Author: Македонски центар за меѓународна соработка

  • Повик за избор на регионални експерти од граѓанско општество

    Вторник, 10 јуни 2025 09:00

    Граѓанскиот Ресурсен Центар (ГРЦ) објавува отворен повик за избор на регионални експерти од граѓанското општество кои ќе служат како екстензија на ресурсните центри за поддршка и зајакнување на локалните организации.

    Повикот е отворен за регионални експерти од граѓанското општество од следните плански региони:

    Североисточен;
    Вардарски; 
    Југоисточен плански регион.

    Преземете го документот со ОПИС НА НАДЛЕЖНОСТИ за регионалните експерти.
    Краен рок за аплицирање е 04 јули 2025 година. Апликациите треба да се достават на 
    Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
    .
    Овој повик е дел од проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.

    Следно >

    Поврзани:

  • Повик за учество на обука за собирање податоци за граѓанските организации и употреба на алатката KoboToolbox

    Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) во рамки на проектот “ЕУ поддршка за ГРЦ – фаза 2”, финансиран од Европската Унија, во соработка со Kobo Inc. објавуваат повик за бесплатна еднодневна обука за претставници на граѓански организации.

     Основни информации

    Локација: Граѓански ресурсен центар, Скопје
    Датум: 11 јуни 2025 година
    Време: 09:30 – 16:30 часот
    Трошоци: Покриени трошоци за транспорт за учесници надвор од Скопје
    Обучувач: Борис Ристовски, KoboToolbox амбасадор

    Зошто да учествувате?
    Во денешното време на засилена дигитализација, способноста за ефикасно собирање и анализа на податоци е клучна за секоја граѓанска организација. Оваа обука ви нуди можност да го совладате KoboToolbox – една од најмоќните и најшироко користени алатки за собирање податоци во хуманитарниот и развојниот сектор.
    Покрај изучување на различните методи за собирање податоци, обуката ќе вклучи и практична примена на алатката KoboToolbox за собирање и управување со податоци. Научете како да развиете моќни формулари за собирање податоци и како ефикасно да собирате податоци на терен или онлајн.
    За кого е наменета обуката?
    Оваа основна обука е наменета за претставници на граѓански организации кои сакаат да ги подобрат своите вештини во развој и примена на ефективни формулари за собирање податоци. За оваа обука нема потреба од претходно предзнаење – може да се пријават и учесници кои немаат никакво искуство во собирање податоци.
    Што ќе научите на обуката?

    Како да планираме активност за собирање на податоци
    Дизајн на прашалник и избор на соодветна алатка за собирање податоци
    Осврт на 25 различни формати на прашања во алатката KoboToolbox
    Поставување на логика на прашалникот и верификација на внесените податоци
    Вовед во понапредни теми и можности при собирање на податоци
    Преглед, модификување, основна анализа и визуелизација на податоци
    Менаџирање на проекти, анкетари и медоти за верификација на податоци

    Што добивате?
    По завршување на обуката, секој учесник ќе добие:

    Сертификат за учество што ќе ги подобри неговите професионални квалификации
    Практично искуство со реални примери
    Пристап до дополнителни ресурси и материјали за понатамошно учење
    Мрежа на контакти со други професионалци од граѓанскиот сектор

    Поддршка за учесници
    За пријавените учесници надвор од Скопје, ќе бидат покриени трошоци за транспорт во висина од автобуска карта до дадената локација. Дополнително, за време на обуката ќе бидат обезбедени ручек, освежителни паузи и работни материјали.
    Како да се пријавите?
    Пријавете го вашето учество со пополнување на ФОРМУЛАРОТ НА ГРЦ најдоцна до 8 јуни 2025.
    Погледнете го вебинарот како вовед во обуката: North Macedonia Community Webinar June 03 – YouTube

    Следно >

    Поврзани:

  • Сериозно нарушување на демократските стандарди во Западен Балкан и Турција – Повик за одлучна акција на ЕУ

    Четврток, 05 јуни 2025 10:50

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) ја истражуваше состојбата со овозможувачката околина во Северна Македонија што е дел од регионалната анализа на Балканската мрежата за развој на граѓанското општество (БЦСДН). Наодите од истражувањето се дел од најновиот документ за политики на БЦСДН насловен: „Делот што недостига: Зошто граѓанскиот простор мора да биде приоритет во процесот на пристапување во ЕУ“.

