ЕПИ

Дваеcет години од Спогодбата за стабилизација и асоцијација: Искористени и пропуштени можности

Пред 20 години Република Македонија, прва од земјите во регионот, ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската унија и нејзините држава членки. Во тоа време очекувањата беа дека нашиот пат до членство во Европската унија ќе биде покус и дека побрзо ќе донесе промени, во корист на граѓаните и економијата на државата. Дваесет години подоцна сѐ уште е неизвесен почетокот на преговорите за членство во Унијата.

И денес Спогодбата за стабилизација и асоцијација останува основната правна рамка која го уредува односите меѓу нашата држава и Европската унија и нејзините држави членки. Затоа се чини неопходно да се навратиме на нејзините (искористени и неискористени) можности.

Прво, Спогодбата даде исклучителен придонес за постоечкото високо ниво на усогласеност на македонското законодавство со европското acquis. Во практиката, приоритетите за правно усогласување утврдени во ССА го водеа процесот на правна апроксимација. Во првата фаза на ССА клучно беше усогласувањето со acquis во внатрешниот пазар, конкуренцијата, јавните набавки, интелектуалната сопственост, стандардизацијата и акредитацијата, заштитата на личните податоци, додека усогласувањето во другите области на внатрешниот пазар продолжи со почетокот на втората фаза – услуги, слободно движење на капиталот. Втората фаза започна на 4 декември 2018 година.

Второто постигнување е институционалниот дијалог во структурите на ССА. Во нив се одвиваше дијалогот за исполнување на одредниците за почеток на пристапни преговори. Во рамките на структурите на ССА постојано се бараше, а и започна дијалогот за визната либерализација, вклучително и спроведувањето на договорот за реадмисија кој се одвиваше без пречки, иако тој беше многу спорен во време на преговорите за Спогодбата. Учеството во програмите на заедницата е регулирано со протокол кон ССА. Дијалогот за дијагоналната кумулација на потеклото на стоките исто така беше воден во рамките на институционалната структура на ССА и регулиран со протокол кон ССА. Оттаму, може слободно да се констатира дека во македонскиот случај – кандидатура без преговори, – институционалната структура на ССА беше и сѐ уште е, во средиштето на дијалогот со Европската унија.

Од друга страна, блокирањето на влезот во втората фаза на ССА и статусот на земја кандидат без преговори кои траеја повеќе од една деценија оставија длабоки траги на двата аспекти анализирани погоре. Во однос на усогласеноста, нашите анализи во изминатата декада покажуваат дека македонското досие стагнира на нивото од 2011 година, со кое сепак предничиме во регионот. Второ, отсуството на преговори заедно со сите политички превирања во администрацијата го осипаа капацитетот и знаењето кај институционалните структури.

Сепак, не смееме да го занемариме дваесетгодишното искуство во спроведувањето на Спогодбата кое ѝ дава на нашата држава – нејзините институции, владиниот и невладиниот сектор – богата основа за градењето на натамошните односи со Европската Унија. Очекуваме ова искуство да биде клучно доколку земјата ги започне преговорите за членство согласно новиот пристап на Европската унија кој ги  приближува институционалните структури за преговорите согласно ССА.

За повеќе информации, погледнете ги одбраните анализите на ЕПИ посветени на Спогодбата за стабилизација и асоцијација подолу:

The post Дваеcет години од Спогодбата за стабилизација и асоцијација: Искористени и пропуштени можности appeared first on EPI.

Продолжи со читање

  • Спортот не е имун на нееднаквост и насилство: потребни се конкретни и системски промени за надминување на пречките

    Со конференцијата „Фер игра: еднаквост и нулта толеранција за родово базирано насилство во спортот“, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го заокружи процесот на собирање на податоци кои покажуваат како жените се застапени на позиции на одлучување во спортските организации. Истражувањата укажуваат и на искуствата и препознавањето на различните форми на родово базирано насилство врз жените во спортот, нивото на свесност на спортистките и постоењето, видливоста и користењето на механизмите за заштита. Учесниците на конференцијата отворија широка дискусија која овозможи да се согледаат пречките и бариерите и можните решенија.

  • Говорот на омраза во спортот

    Спортските трибини и натаму остануваат простор каде што се шират навредливи и дискриминаторски пораки, особено на етничка и национална основа. Таквиот говор, особено кога е јавно манифестиран, има потенцијал да предизвика длабоки поделби да ја наруши меѓуетничката кохезија, а има потенцијал да предизвика и злосторства од омраза. Во прилог, нашата колешка Наташа Петковска при гостување […]
    Read More… from Говорот на омраза во спортот
    The post Говорот на омраза во спортот appeared first on Хелсиншки комитет за човекови права.

  • Ограничени ефекти од обидот за регулација на онлајн медиумите

    „Порталите конечно ќе се препознаат како медиуми“. „Конечно и порталите влегуваат во закон“. „Владата со измени на закон ќе ги професионализира онлајн медиумите“. Ова се дел од новинарските наслови со кои се најавија измените на Законот за медиуми, со кои требаше да се регулира медиумскиот простор во Северна Македонија кога се во прашање онлајн медиумите. […]

  • ВИ во редакциите – новинарство што се менува  

    Од печатарска машина до интернетот, преку весниците што се печатеа од денес за утре до интернет-порталите што пренесуваат настани во моментот кога се случуваат – технологијата постојано го преобликува начинот на кој се собираат, се објавуваат и се консумираат вестите. Вештачката интелигенција (ВИ) е последната новина што ја трансформира работата во редакциите, давајќи му шанса […]

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор