C4ab9156 53eb 4b4a a07b 04f54ddeb200.jpeg

Умерено исполнување на владините ветувања, со големи разлики по сектори

Соопштение за медиуми

КОМПАС: Мониторинг на Владините ветувања (2024-2028)

Finance Think, во партнерство во Македонскиот центар за граѓанско образование, Македонското лекарско друштво и Младинскиот образовен форум, ја претставува надградената мониторинг рамка КОМПАС за системско следење на реализацијата на владините ветувања за периодот 2024–2028. Оваа рамка ја надградува претходната верзија која го мапираше економскиот напредок во периодот 2020–2024.

Платформата „КОМПАС“ (https://kompas.financethink.mk) ја следи реализацијата на вкупно 139 ветувања, распоредени во пет приоритетни области: социо-економија, образование, здравство, млади и родова еднаквост.

Вкупен напредок: умерено исполнување со значајни разлики по области

Од вкупните ветувања, досега се целосно реализирани 18 (13%), додека 51 ветување (37%) се во насока на исполнување. Најголем напредок е постигнат во областа на образованието, каде 24% од ветувањата се исполнети, а 70% се во тек. Зад него следат социо-економските политики и политиките за млади, со по 9% реализирани ветувања. Реализацијата во здравство има поумерена динамика, три ветувања се реализирани и 5 во насока на исполнување. Најмал прогрес е забележан во областа на родовата еднаквост, каде што нема ниту едно активно или реализирано ветување (График 1).

График 1: Исполнетост по области

Социо-економски политики: Делумен напредок, но со потенцијални ризици

Од 43 мапирани ветувања, 4 се исполнети, а 12 се во насока на исполнување. Реализираните ветувања вклучуваат: непроменети даночни стапки на личен доход и добивка, неоданочување на реинвестирана добивка и зголемување на пензиите за 5,000 денари. Во насока на исполнување, најголем дел се од областа стабилни финансии кои придонесуваат кон макроекономска стабилност како раст на БДП, контрола на инфлацијата, намалување на јавниот долг и невработеноста, зголемени инвестиции и креирање нови работни места.

Од аспект на исполнетост, иако бројот на целосно исполнети ветувања е релативно мал, мерките кои се во насока на исполнување се задоволителни. Поголема причина за загриженост се ветувањата чие исполнување се движи во спротивна насока, особено затоа што тие претставуваат клучни структурни реформи. Станува збор за ветувањата поврзани со намалување на буџетскиот дефицит под 3% од БДП, намалување на сивата економија, зголемување на продуктивноста, поддршка на извозот и умерен пораст на платите во јавниот сектор.

Дополнителен предизвик претставува усогласеноста на владините приоритети со реалните потреби и очекувања на граѓаните. Според последното истражување „Што е клучно за подобрување на квалитетот на живот?“, граѓаните идентификуваат дека услугите за грижа на стари лица и деца старски домови и детски градинки), се оценети како недоволно достапни, а често и скапи. Додека квалитетот на патната инфраструктура и јавниот транспорт се оценети со најлош квалитет. Истовремено, највисока поддршка добиваат ветувањата за отворање нови работни места, капитални инвестиции и проширување на капацитетите за детска грижа. Од друга страна, поддршката за зголемување на платите во јавната администрација е ниска, дури и со голем процент на негативен став по однос на зголемувањето на платите, а зголемувањето од 16,8% во 2024 е дури и над даденото ветување за пораст согласно растот на економијата.

Во наредниот период, неопходно е да се задржи фокусот врз ветувањата чие исполнување е веќе започнато, со цел тие да се довршат во разумен рок. Особено внимание треба да се посвети на ветувањата чие реализирање започна позитивно до крајот на 2024 година, но покажуваат ризици од отстапување во првиот квартал на 2025 – како што се стапката на инфлација и поголема наплата на средства во државниот буџет, како и подоброто усогласување на владините приоритети со очекувањата и реалните потреби на граѓаните.

Образование: највисок степен на реализација

Од 37 мапирани ветувања, исполнети се 9, а 26 се во насока на исполнување, што укажува на силна динамика на активностите. Ветувањата кои се реализирани или се во насока на исполнување вклучуваат зголемување на буџетот за образование (на 3.79% од БДП), ревизија на Концепцијата за основно образование, поддршка за успешни училишта, како и проширување на мерките за образовна инклузија. Иако е направен почетен чекор во реформата на високото образование, реализацијата на ветувањата во овој сегмент останува најслаба. Одредени ветувања, како воведување СТЕМ концепт и отворање центар за обука на наставници, сè уште не се реализирани или отпочнати. Дел од ветувањата не се транспонирани во стратешките документи на МОН, ниту се ревидирани и преформулирани во насока да соодветствуваат на тековните политики на МОН што укажува на потреба од поголема усогласеност меѓу Владината програма и реалните капацитети на системот. Сепак, воспоставувањето индикатори за следење на имплементацијата е позитивен чекор кон поефикасен мониторинг.

Здравство: ограничен напредок со важни почетоци

Од 31 ветување, реализирани се 3, а 5 се во насока на исполнување. Тие вклучуваат: зголемување на капитацискиот бод за лекарите од примарната здравствена заштита, укинување на позициите економски директори, како и воведување девет нови генерички лекови на позитивната листа по подолг временски период. Започнат е процесот на вработување на околу 1,018 здравствени работници кои досега беа ангажирани по договор на дело во јавните здравствени установи (ЈЗУ). Иако процесот е во тек, истиот се соочува со одредени административни предизвици кои го забавуваат. Исто така, започнати се и постапките за вработување на приватните специјализанти во јавното здравство. Паралелно се спроведуваат проекти за реновирање на неколку здравствени установи и набавка на нова медицинска опрема за дијагностика и третман во повеќе здравствени центри.

Сепак, предизвиците остануваат значајни: темелна реформа на примарната здравствена заштита и другите нивоа на здравствениот систем, регионализација на болниците, недостиг од здравствен кадар, дигитална трансформација и воспоставување одржлив систем за долготрајна нега.  Дополнително, перцепциите на граѓаните откриваат значајна неусогласеност меѓу очекувањата и реалноста. Граѓаните оценуваат ограничена достапност до специјалистичка здравствена заштита, недоволно квалитетна инфраструктура и високи лични трошоци за лекови и здравствени услуги. Овие наоди укажуваат дека мерките во здравствениот сектор мора да бидат поусогласени со реалните потреби на граѓаните, со акцент на подобрување на пристапноста, квалитетот и финансиската заштита. Целта е да се воспостави модерен, ефикасен и одржлив здравствен систем, со јасни стандарди, подобра инфраструктура и кадровски потенцијал, кој ќе одговори на очекувањата на граѓаните и ќе обезбеди квалитетна здравствена услуга на сите нивоа

Млади: институционален напредок, недоволно спроведување конкретни ветувања

Следени се 15 ветувања, од кои 2 се исполнети, 8 се во насока на исполнување, а 5 не се реализирани. Иако е формирано ново Министерство за социјална политика, демографија и млади, како и Центар за истражување на младински прашања – што претставува значајна институционална новина – најавените конкретни ветувања, како ваучери од 250 евра за електронски уреди за студенти, М-апликација за младински стандард или проектот „Купи куќа за млади“, сè уште не се исполнети.

Од друга страна, започнати се иницијативи за реновирање на студентски домови и зголемена финансиска поддршка за млади земјоделци. Ваквите резултати упатуваат на потребата од јасни рокови, зајакнати институционални капацитети. Исто така, приоритизирањето на мерките треба да се совпаѓа со реалните потребите на граѓаните и младите, како што е поддршката од 80% за подобрување на условите за домување, 63% за мерката „Купи куќа за млади“ и 73% за финансиска поддршка на млади претприемачи, меѓу останатите.

Вкупната акција е поддржана од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Цивика мобилитас е проект на Владата на Швајцарија, кој го спроведуваат МЦМС, НИРАС и ФЦГ. Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската Влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Институт за економски истражувања и политики Finance Think

Продолжи со читање

  • Граѓанска платформа за заштита на младите жени од сајбер (онлајн) насилство

    Сајбер насилството не исчезнува кога ќе го исклучиш компјутерот – стравот оди со тебе дома. Ќе бидеш дел од толпата или дел од заштитата? Прекини го синџирот! Не кликај шер. Не испраќај на „само уште еден“. Не ја прави туѓата болка забава. Наместо да осудуваш, направи го вистинскиот чекор и прашај: „Дали си добро?“. Една […]

  • Документ за јавни политики: Анализа на националното законодавство во однос на европските стандарди за заштита од дигитално родово-базирано насилство

    Дигиталното родово-базирано насилство претставува сè поизразена манифестација на насилството врз жените и девојчињата, која се врши или засилува преку употреба на информатичко-комуникациски технологии. Иако не станува збор за нов вид на насилство, дигиталната средина овозможува поинаква динамика, поголема изложеност на жртвите и подолготрајни последици, што наметнува потреба од прилагоден правен…

  • Документ за јавни политики: Анализа на постапувањето на институциите, со фокус на центрите за социјална заштита во случаи на дигитално родово-базирано насилство

    Дигиталното родово-базирано насилство бара брз, стручен и сензитивен одговор од страна на институциите. Како тие постапуваат во пракса и кои се клучните предизвици со кои се соочуваат? Во рамки на проектот „Младите жени против онлајн насилство“, имплементиран од Иницијатива за европска перспектива и Заеднички вредности, го објавуваме вториот „Документ за…

  • ПРИРАЧНИК ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ДИГИТАЛНО РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

    Зад секој екран, во секоја приватна порака или групен чет, може да се крие тишина исполнета со страв, срам и болка. Дигиталното родово базирано насилство не е само „онлајн проблем“ – тоа е реалност што ја погодува секоја четврта млада жена во Македонија, а само 5% од нив имаат храброст…

  • КАКО КУЈНСКИОТ ОТПАД СТАНУВА ПРИРОДЕН РЕСУРС: РЕЦ, ЕКО ЛОГИК И ФЛОРОЗОН НА ФЕСТИВАЛОТ НА ЦИВИКА МОБИЛИТАС 2026

    Изминатава сабота, на 3-ти октомври 2026 година, градскиот парк пулсираше во знакот на граѓанскиот активизам. Како дел од овогодинешниот Фестивал на Цивика мобилитас, познат како „Ден на граѓанските организации“, граѓаните имаа единствена можност одблизу да се запознаат со луѓето кои се двигатели на позитивни промени во нашето општество.
    Меѓу бројните штандови, посебен интерес предизвика заедничкиот простор на Центарот за ресурси во животна средина РЕЦ, Еко Логик и Флорозон каде што беа изложени производите од учениците кои ги добија од отпад во натпреварот за зелени бизнис идеи. Овие три организации се здружија со јасна мисија – да покажат дека еколошката иднина зависи од секој од нас.
    Интерактивна работилница: Од кујнски отпад до вреден ресурс 
    Главната атракција на нивниот штанд беше интерактивната работилница за преработка и реупотреба на био-отпад. Наместо само да зборуваат за теории, експертите ги вклучија посетителите во реални експерименти за добивање на пектин и био дизел.
    „Дали знаевте дека она што секојдневно го фрламе во кујната може да стане вреден ресурс за природата?“ – беше главното прашање кое ги поттикна присутните на размислување.
    Преку практични примери, граѓаните од сите генерации научија едноставни, но ефикасни начини како драстично да го намалат отпадот во сопствените домови и како органските остатоци да ги претворат во нешто корисно за почвата и растенијата.
     
    Граѓански активизам за циркуларна економија
    Оваа успешна едукативна активност е дел од пошироката рамка на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“. Главната цел на проектот е менување на навиките и воведување на одржливи еколошки практики во секојдневието.
    Оваа важна иницијатива е финансиски поддржана од Владата на Швајцарија преку програмата на Цивика мобилитас.
    Фестивалот уште еднаш докажа дека кога граѓанскиот сектор и граѓаните ќе се сретнат на едно место, се раѓаат најдобрите идеи за зелено и одржливо утре.
     
    #CivicaMobilitass, #CHinMK, Цивика мобилитас (civicamobilitas.mk)

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор