[Aggregator] Downloaded image for imported item #52294

„Превенцијата почнува со разговор“: училиштата и ЛСП во Арачиново заеднички против насилството

Директорите и стручните работници од трите основни училишта во Арачиново, заедно со членовите на Локалниот совет за превенција (ЛСП), разговараа за можностите за поефикасна соработка во спречувањето на насилството меѓу учениците на работилница одржана на 22 октомври 2026 година. Работилницата ја организираа Општина Арачиново и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), а на неа учествуваа 22 лица. Покрај директорите, стручните работници од основните училишта, членовите на ЛСП, учествуваше и градоначалникот, претставници на администрацијата и на Советот на општината.

Целта на средбата беше да се разјаснат улогите и одговорностите на различните чинители, да се поттикне комуникацијата и координацијата на клучните чинители за навремена заштита на учениците.

Градоначалникот на Арачиново, Даут Беќири, ја истакна потребата општината, училиштата и пошироката заедница заеднички да дејствуваат во спречувањето на насилството. И претседателката на Советот на Општина Арачиново, Рита Синани Халими, нагласи дека институциите не треба да се поврзуваат само кога ќе се случи инцидент, туку да соработуваат континуирано за навремено да ги препознаваат и спречат ризиците. „Превенцијата почнува со еден разговор“, посочи Халими, нагласувајќи го значењето на ваквите средби за зајакнување на соработката меѓу училиштата и локалните институции.

На значењето на локалниот пристап се осврна и Гонце Јаковлеска, проектен координатор од МЦМС која истакна дека ЛСП е важен механизам за поврзување на чинителите преку кој може да се олесни комуникацијата меѓу училиштата и надлежните институции. Осврнувајќи се на истражувањето „Disrupting Harm in North Macedonia“ на УНИЦЕФ, Јаковлеска ја нагласи важноста на пријавувањето и институционалното постапување. Според истражувањето, 88 % од децата што доживеале сексуална експлоатација или злоупотреба овозможена преку технологија му кажале некому за своето искуство, но помалку од 1 % побарале помош преку формални канали за пријавување. „Ние денеска имаме одлична прилика тој еден процент да го зголемиме“, истакна Јаковлеска, посочувајќи ја можноста преку соработката меѓу училиштата, ЛСП и надлежните институции да се гради свест и култура за пријавување на насилството.

viber image 2026 10 26 11 56 36 109 MCMS

Работниот дел го водеше Дренуша Ника. Преку интерактивна вежба, учесниците ги претставија своите улоги, очекувањата од средбата и пречките што ги препознаваат во меѓусебната соработка. Нивните согледувања, запишани на хартија, послужија како основа за понатамошната дискусија за институционалните одговорности и координацијата меѓу нив.

Еден дел од работилницата беше посветен на обврските на училиштата што произлегуваат од Правилникот за начинот на пријавување и заштита на ученик-жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување, што Министерството за образование и наука го донесе во 2025 година. Се разговараше за примената на Правилникот преку интерните акти на училиштата, различните форми на насилство, нивната категоризација во три нивоа според сериозноста, како и за соодветните процедури за пријавување, документирање и постапување.

Посебно внимание беше посветено на заедничката одговорност на сите вработени во училиштето за препознавање и пријавување на насилство или сомневање за насилство, како и на обезбедувањето анонимен канал за пријавување. Преку симулирани случаи, учесниците разгледуваа како треба да се постапува, кого треба да известат и кога е потребно вклучување на родителите, центрите за социјална работа и полицијата.

viber image 2026 10 26 11 56 36 245 MCMS

Дискусијата потоа се насочи кон улогата на ЛСП во препознавањето на ризиците и поттикнувањето заеднички превентивни активности на локално ниво. Беа разгледани начините на кои Советот може да прибира и разменува релевантни информации, да ги идентификува проблемите и да предлага мерки во рамките на институционалните надлежности.

Преку практични примери, учесниците разгледуваа кои ситуации можат да се решаваат во рамките на училиштата, а кои бараат поширока институционална соработка. Се разговараше и за препознавањето и мапирањето на ризиците во училишната средина, како и за улогата на различните институции во нивното надминување. Како пример за координирано превентивно дејствување беше претставен и данскиот модел на соработка меѓу училиштата, социјалните служби и полицијата.

Учесниците на работилницата се договорија темата за спречување на насилството во училиштата да продолжи да се разгледува на следниот состанок на ЛСП во Арачиново, со посебен осврт на предизвиците поврзани со спроведувањето на Правилникот, механизмите за пријавување и заштитата на учениците.

Работилницата е дел од програмата „Рехабилитација за отпорност: патот напред“, поддржана од Глобалниот фонд за ангажман и отпорност на заедниците (ГЦЕРФ). Покрај МЦМС, програмата ја спроведуваат и Центарот за заедничка основа (ЦЗО) и Отворена порта – Ла Страда.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонски центар за меѓународна соработка

Продолжи со читање

  • Од градење патишта до дигитална безбедност: Поврзаноста со ЕУ како градење имунитет против геополитичките потреси

    Како една мала држава да остане стабилна во свет полн со војни, хибридни закани и нестабилни синџири на снабдување? Одговорот што се наметна на панел-дискусијата „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и Северна Македонија во новата геополитичка реалност“ е поврзаноста со Европската Унија. Тоа не значи само патишта и пруги, туку и енергија, дигитална безбедност, силни […]
    The post Од градење патишта до дигитална безбедност: Поврзаноста со ЕУ како градење имунитет против геополитичките потреси appeared first on IDSCS.

  • Веќе ништо не е така како што изгледа: Средношколци учеа за вештачката интелигенција и медиумската писменост

    Средношколци од Куманово и Скопје денеска учествуваа на интерактивна работилница на тема „Во ерата на ВИ: Веќе ништо не е така како што изгледа“, каде преку вежби, квизови и дискусија разговараа за влијанието на вештачката интелигенција врз образованието, медиумите и секојдневниот живот. Работилницата им овозможи на младите подобро да ги разберат можностите што ги нуди […]

  • Зголемувањето на влијанието и одржливоста на организациите во фокусот на вториот модул на Академијата за ГО

    Застапувањето, градењето партнерства, комуникациите и долгорочната одржливост беa главните теми на вториот модул на Академијата за граѓански организации, кој се спроведе на 15-16 октомври 2026 година, во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје. Вториот модул е дел од Академијата која претставува тримесечна програма за јакнење на капацитетите на граѓанските организации, а…

  • Продолжение на обуката на тренерите за управување со животната средина

    На 17.10.2026 год. (сабота) на Шар планина беше организиран вториот дел од тренингот за тренери. На овој настан присуствуваше Анастасија Давчева ИО“Димитар Влахов”-Велес. Исто така овој настан беше организиран заедно во соработка на ОБСЕ.Во текот на работилниците беа спроведени забавни но и корисни активности. Учесниците беа поделени во неколку тимови…

  • ХЕРА: СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НАЗАДУВА ВО ПОВЕЌЕ СЕГМЕНТИ ОД ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ВКЛУЧИТЕЛНО И ВО РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ, ПРЕДУПРЕДУВА ЕВРОПСКИОТ ЕКОНОМСКИ И СОЦИЈАЛЕН КОМИТЕТ (ЕЕСК)

    Уназадувањето според извештајот на ЕЕСК е нотирано во економските, медиумските, социјалните области како и во владеењето на правото, а видливо назадување има и во родовата […]

  • Повеќе од 80 граѓански организации им ја претставија работата на граѓаните на Фестивалот на Цивика мобилитас

    Шестиот по ред Фестивал на Цивика мобилитас „Ден на граѓанските организации“ се одржа на 3 октомври 2026 година, од 11 до 15 часот, во Градскиот парк во Скопје, кај фонтаната „Лотос“. Над 80 граѓански организации од целата земја пристигнаа за да им ги покажат своите активности и резултати на граѓаните. Програмата се одвиваше на главната бина, во пет шатори и во детското катче, а посетителите можеа да разговараат со организациите на штандовите.
    „Овој Фестивал е прослава на граѓанскиот активизам и неговиот придонес за општеството и за граѓаните, и сакам да им се заблагодарам и да им искажам признание на организаторите“, рече амбасадорот на Швајцарија, НЕ Кристоф Сомер во своето обраќање до присутните. Амбасадорот потсети дека Швајцарија речиси 15 години ги поддржува организациите на граѓанското општество во Северна Македонија и нагласи дека демократските општества се под притисок, а дека организациите треба да се потпираат на веродостојни информации и да создаваат простор за добро втемелена дебата. „Ова е добар момент ние, како граѓани, да се потсетиме на клучната улога на активното и живо граѓанско општество за нашите демократии. Во тој дух, особено сум среќен што гледам сè поголем број посетители, граѓани заинтересирани за работата на организациите на граѓанското општество. Повторното поврзување на организациите со граѓаните, помагањето да ги консолидираат своите заедници и зголемувањето на довербата на граѓаните во организациите на граѓанското општество се важни цели на Цивика мобилитас и клучни предизвици во овие времиња“, рече Сомер.
    Директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, нагласи дека организациите своите постигнувања ги претставуваат токму пред оние за кои работат. „Затоа ги поканувам сите да ги посетат штандовите, да разговараат со организациите и да се уверат колку многу може да направи граѓанското општество кога е поврзано со граѓаните“.
    Граѓанските организации, учесници на Фестивалот се потрудија да им ја приближат својата работа на граѓаните преку интересни и едноставни примери. Подолу ви пренесуваме дел од активностите низ неколку теми.
    Додека сите овие активности се случуваа, атмосферата ја засилуваа музичарите. Бендот The Ringtones, а потоа и DJ UX, Андреја Јовановски, заедно направија фестивалот да биде уште позабавен и да привлече повеќе од 1000 посетители кои дојдоа, се вклучија и се дружеа со граѓанските организации, активистите и воопшто луѓето од граѓанскиот сектор.
    Веруваме дека придонесовме за подобро разбирање на улогата на граѓанските организации, се надеваме дека тоа ќе ги мотивира граѓаните да станат дел од активностите, заедно да го јакнеме граѓанскиот активизам и да се бориме за подобро општество за сите!

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор