Здружение ХОПС – опции за здрав живот Скопје
Објавено: 01/06/2019
Вкупен буџет: 1.671.110 МКД
Времетраење: 01.06.2019 – 31.07.2020
Партнер
Здружение ПЕТКАМЕН – Центар за развој на социјални комуникации Скопје
Конституенти
Луѓе кои употребуваат или кои употребувале дроги; деца и млади во социјален ризик; локална самоуправа; општа јавност
За проектот поддржан од Цивика мобилитас
Kреативна акција за општествени промени: граѓански ангажман на луѓето во социјален ризик
За што е потребна акцијата
Во недостаток на поддржувачка околина, луѓето кои употребуваат/-ле дроги избегнуваат јавно да истапат и во согласност со уставно и законски загарантираните права и мерки, да ја подобрат својата положба во своето опкружување. Децата и младите на улица или сместени во институции се соочуваат со многу повеќе животни предизвици отколку нивните врсници кои живеат со своите семејства. Дел од овие деца и млади имаат родители кои употребуваат дроги и/или се занимаваат со сексуална работа, а дел од нив и самите употребуваат дроги или се во зголемен ризик да почнат да употребуваат дроги. Во текот на своето работење ХОПС има остварено контакти со повеќе од 100 деца и млади на улица или во институции кои употребуваат дроги. Ова е една од причините зошто ХОПС почна да спроведува активности за здрави животни навики и за развој на животни вештини во детските домови во Скопје. Забележлива е потребата за зголемување на обемот на содржини од областа на неформалното образование кои ќе ги подготват децата и младите за правење на здрави избори за себе и за заедницата, сега и во полнолетството.
ЦЕЛИ И РЕЗУЛТАТИ
Општа цел: Општествена интеграција и социо-економско зајакнување на луѓето во социјален ризик во Скопје преку нивно активно вклучување во активности базирани на креативно-уметнички активизам и преку афирмација на нивната работа во локалната заедница.
Специфична цел:
Јакнење на капацитетите за општествен придонес на луѓето од општествено-маргинализираните заедници и збогатување на содржините за забава и неформално образование во локалните заедници, особено на децата и на младите.
Резултати
- Ресоцијализација, реинтеграција, социјална инклузија и развивање на работни навики и вештини на луѓето кои употребуваат дроги, преку нивно активно вклучување во создавањето на креативно-уметничките просторни инсталации.
- Социјална инклузија и развивање на животни вештини за јакнење на самодовербата кај децата во социјален ризик, преку нивно активно вклучување во развој на идеите и во изработката и креативно-уметничките просторни инсталации.
- Видливост на придонесот на луѓето во социјален ризик во активниот живот во локалните заедници, сензибилизација на локалната и пошироката заедница и обезбедување на одржливост на акциите.
Активности
- Идентификација и избор на пет луѓе кои употребуваат/употребувале дроги, креирање индивидуални работни планови и вовед во работните одговорности.
- Дизајн и изработка на три креативно-уметнички просторни инсталации.
- Претставување на една инсталација на Д-фестивал за поттикнување на младински активизам и дестигматизирање на луѓето во социјален ризик.
- Идентификација на соодветни локации за поставување на креативно-уметнички просторни инсталации во соработка со локалните самоуправи на општините или на Град Скопје
- Поставување на две инсталации на јавните простори во Скопје и нивно свечено претставување за медиумите и јавноста.
- Одржување на 25 креативно – едукативни работилници со децата во социјален ризик, по пет во секој од идентификуваните домови.
- Изработка на пет креативно – уметнички просторни инсталации.
- Поставување на инсталациите на избран простор во домовите за деца.
- Информирање на медиумите и јавноста за спроведените акции.
- Подготовка на документарно видео за целата акција.
- Подготовка на три видеа со искуствени приказни на учесниците во акцијата.
- Изработка на промотивно видео за привлекување на средства за самоодржливост на акцијата.