Технологијата треба да биде право, а не привилегија
Пред неколку години, еден ученик од Центарот за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ учеше и се дружеше со истата леснотија како и неговите соученици од училиште. Потоа, поради генетска предизвикана состојба, полека почна да го губи видот. Талентот остана ист, желбата за учење исто така, но пристапот до знаењето стана многу потежок. Наставниците во училиштето во кое учи немаат доволно знаење за асистивна технологија, а самото училиште нема ниту компјутер прилагоден за неговите потреби.
За да продолжи да учи рамноправно со другите, потребни му се само неколку работи, персонален компјутер, тастатура со зголемени копчиња и електронски прилагодени тестови. Навидум едноставни чекори. Но во неговиот случај, како и во случајот на многу други деца со попреченост, тие не доаѓаат преку училиштето, ниту преку системот. Доаѓаат единствено ако семејството успее само да ги обезбеди или со помош на донатори, без никаква гаранција дека утре ќе продолжи истата поддршка.
Центарот кој работи веќе 21 година, го посетуваат деца и млади со попреченост, најмногу на училишна возраст. Приказната на овој ученик, кој засега сака да остане анонимен, се споделува како пример што ги потврдува системските предизвици откриени со истражувањето што го спроведуваат двете организации.
За прашањата слични на неговото, одговори бараат Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ и ЗЕТА здружение за попреченост и правда од Скопје со проектот „Застапување за дигитална инклузија“ поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Дали случајот на овој ученик е исклучок, или правило во секојдневниот живот на многу деца низ училиштата во Македонија? Проектот е поставен на три нивоа, истражување кое ја покажува состојбата на терен, работилници кои ги зајакнуваат организациите на лица со попреченост да ги застапуваат правата на засегнатите лица, и директна соработка со институциите за прашањето да не остане само на хартија.
Првиот чекор беше истражувањето, спроведено со поддршка од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Во него се вклучија речиси две третини од основните и средните училишта во земјата, односно 304, а резултатите покажаа дека проблемот на овој ученик не е исклучок туку правило. Дигиталните алатки наоѓаат примена во училниците, но кога станува збор за асистивната технологија, за оние помали, конкретни помагала кои ја прават разликата помеѓу учество и исклученост, состојбата во голема мера е како на момчето од овој текст.

Што покажуваат резултатите добиени од истражувањето? Прво, помагаат институциите да разберат дека нема прецизни податоци за учениците на кои им е потребна поддршка. Потоа, покажуваат дека недостасуваат обучени наставници кои би работеле со асистивна технологија и трето, дека нема стабилно финансирање, односно сегашното во голема мерка се потпира на проекти и донации. „Токму тие наоди сега стануваат аргумент, основа врз која може да се бара трајно решение, наместо секоја година повторно да се бараат исти привремени поддршки“, објаснуваат од „Отворете ги прозорците“. Според нив, училиштата ги препознаваат принципите на еднаквост и индивидуализирана поддршка, а дигиталните технологии се присутни во наставата но, постои значителен јаз меѓу „опремено училиште“ и „пристапно училиште“.
За верификација на овие наоди, во октомври, ќе се одржат средби во осум градови низ земјата и тоа: Скопје, Прилеп, Македонски Брод, Куманово, Струмица, Тетово, Штип и Кавадарци. На средбите, директорите на средните и основните училишта, родителите, наставниците и самите ученици ќе можат директно да го потврдат или дополнат она што истражувањето веќе го покажа, за наодите, покрај квантитативната, да добијат и квалитативна димензија пред да стигнат до институциите.
Паралелно, се работеше и на тоа самите организации на лица со попреченост да станат посилни во застапувањето за правата на засегнатите лица. Пет работилници, три во Скопје и по една во Струмица и Охрид, собраа 110 учесници, повеќе од половина и самите лица со попреченост. Темите беа избирани во консултација со учесниците, а се зборуваше за културниот идентитет на лицата со попреченост преку уметничка работилница, за насилството врз нив, за пристапот до правда и бесплатната правна помош.
Иако различни, темите покажаа дека дигиталната инклузија има клучна улога во секојдневието на лицата со попреченост, без оглед на областа. Денес дигиталната технологија е главното средство за брзи информации и еднаков пристап до општествени, социјални и административни услуги, па затоа, објаснуваат „Отворете ги прозорците“, дигиталната инклузија е неопходен предуслов за целосно учество и право на независен живот.
Работилниците во Охрид и Струмица јасно ја покажаа разликата помеѓу главниот град и другите средини во земјата. Еден од учесниците тоа го опиша вака: „Ако јас сумчлен во Советот на општината и сум активен во движењето за попреченост, немам информации за темава, тогаш што да очекуваме од другите лица со попреченост?“
Слично зборуваше и друг учесник од работилница надвор од Скопје: „Македонија не е Скопје. Лицата со попреченост во Скопје имаат каков-таков пристап до информации и услуги. Не дека е се совршено, ама е подобро во споредба со помалите места. Ние во другите градови сме сосема изолирани. Да не зборувам за селата по Македонија. Каква дигитална инклузија, пола од нас овде не знаеме што е тоа“.
Учесниците побараа нивните искуства да останат надвор од јавноста, затоа изјавите се пренесуваат анонимно. „Убава работилница. И добро е што се отвораат овие прашања, но треба институциите да ги земат предвид кога ја кројат политиката. Ако не дојде некоја невладина да одржи ваков настан, ние останавме заборавени“, рече еден од учесниците. Таа реченица, повеќе од која било статистика, покажува зошто зајакнувањето на овие организации да зборуваат самите за себе е клучен дел од проектот, а не само придружна активност.

Резултатите од таа работа веќе се гледаат надвор од салите за работилници. Собранието, преку Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост, доби четири препораки за измена на законската регулатива, поднесени заедно со организациите на лица со попреченост. А во систематизацијата на работните места во Собранието, за прв пат се појави позиција советник толкувач за знаковен јазик, чекор кој на глувите и наглувите лица конечно им отвора полесен пристап до институцијата, промена која останува трајно, надвор од траењето на самиот проект.
Интересот на младите е можеби најсветлата точка. Нивната вклученост во организациите на лица со попреченост е на загрижувачки ниско ниво, што го доведува во прашање опстојувањето на самото движење, а најголем дел од нив не се ни информирани за своите права. Затоа, велат од проектот, најзначаен показател за успехот на дебатата за младите со попреченост во дигиталната ера е зголемената подготвеност да ги изнесат ставовите гласно пред пратеници, претставници на извршната власт, локалната самоуправа и граѓанските организации. Од 54 учесници на дебатата, 23 беа лица со попреченост, од кои 14 млади. Вклучувањето на младата генерација, според спроведувачите, секогаш е почеток на нов бран што носи нови идеи и енергија во застапувањето за еднакви можности.
Она што ги поврзува сите овие резултати, истражувањето, работилниците и застапувањето пред институциите, е истата порака што ја носи и приказната на ученикот со кој започна оваа сторија. Дигиталната и асистивната технологија не смеат да зависат од тоа дали некое семејство ќе успее само да ги обезбеди, ниту од тоа дали моментално постои некој проект. Тие треба да станат редовен дел на образовниот и на општествениот систем, достапни за секое дете, во секое училиште, во секој град.



![[Aggregator] Downloaded image for imported item #50944](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/09/Работилница_со_млади_-_К.Паланка_2-768x512.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #50658](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/09/Copy-of-Проектот-е-поддржан-од-владата-на-Швајцарија-преку-Цивика-мобилитас-768x503.png)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #50653](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/09/Работилница_со_млади_-_Гевгелија_2-768x512.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #50489](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/09/Јавна-расправа-1-1-768x432.png)

![[Aggregator] Downloaded image for imported item #50042](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/08/1-1-1024x625-1-768x469.png)