Вести од граѓанските организации

Содржината на информациите презентирани во овој дел од веб странaта се единствена одговорност на грантистите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразуваат гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат. Информациите се презентирани како што се пристигнати и печатните или други грешки во нив се одговорност на самите автори.

  • ГОСТИ НА Студио 10 на Телевизија 24

    Бевме гости на Студио 10 на Телевизија 24 и дискутиравме за актуелните состојби и предизвици во доменот на управувањето со биоотпадот.

    Повеќе детали на видеото

  • Реакција на Платформата на нетранспарентноста на процесот на преговарање и договарање на т.н. договори Влада со Влада

    Петок, 23 мај 2025 12:30

    Платформата на граѓански организации за борба против корупција реагира на нетранспарентноста на процесот на преговарање на договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, односно како што го нарекува Владата „Договор Влада со Влада“. Ова е веќе втор договор од ваков тип, и исто како и договорот со Република Унгарија, се потпишува без претходно и навремено јавноста да биде информирана за деталите и условите кои се прифаќаат.

    Платформата смета дека еднакво како што се јавува целосна транспарентност на трошењето на парите од оваа кредитна рамка, Владата требаше да обезбеди транспарентност и на процесот на преговарање и условите кои се вклучени во договорот што Владата го прифати на својата седница на 20 мај 2025 година и го потпиша на 22 мај во Лондон.
    Оттука, Платформата бара од Владата да ги објавува во јавноста деталите од ваквите договори пред потпишувањето на договорите, а не откако тие ќе се потпишат и условите во нив веќе ќе бидат прифатени. Впрочем, во Стратегијата за управување со јавен долг 2025-2027, јасно стои дека при управувањето со долгот, еден од принципите е „обезбедување на транспарентност при процесот на креирање на долгот.“
    Договори за стратешки партнерства со пријателски земји како што е Обединетото Кралство не смеат да се злоупотребуваат за тајно водење на преговори и задолжување на граѓаните под услови за кои тие претходно не биле информирани и ги немале потребните сознанија за да веруваат дека во нивно име е направен најдобриот избор.

    Следно >

    Поврзани:

  • Граѓанската вклученост во Македонија

    Истражувањето „Граѓанска вклученост 2024“ открива важни наоди за учеството на граѓаните во различни форми на здружување, политички непартиски активности и волонтерство, како и причините за (не)вклученост и мотивацијата за граѓански ангажман. Речиси половина од граѓаните (46,8%) не знаат кои би биле облиците на здружување кои придонесуваат за нивните потреби. Од оние кои одговориле потврдно,  најбројни се (23,1%) граѓаните кои сметаат дека црквите и верските заедници се обликот на здружување кој придонесува за поддршка на нивните потреби. За разлика од нив, политичките партии се најретко избрани од испитаниците (5,3%).

    Што се однесува до политичките непартиски активности, граѓаните најчесто практикувале потпишување петиција и учество во мирен протест (21,1% и 24,8%). Споредено со 2021 година, има пораст кај овие две активности од 15,0%, односно 14,1%). За жал, пораснал и бројот на оние кои никогаш не би учествувале во вакви активности, а разликите се меѓу 6,4 и 24,5 процентни поени. Уште една лоша вест е падот на потенцијалните учесници, т.е. оние што не учествувале ама би го направиле тоа во иднина. Намалувањата се движат од 17,9 до 24,2 процентни поени. Демографски гледано, разликите според возраста се најизразени, младите (18–29 години) се поподготвени за  учество, а со зголемувањето на возраста расте и процентот на оние што воопшто не би учествувале.
    Личните причини, односно недостатокот на интерес или волја за учество се најчестите причини за 46,8% од испитаниците да не учествуваат во непартиски, политички активности. Втора најчесто спомнувана причина е презафатеноста (25,3%), а трета е неинформираноста (10,3%). Личните причини преовладуваат кај повозрасните испитаници, особено кај оние над 65 години (55,9%), додека кај младите (18–29 години) тоа е презафатеноста (28,9%) или недостигот на информации (10,2%).
    Членството во граѓански организации е на исклучително ниско ниво, само 4,2% од испитаниците изјавиле дека членуваат во граѓанска организација. Причините за не членување на околу една третина од испитаниците (33,8%) биле лични (недостаток на интерес или одбивање да се членува), а презафатеноста и неинформираноста за 24,5% и 7,9% од испитаниците.
    Граѓаните најмногу сакаат да волонтираат во социјални и хуманитарни организации. Вкупно 30,1% од испитаниците изјавиле дека веќе волонтирале или би сакале да волонтираат во таков тип организации. Подготвеност за вклучување исто така има за еколошки организации (26,5%) и организации за култура и образование (23,3%).
    Истражувањето е спроведено со теренска анкета на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници кои вклучуваат население постаро од 18 години, а критериумите за репрезентативност вклучуваа пол, етничка припадност, возраст, место на живеење и региони. Податоците се обработени со честота и пропорција на одговорите, со ниво на доверба од 95% и грешка од +/- 3%. Анкетата беше спроведена во периодот од 20 април до 25 мај 2024 година, а за МЦМС анкетата ја спроведе М-Проспект.

    < Пред   Следно >

    Поврзани:

  • СОСТОЈБАТА СО ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА – МЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА МАРТ 2025

    На 8 март, по повод Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, во Скопје се одржа Маршот организиран од Платформата за родова еднаквост и независниактивист(к)и за женски права. На Маршот беаистакнати неколку барања, од кои првото се однесуваше на правда за сите жени што ги загубија животите поради системска негрижа и фемициди.
    По трагедијата поради пожарот во Кочани, Северна Македонија повторно се соочи со двоен предизвик: борба за вистинска одговорност за изгубените животи и справување со загрижувачкиот пораст на говорот на омраза, особено на социјалните мрежи и во некои медиуми.
    Хелсиншкиот комитет за човекови права предупреди дека ваквите напади можеа да имаат сериозни последици врз слободата на изразување и безбедноста на граѓаните, потсетувајќи дека говорот на омраза и повиците за насилство претставувааткривично дело. Комитетот упати апел кон јавните личности, политичарите и сите корисници на социјалните мрежи да бидат одговорни во својот јавен говор.

  • МОН ЈА ПРИФАЌА ИНИЦИЈАТИВАТА ОД ПРОЕКТОТ „ЗАСТАПУВАЊЕ ЗА ИНКЛУЗИВЕН РАЗВОЈ“: ВОВЕДУВА РЕГИСТАР НА СТИПЕНДИСТИ

    Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави воспоставување централен дигитален регистар за сите државно стипендирани студенти кои студираат или студирале во странство. Регистарот ќе овозможи поефикасно следење на нивниот академски и професионален статус. Според Јаневска, целта е нивно поефикасно вклучување на домашниот пазар на труд и во научно-истражувачките институции.
    „Целта е да го искористиме нивниот потенцијал и да ги поврземе со компаниите и универзитетите во државата. Со овој регистар ќе знаеме дали студентите се вратиле, дали дипломирале и каде се ангажирани“, изјави Јаневска.
    Овој регистар е една од клучните препораки содржани во неодамнешната анализа на Форумот за разумни политики (ФРП) „Густа плетка: за потребата од вмрежување на образованието, науката и економијата базирана на знаење“. Во анализата се нотира недостаток на правна и институционална рамка за систематско следење на кадарот што се образува во странство. Документот повикува на измени на Законот за високо образование, со цел воспоставување законски основ за информациски систем што би го опфатил целосниот академски и контакт-профил на македонските студенти надвор од државата.
    Според Јаневска, регистарот ќе биде доброволен во делот на јавната видливост на профилите, со што ќе се овозможи студентите да бидат препознаени од заинтересирани институции, вклучувајќи универзитети, стопански комори и истражувачки центри.
    Обврските за стипендистите по дипломирањето се исто така прецизирани: тие ќе мора да работат во Северна Македонија двојно подолго од времетраењето на нивните студии. Ако во рок од шест месеци по враќањето не им се понуди соодветна работа, обврската престанува. За оние што ќе најдат работа во странство, дозволено е времено задржување од максимум три години, по што мора да се вратат или да ги вратат добиените средства.
    „Доколку одлучат да не се вратат во државата, ќе мора да ги вратат средствата што Министерството им ги исплатило, и тоа најдоцна две години по завршувањето на студиите. Во минатото се бараше враќање на десеткратно поголем износ, што беше неприменливо“, рече Јаневска, додавајќи дека околу 50% од досегашните 400 стипендисти се веќе вратени и ангажирани во приватниот сектор.
    Конкурсите за новите стипендии за академската 2025/2026 година се веќе објавени. Финансирањето покрива до 40.000 американски долари за школарина на универзитетите рангирани на Шангајската листа, како и дополнителни трошоци за живот, сместување и превоз.
    Покрај регистарот, анализата на ФРП предлага и воведување субвенции за компании што ќе вработуваат повратници од странство со дефицитарни квалификации. Предлогот предвидува вклучување на Министерствата за труд, економија и финансии во креирање мерки за поттикнување на ангажман на високо квалификуван кадар – било од дијаспората, било странски експерти – со цел подобрување на конкурентноста на домашната економија.
    Со ваквите чекори, властите се обидуваат да ги надминат слабостите на претходните програми, кога недостигот од координација и законска основа овозможуваше дел од стипендистите трајно да останат во странство, без да го вратат вложениот јавен ресурс.
    Инаку, анализата „Густа плетка: за потребата од вмрежување на образованието, науката и економијата базирана на знаење“ е изработена во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, што го спроведуваат три партнерски организации – Форум за разумни политики, Институтот за општествени и хуманистички науки и Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС).
    Проектот, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас, има за цел подигнување на свеста кај стручната и пошироката јавност за доследна примена на Болоњскиот процес, особено неговата темелна вредност – мобилноста, преку измени на Законот за високо образование. Главната цел е да се придонесе за подобро и поквалитетно високо образование, длабоко интегрирано во економските текови во државата и надвор од неа, каде истражувањето и науката се преточуваат во реалниот сектор и стануваат составен дел од креирањето јавни политики. Така, младите успешни студенти би добиле стабилно академско и економско прибежиште, што би придонело и кон намалување на одливот на мозоци.

    Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  
    Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

  • Граѓанското учество, волонтерството и локалната вклученост актуелни и за европските и за африканските организации

    Претставници на Цивика мобилитас, ПАКТ од Тунис и ФАМОК од Мали учествуваа на работилница за размена на искуства што ја организираше партнерската организација НИРАС од 14 до 16 мај 2025 година во Данска. 

    Презентациите на трите програми беа добра основа за дискусијата поврзана со граѓанското учество, развојот на локалните заедници, како и за поддршката и соработката со властите. Заедничката нишка на трите програми се активностите за поттикнување на граѓанското учество, зајакнување на волонтерството и вклученоста на локално ниво.

    Колегите од НИРАС организираа и посети на две граѓански организации. Беше корисно да се слушнат искуствата на Фондацијата за општествена одговорност (Foundation for Social Responsibility), интересен пример каде водечката улога ја имаат жени мигранти кои функционираат како мрежа за поддршка на други жени мигранти на кои им треба помош. Помошта може да биде од едноставна социјализација до поддршка за пристапување кон образование, можности за работа или барање/добивање на услуги од јавните институции. Ангажманот е волонтерски, а во целата држава постојат повеќе вакви центри. Во втората организација, Градска куќа (Byens Hus), чие седиште е во општина Роскилд, беа презентирани можностите им ги нудат на граѓаните како што е  користење на простории за различни активности во кои се достапни алати, книги, креативни катчиња итн.  Беше објаснет и начинот на одржување покрај поддршката од општината и придонесот што го имаат кон градот и заедницата.

    Колегите од НИРАС презентираа дел од нивните активностите, како што е Платформата за клиенти (NIRAS SDC Client Platform) и Водењето на оперативниот механизам на ЕУ за граѓанско општество (Leading the EU Civil Society Operational Facility), а учесниците можеа да слушнат и дискутираат за најдобрите начини за вклучување на граѓаните и заедницата и за примерите за јавно застапување кон локалните власти.
    Претставниците на трите организации споделија научени лекции. Искуствата на другите, иако од различни контексти секогаш можат да бидат инспирација во планирањето на следните чекори.

    Следно >

    Поврзани:

  • „Силниот збор и добрата соработка се најголемата револуција што можеме да ја направиме“

    „Различностите не треба да бидат причина да се разделуваме. Верата носи добрина и љубов и во тој контекст треба да заедно да ги надминуваме на мирен начин препреките кои ќе се појават меѓу нас“, рече во своето воведно обраќање Оливера Трајковска, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи (КОВЗРГ) на работилницата со наслов: „Проактивни верски чинители за спречување на појавите на насилен екстремизам“. Работилницата ја иницираа Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и КОВЗРГ, а се одржа од 6 до 8 мај 2025 година во Велес.

    „Мораме да сме свесни дека насилниот екстремизам е реалност и ние мораме да зборуваме за тоа, да не го ставаме под тепих. Кога ќе почнеме да зборуваме, поверојатно е дека ќе почнеме и да ги решаваме работите“, истакна таа и констатираше дека често, наместо да се превенираат, работите се санираат. „Треба да ја смениме таа практика. Да бидеме свесни дека во верските заедници има појави на радикализам и насилен екстремизам. Кога ќе го забележиме или слушнеме за него треба да реагираме“, додаде Трајковска. Таа се осврна и на соработката со државните институции и Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам (НКСНЕБТ) и побара верските заедници да ги вклучат ако не можат сами да се справат со некои од предизвиците.
    Александар Кржаловски, директорот на МЦМС се осврна на улогата на МЦМС во олеснувањето на соработката меѓу верските заедници во некои од претходните програми, но и актуелните програми како што е „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ поддржана од ГЦЕРФ. Павле Трајанов, Националниот координатор на НКСНЕБТ ја истакна улогата на оваа институција во превенцијата на насилниот екстремизам. „Генерално, Македонија е релативно стабилна држава, но тоа не е гаранција дека дејства на тероризам не можат да се случат“, рече тој и додаде дека е добро е на ваква дебата да бидат соочени и лидерите на политичките партии заради опасностите од етнонационализмот кој, според него, го поттикнуваат политичките партии.
    Според д-р Насир ефенди Реџепи – муфтија на Штип, соработката на локално ниво, слушањето на гласот на секој поединец е многу важна. „Кога нашиот глас допира до централната власт, некои работи се маргинализираат. Меѓуверскиот дијалог не е само хуман пристап туку е и верска обврска. Верскиот дијалог има за цел да ги отстрани сите разлики“, рече тој во своето обраќање. Штипскиот муфтија се осврна и на предизвиците со кои се соочува човекот денес, во глобалниот свет, во кој до него стигнуваат многу необработени информации, во многу кратко време што придонесува човекот да се отуѓи од себе и околината. „Институционализираните религии имаат предизвик – верските заедници треба да бидат активни чинители, а не само публика која ги следи настаните. Државата треба да најде начин верата да се учи на некој соодветен начин. Ако не се случи ова, тнр. дигиталната религија може да направи проблем затоа што доаѓаат нерафинирани и не селектирани информации“, истакна тој. Според него, локалната власт која е поблиска до граѓаните има важна улога во решавањето на проблемите и олеснувањето на овој дијалог. Заедно со верските заедници, можат да направат заеднички проекти со кои ќе се промовира верскиот дијалог, ќе се промовира социјалниот мир, ќе се гради култура на почитување и ќе се придонесе за ефективни решенија. „Верскиот дијалог на локално ниво не е пасивен, туку активен ангажман. Локалната власт има можност да биде катализатор на овој дијалог и да овозможи да се слушне гласот на сите верски заедници“, смета д-р Насир ефенди Реџепи.

    И протојереј Ристе Јанушев се осврна на меѓусебната соработка. „Човекот е упатен на соработка, сам верник не може да биде верник. Самодоволноста, егоизмот, е основа за екстремизмот кој сака на сила да наметне нешто на другиот. Екстремните постапки раѓаат крајна нетрпеливост и ја поттикнуваат омразата“, рече тој. Според него, екстремни изјави  може да се забележат во меѓусебен неформален разговор или на социјалните мрежи. „Сме укажувале дека не е добро да се прави тоа, особено да се користат верски симболи во таа нарација. Единствено решение за борење против екстремизмот е да се спроведуваат начелата на верата – да го почитуваме туѓиот простор, време, имот како и нашиот. Треба да бидеме свесни и будни за ваквите појави, додаде Јанушев.
    „Силниот збор и добрата соработка се најголемата револуција што можеме да ја направиме. Денес силата е кај оние кои знаат да живеат со различности“, им се обрати на присутните Нејаз ефенди Мурати, муфтија на Велес. Тој општеството го опиша како заедничка градба во која верските заедници се столбови и побара заедничко советување и заеднички проекти на верските заедници и локалната самоуправа. „Не бараме привилегии, туку одговорност. Сакаме да придонесеме“, рече тој.

    Во дискусијата што се отвори меѓу учесниците беше истакната соработката на верските заедници со Министерството за образование и наука, потребата од поголема застапеност во медиумите, во образованието, поголема меѓусебна комуникација, а покрај религискиот екстремизам се зборуваше и за екстремниот секуларизам. Беше истакнато дека тоа што се случува во општеството се прелева и во верските прашања. Сепак, припадниците на верските заедници сметаат дека добро стојат со дијалогот, дека се поотворени за комуникација од другите сегменти на општеството. Тие сметаат дека работата со верските заедници треба да биде во партнерство, а не од позиција на контрола.
    Низ методологијата на „Глобално кафуле“, учесниците разговараа за неколку теми: Развивање наративи против девијантните појави; Иницијативи во и со заедницата против девијантни појави; Активности во соработка со граѓански организации и Зајакнување на меѓуверскиот дијалог во заедницата. Тие понудија интересни активности за секоја од темите што можат да бидат дел од активностите на КОВЗРГ, верските заедници и граѓанските организации.
    Работилницата беше дел од програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ кој го поддржува ГЦЕРФ, а го спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Нексус – граѓански концепт и Здружението за активен и здрав развој на жените и децата „Плиадес“.

    Следно >

    Поврзани:

  • ТРИБИНА ЗА ПРАВИЛНО УПРАВУВАЊЕ СО БИООТПАД, ДО ПОСТИГНУВАЊЕ НА ЦИРКУЛАРНА ЕКОНОМИЈА

    Успешно реализирана јавна трибина со граѓаните на општина Ѓорче Петров!

    Денес, во Домот на културата во општина Ѓорче Петров, заедно со граѓаните, претставници на институции и граѓански организации, отворивме важна дискусија за предизвиците и можностите во управувањето со био-отпадот од домаќинствата.

    Разменивме мислења, искуства и добивме вредни предлози од граѓаните – доказ дека заеднички може да изградиме поодговорен, поодржлив и попрактичен локален систем за био-отпад.

    Голема благодарност до Општина Ѓорче Петров за поддршката, како и до сите учесници и говорници што придонесоа оваа трибина да биде успешна и конструктивна!

  • Втората секторска работилница за Младински политики

    Втората секторска работилница за Младински политики се одржа на 07.05.2025 година во просториите на Младински Совет Прилеп.

    На работилницата беа присутни претставници од Општина Прилеп, невладини организации и млади лица кои се активно вклучени во процесот на развој на младинските политики.
    Главната цел на работилницата беше презентацијата на секторското истражување кое што е во завршна фаза. Учесниците имаа можност да дискутираат за препораките содржани во анализата и да споделат свои видувања и предлози за унапредување на младинските политики во општината.
    Претставниците од општината ја нагласија важноста од активно младинско учество и заедничко креирање на политики кои ќе ги одразуваат реалните потреби на младите. Се разговараше за можностите за вклучување на младите во процесите на донесување одлуки на локално ниво, како и за креирање на нови програми кои ќе го поддржат младинскиот активизам.
    Во текот на работилницата, учесниците се насочија кон клучните точки од истражувањето, кои вклучуваат подобрување на образованието, зголемување на можностите за вработување и зајакнување на младинските организации. Воедно беа разгледани и предизвиците со кои се соочуваат младите при реализирање на своите идеи и проекти.
    Оваа активност е дел од проектот „Младински политики по мерка на младите“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика Мобилитас.

  • Инфо центри за климатски промени

    Младински глас за здрава планета!
    Новите инфо центри за климатски промени се отворени во Дебар, Струга и Охрид!

    Младите конечно добија простор каде што можат:
    Да учат за климатските предизвици
    Да се вклучат во еко-акции
    Да иницираат промени во својата заедница

    Сето ова е дел од проектот „Да учиме за климатските промени!“ – иницијатива која ги охрабрува младите да преземат активна улога во заштитата на животната средина.

    Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија преку Civica Mobilitas .

    Zëri i të rrinjve për planet të shëndoshë!
    Info qendrat e reja për ndryshime klimatike janë hapur në Dibër, Ohër dhe Strugë!

    Të rrinjtë fituan hapësira ku mund :
    Të mësojnë për sfidat e ndryshimeve klimatike
    të përfshihen në aksionet ekologjike
    të inicojnë ndryshime në komunitetet e tyre

    Të gjitha këta janë pjesë e projektit „Të mësojmë për ndryshimet klimatike!“ – Inicijativë që i inkurajon të rrinjtë të ndërmarin rol aktiv në rruajtjen e ambientit jetësor.

    Projekti është i mbështetur nga Qeveria e Zvicrës përmes Civica Mobilitas.

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор