[Aggregator] Downloaded image for imported item #44331

Медиумите ќе преживеат, но поголем проблем е како ќе опстане новинарството

Иднината на медиумите и на новинарството ќе зависи од неколку клучни фактори, како што се технолошко-информациските влијанија, изнаоѓањето начини за долгорочно и одржливо финансирање на медиумите и редефинирање на нивната улога во правец на едуцирање на публиките. Ова се некои од заклучоците од конференцијата „Иднината на медиумите, иднината на демократијата“ што ја организираше Македонскиот институт за медиуми во рамки на проектот „Нашите медиуми“ со поддршка на Европската Унија.

На настанот се обрати заменик-министерот во Министерството за дигитална трансформација, Радослав Настасијевиќ Варџиски, кој истакна дека како ресор надлежен за развој на аудиовизуелниот сектор и медиумите, ќе продолжат да градат политики за современ, стабилен и европски усогласен медиумски амбиент во кој професионалните стандарди ќе бидат гаранција за слободно и независно новинарство. Тој најави дека се планира изработка на Национална стратегија за развој на медиумскиот сектор, што треба да произлезе од еден инклузивен процес и да ги дефинира чекорите кои ќе следат. „Начинот на кој денес ќе ги моделираме медиумските политики под влијание на дигитализацијата, вештачката интелигенција и европските стандарди – ќе ја одреди формата на јавниот простор во следните децении. Дали тој простор ќе биде слободен, продуктивен, транспарентен и отпорен на манипулации – зависи од нашата заедничка работа и посветеност во овој процес“, истакна заменик-министерот Варџиски.

Во овој контекст, Марија Канелопулу, прв советник во Делегација на Европската Унија посочи дека во рамки на неодамна започнатиот проект финансиран од ЕУ – Хармонизација на дигиталното и медиумското законодавство и развој на вештини за дигитална трансформација, тимот на експерти ќе ја поддржи Владата во подготовка на сеопфатна Стратегија за развој на медиумскиот сектор и придружен Акциски план, целосно усогласени со Европскиот акт за слобода на медиумите и пошироките европски стандарди. „Оваа стратегија не смее само да ги адресира тековните предизвици, туку и да ги предвиди идните потреби при што ќе овозможи заштита на независноста на медиумите, зајакнување на статусот и безбедноста на новинарите, промовирање на плурализмот и спротивставување на дезинформациите, поттикнување иновации во медиумското производство, модернизација на јавниот сервис и ќе го охрабрува активното учество на граѓаните“, порача Канелопулу.  

mim 3

На настанот беше претставена анализата „Етиката, довербата и јавниот интерес клучни и во дигиталната доба“ што е дел од регионалното истражување за иднината на медиумите и на демократијата во земјите од Западен Балкан и во Турција. Маида Муминовиќ, директорка на Медиацентар – Сараево и координаторка на проектот, посочи дека демократијата не може да функционира без новинарството, а новинарството, пак, бара демократска средина за да може да ја извршува својата улога во служба на јавниот интерес. „Јасно е дека иднината на медиумите станува сè покомплексна, па адресирањето на прашањата за заштита на новинарството, улогата на професионалните медиуми и на демократијата бара вклучување на ангажирани и информирани граѓани“, истакна Муминовиќ.

Претставничката од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Ивана Стојановска истакна дека за да се гарантира плурализмот и независноста на медиумите, не е доволно само да постои соодветна правна рамка, туку подеднакво треба да се работи и да се инвестира во градењето на професионалниот капацитет на новинарите и на уредниците, но и на менаџерскиот кадар, како и во развојот на професионалните здруженија. Регулаторот, истакна таа, ја поддржува идејата за воспоставување фонд за развој на медиумскиот плурализам, што ќе обезбеди финансиска поддршка за создавање разновидни и квалитетни медиумски содржини, зајакнување на домашната продукција и ќе го поттикнува истражувачкото новинарство.

За тоа како ќе се развиваат медиумите и новинарството во иднина, зборуваа истакнати уредници, новинари и директори на повеќе влијателни медиуми. Снежана Лупевска-Созен, директорка на ТВ Телма, посочи дека медиумите се соочуваат со финансиски потешкотии да опстанат во услови кога телевизиската публика старее, а истовремено треба да се задоволат медиумските потреби на сите граѓани, да се привлечат младите публики и да се создаваат мултимедијални содржини. Таа истакна дека ТВ Телма вложува напори за диверзификација на платформите – инвестира и отвора нови канали, што е еден од начините да се адресираат новите информациски навики и потреби на граѓаните.

Иако телевизијата е сè уште најчест извор на информации за граѓаните, главната и одговорна уредничка на ТВ Сител, Славица Арсова посочи дека телевизиските медиуми сепак почнале да вложуваат во мултимедијални формати. За да се привлечат младите не е доволно само реемитување на содржините од ТВ на онлајн платформите, смета таа. „Генерално недостига стратегија што ќе ја врати публиката на телевизија. Неопходни се инвестиции, менување на продукциските навики и дигитализација на сферата. Медиумите мора да се менуваат со темпото со кое се менува и публиката“, истакна Арсова.

Драган Николовски, одговорен уредник на Првиот програмски сервис на МТВ порача дека јавниот сервис треба да остане столб на точноста и на релевантноста, во услови кога публиката не е подготвена да се справува со штетните информации. Тој истакна дека трката со онлајн медиумите е нерамноправна и однапред загубена, па затоа МРТ бара алтернативни начини за осовременување на содржините, кои треба да бидат достапни за пошироката публика. „МРТ е на пресвртница да се трансформира во јавен медиумски сервис, да ја зајакне својата мисија и да обезбедува разновидни содржини за сите публики“, додаде Николовски.

mim 16

Од аспект на функционирањето на онлајн медиумите во иднина, Горан Михајловски, главен и одговорен уредник на СДК.мк, посочи дека главни проблеми се финансирањето на медиумите, нерегулираноста на пазарот и инертноста на државата да интервенира во сегментот на онлајн медиумите. Тој смета дека е потребно воведување критериуми за доделување средства за платеното политичко рекламирање, наместо досегашната пракса кога се формирале портали непосредно пред избори. Финансиите, според него, се фактор за загриженост и заради тоа што редакциите не се во можност да понудат иднина на младите новинари.

„Немам дилема дека медиумите ќе преживеат, но поголем проблем е како ќе преживее новинарството“, рече Жана Божиновска, главна и одговорна уредничка на Слободен печат. Таа посочи дека менаџерскиот кадар не се откажува од печатеното издание, кое сè уште се чита и покрај малиот тираж. „На предлог од млади луѓе преку Инстаграм, весникот сега се дистрибуира во кафулиња, ресторани и таа идеја почна да се шири, луѓето се јавуваат самоиницијативно и има заинтересираност изданието да се дистрибуира меѓу младите“, наведува Божиновска.

Новинарката Тамара Чаусидис констатираше дека публиката знае да разликува новинарство од медиумска содржина. „Медиумите вакви како што ги знаеме немаат иднина, но новинарството има. Мора да се разликуваме од произведувачи на содржина, новинарите мора да бидат професионални“, порача Чаусидис.

Заклучоците од истражувањето „Етиката, довербата и јавниот интерес клучни и во дигиталната доба“ упатуваат на потребата од сеопфатна медиумска стратегија за развој на медиумската сфера во согласност со европските стандарди, како и на постојано унапредување на социо-економскиот статус на новинарите и на медиумските работници што подразбира подобрување на условите за работа, правна заштита, зголемување на платите и уредување на работните договори. Треба континуирано да се унапредуваат знаењата и вештините на сите медиумски професионалци за да бидат во чекор со новите технолошко-информациски трендови, но стандардите во професијата треба доследно да се применуваат без оглед на платформата. За да излезат во пресрет на барањата на граѓаните, медиумите треба да вложат напори за создавање оригинални, инклузивни и разновидни содржини во мултимедијални формати, наменети за сите публики, особено за младите.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонски институт за медиуми

Продолжи со читање

  • Животните вештини како темел за правда по мерка на детето

    Правдата по мерка на детето не завршува со судската одлука. Таа продолжува преку поддршка што им помага на децата да ги развијат своите потенцијали, да стекнат самодоверба и да изградат вештини што ќе им овозможат успешна реинтеграција во заедницата. Токму ова е една од целите […]
    The post Животните вештини како темел за правда по мерка на детето appeared first on Myla.

  • Настан на Мрежата за финансиска одржливост на граѓански организации, х. Милениум, Битола, 20.08.2026 г.

    Почитувани претставници на институции, граѓански организации и членки на Мрежата за финансиска одржливост на ГО, Во време кога граѓанскиот сектор сѐ повеќе се соочува со предизвици поврзани со неговата финансиска одржливост и можностите за долгорочен

  • Повик за ангажирање на програмски координатор

    Хуманитарно здружение „Мајка“ – Куманово објавува повик за ангажирање на Програмски/проектен координатор/ка за координација, спроведување и следење на програмски и проектни активности во рамки на работата на Здружението. Повикот е отворен за кандидати кои ги исполнуваат предвидените услови, а пријавите со потребната документација се доставуваат електронски најдоцна до 16.08.2026 година.

  • НЕ НИ ЈА КОЦКАЈТЕ ИДНИНАТА! Еден од четири 15–16 годишници се коцкал за пари – младите бараат систем што ќе ги штити, а не средина што ја нормализира коцката

    СКОПЈЕ, 12 август 2026 – По повод Меѓународниот ден на младите, младинската група на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА Млади, заедно со Иницијативата „Фрли […]

  • Еко Логик стана дел од I-STEP Network

    Со задоволство споделуваме дека Еко Логик стана дел од I-STEP Network, меѓународна мрежа на организации кои работат на полето на образованието, социјалната инклузија, професионалниот развој и учеството во заедницата I-STEP Network ги поврзува организациите со цел нивната соработка и размена на искуства да се претворат во практични методи, алатки и обуки кои можат директно да […]

  • Еко Логик дел од „Ресурсен Центар Карпош“

    Со задоволство објавуваме дека Еко Логик е избрана како една од деветте невладини организации кои стануваат дел од „Ресурсен Центар Карпош“. Во Општина Карпош се одржа првиот координативен состанок на Центарот, со учество на девет организации избрани преку јавен повик. Средбата означи почеток на нова платформа за поврзување, размена на знаење и создавање заеднички иницијативи […]

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор