ЕПИ

Граѓанскиот сектор алармира за односот на Владата кон граѓанското општество

Граѓанските организации кои се дел од Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како избрани претставници на граѓанскиот сектор, искажуваат силен револт од односот на Владата кон Советот и воопшто кон граѓанското општество. Затоа, бараме од Претседателот на Владата г. Димитар Ковачевски да се сретне со претставници на граѓанските организации од Советот и на средбата да ја појасни политиката на Владата кон граѓанското општество, да се постигне согласност за претходно покренатите проблематични прашања и вистински да се возобнови дијалогот кој беше воспоставен во изминатите години.

Ние, членовите на Советот за соработка од редот на граѓанските организации, констатираме дека во изминатата година работењето на Советот беше оневозможено преку владиното игнорирање на неговите клучните препораки и заклучоци, што е негова основна надлежност како советодавно тело на Владата. Неколкуте обиди да се воспостави директна комуникација и средба со Претседателот на Владата и со претставници од Владата за да се дискутира за  суштински прашања што го засегаат функционирањето на граѓанското општество досега беа оставени без одговор.

Длабоко сме загрижени поради влошената соработка, отсуството на суштинска, па дури и на формална комуникација и дијалог. Функционирањето на граѓанското општество е клучен показател за демократската клима во земјата, а кога тоа е загрозено – доведен е во прашање и напредокот на земјата, како и нејзиното приближување до Европската Унија. Во изминатиов период, а и сега, посебно ги потенцираме како предизвици следните прашања:

  • Беа усвоени измени и дополнувања на Законот за здруженија и фондации без консултативен процес на засегнати страни, особено на Советот за соработка и пошироко граѓанските организации. Ценејќи дека постои активна работна група за измени и дополнувања на овој закон минимум очекувано беше од Владата да го отвори консултативниот процес преку јавна дискусија во Собранието на Република Северна Македонија;
  • Во изминатата година Владата и формално и суштински ја прекрши институционалната поставеност во врска со укинувањето на средствата наменети за поддршка на активностите на граѓанскиот сектор од Генералниот секретаријат на Владата и без консултации го утврди Министерството за политички систем и односи со заедниците како надлежно министерство за распределба на средствата за поддршка на граѓанските организации. Со ваквиот начин на постапување, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците излезе целосно од рамките на своите надлежности, што е утврдено со правната рамка на државата. Ова укажување беше во неколку наврати посочено од Советот за соработка, но Владата и Министерството целосно го игнорираа ставот на ова тело;
  • Процесот за реформа на државното финансирање и покрај сите напори и во 2022 година не се реализираше и дополнително наместо да се предвиди зголемување на државното финансирање, граѓанските организации се соочија со кратење на средства по различни основи. Ова е целосно спротивно на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество согласно која децидно е предвидено зголемување на средствата за државно финансирање на ГО;
  • Владата го затвори консултативниот процес за Реформа на државната управа со што се нарушија основните постулати за соработка со засегнати страни. Овој процес, кој претставува целосна и сеопфатна реформа на државните органи, и покрај неколкуте барања на Советот и воопшто на граѓанскиот сектор продолжува да се води само во рамки на министерствата.

Освен тоа, повеќе граѓански организации пријавуваат дека е значително стеснет просторот за работа на здруженијата и фондациите, а комуникацијата со повеќе министерства е влошена до загрижувачки размери, што се констатира и во повеќе извештаи кои се изготвени за овозможувачката околина на граѓанските организации.

Имајќи го предвид сето горе наведено, очигледно е дека Владата не работи на постигнување на целите на Стратегијата за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2024 и не го спроведува акцискиот план на оваа Стратегија. Истовремено, со оглед на нарушената работа на Советот, не функционира ниту системот за следење на исполнувањето на обврските на Владата од оваа стратегија, за што Советот има мандат.

Вреднувајќи го незаменливиот придонес на граѓанското општество за напредокот на земјата и поддршката што овој сектор ја дава на патот на интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија, членовите на Советот од редот на граѓанските организации очекуваат дека Претседателот на Владата и Владата на Република Северна Македонија ќе демонстрираат конструктивност и зачувување на основните демократски вредности за кои се залагаме како држава, со што нема да се доведе во прашање работата на цел еден сектор во ова општество. За таа цел, покрај ова јавно обраќање, ново барање за средба е доставено до кабинетот на Претседателот на Владата, како и до Претседателот на државата, релевантни комисии при Собранието на Република Северна Македонија и Амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија.

Избрани претставници на граѓанскиот сектор во Советот за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и граѓанското општество, со своите организации:

  1. Снежана Камиловска Трповска, Македонски центар за меѓународна соработка Скопје – област: Демократија и владеење на правото
  2. Уранија Пировска, Здружение Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија Скопје – област: Промоција и заштита на човековите права и антидискриминација
  3. Никица Кусиникова, Здружение Конект Скопје – област: Економски и одржлив развој
  4. Димитар Низамовски, Здружение на граѓани Младински образовен форум Скопје – област: Наука, образование и доживотно учење
  5. Зоран Илиески, Коалиција на младински организации Сега Прилеп – област: Млади
  6. Јасминка Фришчиќ, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, Скопје – област: Социјална заштита и заштита на деца
  7. Далиборка Златева, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености Велес – област: Заштита на маргинализираните лица
  8. Андреј Сених, Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – Заедно посилни Скопје – област: Заштита на здравјето
  9. Лилјана Јоноски, Здружение Рурална коалиција Куманово – област: Земјоделство и рурален развој
  10. Тијана Ана Спасовска, Јадро Асоцијација на независната културна сцена Скопје, област Култура
  11. Никола Додов, Здружение за поттикнување и промоција на информатиката Асоцијација на студенти информатичари Скопје – област: Медиуми и информатичко општество
  12. Драгица Костадиновска, Здружение Мултиетничка организација за интернационални култури Мозаик Меик Скопје – област: Спорт
  13. Ардита Абази Имери, Институт за европска политика – Скопје – област: ЕУ интеграции и политики
  14. Марија Савовска, Здружение за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска Скопје – област: Родова еднаквост
  15. Сашка Коцевска, Движење на екологистите на Македонија Велес – област: Заштита на животната средина

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор