Организиран Тренинг за тренери во дебатните клубови на МОФ
Во периодот од 25 до 27 септември 2026 година, во Скопје, Младински образовен форум организираше Тренинг за тренери. Обуката беше наменета за подготовка и зајакнување на капацитетите на предавачите и наставниците кои ќе бидат вклучени во спроведувањето на Дебатната програма на МОФ во учебната 2026/2027 година.
Програмата на обуката опфати теоретски и практични сесии посветени на основните и напредните дебатни вештини, како и на методите за пренесување на овие знаења во дебатните клубови. Учесниците имаа можност да ги продлабочат своите знаења за аргументација, побивање аргументи, анализа на дебатни тези, препознавање логички грешки и користење техники за споредување и вреднување на аргументите.
Посебно внимание беше посветено на дебатниот формат World Schools, улогите на говорниците и различните видови дебатни тези. Во рамки на обуката беа обработени и теми поврзани со подготовката на дебатерите за турнири, организирањето дебати за вежбање, давањето конструктивни повратни информации и судењето на дебатни натпревари. Дополнително, учесниците се запознаа со кодексот на однесување при работа со дебатери и принципите за создавање безбедна и поддржувачка средина за учење.
Значаен дел од обуката беше посветен на практичната примена на стекнатите знаења. Преку интерактивни вежби, практично судење и симулации на дебати, учесниците имаа можност да ги применат научените техники, да разменат искуства и да дискутираат за начините на кои овие методи можат да се користат во работата на дебатните клубови.
Обуката ја водеа Ангела Мијаковска и Невена Трајкоска, како и Бојана Бурческа и Ристо Савески од Младински образовен форум.
Со реализацијата на оваа обука, МОФ продолжува со зајакнување на капацитетите на својата мрежа на дебатни предавачи и наставници-ментори, со цел обезбедување квалитетна дебатна едукација за средношколците. Стекнатите знаења и вештини ќе бидат основа за спроведување на активностите во дебатните клубови во текот на учебната 2026/2027 година, со посебен фокус на развивање критичко размислување, аргументирано изразување и култура на дијалог кај младите.
Обуката се реализираше во рамки на проектот „DEAL – Дебатна едукација за локална активна партиципација“, имплементиран од Хрватското дебатно друштво (ХДД) во партнерство со Џуниор Ачивмент Албанија (JAA) и Младински образовен форум (МОФ), со финансиска поддршка од Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска.
The post Организиран Тренинг за тренери во дебатните клубови на МОФ appeared first on МОФ.
Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Младински Образовен Форум


![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52635](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/09/untitled-design-1.webp)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #47076](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/04/logo-1-768x171.jpg)

![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52691](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/11/03-Politickoto-vlijanie-06.11.jpg)

![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52637](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/11/korupcija-info_1-e1793953451343-768x402.jpg)
