски лидер Март 2027 — Лидерство и поставување цели Април 2027 — Авантуристички викенд и волонтерски активности Мај 2027 — Јавно говорење и завршна прослава на програмата Пат кон идно лидерство Leaders-in-Training – LiT им нуди на младите можност да го направат првиот чекор кон волонтирање во ИМКА, ангажирање како камперски советници и членување во тимовите на летните кампови. По стекнувањето искуство преку LiT, учесниците продолжуваат да ги развиваат своите вештини и постепено преземаат лидерски улоги во летните кампови на ИМКА: SPARK дневен камп (Strong Prepared Aspiring Responsible Kids) — ученици од 6. до 8. одделение GLOW национален камп (Girls Leading Our World) — девојки од средно училиште YMLP национален камп (Young Men’s Leadership Project) — момчиња од средно училиште Низ овој процес, младите создаваат пријателства со врсници од различни заедници, ја зголемуваат својата самодоверба преку учење и искуство и градат трајна поврзаност со волонтерството. Leaders-in-Training – LiT е наменета за млади кои сакаат да учат, да придонесуваат и да се развиваат. ИМКА Македонија верува дека младите не треба да чекаат за да станат лидери. Тие можат да започнат да водат уште сега. Контакт Заинтересираните млади, родители и наставници можат да ја контактираат и следат ИМКА Македонија за повеќе информации за програмата Leaders-in-Training – LiT: Тел.: +389-70-594 341 Е-пошта: leaders@ymca.mk Instagram: @ymca.mk Facebook: @ymca.mkd

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор