ЕПИ

Блупринт: Бараме повлекување на Предлог-Законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка

На 27 април 2021 година на разгледување пред Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на Собранието на Република Македонија во прво читање е Предлог-Закон за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка предложен од група пратеници. Со предлог-законот се создаваат можности за повторување на постапката, доколку судската одлука од постапката се заснова на повреда на начелото презумпција на невиност, користени се разговори од незаконито пресретнување на системите за комуникација, злоупотреба на посебната истражна мерка заштитен сведок, злоупотреба на системот за распределба на судски предмети (АКМИС) и во други случаи на фабрикување или монтирање на факти и докази.

Блупринт групата за реформи во правосудството следејќи ги актуелните состојби во областа на правосудството би сакала да ја истакне загриженоста во врска со овој предлог закон и врз основа на аргументите во прилог, бараме негово повлекување од собраниска процедура поради следните причини.

Најнапред, делот во кој поднесителот дава оцена на состојбите во областа што треба да се уреди со законот и во кој се тврди дека постои масовност во појавата на грубо кршење на основните и природните човекови права, не е поткрепен со соодветни докази, а од друга страна не се имаат предвид постојните правни механизми во националните акти за заштита на овие права (Устав, закони, ЕКЧП и сл.). Предлагачот како причини за потребата од овој закон ги наведува споеноста на партијата со државата, постоење на политички монтирани или мотивирани процеси како и постоењето на политички притвореници или затвореници, но тие се прашања кои нема да се разрешат со овој или кој било предлог закон ако се нема политичка волја тоа да се стори. Повеќе од потребно е да се има предвид дека постоење на теоретско право е недоволно и неефикасно, и дека е потребна негова практична примена. Владеењето на правото, демократијата, независноста и непристрасноста на судството, примената на бројните стандарди за фер судење, имајќи ги предвид веќе постојните национални  механизми  и инструменти, нема да се оствари само со донесување на овој закон. Напротив, овој закон може  да ја искомплицира и одолговлечи и така веќе долгата постапка.

Мора да напоменеме дека во правото се обесхрабрува носење на ex-post facto закони, односно закони кои ќе важат ретроактивно и ќе се однесуваат на случаи и факти кои се одвивале пред да биде донесен законот, а особено оние кои регулираат делови од кривичната материја. Секако, тоа не значи дека вакви закони не се носат во ниту една држава (тие се генерално застапени во вид на амнестија), но во таа насока е неопходно соодветно образложение за потребата на која законот треба да одговори, како и вкупните последици кои тој закон може да ги има врз правниот систем во целост, особено доколку со истиот практично недискриминирачки може да се посегне кон кој било правосилно завршен судски спор и укинување или поништување на сите последици и права кои произлегле од правосилната пресуда. Во таа насока, ваквиот Предлог Закон за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка не би можел да се применува ретроактивно, односно не би можел да се применува врз лица кои веќе се правосилно осудени пред истиот Закон да стапи во сила како што истиот предвидува, што значи дека истиот би можел да се применува само за лица кои ќе бидат правосилно осудени по неговото влегување во сила.

Од друга страна, можеме да забележиме во делот Оцена на состојбите во областа што треба да се уреди со законот и причини за негово донесување, подносителот тврди дека „со носењето на еден ваков закон не се создава состојба на поклопување со Законот за кривичната постапка, бидејќи овој закон регулира право на повторување на постапката на правосилно завршени постапки, но само врз основа на дополнително откриени докази кои се основа да се утврди поинаква фактичка состојба од таа која се утврдила во пресудата“.

Доколку се анализираат одредбите на Законот за кривичната постапка, се забележува дека во суштина, предлог Законот во целост се преклопува со одредбите на ЗКП. Конкретно, член 449 од ЗКП предвидува повторување на постапката во корист на осудениот при што три од основните причини поради кои кривичната постапка завршена со правосилна пресуда може да се повтори со вонреден правен лек, се токму:

  • ако се докаже дека пресудата е заснована врз лажен доказ или лажен исказ на сведокот, вештакот, толкувачот или преведувачот,
  • ако се докаже дека до пресудата дошло поради кривично дело на судијата, на судијата поротник или на лице кое ги вршело истражните дејствија; или
  • ако се изнесат нови факти или се поднесат нови докази што самите за себе или во врска со поранешните докази се подобни да причинат ослободување на лицето кое било осудено или негова поблага осуда.

Предлагачот на Законот не дава одговор на прашањето зошто постојниот институт „повторување на постапката“ предвиден во ЗКП не може да ги разреши презентираните проблеми во евентуалните такви предмети и која е додадената вредност на предлог законот во таа насока. Оттука, не би можеле да се согласиме со тврдењето дека ваквата материја не е регулирана во домашното право и одредбите од овој предлог Закон нема да бидат во судир со ЗКП и би сакале да посочиме две можни ситуации:

  • законите паралелно да регулираат иста материја поради што овој предлог Закон е непотребен, или
  • законите да бидат во колизија бидејќи предвидуваат различно постапување во иста ситуација.

Предлагачот не го разгледува ни прашањето за можноста за повторување на постапката пред националните судови кога ЕСЧП ќе утврди повреда на член 6 од ЕКЧП (врзано за постојните докази, неприфаќање на докази на обвинетиот а е донесена одлука само врз основаа на докази од обвинителството). Наведените повреди во чл. 2 од нацрт законот секогаш можат да бидат предмет на оценување како пред националните така и пред меѓународните судови (жалби по основ на непотполна и неправилно утврдена фактичка состојба каде ќе се оценува состојбата со доказите и слични апликации пред ЕСЧП).

Дополнителен проблем во оваа смисла се и различните дефиниции кои се понудени во Предлог законот, кои се поопшти од оние понудени во ЗКП, па така истите можат да бидат предмет на различно и широко толкување, особено при утврдување дали определена фактичка состојба кореспондира со дадената дефиниција во членовите 1 и 2 од Предлог законот (пример „повреда на правото на неприкосновеност на физичкиот и моралниот интегритет“). Од друга страна, во членот 2 од Предлог законот каде се таксативно набројани ситуации согласно кои може да се повтори постапката, може да се забележи дека одреден дел од истите не претставуваат суштинска повреда на кривичната постапка согласно дефинициите во членот 415 од ЗКП (на пример „злоупотреба на системот за распределба на судските предмети (АКМИС)“). Во оваа насока и Европскиот суд за човекови права во повеќе предмети го има прифатено стојалиштето дека повредите на постапката мора да имаат ефект врз севкупната правичност на процесот како би се сметало дека станува збор за суштински повреди поради кои би можело да се повтори постапката и да се преиначи првичната одлука на домашните судови, односно постоење на било каква повреда на определено право на одбраната не може да се смета за суштинска повреда која има ефект врз крајниот исход и севкупната правичност на процесот.

Согласно Предлог законот, судот прибира факти и докази со цел самостојно да ги истражува фактите, но согласно ЗКП од 2010 година, судот повеќе нема ниту законска можност, ниту пак оперативна можност во смисла на ресурси, да прибира докази и факти и самостојно да спроведува истрага. Дополнително, ваквата истражна моќ, односно надлежност, права и должност за спроведување на истрага и прибирање на докази и факти ја има единствено јавното обвинителство и правосудната полиција која е подредена на јавниот обвинител кој ја води истрагата. Во цел овој процес, согласно ЗКП, судот е само пасивен контролор над постапувањето на странките и истиот се грижи да бидат запазени сите процесни гаранции и права на учесниците, без истиот активно да се впушта во било какво учество во постапката, независно во која фаза истата се одвива. На овој начин, Предлог законот не само што воведува одредби кои се во спротивност со ЗКП, истиот воведува обврска за судовите која истите нема да можат да ја исполнат заради правни (ЗКП) и фактички пречки (одамна префрлени капацитети за истражување од судот во јавното обвинителство). Во оваа насока, Предлог законот не нуди други одредби и правила на новата постапка, процесни гаранции за учество на засегнатите лица, постапувањето на судот и слично.

Во предлогот се укажува дека ќе се третираат проблемите од кривичната материја, а во исто време се повикува и на други судски постапки, но присутни се уште многу елементи што ги прават заложбите на подносителот нејасни и контрадикторни. Според Предлог законот повторувањето значи укинување на правосилните пресуди и дејствија на други државни органи преземени врз основа на тие пресуди и враќање на првобитната состојба на правата и имотот на осудените лица. Не е јасно пред кој државен орган и како ќе се повторува постапката за неговите дејствија кои се укинати. Не се нуди одговор ни на прашањето дали пресудите на Врховниот суд на РСМ остануваат не третирани кога се укинуваат правосилните пресуди (пресуда станува правосилна кога е одлучено по жалба) и што е со одлуките по вонредните правни средства каде одлучува Врховниот суд на РСМ. Нема образложение зошто судија кој учествувал во претходна постапка не може да учествува во постапката која се повторува.

Во одредбите на законот е предвиден период од една година како краен рок за користење на правото за повторување на постапката согласносо овој закон, сметано од денот на неговото стапување во сила. Ваквата важност на законот од 1 година ја доведува во прашање правната сигурност и појава на дискриминаторски однос кај пристапот до правда.

Недоволната проценка на влијанието на регулативата се рефлектира и во тврдењето дека овој закон нема да предизвика финансиски импликации на буџетот, но не е земено предвид кој би ги надоместувал трошоците по постапката и на адвокатите на лицата кои сами ги определиле или по службена должност им биле назначени.

Имајќи го предвид се претходно наведено, Блупринт групата за следење на реформи во правосудството апелира во иднина да се предлагаат квалитетни закони креирани исклучиво врз основа на претходно спроведена опсежна анализа, проценка на влијание на регулативата и во инклузивен процес на сите засегнати чинители. Предлог законите потребно е да се конзистентни и усогласени со правната рамка во областа и сродните области и да се јасни и разбирливи за сите, како би се избегнале колизии на закони кои создаваат правна несигурност и го нарушуваат принципот на владеење на правото.

Лица за контакт:

Натали Петровска, Коалиција Сите за правично судење
npetrovska@all4fairtrials.org.mk, 070/315-990

Александра Цветановска, Македонско здружение на млади правници
acvetanovska@myla.org.mk, 075/427-735

The post Блупринт: Бараме повлекување на Предлог-Законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка бидејќи истиот создава правна несигурност и го нарушува принципот на владеење на правото appeared first on EPI.

Продолжи со читање

  • Учество на осмата меѓународна регата Сава Наутик во Брчко – БиХ

    Претставникот на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес, Владимир Ивановски Вуцо и од Вардарска регата “Гемиџии“ Владимир Стојанов и Томе Шескокалов во периодот од 28-30.8.2026 год. на покана на здружението ИКС центар (X centar) од Брчко Дистрихт – БиХ земаа учество на осмата меѓународна туристичка рега “Сава наутик“. На оваа…

  • Погледнете го нашето ново промотивно видео и откријте како органскиот отпад може да стане вредна суровина!

    Преку силен фокус на циркуларната економија и еколошката едукација, сакаме да ги поттикнеме граѓаните на итна акција за правилно сортирање на отпадот — клуч чекор кон здрава животна средина и ублажување на климатските промени. Главни ѕвезди во видеото се наставниците и учениците од основните училишта каде што ги одржавме нашите едукативни работилници. Тие јасно порачуваат: со менување на секојдневните навики и активен граѓански ангажман, секој од нас има моќ да донесе позитивни промени во општеството!
    Ова видео е дел од промотивнтаа дигитална кампања со едукативно-информативни содржини за придобивките и начините за искористувањето на потенцијалот на органскиот отпад.
    Оваа видео е подготвено во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Resource Environmental Center – REC North Macedonia Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Eco – Logic и Center for Environmental Democracy – Florozon Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија и Embassy of Switzerland in North Macedonia преку програмата Цивика мобилитас #CivicaMobilitas.
     
    Содржината на оваа видео е единствена одговорност на партнерите во проектот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија #CHinMK, Цивика мобилитас #CivicaMobilitas, или организациите што ја спроведуваат.

  • Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери

    Програми Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери Кампот Михелштат во Германија беше домаќин на Европскиот младински камп, кој собра 135 учесници од 15 земји. По долго патување, а за некои и пристигнување во Михелштат низ серија на предизвикувачки услови, младите и нивните лидери се обединија околу заедничката тема: “Growing together – rooted in values – rising as leaders“, односно „Растеме заедно – вкоренети во вредностите – се издигнуваме како лидери“. Кампот понуди динамична програма исполнета со различни курсеви, интерактивни работилници и можности за размена на знаења и искуства. Курсевите беа задолжителниот дел и опфаќаа повеќе теми поврзани со менталното здравје, лидерството, активности на отворено поврзани со изградба на куќарки на дрва, обработка на темата “Do no harm” како методологија против било каков вид на насилство, односи со јавност, техники за раскажување приказни, театарски пристап во работата со млади и дигитално образование. Младите учесници и младинските работници активно придонесуваа со сопствените идеи, практики и перспективи, создавајќи простор во кој сите можеа да учат едни од други. Во фокусот беше заедничкото учење за иднината на младинската работа, како и развивањето лидерски способности засновани на вредности, соработка и меѓународно разбирање. Покрај едукативниот дел, програмата беше збогатена со многу креативни и забавни активности. Учесниците имаа можност да бидат дел од интернационален музички бенд, да создаваат уметност низ различни работилници за рачни изработки, цртање и сликање, работилници за дизајнирање восочни свеќи како и склопување и дизајнирање на куќарки за мали птици, да учествуваат во работилници за пеење (ten sing), да посетуваат сесии за релаксација и да учествуваат во спортски активности на терените на кампот во Михелштат. Дури и високите температури не ги спречија учесниците да учествуваат на сите овие настани, но и да уживаат во посетата на локалниот базен. За учесниците, покрај овие обврски, вклучена беше и прошетка до адреналински парк и возење на мал, планински ролеркостер, како и патување со брод по реката Мајна до блискиот град Милтенберг. Од Македонија имаше вкупно 7 претставници. Во изминатите четири години, овој камп прерасна во важно место за средба на европското ИМКА движење. Тој не претставува само меѓународен собир, туку простор каде што младите градат пријателства, споделуваат искуства и се инспирираат стекнатото знаење да го пренесат во своите земји и локални организации. Овој камп служи за сплотување на младинските работници низ камповите во Европа и е особено значаен за нашата земја од аспект на тоа што нуди споделување на искуства поврзани со камп културата која што ИМКА во Битола и во Македонија неуморно се труди да ја издигне на едно повисоко и препознатливо ниво за сите наши локални учесници, волонтери и поширока публика. * Пред да дојдам на кампот во Михелштат немав некои преголеми очекувања. Се надевав дека ќе запознаам нови луѓе, ќе стекнам пријатели и ќе разменам мислења со млади од различни земји. На крајот, сето тоа се исполни, па дури и ги надмина моите очекувања. Најинтересен и највпечатлив дел за мене беше курсот за лидерски вештини. Таму научив многу корисни работи за комуникацијата, тимската работа и начинот на кој еден лидер може позитивно да влијае на другите. Сигурно ќе ги применам овие знаења и во мојата заедница. За време на кампот стекнав поголема самодоверба во споделувањето на моите мислења и научив како подобро да ги разбирам и почитувам луѓето околу мене. Ова искуство ми помогна да пораснам како личност и да станам поотворен кон нови идеи и перспективи. Дефинитивно би го препорачал Михелштат кампот на секој млад човек кој сака да стекне нови искуства, да создаде меѓународни пријателства и да научи нешто корисно и вредно за својата иднина. Никола Гелов Кога првпат слушнав за кампот во Михелштат, сè ми дојде многу неочекувано. Бев пресреќна кога дознав дека и моите другарки добија можност да учествуваат, бидејќи знаев дека заедно ќе доживееме едно незаборавно искуство. Секој ден на кампот ми беше интересен на свој начин. Имав можност да научам многу нови работи и да запознаам луѓе од различни средини. Особено ми се допадна курсот по пеење. Таму научив дека не треба да се плашиме да пробаме нешто ново. Ако никогаш не се обидеме, нема да знаеме што можеме да постигнеме. Секој човек има свој талент и свој начин на изразување, а токму тоа нè прави посебни. Едно од највозбудливите искуства за мене беше активноста во Tree House. Искрено, пред да дојдам на кампот мислев дека тоа не е нешто што би го направила во мојот град. Но, овде решив да излезам од мојата зона на удобност и да пробам нешто ново. На крајот, многу се забавував и бев горда на себе што се осмелив да учествувам. Од курсот по пеење научив и една важна животна лекција: дека не треба да ги осудуваме другите. Секој може да направи нешто на свој начин и тоа не го прави помалку вреден. Наместо да критикуваме, треба да ги прифатиме и почитуваме разликите меѓу луѓето. Кампот ме научи да се дружам со сите, да бидам поотворена и да не донесувам брзи заклучоци за другите. Сфатив дека секој човек има своја приказна и дека сите заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Најважната порака што ќе ја понесам со себе е дека треба да бидеме храбри и да не се плашиме од нови предизвици. Нема глупави прашања и нема неуспеси кога учиме нешто ново. Секое искуство е можност да пораснеме и да станеме подобра верзија од себе. Дефинитивно би им го препорачала Михелштат кампот на сите млади кои имаат можност да учествуваат. Пријателствата, чувството дека сте дел од едно големо семејство, новите искуства и сè што се учи таму се нешта што тешко можат да се доживеат на друго место. Тоа е искуство кое засекогаш останува во сеќавање. Јована Кирјаковска   Бидејќи и претходно имав учествувано на два меѓународни кампа надвор од Македонија, дојдов во Михелштат со високи очекувања и чувство на возбуда. Од моите претходни искуства знаев дека ме очекува нешто посебно, а кампот ги надмина сите мои очекувања. Она што најмногу ми се допадна беше разновидноста на курсевите и работилниците. Тие создадоа можност сите учесници да се запознаат подобро, да се дружат и да учат едни од други.

  • ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби

    ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби На 27 јуни 2026 година, Кирил Михајлов, командир на Доброволното противпожарно друштво Свети Николе, учествуваше на панел-дискусија во Скопје посветена на противпожарната заштита и подготвеноста за вонредни состојби. Во рамки на дискусијата беа разгледани дел од клучните предизвици со кои се соочуваат противпожарните…

  • Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE

    Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE Доброволното противпожарно друштво Свети Николе продолжува да придонесува кон целите на проектот ENSURE преку своето директно учество во сложени интервенции на шумски пожари во Северна Македонија. За време на големиот пожар во Општина Македонски Брод, тимот на ДПД Свети Николе беше ангажиран како…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор