Nedelen pregled 5

За што зборуваат кандидатите на локалните избори 2025? #6

НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД #6 [20 - 26 октомври 2025]

И по завршувањето на изборниот процес, изборите продолжија да ја диктираат медиумската агенда. Иако бројот на објави е нешто помал од претходните недели, јавниот интерес остана висок. Со повеќе од 4.400 медиумски текстови и 560 објави на социјалните мрежи, медиумскиот простор остана активен, но со видлива промена на тонот – од предизборна мобилизација кон постизборна анализа, отчетност и управување. Видливоста беше најголема на почетокот на неделата, кога се сумираа резултатите од вториот круг и се поставуваа прашањата за тоа што следува понатаму.

За што зборуваат кандидатите на локалните избори?

Вниманието постепено се префрли од изборните натпревари кон прашањата за управување. Темите за образованието, локалното управување и јавните услуги повторно беа во центарот на разговорот, но овој пат со поинаков тон – не како ветувања, туку како очекувања од новите локални власти. Образованието се потврди како најпостојана оска во јавната дебата, следено од дискусиите за здравјето на децата и дигиталната трансформација на општинските услуги.

Она што се издвојува во овој период е преминот од изборна реторика кон теми поврзани со отчетност и институционален интегритет. Во јавноста повторно оживеа интересот за одговорноста во управувањето со јавните институции, поттикнат од случаи поврзани со злоупотреба на службена должност и корупција. Оваа промена укажува на тоа дека граѓаните не само што ги следат политичките процеси, туку очекуваат и конкретни резултати, транспарентност и отчетност во секојдневното работење на институциите.

Во медиумскиот простор се забележува изразена промена на фокусот – од масовна изборна покриеност кон подлабоки анализи и коментари за тоа како се спроведуваат најавените политики. Социјалните мрежи, пак, остануваат простор за побрза и поемотивна реакција на актуелностите. Содржините кои зборуваат за квалитетот на јавните услуги, безбедноста на децата и локалните подобрувања, се покажуваат како највлијателни во градењето на јавната перцепција.

Што навистина ги движи граѓаните?

Паралелно, динамиката на комуникација на дигиталните платформи се менува. Кратките видеа и непосредните пораки продолжуваат да имаат најголем одѕив, што укажува дека публиката бара концизни и визуелно привлечни форми на комуникација. Тоа го потврдува трендот на пренасочување на јавниот интерес кон содржини кои се поемотивни и полесно се споделуваат, наспроти класичните политички изјави.

Што се случува со темите за граѓанското општество?

И по завршувањето на првиот круг од изборите, транспарентноста, отчетноста и финансирањето на граѓанското општество не се на агендата. Темите за дигитализација се споменуваат, но речиси исклучиво како „побрза администрација” и „е-услуги” – не како алатки за јавна контрола, отворени податоци или следење на тендери.

Додека локалните прашања, образованието, училиштата, локалната самоуправа и јавниот превоз доминираат, темите како дигитализација и иновации се појавуваат само маргинално – и кога се споменуваат, тоа е речиси секогаш во контекст на модернизација на услуги, не на отворени податоци, транспарентни тендери или граѓанска контрола.

Овој јаз е критичен за граѓанските организации: новоизбраните градоначалници веќе ја креираат својата агенда за наредните четири години. Без проактивно вметнување на овие теми – преку нивно поврзување со конкретни случаи на неефикасност, корупција или еколошки проблеми – тие ризикуваат да останат маргинализирани низ целиот мандат.

Kаде се одвива дискусијата?

Анализата на платформите повторно покажува дека ТикТок (TikTok) е најефикасниот канал за мобилизација – со просечно 583 интеракции по објава, далеку над Инстаграм (Instagram) (157) и Фејсбук (Facebook) (106). Политичарите кои инвестираа во краток, емотивен видео-формат постигнаа несразмерно висок досег споредено со оние кои се потпираа на традиционални формати.

Иако говорот на омраза се задржа на умерено ниво, тој останува присутен, особено во онлајн просторот каде што видливоста е најголема. Анализите покажуваат дека агресивните коментари почесто се насочени кон помалку видливи личности или кон оние кои се поврзуваат со чувствителни теми. Ова отвора прашање за потребата од посистематски пристап кон модерирање и заштита на јавниот дискурс од дигитална агресија.

Методологија

Податоците во овој преглед потекнуваат од сеопфатен мониторинг на јавниот дискурс реализиран преку платформата Pikasa Analytics, која комбинира автоматизирано следење со напредна анализа на содржините од онлајн медиуми и социјални мрежи.


Цивика мобилитас е проект на Владата на Швајцарија што го спроведуваат МЦМС, НИРАС од Данска и ФЦГ од Шведска. Мислењата и ставовите изразени во оваа објава не ги одразуваат ставовите на Владата на Швајцарија.

Продолжи со читање

  • Практична поддршка за полесно финансиско известување

    На 30 април 2026 година, во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) во Скопје, тимот на Цивика мобилитас одржа работилница за финансиско известување. Работилницата беше наменета за добитниците на партнерските грантови од повикот ЦМ-ПГ-2. Вкупно 19 учесници од сите 11 грантисти, вклучително координатори на проекти и лица задолжени за финансии,…

  • Придонесот на граѓанските организации во медиумската слобода

    „Обликување иднина во мир“ е глобалната порака под која оваа година се одбележува 3 Мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, посветен на улогата на новинарството во заштитата на човековите права, демократските процеси и јавниот интерес. Денот се одбележува од 1993 година, по одлука на Обединетите нации и препорака…

  • Седма едукативна работилница во Куманово за унапредување на здравјето на мајките и децата со фокус на мајчиното ментално здравје

    На 23.04.2026 година во Куманово се одржа седмата по ред едукативна работилница посветена на здравјето на мајките и децата, со посебен фокус на мајчиното ментално здравје. На работилницата учествуваа 18 жени, бремени или во период до 12 месеци по породувањето. Работилницата им овозможи на учесничките да добијат важни информации за…

  • Наша моќ, наша планета: Граѓанскиот сектор предводник на промените

    Секоја година, 22 април нè потсетува дека планетата не се заштитува само со големи ветувања, туку со секојдневни работа, одлуки, практични решенија и заедници кои знаат дека имаат моќ да направат промена. Овогодинешното мото на Денот на планетата Земја, „Нашата моќ, нашата планета“, особено силно се поврзува со работата на…

  • Меѓународниот ден на Ромите низ призмата на граѓанското општество

    Меѓународниот ден на Ромите е уште една можност за проверка на напредокот на општеството за предизвиците со кои се соочуваат нашите сограѓани, но исто така и е и можност да го препознаеме придонесот на сите оние што секојдневно работат на нивно надминување. Во тој процес, граѓанските организации имаат клучна улога….

  • Средба со раководителката на секторот за Источна Европа на СДЦ

    Тимот на Цивика мобилитас на 5 март се сретна со Северин Доне-Декарт (Séverine Donnet-Descartes), раководителката на секторот за Источна Европа во Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Таа се интересираше за предизвиците во граѓанското општество, како и за можностите што програмата ги нуди за граѓанските организации во земјата. Александар…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор