Platforma mcms.jpg

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата упати барања до надлежните институции кои ќе овозможат да се прекине праксата на неказнивост, селективна правда и формално исполнување на обврски

Корупцијата во Северна Македонија е закана за животот и безбедноста на граѓаните, а не само злоупотреба на јавни средства. Трагедиите како пожарот во Кочани, Ласкарци, „Беса Транс“, и модуларната болница во Тетово се директна последица на системски пропусти, политичка заштита, некомпетентни вработувања и институционална негрижа. И покрај континуираните ветувања за реформи, не се спроведени суштински промени во контролата, инспекциските механизми и законската одговорност, што доведе до 150 изгубени животи. Недостигот од одговорност и селективна примена на закони создадоа амбиент каде трагедиите се очекуван исход, а довербата во институциите е длабоко нарушена. Без еднаков третман пред законот и вистински системски реформи, ваквите трагедии ќе продолжат да се повторуваат.

Platforma MCMS

Во оваа прилика Платформата упатува конкретни барања до надлежните институции со цел да се прекине праксата на неказнивост, селективна правда и формално исполнување на обврски. Бараме итно да се преземат следниве чекори:

  1. Целосна, непристрасна и транспарентна истрага за пожарот во Кочани- Обвинителството мора да спроведе темелна и објективна истрага, без политички влијанија. Бараме да се објават основни податоци од планот за истрага и да се организираат редовни јавни брифинзи за напредокот, без да се откриваат чувствителни детали.
  2. Целосна реформа на казнената политика- Бараме строги, предвидливи и правично применети казни за корупција, затоа што малите и симболични казни само го охрабруваат прекршувањето на законот. Потребно е да се унапреди заштитата на укажувачите.
  3. Одговорност за институциите и компаниите што не ги исполнувале обврските– Потребно е јасно утврдување зошто контролите и надзорот не се спроведувале со години, да се утврди дали тоа било резултат на нестручност или свесен пропуст и да се обезбедат информации за тековните постапки и резултатите од нив.
  4. Теренски проверки при вонреден надзор- Само административна проверка не е доволна. Потребно е инспекциите преку теренска и темелна проверка да утврдат кои објекти и компании ги исполнуваат законските стандарди.
  5. Проверка на имотна состојба и интереси на инспектори и службеници кои одлучуваат во постапки за доделување лиценци и дозволи- Да се проверуваат анкетните листови на лица кои одлучуваат за дозволи и надзор, со цел да се откријат евентуални конфликти на интереси, коруптивни врски и нечесно влијание врз одлуките.
  6. Инспекторските места да се пополнат со вистински луѓе– Покрај потребата да се истражи одговорност на инспекторите за констатираното раширено неследење на правила од страна на компаниите, потребно е и нивно доекипирање како би се проширил годишниот опфат на контролирани субјекти. Инспекторатите треба да бидат финансиски и политички независни, а кадровски максимално зајакнати.
  7. Ревизија на постапките за добивање дозволи и лиценци- Потребно е усогласување на сите прописи за безбедност, јасни критериуми за заштита од пожари, и обврска за теренски увид од ДЗС пред издавање дозволи. Елаборатите за заштита мора да станат задолжителен услов и при издавање на угостителски лиценци.
  8. Измените на законите да не бидат алиби за минатите пропусти- Иако се најавени нови законски измени, тоа не смее да се користи како оправдување за претходни незаконски постапки или непостапување. Одговорност мора да има за пропустите, дури и ако правилата во меѓувреме се променети.
  9. Итно постапување по наодите од ДКСК и ДЗР- Препораките од антикорупциските и ревизорски тела не смеат повеќе да се игнорираат. Институциите мора веднаш да реагираат, јавно да објавуваат кои случаи ги опфаќаат и какви мерки преземаат.
  10. Воспоставување вертикална одговорност во институциите- Секој што дозволил небезбедни објекти да функционираат– од најниско до највисоко ниво– мора да сноси одговорност, било дисциплинска, прекршочна, кривична или политичка.
  11. Престанување со притисоци врз граѓанските организации, движења, иницијативи и медиумите- Независните медиуми и граѓанското општество честопати први алармираат за проблеми во системот. Наместо да се дискредитираат, тие треба да се третираат како партнери во борбата за правда, без страв од притисоци и одмазди.

Минатата недела беа направени проверки во повеќе дејности. Во угостителските објекти, поголемиот дел имаа недостатоци и беа санкционирани со забрани, одземени лиценци или казни. Кај компаниите од областа на градба, проектирање и урбанистичко планирање, дел од лиценците беа одземени поради неправилности. Во транспортниот сектор, мал дел од контролираните субјекти покажаа проблеми. Локалната самоуправа потврди дека училиштата и градинките се безбедни. Но, кога ќе се погледне брзината со која се направија сите овие проверки, се поставува прашањето: колку навистина се проверуваше, и дали тоа беше длабински и темелно?  Во случајот со лиценцирањето во угостителството, од тоа што беше изнесено во јавност, испаѓа дека наместо да се казнат тие што не ги почитувале правилата, треба да им дадеме време да се „прилагодат“ и се очекува да поминат неказнето. Се добива впечаток дека и покрај тоа што долго време профитирале од расипаниот систем – со помали трошоци и без да ги исполнат стандардите – пак ќе им се прогледа низ прсти, повторно на сметка на јавниот интерес. Нема најави за санкции на административните службеници кои ги издале лиценците и дозоволите, што при вонредниот надзор беа повлечени. Инспекциските служби, иако клучни за заштита на јавниот интерес, се зависни од Владата – и финансиски и политички – што ја поткопува нивната независност и објективност. Укажувањата од антикорупциските тела често се игнорираат, а внатрешните ревизии ретко имаат последици.

Платформата истакнува дека барањата што ги упатува се основни чекори кон создавање држава во која граѓаните ќе се чувствуваат безбедно и достоинствено, каде можат слободно да се движат и живеат без страв. Во следните недели ќе биде подготвена Бела книга со досега неисполнети барања за системски реформи, придружена со акциски план и рокови за институциите. Овие заложби не се политички, туку произлегуваат од потребата за заштита на животот, безбедноста и правичноста. Време е за конкретна одговорност и еднаква примена на правилата за сите, на сите нивоа.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонски центар за меѓународна соработка

Продолжи со читање

  • Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество на средба со организациите во Куманово

    На 1 октомври 2026 година претставници на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество се сретнаа со граѓанските организации и активистите од Североисточниот регион. Средбата беше посветена на улогата, работата и соработката со Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како значаен механизам за унапредување на дијалогот меѓу институциите и граѓанските организации.

  • OТВОРЕНО ПИСМО | Дали претседателката Сиљановска-Давкова легитимира организации поврзани со движења против правото на абортус?

    Мрежа за заштита од дискриминација испраќа отворено писмо до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод нејзината неодамнешна средба со претставнички на здружението „Јас сум жена“. Со […]

  • Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина

    Од 5 до 7 октомври, во Приштина се одржа Civil Society & Think Tank Forum 2026, официјалната платформа на граѓанското општество во рамки на Берлинскиот процес, на кој учествуваше и Finance Think. Во текот на трите дена, низ повеќе тематски дискусии, претставниците на граѓанските организации и тинк-тенковите од Западен Балкан имаа можност да дадат свои […]
    The post Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина first appeared on Finance Think.
    The post Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина appeared first on Finance Think.

  • Граѓанското општество од Западен Балкан го даде својот придонес во пресрет на Самитот на Берлинскиот процес

    Овогодишниот Форум на граѓанското општество и тинк-тенк организации (CSF 2026) се одржа во Приштина од 5 до 7 октомври. Форумот, како официјална платформа на граѓанскиот сектор во рамките на Берлинскиот процес, уште еднаш ја потврди незаменливата улога на граѓанскиот сектор како мост меѓу граѓаните, експертската заедница и донесувачите на одлуки.

  • Одржана базична обука за прва помош во Свети Николе

    Одржана базична обука за прва помош во Свети Николе На 4 и 5 октомври 2026 година, во просториите на ООУ „Гоце Делчев“ во Свети Николе, се одржа базична обука за прва помош, организирана со поддршка на Operation Florian од Велика Британија. На обуката учество земаа членови од три доброволни противпожарни друштва: ДПД Свети Николе, ДПД…

  • ЗАКОНИТЕ МОРА ДА ГИ РЕШАВААТ ПРОБЛЕМИТЕ ЗА ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, А НЕ ДА ГИ КРЕИРААТ

    Вчера (7.10.2026 година) на Пленарна седница на Собранието на Република Северна Македонија, на прво читање беа разгледани предлог измени и дополнувања на Законот за животната средина. Веќе за 13.10.2026 година е закажана седница на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на […]
    The post ЗАКОНИТЕ МОРА ДА ГИ РЕШАВААТ ПРОБЛЕМИТЕ ЗА ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, А НЕ ДА ГИ КРЕИРААТ appeared first on Myla.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор