Младите од Струга во улога на новинари на работилница за медиумите на заедницата
Средношколци од Струга учеа за медиумите на заедницата, разговараа за етиката во новинарството и за момент влегоа во улога на новинари. Тие предлагаа теми, анализираа како да ја обработат приказната и дискутираа колку е важно да се зборува јавно за проблемите на локалните заедници и да се бараат решенија.
Оваа работилница со млади беше четврта во серијата обуки што ги организираат Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Институтот РЕСИС. Претходно вакви настани се одржаа во Гевгелија, Крива Паланка и Гостивар. Работилниците се дел од проектот „Медиуми на заедницата за посилно граѓанско општество”, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
Во Струга петнаесетината млади учесници најпрвин објаснија од каде се информираат, што гледаат, слушаат и читаат во онлајн просторот и како ги проверуваат вестите кои стигаат до нив. Меѓу мнозинството од нив преовладуваше општа недоверба кон медиумите, особено традиционалните и големите медиуми од земјава.
Снежана Трпевска, претседателката на РЕСИС, им го претстави концептот на медиуми на заедницата и платформите Локал Актив. Објасни каква е нивната улога во општеството и колку придонесуваат за демократијата, особено во локалните заедници, кои често не се доволно застапени во големите национални медиуми.
Извршната директорка на СЕММ, Билјана Георгиевска, на младите им ја објасни важноста на професионалното новинарство и како почитувањето на стандардите води кон поголема доверба и веродостојност. Се осврна на разликата меѓу факти и мислења, а разговараа и за етичкото користење на вештачката интелигенција во медиумите. Како инспирација ги претстави и примерите на успешни медиуми на заедницата во светот.


Во практичниот дел, младите предлагаа теми за новинарски стории и истражувања. Поделени во две групи избраа да изработат концепт за локални проблеми што директно ги засегаат.
Првата група се одлучи за темата за проблемите со греењето во струшките училишта, поттикнати од реакции на нивни соученици и објави на социјалните мрежи кои ги обединија во еден цитат: „Наш проблем треба да биде учењето, а не дали има или нема греење“.
Другата група сакаше да истражува за недостатокот на културни настани и активности за млади во Струга и места каде тие и нивните врсници можат креативно да го исполнат своето слободно време. Заклучија дека е иронично тоа што нема доволна понуда за младите во град познат по неколку прочуени културни манифестации – како Струшките вечери на поезијата.
Младите анализираа кои извори можат да ги консултираат за да добијат повеќе информации, факти и податоци за проблемите. Дебатираа за тоа какви документи би можеле да ги поткрепат нивните сознанија, а на крајот размислуваа и каков резултат очекуваат, односно како да се натераат надлежните да го решат проблемот.



Обуката во Струга, покрај размена на знаење, овозможи простор за идна соработка. Младите, кои добија повеќе информации за редакциите на Локал Актив, во иднина би можеле да се приклучат во овие медиуми со свои идеи и ангажман да се заложат за решавање на проблемите кои ги засегаат жителите на Струга, но и на целиот Југозападен Регион од Македонија.
*Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Институтот РЕСИС и на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, „Цивика мобилитас“ или на организациите што ја спроведуваат.
Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на РЕСИС институт


![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52641](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/11/Работилница_со_млади_-_Струга_1.jpg)

![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52591](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/11/foster-logo-rgb-01-1024x546-1-768x410.png)



![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52525](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/11/Rule-of-law-index-2026-e1793782628134.jpg)