Screenshot
|

Соработката на граѓанските организации и општините е добра ако го подобрува животот на граѓаните

Два часа плодна дискусија на тема „Како да се подобри соработката помеѓу граѓанските организации и локалните власти“ се одвиваше на Тематскиот форум на Цивика мобилитас, одржан онлајн на 26 ноември 2021 на платформата Зум. Вкупно 96 претставници на граѓанските организации и општинските администрации разговараа за предизвиците со кои се соочуваат, споделуваа искуства, беа изнесени интересни иницијативи, се говореше за транспарентност и градење интегритет на општините, итн. Заедничкиот став е дека јазот помеѓу локалните власти и граѓанските организации и генерално граѓаните може да се надмине само со заемна соработка, комуникација и транспарентност.

Слаѓан Пенев од ФОРУМ – Центарот за стратегиски истражувања и документација се осврна на поддршката што им ја даваат на некои од општините во подготовката на стратешки документи за соработка со граѓанските организации. Според него, радува тоа што некои од новите градоначалници решиле да го продолжат процесот започнат во мандатот на нивните претходници. Она што би можело да се подобри е обезбедувањето повратна информација од општините за спроведувањето на тие стратешки документи, особено за предлозите кои доаѓаат од граѓанските организации. „Стратегиите за соработка се од исклучително значење за општините бидејќи им ја олеснуваат работата при реализација на годишните планови и планирање на буџетот“, рече Пенев. Тој ги информираше учесниците на Форумот за новините во Законот за рамномерен регионален развој, според кој, граѓанските организации треба да бидат застапени во Советите на Центрите за развој на планските региони, засега без право на глас. „Граѓанските организации и на овој начин можат да ги канализираат идеите за работа со општините и регионите“, истакна тој.

Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО Инфоцентар говореше за антикорупциските практики и политики на локално ниво и функционирањето на инспекциските служби, потенцирајќи дека на овие две теми има потреба сериозно да се работи. Истражувањето на јавното мислење спроведено минатата година од НВО Инфоцентар, покажало дека 40% од граѓаните сметаат дека инспекторите зависат од градоначалниците. „Граѓаните сметаат дека не се ефикасни и професионални и ги штитат интересите на градоначалникот. Ова го потврдува и фактот дека помалку од 10% пријавиле проблем кај инспекторот во општината“, вели Бејкова. Клучот за подобрување на ситуацијата лежи во едукација на двете страни. Граѓаните немаат доволно информации за инспекциските служби, не знаат кои се нивните ингеренции, а инспекторите имаат потреба да бидат слушнати за предизвиците со кои се соочуваат и потребата од реформи, додава таа.

За транспарентно работење на општините, информираноста и градење интегритет зборуваше и Герман Филков претседател на Центарот за граѓански комуникации кој со години наназад работи директно со општините. „Транспарентноста е предуслов за било каква соработка, рече Филков и додаде дека „општините просечно објавуваат 60% од информациите за кои имаат обврска да ги направат достапни за јавноста. Значи“, додаде тој, „има 40% простор за подобрување“. Тој ја издвои општина Карпош како единствена општина која објавиле 100% од информации. Герман Филков го искористи Форумот да испрати порака до новите градоначалници: „Во општините има луѓе кои се подготвени да работат на транспарентноста. Слушајте ги нив и продолжете ги практиките кои функционираат“, рече тој.  

Душица Перишиќ, извршна директорка на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) го реафирмираше пристапот кон општините од страна на граѓанските организации, советувајќи да се одбере соодветен пристап: „На општините им е потребно да видат што им нудат граѓанските организации за да се подобрат. Мислам дека тоа е вистинскиот пристап кон подобра соработка“. Таа истакна дека е добро фокусот да се стави на електронски услуги кои ќе овозможат еднаков пристап за сите граѓани.  

Во дискусијата преовладуваше потреба од подобрување на соработката, преку пристап до општините и помош таму каде што им е потребна. Проверката на транспарентноста и рангирањето на општините, според дискутантите, не ја отежнува соработката, напротив, се создава позитивен дух за тоа каде може да се подобрат општините во нивната работа и транспарентноста. Ова е охрабрувачки и во однос на другите иницијативи. Дел од учесниците споделија искуства од воспоставувањето и функционирањето на Економските и социјални совети (ЕСС). Во оваа трипартитна соработка на локално ниво добро е повеќе да се вклучат и граѓанските организации.

Се потенцираше прашањето на функционирањето на инспекциските служби во областа на образованието на локално ниво и потребата од посебно внимание на избор на квалификуван кадар во управните структури во училиштата. Според некои од дискутантите, соработката треба да биде законски уредена, наместо да се остави на добрата волја на општините.

Отворената дискусија за време на Форумот уште еднаш ја нагласи потребата за побројни контакти, споделување на информации и искуства меѓу граѓанските организации и општините. Цивика мобилитас и во иднина ќе иницира вакви средби и дискусии кои ќе водат кон подобра соработка на двете страни со цел да се подобрат услугите кон граѓаните.

Тематскиот форум го организира Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) како проектна канцеларија на Цивика мобилитас – програма за поддршка на граѓанското општество на Швајцарската агенција за развој и соработка, што ја спроведуваат НИРАС од Данска, МЦМС и ФЦГ од Шведска.

Screenshot_7

Продолжи со читање

  • Средба со раководителката на секторот за Источна Европа на СДЦ

    Тимот на Цивика мобилитас на 5 март се сретна со Северин Доне-Декарт (Séverine Donnet-Descartes), раководителката на секторот за Источна Европа во Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Таа се интересираше за предизвиците во граѓанското општество, како и за можностите што програмата ги нуди за граѓанските организации во земјата. Александар…

  • Швајцарскиот амбасадор Зомер во посета на семејствата од Кочани и граѓанските иницијативи

    Повеќе од десет родители и членови на семејствата погодени од трагедијата во дискотеката во Кочани се сретнаа со швајцарскиот амбасадор во земјава, Н.Е. Кристоф Зомер. На средбата со нивното здружение – Здружение на граѓани „16-ти Март 2025“ учествуваа ипретставници од Амбасадата на Швајцарија и тимот на Цивика мобилитас. Истиот ден,…

  • Социјалната правда не се слави, таа се создава!

    Денот на социјалната правда не е датум што треба само формално да се одбележи. Тој треба да не потсети дека правдата не е апстрактен поим, туку конкретна реалност што директно влијае врз животот на луѓето: врз нивната плата, сигурност, достоинство и иднина. За нас од „Гласен текстилец“, социјалната правда не…

  • Јавниот интерес пред скриената сопственост

    Во светот долго време се знаеше за постоењето на т.н. „шел“ или празни компании кои без познат сопственик и без вработени си префрлаа меѓу себе огромни суми пари за фиктивни услуги, за да се затскрие трагата на овие пари кои најчесто потекнуваа од црни и неоданочени бизниси. Но по откритијата…

  • Граѓанските организации дискутираа за како подобро да ги промовираат своите постигнувања

    Комуникациите и видливоста на Цивика мобилитас и на граѓанските организации беа тема на работилницата што се одржа на 11 февруари 2026 година во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар. Вкупно 21 претставник од 20 граѓански организации, актуелни добитници на партнерски грантови (ЦМ-ПГ-2), дискутираа за комуникациските предизвици и како полесно да ги…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор