Кодексот за граѓански организации како алатка за критика и пофалба од сопствената фела
На 2 јуни 2026 година, во просториите на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), тимот на Цивика мобилитас јa организираше првата работилница посветена на унапредување на спроведувањето на Кодексот за граѓански организации. Работилницата ги собра грантистите на Цивика мобилитас од Скопје, Куманово, Тетово и Гостивар, кои дискутираа за можностите за зајакнување на механизмите за следење на Кодексот, пет години по неговото донесување.
За историјатот и содржината на Кодексот за граѓански организации зборуваше Александра Савевска од МЦМС. Таа се осврна на целите на работилницата и на значењето на саморегулацијата во граѓанскиот сектор. Савевска истакна дека градењето доверба со граѓаните и пошироката јавност останува еден од најголемите предизвици, и дека Кодексот е инструмент преку кој организациите можат да ја потврдат својата заложба за јавниот интерес.


Билјана Настеска – Каланоска од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), го претстави Кодексот на новинарите како добра пракса за саморегулација. Таа го сподели искуството на ЗНМ во досегашното спроведување на Кодексот, ги презентираше телата за спроведување и механизмите за следење, ги опиша предизвиците при спроведувањето и ја образложи потребата за негово ажурирање. Во моментов, ЗНМ работи на ревизија на Кодексот преку тековен проект поддржан од Цивика мобилитас, процес кој нуди корисни компаративни согледувања за граѓанските организации.
Централниот дел на работилницата беше посветен на работа во групи, што ја водеше Фанија Ивановска од МЦМС. Учесниците се поделија во три групи, при што секоја група разгледуваше по неколку заложби од Кодексот и имаше задача да издвои максимум 10 неопходни принципи и стандарди погодни за структурирано следење.


Општиот став на групите беше дека усогласеноста треба да се гради постепено, почнувајќи од исполнувањето на основните законски и формални обврски, преку воспоставување системи за отчетност и учество, до достигнување статус на организација која претставува пример за другите. Беше нагласено и дека организациите кои се на повисоко ниво мора да ги исполнуваат и стандардите од претходните нивоа.
„Работилницата беше корисна можност за размена на искуства и размислувања за тоа како Кодексот за граѓански организации може поефикасно да се применува во пракса. Особено беше значајно споделувањето на искуството од Кодексот на новинарите, кое отвори важни прашања за механизмите за следење и одговорност. Работата во групи овозможи да се слушнат различни перспективи од организациите. Како локална организација, ја препознаваме потребата од појасни алатки и поголема меѓусебна поддршка за да се зајакне довербата и кредибилитетот на граѓанскиот сектор, изјави Ивана Цветковиќ Стојчева oд хуманитарното здружение „Мајка“, Куманово.
Учесниците се осврнаа на клучните предизвици поврзани со одржливоста на следењето на Кодексот. Беше констатирано дека претстои подготовка и воспоставување на систем за следење на спроведувањето на Кодексот, кој треба да вклучи: конкретна групастандарди за потписничките организации, вградување на законските обврски за граѓански организации и механизам за следење кој ќе обезбеди одржливост на долг рок.


„Работилницата уште еднаш покажа дека воспоставувањето јасни етички стандарди е од витално значење во време кога граѓанскиот сектор се соочува со сериозни предизвици. Oвој Кодекс го гледаме како неопходен чекор за диференцирање на вистинските граѓански организации од т.н. ГОНГО организации (граѓански организации организирани од владата) кои го поларизираат просторот и ја поткопуваат автентичната граѓанска борба. Задржавањето на јавната доверба, отчетноста и транспарентното работење се основните столбови врз кои ХЕРА ја гради својата долгогодишна работа во заштитата на човековите права и социјалната инклузија. Токму затоа, ХЕРА во целост ги поддржува овие принципи и останува силно посветена на процесот за унапредување на институционалниот интегритет и кохезијата во граѓанскиот сектор“, истакна Ива Михајловска, од ХЕРА.
Во следниот период ќе се одржат уште две регионални работилници со грантистите на Цивика мобилитас за подготовка на партиципативна рамка за следење на Кодексот и потоа нејзино постепено прилагодување. Во овој контекст, организациите треба да ја гледаат отчетноста како долгорочен и постојан процес на учење преку кој не само што може да ја подобрат довербата кај сите засегнати страни, туку и поуспешно да ги постигнат своите цели и мисија.







![[Aggregator] Downloaded image for imported item #47405](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/04/Kumanovo-23.04_1-768x576.jpg)