    Потпирајќи се на наодите од Матрицата за следење на овозможувачката средина за развој на граѓанското општество (MM стандарди), документот остро укажува на сериозното нарушување на демократските стандарди во Западен Балкан и Турција, предупредувајќи дека без конкретни дејствија, демократијата ризикува да остане само декларативен поим на хартија.
    Документот за политики открива загрижувачки трендови, вклучително и систематско стеснување на граѓанскиот простор.
    За справување со овие загрижувачки трендови, БЦСДН упатува итен повик до Европската Унија да воведе обврзувачки услови во процесот на проширување и тоа:

    Да воспостави јасни и мерливи критериуми за граѓанскиот простор, кои редовно ќе се применуваат и следат;
    Да вклучи граѓански организации (ГО) во процесите на следење на реформите и пристапните преговори;
    Да обезбеди долгорочна, флексибилна поддршка за иницијативи на локално ниво;
    Да го поврзе демократското назадување со конкретни финансиски и политички последици.

    БЦСДН нагласува дека ЕУ мора да применува поструктуриран, поитен и поодлучен пристап за заштита на граѓанското општество во Западен Балкан и Турција.
    Примери од извештајот на загрижувачки трендови:

    Црна Гора: Во 2023 година, само 0,23% од државниот буџет беше наменет за ГО, значително помалку од законскиот минимум од 0,5%.
    Босна и Херцеговина: Криминализацијата на клеветата во Република Српска создаде средина во која новинарите се гонат за критичко известување – поднесени се 130 тужби за клевета во првата година по повторното криминализирање.
    Србија: Истражувачките новинари кои откриваат корупција често се цел на SLAPP тужби, иницирани од државни функционери или бизнисмени блиски до политички елити.
    Турција, Албанија, Србија и Косово: Се злоупотребуваат мерките за спречување перење пари (AML) и финансирање на тероризам (CFT) и се користат против ГО, со чести ревизии и административен притисок, особено врз организации за човекови права и оние со странско финансирање – што ги одвраќа донаторите и го отежнува финансирањето на граѓанските организации.

    Северна Македонија: Сеопфатната реформа на државното финансирање на граѓанските организации воопшто не напредуваше во 2024 година. Државното финансирање продолжува да биде речиси непрепознатлив извор на приход за граѓанските организации и е достапно само за ограничен број организации.

    < Пред   Следно >

    Поврзани:

  • Прекинот на поддршката од УСАИД сериозно го погоди граѓанското општество во Северна Македонија

    Од почетокот на 2025 година, финансиската поддршка од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) за Северна Македонија е значително намалена, што создаде сериозни последици врз работата на граѓанскиот сектор.

    УСАИД, која повеќе од три децении беше стратешки партнер на граѓанското општество, повлече речиси 37 милиони американски долари, планирани за периодот 2025–2028 година. Прекинот најмногу ги погоди областите на: добро владеење и антикорупција, младинско учество, медиуми и образование, демократија и човекови права, економски развој, социјална инклузија и дигитална и сајбер-безбедност.
    МЦМС подготви анализа која ја опфати финансиската поддршка за периодот 2021–2028 година. Според наодите, до крајот на 2024 година биле активни 23 проекти со вкупна вредност од 74 милиони долари. Во спроведувањето директно биле вклучени, 49 различни организации и компании од кои, 35 се домашни граѓански организации, а 14 се македонски  компании. За македонските граѓански организации и компании биле наменети 40 милиони долари.
    Најпогодени програми се: „Партнерство против корупцијата“ со околу 8,5 милиони долари, „Граѓаните против корупцијата“ со околу 4 милиони долари, „Младите размислуваат“ -(YouThink)  и младинскиот проект „Младите активно креираат можности“ – (YACO) со приближно 2,5 милиони долари.
    Последиците од оваа одлука се веќе видливи. Организациите кои ги спроведуваа проектите се соочуваат со финансиска нестабилност и намалување на бројот на вработени. Уште поголеми се последиците за развојот на општеството заради прекинување на програмите кои требаше да донесат придобивки во клучните области како што е борбата против корупцијата, работата со младите и градењето отпорност преку медиумската писменост.
    Податоците презентирани во извештајот  се собрани и обработени преку деск истражување и анализа од официјалната веб-страница за меѓународна поддршка за развој на САД: https://foreignassistance.gov/. Истражувањето се спроведуваше во периодот февруари – март 2025 година, со фокус на активните програми и активности поддржани од УСАИД  во Република Северна Македонија за периодот 2021–2028 година. Дел од податоците недостасуваат затоа што не постоеја алтернативни извори за потврда.

    Следно >

  • Општина Сарај и МЦМС заедно ќе работат на зајакнување на заедниците

    Градоначалникот на општина Сарај, Иљас Весељи и директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски, денес, 30 мај 20205 година, потпишаа Меморандум за соработка.

    Меморандумот вклучува размена на податоци и спроведување на неколку активности посветени за засилувањето на отпорноста на локалните заедници, и подобрување на соработката на општината и граѓанските организации. Активностите ќе вклучат соработка и зајакнување на Локалниот совет за превенција, настани во заедницата, активности со млади, работилница за наставници, размена на искуства и сл. Дел од Меморандумот се и партнерските организации на МЦМС, Нексус-граѓански концепт и Плиадес кои ќе спроведуваат дел од активностите.
    МЦМС и општина Сарај соработувале и во претходните години тогаш на проекти поврзани со подобрувањето на инфраструктурата во општината и зајакнување на капацитетите на вработените во општината и во јавните претпријатија. Досегашната соработка не прави оптимисти за успешно спроведување на активностите кои се насочени кон подобрување на животот на граѓаните на општината.
    Активностите што ќе бидат спроведени се дел од   програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ кој го поддржува Глобалниот фонд за ангажман и отпорност на заедниците (ГЦЕРФ).

    Следно >

    Поврзани:

  • Активни локални совети за превенција – отпорни заедници

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и организацијата Плиадес, заедно со Општина Чаир, на 26 мај 2025 година ја организираа работилницата „Активни локални совети за превенција – отпорни заедници“.

    Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, во своето обраќање ја нагласи суштинската улога на ЛСП како механизам за рана интервенција и градење на безбедна заедница. Тој подвлече дека е потребна координација помеѓу сите нивоа на власт, како и систем за размена на информации помеѓу државните и локалните институции. Ганиу истакна и дека најавените измени во Законот за локална самоуправа, кои предвидуваат воспоставување на локална полиција, може отворат нови можности за поефикасна локална превенција.

    За Калтрина Зеколи Шаќири, членка на ЛСП во Општина Чаир и актуелен заменик-министерка за транспорт, ЛСП се столб на локалната координација и превентивно дејствување. Според неа, потребно е тие да добијат појасен институционален статус, со законска поддршка и јасни механизми за соработка со сите надлежни институции на локално и национално ниво. Зеколи Шаќири особен акцент стави на младите како клучна и чувствителна група, кај која превентивниот пристап мора да биде интегриран и континуиран. Таа нагласи дека ангажманот не смее да се сведува само на формалното образование, туку треба да вклучува и спортски, културни и воспитни активности, преку кои младите би ја зајакнале својата отпорност кон ризици и негативни влијанија.

    На настанот учествуваа претставници од општинската администрација, образованието, верските заедници, како и дел од членовите на ЛСП. Тие разговараа за потребата од посистематско функционирање на Локалниот совет за превенција, неопходноста од меѓуопштинска соработка, размената на информации, потреба од поголема видливост и вклучување на повеќе чинители – како граѓански организации, училишта и верски институции – во процесите на локална превенција.

    На работилницата беа мапирани неколку групи проблеми како и ризиците кои ги предизвикуваат. Учесниците зборуваа за безбедноста во училиштата, булингот, сајбер булингот, за дискриминацијата, семејното насилство, мобилизацијата на квалитетни човечки ресурси, инфраструктурата, сообраќајот, ангажманот на граѓаните, особено на младите итн.  Следниот чекор од оваа работилница е преточување на дел од дискусиите во план за работа и конкретни активности за Локалниот совет за превенција.
    Работилницата е еден сегмент од пошироките заложби за унапредување на локалните механизми за справување со општествени и безбедносни предизвици во заедниците и е организирана како дел од програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ кој го поддржува ГЦЕРФ, а го спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Нексус – граѓански концепт и Здружението за активен и здрав развој на жените и децата „Плиадес“.

    Следно >

    Поврзани:

  • Граѓанските активисти од Крушево имаат потреба од средби за информирање за актуелните случувања во граѓанското општество

    На 21.05.2025 година во просториите на ОУ Никола Карев во Крушево тимот на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – втора фаза” реализираше отворен ден  со граѓанските организации и граѓаните, како дел од Мобилниот ресурсен центар во општина Крушево.

    Целта на средбата беше локалните организации да се информираат за актуелните случувања за развој на граѓанското општество на национално ниво, можностите за финансирање и јакнење на граѓанските организации, можностите што ги нуди Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) и други теми и прашања кои се од интерес за функционирањето на организациите на локално ниво. Покрај граѓанските организации на настанот беа присутни и претставници на општинската администрација, млади активисти и волонтери и претставници на бизнис заедницата што соработуваат со граѓанските организации.
     Лефкија Гажоска, претседателка на Социо-економскиот центар за туристички услуги-Феел Крушево (Feel Krushevo), здружение кое претставува локална платформа за развој на туризам, истакна дека нивниот фокус е промоција на производство на локални еко-производи, но исто така и дека е запознаена и го следи ГРЦ со што нивниот пристап до информации е многу олеснет.

    На средбата беа присутни и неколку претставници на организации на кои главен фокус им се младите, дел формирани неодамна, но и организации кои постојат повеќе од 25 години. Андигона Антеска, преставничка на ГО Центар за хумани односи, Крушево која е една од овие организации, истакна дека истите добиваат поддршка од општината со простор и опрема, како и финансиска поддршка и ја поздрави посетата на ГРЦ во Крушево бидејќи, како рече, како мала општина, граѓанските организации имаат потреба од повеќе вакви средби каде ќе имаат можност да се информираат за актуелните случувања поврзани со развојот на граѓанското општество. Драган Јанкоски, претставник на Здружението за локален развој Академик од Крушево сподели дека имаат имаат искуство во меѓународни проекти, како и соработка со општината во многу проекти, а токму со еден таков проект изграден е детски забавен парк до спомен-куќата на Тоше Проески. Граѓанските организации од Крушево се вмрежуваат и соработуваат регионално, добиваат помош од општината и Домот на Културата со простор и поддршка при организација на настани, но изјавија дека за жал недостига интерес и поддршка од граѓаните.

    Посетата на Крушево ја завршивме со краток состанок со градоначалникот Томе Христоски, кој ја потврди поддршката и соработката со граѓанските организации кои се отчетни и транспарентни во својата работа. За остварување на соработката на граѓанските, меѓународните, хуманитарните и други организации со општинската администрација е одговорно Одделението за Локален економски развој и прекугранична соработка. Општината нема посебна Стратегија за соработка со граѓанските организации, туку тоа е дел од Стратегијата за локален економски развој на општина Крушево 2023-2027, но во општинскиот буџет има алоцирано средства за финансирање на активности на локалните организации, кои се доделуваат на  отворен повик за финансирање на активности на здруженија на граѓани.
    Исто така, општината има Комисија за еднакви можности помеѓу мажите и жените, како и Службеник за млади.
    Посетата на Мобилниот ресурсен центар беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.

    < Пред   Следно >

    Поврзани:

  • Реакција на Платформата на нетранспарентноста на процесот на преговарање и договарање на т.н. договори Влада со Влада

    Петок, 23 мај 2025 12:30

    Платформата на граѓански организации за борба против корупција реагира на нетранспарентноста на процесот на преговарање на договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, односно како што го нарекува Владата „Договор Влада со Влада“. Ова е веќе втор договор од ваков тип, и исто како и договорот со Република Унгарија, се потпишува без претходно и навремено јавноста да биде информирана за деталите и условите кои се прифаќаат.

    Платформата смета дека еднакво како што се јавува целосна транспарентност на трошењето на парите од оваа кредитна рамка, Владата требаше да обезбеди транспарентност и на процесот на преговарање и условите кои се вклучени во договорот што Владата го прифати на својата седница на 20 мај 2025 година и го потпиша на 22 мај во Лондон.
    Оттука, Платформата бара од Владата да ги објавува во јавноста деталите од ваквите договори пред потпишувањето на договорите, а не откако тие ќе се потпишат и условите во нив веќе ќе бидат прифатени. Впрочем, во Стратегијата за управување со јавен долг 2025-2027, јасно стои дека при управувањето со долгот, еден од принципите е „обезбедување на транспарентност при процесот на креирање на долгот.“
    Договори за стратешки партнерства со пријателски земји како што е Обединетото Кралство не смеат да се злоупотребуваат за тајно водење на преговори и задолжување на граѓаните под услови за кои тие претходно не биле информирани и ги немале потребните сознанија за да веруваат дека во нивно име е направен најдобриот избор.

    Следно >

    Поврзани:

  • Граѓанската вклученост во Македонија

    Истражувањето „Граѓанска вклученост 2024“ открива важни наоди за учеството на граѓаните во различни форми на здружување, политички непартиски активности и волонтерство, како и причините за (не)вклученост и мотивацијата за граѓански ангажман. Речиси половина од граѓаните (46,8%) не знаат кои би биле облиците на здружување кои придонесуваат за нивните потреби. Од оние кои одговориле потврдно,  најбројни се (23,1%) граѓаните кои сметаат дека црквите и верските заедници се обликот на здружување кој придонесува за поддршка на нивните потреби. За разлика од нив, политичките партии се најретко избрани од испитаниците (5,3%).

    Што се однесува до политичките непартиски активности, граѓаните најчесто практикувале потпишување петиција и учество во мирен протест (21,1% и 24,8%). Споредено со 2021 година, има пораст кај овие две активности од 15,0%, односно 14,1%). За жал, пораснал и бројот на оние кои никогаш не би учествувале во вакви активности, а разликите се меѓу 6,4 и 24,5 процентни поени. Уште една лоша вест е падот на потенцијалните учесници, т.е. оние што не учествувале ама би го направиле тоа во иднина. Намалувањата се движат од 17,9 до 24,2 процентни поени. Демографски гледано, разликите според возраста се најизразени, младите (18–29 години) се поподготвени за  учество, а со зголемувањето на возраста расте и процентот на оние што воопшто не би учествувале.
    Личните причини, односно недостатокот на интерес или волја за учество се најчестите причини за 46,8% од испитаниците да не учествуваат во непартиски, политички активности. Втора најчесто спомнувана причина е презафатеноста (25,3%), а трета е неинформираноста (10,3%). Личните причини преовладуваат кај повозрасните испитаници, особено кај оние над 65 години (55,9%), додека кај младите (18–29 години) тоа е презафатеноста (28,9%) или недостигот на информации (10,2%).
    Членството во граѓански организации е на исклучително ниско ниво, само 4,2% од испитаниците изјавиле дека членуваат во граѓанска организација. Причините за не членување на околу една третина од испитаниците (33,8%) биле лични (недостаток на интерес или одбивање да се членува), а презафатеноста и неинформираноста за 24,5% и 7,9% од испитаниците.
    Граѓаните најмногу сакаат да волонтираат во социјални и хуманитарни организации. Вкупно 30,1% од испитаниците изјавиле дека веќе волонтирале или би сакале да волонтираат во таков тип организации. Подготвеност за вклучување исто така има за еколошки организации (26,5%) и организации за култура и образование (23,3%).
    Истражувањето е спроведено со теренска анкета на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници кои вклучуваат население постаро од 18 години, а критериумите за репрезентативност вклучуваа пол, етничка припадност, возраст, место на живеење и региони. Податоците се обработени со честота и пропорција на одговорите, со ниво на доверба од 95% и грешка од +/- 3%. Анкетата беше спроведена во периодот од 20 април до 25 мај 2024 година, а за МЦМС анкетата ја спроведе М-Проспект.

    < Пред   Следно >

    Поврзани:

  • Граѓанското учество, волонтерството и локалната вклученост актуелни и за европските и за африканските организации

    Претставници на Цивика мобилитас, ПАКТ од Тунис и ФАМОК од Мали учествуваа на работилница за размена на искуства што ја организираше партнерската организација НИРАС од 14 до 16 мај 2025 година во Данска. 

    Презентациите на трите програми беа добра основа за дискусијата поврзана со граѓанското учество, развојот на локалните заедници, како и за поддршката и соработката со властите. Заедничката нишка на трите програми се активностите за поттикнување на граѓанското учество, зајакнување на волонтерството и вклученоста на локално ниво.

    Колегите од НИРАС организираа и посети на две граѓански организации. Беше корисно да се слушнат искуствата на Фондацијата за општествена одговорност (Foundation for Social Responsibility), интересен пример каде водечката улога ја имаат жени мигранти кои функционираат како мрежа за поддршка на други жени мигранти на кои им треба помош. Помошта може да биде од едноставна социјализација до поддршка за пристапување кон образование, можности за работа или барање/добивање на услуги од јавните институции. Ангажманот е волонтерски, а во целата држава постојат повеќе вакви центри. Во втората организација, Градска куќа (Byens Hus), чие седиште е во општина Роскилд, беа презентирани можностите им ги нудат на граѓаните како што е  користење на простории за различни активности во кои се достапни алати, книги, креативни катчиња итн.  Беше објаснет и начинот на одржување покрај поддршката од општината и придонесот што го имаат кон градот и заедницата.

    Колегите од НИРАС презентираа дел од нивните активностите, како што е Платформата за клиенти (NIRAS SDC Client Platform) и Водењето на оперативниот механизам на ЕУ за граѓанско општество (Leading the EU Civil Society Operational Facility), а учесниците можеа да слушнат и дискутираат за најдобрите начини за вклучување на граѓаните и заедницата и за примерите за јавно застапување кон локалните власти.
    Претставниците на трите организации споделија научени лекции. Искуствата на другите, иако од различни контексти секогаш можат да бидат инспирација во планирањето на следните чекори.

    Следно >

    Поврзани:

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор