20180402 SCOOP vest

Собираат за деца болни од рак – не се знае каде одат парите

Автори: Сандра Никчевска, Ива Андреевска и Донатела Конеска

 

„За деца болни од рак, собираме средства за деца болни од рак, повелете сликовници по 100 денари, помогнете за деца болни од рак“.    

Ова се зборовите на уличните продавачи до минувачите во Градскиот трговски центар во Скопје. Освен на скопските улици, пред поголемите маркети и трговски центри, колпортерите на издавачката куќа „Медија Планет“, на идентични локации можат да се сретнат и во други градови во земјава.

Некои од минувачите ги игнорираат повиците. Други, поттикнати од содржината на обраќањата, со сочувство и од хуманитарни побуди, подзастануваат и купуваат од списанијата и детските сликовници со цел да донираат за болните дечиња. Трети само се распрашуваат и сомничаво одмавнуваат со главата.

 

„НЕ МЕ СЛИКАЈТЕ, ЗАРАБОТУВАМ ЗА ЖИВОТ“

Колпортерките на сликовниците за деца  катадневно ги гледаме во центарот на Скопје, на плоштадот и во Градскиот трговски центар. Ненападно, со доза на воздржаност и со зборовите: „Собираме пари за деца болни од рак“, исчекорувајќи кон нас, деновиве, во приземјето на Градскиот трговскиот центар, нй се обрати едната од нив.

Ја прекинавме соопштувајќи  дека сме новинарки и дека сакаме да позборуваме со неа за тоа каде сè одат парите од списанијата што како хуманитарна активност таа им ги нуди на минувачите.

Не сакаше многу да зборува, не сакаше да ја фотографираме. Само рече дека се вика Татјана, дека работи за компанијата „Медија Планет“ и дека и таа заработува за живот од продажбата на изданијата на оваа куќа.

Ни кажа уште дека “Медија Планет” во моментот соработува со невладините оргнизации „Живот со предизвици” од Битола, “Нов живот” од Штип и со Македонската Православна Црква, поточно со манастирот „Св. Богородица“ на  Матка.

На нашето прашање дали знае како се распоредуваат тие 100 денари што луѓето на кои им ги продава сликовниците ги даваат за деца болни од рак, не умееше или не сакаше да објаснува. Неодредено додаде дека парите одат кај двете невладини како и за помош за монахињите во манастрот на Матка, како и за издавачката куќа за која работи.

Од  битолската “Живот со предизвици” потврдија дека од едно продадено списание кое чини 100 денари за нив се донираат само 20 денари. Увидот во сликовниците покажа дека секое списание е со различна содржина и дека практично секое од нив одделно, конкретно е наменето за по една од спомнатите организации. Така, на сликовниците за деца стои логото на  “Живот со предизвици”, на списанието со верски православни содржини стои логото на манастрот „Св. Богородица“, додека на третото издание, боенка за возрасни, стои само логото на “Медија Планет”.

 

„МЕДИЈА ПЛАНЕТ“: СОРАБОТУВАМЕ СО МНОГУ ОРГАНИЗАЦИИ

Писма со критики и реакции за начинот на собирање на хуманитарната помош беа изнесени од страна на неколку читатели и на разни портали во Македонија. Сите беа адресирани до компанијата „Медија Планет“.

Новинарите на  СКУП ја посетија оваа компанија.  Љубезно нè пречека одговорната во фирмата, директорката Драгана Михајловиќ, жената што се спомнува во писмата на читателите.

Трговско-издавачката куќа „Медија Планет“ во Македонија постои од 2012 година. Во Србија е присутна веќе 20 години. Деветдесет проценти од нашето издаваштво се состои од детски изданија испечатени на четири јазици, а остатокот е насочен кон повозрасната публика“, вели таа.

Во врска со начинот на функционирање на ова компанија, Михајловиќ вели: „Пред да почнеме соработка со здружение, најпрвин склучуваме договор за соработка со истото, а поврзано со одредени артикли кои ќе се продаваат. Попис на продадени производи правиме на месечно ниво. Обично соработуваме со едно здружение најмалку една година. Значи, најпрвин одредуваме со кого ќе соработуваме, па потоа почнува продажбата на списанијата и собирањето на средствата. Досега сме соработувале со Хендикеп Плус од Крива Паланка, Ластовица од Скопје – Аеродром, Нов Живот од Штип, Живот со предизвици од Битола. Од 2013 или 2014 соработуваме и со МПЦ, преку печатење на изданија со религиозна содржина за деца, како и верски календари“, вели таа.

Директорката вели дека не знае колку пари се собрани и донирани во 2017-та.

„ Секоја година е различно. Да ви кажам грубо за лани, не помалку од 5.000 евра, а не повеќе од 10.000. Се води евиденција за собраните средства, а истите се исплаќаат на жиро-сметка на здружението со кое соработуваме“, појаснува Михајловиќ.

„Кажете ни барем во проценти колку од вкупно собраните стредства лани дојдоа во рацете на хуманитарната оргнизација со која имате договор?“, беше следното прашање на новинарките на СКУП.

„Би сакала да ви кажам, но не можам, заради тоа што според договорот, двете вклучени страни треба да се согласат за да можеме да го обелодениме процентот кој се донира од едно продадено списание. Можете да ги исконтактирате „Живот со предизвици“ од Битола, со кои соработуваме сега, па ако се согласат и тие, ќе ви кажеме за колку донирани пари станува збор“, одговори Михајловиќ.

 

СОБРАНИТЕ ПАРИ НЕ ЗАВРШУВААТ ЗА ДЕЦАТА ЗАБОЛЕНИ ОД РАК

За хуманитарните невладини организации секој денар е значаен за одржување на нивните активности. Оттаму и „соработката“ со скопската издавачка куќа „Медија Планет“ е добродојдена од аспект на автономната финансиска издржливост.

Но, нема податок колку пари влегле во невладините „Хендикеп Плус“ од Крива Паланка, „Ластовица“ од Скопје – Аеродром, „Нов Живот“од Штип и колку од таму стигнатите пари од „хуманитарната“ продажба на сликовниците за деца болни од рак, стасуваат во рацете на децата и нивните родители.

Споменатите невладини не беа достапни за новинарскиот тим на СКУП.

Меѓу последните актуелни соработници на „Медиа Планет“ е Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“ со седиште во Битола, со која „Медија Планет“ има актуелен договор.

Претседателката Весна Алексовска се оградува да бидат доживувани како „хуманитарна организација“. Од парите што „Медија Планет“ ги уплаќа на сметката на ова здружение, според нејзините зборови, ниту денар не оди за болно дете. Алексовска вели дека 4.000 евра годишно кај нив покриваат по 700 денари за телефон, една минимална плата за еден вработен во здружението, за друго се снаоѓаат преку други проекти.

Алексовска од „Живот со предизвици“ , потврдува дека со парите што ги добиваат од списанијата што „Медија Планет“ ги продава со цел парите од продажбата да одат и за лекување на болни деца, тие ја одржуваат нивната телефонска линија за помош на децата заболени од рак.

Преку неа, вели Алексовска, активисти на невладината ги информираат заинтересираните за болести, за поврзување со други пациенти и нивни родители со исти болести, за да прават консултации и даваат информации за доктори за помош во ажурирање документи и слични активности.

Во светот, додава Алексовска, „има 8.000 регистрирани ретки болести, а само за 5% има терапија“.

На прашањето на СКУП за тоа колку од парите што ги собира компанијата „Медија Планет“ за деца болни од рак стигнуваат на жиро сметката на ова здружение, Алексовска вели дека месечно некогаш добиваат 3.000 денари, некогаш 10.000, а некој месец и до 20.000 денари.

Од невладината „Нов живот“ од Штип велат дека во 2014 година три списанија од изданијата на „Медија Планет“ биле наменети и за нив и дека 20 отсто од средствата од продадените примероци оделе за нивната органицација.

„Пресметката во декември 2016 година изнесува 17.500 денари, јануари 2017 година 18.980 денари, во февруари се добиени средства 3.720 денари, во март се добиени 3.500 денари и април истата  година –  5.660 денари. Или вкупно 49.360 денари . Потрошени се 14.547 денари за суплементи(витамини) заоперираните од канцер, околу 5.000 денари се потрошени за посети на ново оперираните или за недела на борба против ракот, 6.000 денари за канцалариски материјали, 2.400 денари за одржување на сметка„вели Виолета Ефтимова, претседател на здружението „Нов Живот“ од Штип.

Таа појаснува дека „Здружението не е за деца болни од канцер, туку членови се возрасни оперирани од канцер и едукација на другата популација за рано откривање“.

 

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛА НЕМА НАДЛЕЖНОСТ ЗА ПАРИТЕ КОИ СЕ СОБИРААТ ЗА ХУМАНИ ЦЕЛИ

Најпотврдените здруженија на граѓани на родители на деца болни од рак „Пеперутка“ и „Животна искра“ велат дека немаат вакво искуство на соработка или собирање пари за нивните цели.

Ниедно министерство или институција не дава дозволи за собирање пари во кеш на улица, ниту пак ги контролира собирачите на пари под изговорот „за хуманитарни цели“.

Проверувајќи го овој впечаток, СКУП го праша и Министерството за труд и социјална политика (МТСП) за тоа дали издава дозволи на организации и здруженија со можност да собираат во готово пари за хуманитарни цели и без фискални сметки, дали некој ги контролира тие дозволи, дали има документ каде тие се запишани, како и за тоа кои се условите кои треба да се исполнат за да се добие таква дозвола.

Оттаму, наместо конкретни одговори на конкретните новинарски прашања, со синтагмата „повелете одговор“ избегнувајќи ги одговорите, ни испратија копија на членовите  на Закон за социјална заштита број 142,143 и 146.

Во нив секако, има правна регулација, но не и одговори на нашите прашања за институционалната контролата врз собирачите на „хуманитарни“ пари директно од граѓаните.

По однос на активностите наведени во дописот “организации и здруженија за можност да собираат пари за хуманитарна цел, притоа не издаваат фискални сметки“ министерството нема никакви надлежности во самоиницијативните активности на здруженијата на граѓани кои самите ги утврдуваат во нивниот статуст при нивното формирање и упишување“, стои во дописот од МТСП.

 

ЛАЖНО СЕ ПРЕСТАВУВААТ И СОБИРААТ ПАРИ ЗА „ХУМАНИ ЦЕЛИ“

Дали ако државата или МТПС „нема надлежности“ да ги регулира ваквите активности,  тогаш злоупотребите на хуманост и мамењето стануваат правно легални?

Со ова и со некои други прашања ги посетивме и скопскиот  „Црвен Крст“ и невладината „Меѓаши – прва детска амбасада во светот“.

„Некои луѓе, лажно претставувајќи се, пробуваат да собираат пари во име на Црвениот крст. Но, нашите волонтерипри собирање пари за хумани цели, секогаш се облечени во претпознатливи маички, имаат беџови и писмо од Црвениот крст“, вели Александра Ристовски , одговорна за промоција на хуманитарни вредности при Црвен крст на Град Скопје.

Според неа , на македонскиот Црвен Крст,  не му требаат дозволи од државата за организирање на хуманитарни настани, за поставување на кутии за донации или пак за донации во вид на облека, прехрабрени артикли и за други производи.

Дозволи ни се потребни само од институциите каде што ги организираме тие настани. Сите пари кои таму се собираат или кои  ни се донирани, влегуваат во евиденцијата на Црвениот крст преку записник“, вели Ристовски.

Основачот на „Меѓаши“, Гордана Пирковска Змијанац, вели дека нивната организација работи согласно законските прописи во земјата.

Нашата организација не организира акции за собирање на средства за хуманитарни цели, од причина што не поседуваме дозвола како и поради фактот дека државата и УЈП, а согласно член 55-а од законот за персонален данок сме обврзани да платиме персонален данок на име на лицето на бруто вредноста на помошта намалена за 35%. Лицата се најчесто од социјално загрозени семејства, а некои и се приматели на социјална помош и за ваква мала помош најчесто до 1.000,00 денари може да ја изгубат и онака малата социјална помош. Сепак во нашата организација се обраќаат голем број лица кои бараат помош и Меѓаши во многу мали размери собира средства за хуманитарни цели“, вели таа.

Пирковска Змијанац вели дека во 2016 година била организирана поголема хуманитарна акција за помош на поплавите во Стајковци.

За таа цел се собраа многу малку средства на сметката на Меѓаши во вкупен износ од 12.000,00 денари. Истите средства стопроцентно беа потрошени за таа намена, односно беа купени средства за хигиена и се плати возач кој ги носеше медицинските екипи на терен. Сите кои сакаа да донираат средства беа упатувани тоа да го сторат во Црвен Крст. Сепак вработените доброволно учествуваа во организирање, одење на терен, директна помош во расчистување на поплавените домови своето учество во помош и подршка на поплавените“, вели таа.

 

АНКЕТА: ГРАЃАНИТЕ РЕТКО ДОНИРААТ, НЕ ИМ ВЕРУВААТ НА „ХУМАНИТАРЦИТЕ“

Теренската и онлајн анкета на СКУП, која веше спроведена на над 100 граѓани, покажува дека генерално граѓаните многу не им веруваат на теренските „собирачите на пари“ за хуманитарни цели, а уште помалку веруваат дека таквите пари стасуваат кај тие во чие име списанијата се продаваат. На прашањето на кој начин донирате за хуманитарни цели, телефонски донираат 52%, преку кутии за донации – 25%, преку жиро-сметка – 8% додека преку купувње производи во името на хуманитарни цели – само 15%.

 

Во анкетата  99% од испитаниците одговорија дека имаат донирано во пари на една од четирите спомнати форми во прашалникот на анктетата, додека 85% од нив имаат одредени сомнежи за тоа дали нивните пари секогаш стигнуваат таму за каде што тие и ги донирале.

Продолжи со читање

  • Учество на осмата меѓународна регата Сава Наутик во Брчко – БиХ

    Претставникот на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес, Владимир Ивановски Вуцо и од Вардарска регата “Гемиџии“ Владимир Стојанов и Томе Шескокалов во периодот од 28-30.8.2026 год. на покана на здружението ИКС центар (X centar) од Брчко Дистрихт – БиХ земаа учество на осмата меѓународна туристичка рега “Сава наутик“. На оваа…

  • Погледнете го нашето ново промотивно видео и откријте како органскиот отпад може да стане вредна суровина!

    Преку силен фокус на циркуларната економија и еколошката едукација, сакаме да ги поттикнеме граѓаните на итна акција за правилно сортирање на отпадот — клуч чекор кон здрава животна средина и ублажување на климатските промени. Главни ѕвезди во видеото се наставниците и учениците од основните училишта каде што ги одржавме нашите едукативни работилници. Тие јасно порачуваат: со менување на секојдневните навики и активен граѓански ангажман, секој од нас има моќ да донесе позитивни промени во општеството!
    Ова видео е дел од промотивнтаа дигитална кампања со едукативно-информативни содржини за придобивките и начините за искористувањето на потенцијалот на органскиот отпад.
    Оваа видео е подготвено во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Resource Environmental Center – REC North Macedonia Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Eco – Logic и Center for Environmental Democracy – Florozon Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија и Embassy of Switzerland in North Macedonia преку програмата Цивика мобилитас #CivicaMobilitas.
     
    Содржината на оваа видео е единствена одговорност на партнерите во проектот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија #CHinMK, Цивика мобилитас #CivicaMobilitas, или организациите што ја спроведуваат.

  • Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери

    Програми Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери Кампот Михелштат во Германија беше домаќин на Европскиот младински камп, кој собра 135 учесници од 15 земји. По долго патување, а за некои и пристигнување во Михелштат низ серија на предизвикувачки услови, младите и нивните лидери се обединија околу заедничката тема: “Growing together – rooted in values – rising as leaders“, односно „Растеме заедно – вкоренети во вредностите – се издигнуваме како лидери“. Кампот понуди динамична програма исполнета со различни курсеви, интерактивни работилници и можности за размена на знаења и искуства. Курсевите беа задолжителниот дел и опфаќаа повеќе теми поврзани со менталното здравје, лидерството, активности на отворено поврзани со изградба на куќарки на дрва, обработка на темата “Do no harm” како методологија против било каков вид на насилство, односи со јавност, техники за раскажување приказни, театарски пристап во работата со млади и дигитално образование. Младите учесници и младинските работници активно придонесуваа со сопствените идеи, практики и перспективи, создавајќи простор во кој сите можеа да учат едни од други. Во фокусот беше заедничкото учење за иднината на младинската работа, како и развивањето лидерски способности засновани на вредности, соработка и меѓународно разбирање. Покрај едукативниот дел, програмата беше збогатена со многу креативни и забавни активности. Учесниците имаа можност да бидат дел од интернационален музички бенд, да создаваат уметност низ различни работилници за рачни изработки, цртање и сликање, работилници за дизајнирање восочни свеќи како и склопување и дизајнирање на куќарки за мали птици, да учествуваат во работилници за пеење (ten sing), да посетуваат сесии за релаксација и да учествуваат во спортски активности на терените на кампот во Михелштат. Дури и високите температури не ги спречија учесниците да учествуваат на сите овие настани, но и да уживаат во посетата на локалниот базен. За учесниците, покрај овие обврски, вклучена беше и прошетка до адреналински парк и возење на мал, планински ролеркостер, како и патување со брод по реката Мајна до блискиот град Милтенберг. Од Македонија имаше вкупно 7 претставници. Во изминатите четири години, овој камп прерасна во важно место за средба на европското ИМКА движење. Тој не претставува само меѓународен собир, туку простор каде што младите градат пријателства, споделуваат искуства и се инспирираат стекнатото знаење да го пренесат во своите земји и локални организации. Овој камп служи за сплотување на младинските работници низ камповите во Европа и е особено значаен за нашата земја од аспект на тоа што нуди споделување на искуства поврзани со камп културата која што ИМКА во Битола и во Македонија неуморно се труди да ја издигне на едно повисоко и препознатливо ниво за сите наши локални учесници, волонтери и поширока публика. * Пред да дојдам на кампот во Михелштат немав некои преголеми очекувања. Се надевав дека ќе запознаам нови луѓе, ќе стекнам пријатели и ќе разменам мислења со млади од различни земји. На крајот, сето тоа се исполни, па дури и ги надмина моите очекувања. Најинтересен и највпечатлив дел за мене беше курсот за лидерски вештини. Таму научив многу корисни работи за комуникацијата, тимската работа и начинот на кој еден лидер може позитивно да влијае на другите. Сигурно ќе ги применам овие знаења и во мојата заедница. За време на кампот стекнав поголема самодоверба во споделувањето на моите мислења и научив како подобро да ги разбирам и почитувам луѓето околу мене. Ова искуство ми помогна да пораснам како личност и да станам поотворен кон нови идеи и перспективи. Дефинитивно би го препорачал Михелштат кампот на секој млад човек кој сака да стекне нови искуства, да создаде меѓународни пријателства и да научи нешто корисно и вредно за својата иднина. Никола Гелов Кога првпат слушнав за кампот во Михелштат, сè ми дојде многу неочекувано. Бев пресреќна кога дознав дека и моите другарки добија можност да учествуваат, бидејќи знаев дека заедно ќе доживееме едно незаборавно искуство. Секој ден на кампот ми беше интересен на свој начин. Имав можност да научам многу нови работи и да запознаам луѓе од различни средини. Особено ми се допадна курсот по пеење. Таму научив дека не треба да се плашиме да пробаме нешто ново. Ако никогаш не се обидеме, нема да знаеме што можеме да постигнеме. Секој човек има свој талент и свој начин на изразување, а токму тоа нè прави посебни. Едно од највозбудливите искуства за мене беше активноста во Tree House. Искрено, пред да дојдам на кампот мислев дека тоа не е нешто што би го направила во мојот град. Но, овде решив да излезам од мојата зона на удобност и да пробам нешто ново. На крајот, многу се забавував и бев горда на себе што се осмелив да учествувам. Од курсот по пеење научив и една важна животна лекција: дека не треба да ги осудуваме другите. Секој може да направи нешто на свој начин и тоа не го прави помалку вреден. Наместо да критикуваме, треба да ги прифатиме и почитуваме разликите меѓу луѓето. Кампот ме научи да се дружам со сите, да бидам поотворена и да не донесувам брзи заклучоци за другите. Сфатив дека секој човек има своја приказна и дека сите заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Најважната порака што ќе ја понесам со себе е дека треба да бидеме храбри и да не се плашиме од нови предизвици. Нема глупави прашања и нема неуспеси кога учиме нешто ново. Секое искуство е можност да пораснеме и да станеме подобра верзија од себе. Дефинитивно би им го препорачала Михелштат кампот на сите млади кои имаат можност да учествуваат. Пријателствата, чувството дека сте дел од едно големо семејство, новите искуства и сè што се учи таму се нешта што тешко можат да се доживеат на друго место. Тоа е искуство кое засекогаш останува во сеќавање. Јована Кирјаковска   Бидејќи и претходно имав учествувано на два меѓународни кампа надвор од Македонија, дојдов во Михелштат со високи очекувања и чувство на возбуда. Од моите претходни искуства знаев дека ме очекува нешто посебно, а кампот ги надмина сите мои очекувања. Она што најмногу ми се допадна беше разновидноста на курсевите и работилниците. Тие создадоа можност сите учесници да се запознаат подобро, да се дружат и да учат едни од други.

  • ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби

    ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби На 27 јуни 2026 година, Кирил Михајлов, командир на Доброволното противпожарно друштво Свети Николе, учествуваше на панел-дискусија во Скопје посветена на противпожарната заштита и подготвеноста за вонредни состојби. Во рамки на дискусијата беа разгледани дел од клучните предизвици со кои се соочуваат противпожарните…

  • Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE

    Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE Доброволното противпожарно друштво Свети Николе продолжува да придонесува кон целите на проектот ENSURE преку своето директно учество во сложени интервенции на шумски пожари во Северна Македонија. За време на големиот пожар во Општина Македонски Брод, тимот на ДПД Свети Николе беше ангажиран како…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор