Демир Капија: Жените бараат редовни средби со институциите и поголема поддршка за локалните иницијативи
Поголема вклученост на жените во локалното одлучување, редовни консултации со жителките од руралните средини и навремени повратни информации од институциите беа дел од главните теми на јавната дебата „Женското лидерство како огледало на заедницата“, одржана во Демир Капија.
Дебатата ја организираше Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, во соработка со Организацијата на жени „Женско лоби“ од Демир Капија, во рамки на проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“.
Менче Николова од Организацијата на жени „Женско лоби“ презентираше наоди од теренската работа во 11 заедници во општините Демир Капија, Градско и Росоман. Таа посочи дека жените добро ги препознаваат потребите и проблемите во своите заедници, но се соочуваат со недоволна информираност за механизмите на граѓанско учество, географски и временски ограничувања, родови стереотипи и недоверба дека нивните иницијативи ќе донесат промени.
Во дискусијата учествуваа претставнички на Општина Демир Капија и Општина Градско, членки на женските кружоци од Виничани и Клисурско Маало, активистки и жени од локалните заедници.
Жените од руралните средини ги истакнаа потребите за подобро водоснабдување, редовен јавен превоз, подобрување на уличната инфраструктура, поставување контејнери и решавање на проблемот со кучињата скитници. Особено беше нагласена потребата од обезбедување соодветен простор за средби и активности на женските кружоци, како и поголема функционалност на месните заедници.
Претставничките на локалните институции ги презентираа постојните начини на комуникација со граѓаните, предизвиците во реализацијата на нивните барања и планираните активности. Од Општина Демир Капија беше најавено воспоставување редовни месечни средби со претставници на граѓаните и женските кружоци, со цел проблемите и потребите директно да се пренесуваат до институциите.
Како позитивен пример за моќта на здруженото женско делување беше споделено искуството од Општина Росоман, каде преку заедничка иницијатива жените успеале да обезбедат субвенциониран автобуски превоз, а преку петиција и поставување детски реквизити во населеното место.
Дискусијата ја истакна потребата од воспоставување годишен календар на јавни консултации во руралните средини, поактивна работа на комисиите за еднакви можности, подобро информирање на жените и транспарентно следење на статусот на поднесените граѓански иницијативи. Беше нагласено дека институциите треба да обезбедуваат повратна информација и кога одредено барање не може да се реализира, со јасно образложение за причините.
Дебатата потврди дека жените имаат знаење, искуство и конкретни предлози за подобрување на животот во своите заедници. За нивниот глас да биде дел од локалните одлуки, потребни се континуирана комуникација, достапни механизми за учество и институционална поддршка за нивните иницијативи.

Јавната дебата е дел од проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“, финансиран од Европската Унија, кофинансиран од Кралството Шведска, а имплементиран од Фондацијата Kvinna till Kvinna во партнерство со „Акција Здруженска“ – Скопје и Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово.
Содржината на овој документ е единствена одговорност на Хуманитарното здружение „Мајка“ и партнерите и не ги одразува ставовите на Европската Унија и Кралството Шведска.
Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Хуманитарното здружение Мајка Куманово



![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52637](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/11/korupcija-info_1-e1793953451343-768x402.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52641](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/11/Работилница_со_млади_-_Струга_1-768x512.jpg)

![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52632](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/11/44-768x410.png)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52591](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/11/foster-logo-rgb-01-1024x546-1-768x410.png)
